македонија
Храната во Македонија поскапела 21% за една година, најмногу лебот и житата – 31%

Цените на електричната енергија пораснале за 9,4%, на гасот за 64,6%, на течните горива за 64,5%, а на цврстите за 13,7%.
Храната и безалкохолните пијалаци во јуни годинава биле за 20,9% поскапи во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Трошоците за домување, односно сметките за струја, гас и други горива пораснале за 9,4% во просек, додека транспортот има најголем пораст за една година, од 31,4%.
Споредено пак на полугодишно ниво, во Македонија храната поскапела за 13,9% за првите шест месеци во однос на истиот период лани, сметките за домување за 7,9%, додека транспортот за 22,3%. Здравствената заштита била поскапа за 3,6% гледано за првите шест месеци, рекреација и култура за 4%, рестораните и хотелите за 9,1%, додека алкохолните пијалаци и тутунот за 6,5%.
По групи на производи и услуги, во јуни годинава лебот и житата биле за дури 30,8% поскапи од лани, месото за 18,4%, млекото, сирењето и јајцата за 19,9%, а најголем скок убедливо има кај маслата и мастите, од 51,1%. Овошјето има минимално поскапување во просек, од 1,6%, додека зеленчукот за 21,6%.
Облеката поскапела минимално, за 1,3% за една година, а цените на чевлите пораснале за истиот процент.
Цените на електричната енергија пораснале за 9,4%, на гасот за 64,6%, на течните горива за 64,5%, а на цврстите за 13,7%. Мебелот поскапел за 5,5%, додека апаратите за домаќинство за 8,7%. Значително покачување има кај домашните услуги и услугите за домаќинства, за речиси 25% мерено јуни 2022/јуни 2021.