Connect with us

регион

Хрватот Гргиќ (Аграм Груп) пред српските милијардери Костиќ (МК Груп) и Мишковиќ (Делта Холдинг)

100 најбогати во регионот

објавено

на

Стоте најбогати бизнисмени во земјите од поранешна СФРЈ (без Словенија) вредат 69,4 милијарди евра. Српските 48 милијардери од Листата на 100 најбогати се „тешки“ 33 милијарди евра, а 27 милијардери од Хрватска имаат богатство од 24 милијарди евра. Според податоците за  2021 година, хрватскиот бизнисмен Дубравко Гргиќ, сопственик на Аграм Груп и неговите српски колеги  Миодраг Костиќ, сопственик на МК Груп и Мирослав Мишковиќ, сопственик на Делта Холдинг – се натпреваруваа за тронот на најбогатиот бизнисмен во земјите од поранешна Југославија. Разликата меѓу Гргиќ на првото место и Костиќ и Мишковиќ кои се меѓусебно на статистичка грешка,  е околу 60 милиони евра.  Листата 100 најбогати во регионот ја направи белградскиот магазин Nedeljnik, а Капитал ексклузивно ви ја пренесува.

Пишува:
Миша Бркиќ, Nedeljnik, Белград

Пандемијата, прекинатите синџири на производство и снабдување, тетеравењето на  глобализација, рецесијата, инфлацијата, растот на цените на инпутите, геополитичките судири на моќните земји… имаа значително влијание врз намалувањето на вредноста на компаниите и богатството на бизнисмените во 2022 година. Форбс (Forbes) пресметал дека за една година се „стопиле“ 400 милијарди долари и дека бројот на милијардери се намалил за 87.

Со внимание се следи трката на милијардери за светскиот трон на најбогат човек на планетата. Илон Маск и Џеф Безос се „борат до последен цент“ (од време на време ќе влетаат некои „падобранци“ како Бил Гејтс или Бернард Арно), што ја прави трката интересна и неизвесна.

Иако по вредност е далеку пониска, не е неинтересна ниту трката на домашен терен (во Србија), каде за бизнис врвот се натпреваруваат двајца од најголемите бизнисмени, Мирослав Мишковиќ и Миодраг Костиќ, чие ривалство трае повеќе од декада. Разликата помеѓу нив годинава е колку цената на една гарсониера во центарот на Белград, односно само 196 илјади евра.

Меѓутоа,  Листата на 100-те најбогати во регионот, која Nedeljnik ја носи за прв пат исклучиво во соработка со водечките медиуми од регионот, донесе две нови вести. Првата покажа дека има уште едно – жестоко – ривалство на регионално ниво. Во 2021 година, хрватските и српските бизнисмени – Дубравко Гргиќ, сопственик на Аграм Груп и Миодраг Костиќ, сопственик на МК Груп и Мирослав Мишковиќ, сопственик на Делта Холдинг компани – се натпреваруваа за тронот на најбогатиот бизнисмен во земјите од поранешна Југославија. Разликата меѓу Гргиќ на прво место и Костиќ и Мишковиќ, кои се разликуваат меѓу себе на ниво статистичка грешка, е околу 60 милиони евра, во однос на  пример, на разликата (48 милијарди долари) меѓу првиот и вториот (Маск – Безос) на Forbes листата.

Другата вест е дека Костиќ „за влакно“ го претрка  Мишковиќ, разликата е 196.335 евра, колку една гарсониера во Белград. Минатата година на српската листа Мишковиќ беше побогат од Костиќ за педесетина милиони евра, па практично е невозможно да се утврди разликата, особено што и двајцата се присутни со своите бизниси низ регионот и пошироко. За светската листа на милијардери што ја направи магазинот Forbes, досега се’ е кажано.

Што покажува Листата на 100 најбогати во регионот?

На списокот доминира генерацијата претприемачи кои развиле бизниси во 90-тите години на минатиот век и по падот на комунизмот, кога нашиот регион започна од нула. Од Листата  може да се прочита до каде се промените во транзицијата од социјализам во капитализам по три децении и каков успех постигнале државите создадени со распадот на поранешна Југославија.

Факт е дека сите почнаа во исто време, вистина,  од различни почетни позиции на развој. Некои од нив поминаа низ воени трауми и невидено уништување, некои низ меѓународна изолација, некои станаа полноправни членки на Европската унија, некои беа кандидати, некои се обидуваат да добијат кандидатски статус, а има и такви кои се’ уште трагаат по сопствениот идентитет.

Листата  е всушност сознание  дека наголемо цутат  „илјада цвеќиња“од семето што пред повеќе од три децении го посеа Анте Марковиќ, тогашниот југословенски премиер како дел од неговите економски реформи. Старата гарда на бизнисмени, таканаречените „Деца на Анте“, сè уште „жарат и палат“ во земјите создадени со распадот на СФРЈ, континуирано зголемувајќи го своето богатство и успешно управувајќи со исклучително вредни компании. Само кога ќе прослават 30-35 години постоење на нивните компании, можете да видите колку била  паметна, ефективна, профитабилна и издржлива реформската идеја на Марковиќ.

Но, апсолутно највпечатлив и далекосежно најзначаен впечаток е дека новата економија го презема приматот во регионот (како всушност и во светот).

(Новата економија ја дефинираме како синергија на знаење – интелектуална сопственост, дигитализирани комуникации и информации, интернет, мрежно деловно поврзување, иновации, виртуелен бизнис, глобална конкуренција, флексибилни производствени системи и организациска структура, сопственички и некомерцијални партнерства).

Доказ за тоа е што тројца од првите пет најбогати бизнисмени од регионалната листа работат во областите на новата економија: Мате Римац (Римац Груп), браќата Кутиќ и Изабел Јелиниќ (Инфобип) и Мирослав Мишковиќ (Ананас).

Некои нови „клинци“

Ако ја вклучиме и  Словенија меѓу земјите од регионот каде што новата економија напредува незапирливо, тогаш слободно може да се каже дека пристигна сериозна конкуренција за старата гарда бизнисмени – некои „нови клинци“ кои „пливаат“ на бранот  на 4-та индустриска револуција, дигитализацијата, вештачката интелигенција, машинското учење, електричната мобилност… Овие млади лавови безмилосно освојуваат територии (пазари) и заземаат сè подобри позиции на бизнис листите. Ним им треба многу помалку време за да ги искористат своите знаења, вештини и ризик отколку традиционалните бизнисмени кои заземаат пазарна позиција и ја зголемуваат вредноста на нивните компании со години, па дури и со децении.

Стартапи  со кои младите претприемачи влегуваат во бизнисот со леснотија  и за многу кратко време добиваат статус „еднорог“ бидејќи вредноста на нивните новоосновани компании на берзата ја надминува вредноста од една милијарда долари.

Нивните компании се еднаква, а често и супериорна, конкуренција на глобалните пазари на најдобрите, најголемите и најпознатите компании од Америка и Кина. Воопшто несомнено е дека ваквите компании од нашиот регион и нивните млади сопственици се најголемите добитници на транзицијата и евроатлантската интеграција на нивните домицилни земји.

Забележливо е дека Листата содржи занемарливи бројки на најбогати бизнисмени кои претходно своите бизнис империи ги граделе на блискост со владејачките политички елити во нивните земји. Главно, тие траеја само малку подолго од мандатот на политичката елита што им овозможи да се збогатат.

Можеби само неколку од нив може да се најдат во една од земјите од регионот, а во друга, надлежните државни органи сè уште се обидуваат да ги искоренат „бизнисмените“ чие богатство е создадено во соработка со државните функционери или во криминализирано милје.

Факт е дека земјите кои напредуваа побавно во транзицијата (или имаа недоумици околу неа), кои не успеаја да се демократизираат и чии пазарни институции останаа закржлавени, продолжуваат да „произведуваат“ повеќе богати бизнисмени кои го зголемуваа своето богатство преку профитабилни зделки со државата. Спротивно на тоа, бројот на богати бизнисмени брзо се зголемуваше во општествата кои напредуваа побрзо во изградбата на демократски и пазарни институции и во кои имаше широк консензус за насоките на развој (интеграција во ЕУ, отворање кон светот, приватна сопственост, слободен пазар, владеење на правото).

Влијанието на ЕУ, Западот и реформите врз словенечките и хрватските бизниси

Логиката на економските реформи, модернизацијата и пошироката интеграција може, на пример, да ја објасни значајната конвергенција на силата на хрватската економија во однос на српската економија, иако во Хрватска има многу помалку богати деловни луѓе. Србија има најмногу (48) богати бизнисмени на листата и нивниот имот вреди најмногу – 33 милијарди евра, а има 27 бизнисмени од Хрватска со богатство од 24 милијарди евра. (патем, со оглед на бројот на жители, логично е дека најмногу богати луѓе се во Србија и Хрватска). Хрватска го компензира овој „недостиг“ на богати со членство во Европската унија, реформирање на законодавството и успешно отворање кон Запад, што имаше корисен ефект врз економијата и им овозможи на хрватските претприемачи да постигнат поголем раст. Тоа го потврдуваат две бројки: БДП на Србија минатата година беше 63,1 милијарди долари, а на Хрватска 67,8 милијарди долари; а БДП по глава на жител во Србија изнесува 9.214 долари, а во Хрватска 17.398 долари.

Уште поголемо влијание на Европската Унија и Западот имаше врз економијата на Словенија, која користејќи ги ефектите од реформската политика и членството во Европската унија, успеа да изгради респектабилна европска економија. Во оваа прилика Менаџер-Финанце  во својата анализа на 100-те најбогати Словенци ефектно констатира:  „Добрата позиција на западните пазари, големите профитни маржи, натпросечната додадена вредност и реинвестирањето на голем дел од добивката е карактеристика на компаниите во сопственост на словенечките богаташи“.

Листата е и потврда дека големината и отвореноста на пазарот дефинитивно помагаат во растот на вредноста на компаниите и богатството на сопствениците и дека (политичката) идеја за државните граници го губи своето значење.

Бизнисмените и приватниот капитал во голема мера ги санираат штетите што ги направија политичките елити од 1945 година (особено во последните две децении пред распадот на СФРЈ). Бизнисмените сега успешно го интегрираат регионот на ниво на ресурси, потрошувачи, слобода на движење на луѓе и капитал. Во оваа смисла, Листата е доказ за големата победа на капитализмот над комунизмот. Повеќето од најголемите компании и најбогатите сопственици од Листата се деловни играчи на регионалниот или глобалниот пазар (Атлантик груп, МК груп, Орбико, Римац груп, Инфобип, Јунајтед груп, Каризма Хотели и Ресорти, Милшпед…). Со други зборови, бизнисмените од Листата станаа големи и богати затоа што успешно го интегрираат регионот со својот бизнис. Вака гледано, релативно погрешно е да се каже дека Миодраг Костиќ е од Србија. Не, Костиќ е  – регион.

Гледано од друг агол, сè уште важи старата југословенска поделба – на развиени и неразвиени. Економиите на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија се далеку зад Хрватска, Словенија и Србија и тоа нема врска само со пазарот и куповната моќ на локалното население, туку многу повеќе со недостигот на човечки ресурси.

Семејните бизниси и нивниот “племенски“ мајндсет на работење

На Листата има многу семејни бизниси. Не би можело да се каже дека тоа е показател за тренд, туку попрво ќе биде дека оваа практика полека исчезнува бидејќи во иднина предност ќе имаат компаниите со одличен професионален менаџмент.

Може да се случи новите генерации сопственици на семејни компании (како во некои случаи во светот) да го подобрат менаџментот, но не е сигурно дека тоа ќе се случи во земјите од нашиот регион. Иако е евидентно дека големината и успехот на компаниите се последица на успешното проширување на работењето на компанијата во регионот и светот и општата отвореност на економијата, во земјите од регионот сè уште преовладува своевиден племенски начин на размислување, што е последица на 70-годишното комунистичко владеење и релативната недоверба во општеството, што резултира, пак,  со практика во бизнисот да се потпираат на свои роднини.

Недовербата во општеството е еден од показателите за економскиот развој – општествата со високи нивоа на доверба (сигурност на договорите и финансирањето, отплата на долгови, рокови за плаќање, заштита на имотот…) обично подобро успеваат на економски план. Довербата го зголемува просперитетот, а недостатокот на доверба води до релативен успех на семејните бизниси.

Податоците од Листата за постоење на голем број здружени, партнерски групи доведуваат до заклучок дека во рамките на компаниите доаѓа до премин од моделот на класични газди кон моделот на модерни сопственици кои ангажираат способни раководни структури и професионален менаџмент.

Неспорно е дека здружувањата и партнерствата на компаниите ќе се зголемуваат на регионално ниво и дека овие спојувања ќе забрзаат два процеса во компаниите – професионализација и регионализација на менаџментот.

Еклатантен пример за таквата практика е одлуката на сопствениците на хрватски Инфобип да доведат за генерален директор човек од Србија со диплома од Универзитетот во Белград, еден од најценетите светски менаџери, кој претходно работел на престижна позиција како партнер во консултантската фирма McKinsey.

Листата  нуди единствен заклучок – во наредните години, новата економија и извозно ориентираните компании и нивните сопственици ќе го преземат приматот меѓу најуспешните и најбогатите луѓе во регионот.


Кој е кој меѓу тројцата најбогати бизнисмени на екс ЈУ просторите?

Дубравко Гргиќ, Аграм Група
-проценето богатство: 2,84 милијарди евра

Најбогатиот бизнисмен во регионот на хрватската јавност и е познат како „Кралот на осигурувањето“. Бизнис подемот на Гргиќ започна во 1992 година кога тој во БиХ  ја основа осигурителната компанија Еурохерц со неколку партнери,  која набрзо ги прошири своите операции во Хрватска. Од средината на 1990-тите, Гргиќ нагло се пробива. Прво во 1996 година го купи Јадранско осигурување, потоа во 2000 година стана сопственик на Медитеранско осигурување, во 2004 година го презема Атлас осигурување од Хрвоје Петрач, а во 2005 година Кредитна банка Загреб од Агрокор. Во меѓувреме, тој ги истисна другите соосновачи со откупување на нивните акции. Групацијата Аграм обединува дваесетина компании кои се занимаваат со осигурување, банкарство, лизинг и други финансиски услуги. На иницијатива на Еурохерц осигурување Загреб, во јули 2000 година, 14 независни трговски друштва, врз основа на заеднички деловни интереси, склучија Договор за спојување во Концерн Аграм. На крајот на 2021 година, Концерн Аграм имаше 20 членки компании. Тогаш пет членки на концернот Аграм – Еурохерц осигурување Загреб, Адриатик осигурување Загреб, Аграм Лајф осигурување Загреб, Еурохерц осигурување Сараево и Адриатик осигурување Сараево – ја формираа Групацијата Аграм. Со своите фирми Гргиќ покрива околу 25% од осигурителниот пазар во Хрватска.

Миодраг Костиќ, МК Група
-проценето богатство: 2,78 милијарди евра

Костиќ започнал приватен бизнис во 1983 година, првично како сопственик на компанија за трговија, увоз-извоз и производство. МК Груп сега работи во неколку земји: Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора. Холдингот  МК Груп работи во агробизнисот, банкарството, туризмот, недвижностите и обновливите извори на енергија. Најголем дел од агробизнисот е концентриран на производството и трговијата на големо со жито. Тој е водечки производител на шеќер во Србија и регионот. Сопственик е на ПИК Бечеј и месната индустрија Карнекс. Во последниве години Костиќ излегува од агробизнисот – ја продава компанијата и операциите во Украина, а летото 2021 година ја продаде и компанијата Викторија Груп. МК Груп го проширува своето работење и во банкарството. По купувањето на АИК банка, Костиќ ја купува словенечката Горењска банка, а на крајот на 2021 година и филијалите на руската банка Сбербанк во Србија, Словенија, Хрватска, БиХ и Унгарија. Костиќ е сопственик на 15 хотели во Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора, мнозински сопственик на аеродромот Порторож и теренот за голф во Савудрија. МК Груп е сопственик на компанијата МК Финтел Винд, која произведува електрична енергија со помош на генератори на ветер и соларни панели.

Мирослав Мишковиќ, Делта Холдинг
-проценето богатство: 2,78 милијарди евра

Мирослав Мишковиќ е сопственик на Делта Холдинг, кој работи во секторите агробизнис, извоз, увоз, застапување на странски компании, дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, продажба на автомобили, развој на недвижности и развој на нови технологии. Компанијата одигра важна улога во приватизацијата на домашните општествени претпријатија, но истовремено инвестираше во изградба на недвижен имот, проширување на трговскиот синџир, отворање трговски центри… За Делта работат 4.513 луѓе. Од продажбата на „Делта банка“ на италијанската банкарска групација „Интеса“, малопродажниот синџир „Делта макси“ на белгиската група „Делхајзе“, „Делта осигурување“ на италијанската „Генерали груп“ и трговските центри во Белград и Подгорица на јужноафриканскиот фонд „Хипроп инвестментс“, „Делта“ инкасира две милијарди евра. Од 2021 година Делта е сопственик на белградскиот Сава центар, кој се очекува да биде повторно отворен во 2023 година. На почетокот на 2021 година започна амбициозниот проект на регионалната платформа за е-трговија Ананас, со идеја да стане регионален Амазон.


Методологија

Според мултипликаторот на Stern School of Business,  New York University

Листата на 100-те најбогати луѓе во регионот ја составија експерти од две реномирани консултантски фирми кои работат на Њујоршката берза. Тие ги користеа најмеродавните  мултипликатори на Stern School of Business при Универзитетот во Њујорк (и компаративните компании), а ги вклучија во анализата и резултатите од пазарните трансакции во регионот и светот.

Во светот, за рангирање на најбогатите луѓе вообичаено се користат податоци за вредноста на нивните компании кои котираат на берзата или сертифицираните индекси на вредноста на брендот. Во анализата на Nedeljnik, деловните луѓе беа оценувани врз основа на статутарните  финансиски извештаи на нивните компании. Таа проценка страда од проблемот на застарени податоци, статутарни податоци и непознавање на фактите за бизнисите во странство. Сè е направено врз основа на информации од јавен карактер, што не е совршено бидејќи јавните податоци се менуваат. На пример, резултатите врз основа на кои е проценет имотот се базирани на податоци од 2021 година, а сега веќе е завршена 2022 година.

Користена е финансиска методологија и низа алатки кои овозможуваат да се дојде до најреалната вредност на компаниите. Земени се во предвид податоците како приход,  EBITDA, нето добивка, пресметана е т.н. кеш конверзија, правени се споредби во истата индустрија меѓу слични компании.

Беа анализирани индустриите, позициите на компаниите во индустриите и секоја компанија беше поединечно оценувана за да се дојде до најточната сума врз основа на информации од јавен карактер. На секој сопственик му се пристапуваше поединечно со аналитика, анализите не се правеа механички според однапред одредени клучеви.

Нашите консултанти соработуваа со реномирана инвестициска банка и ја користеа нејзината методологија за вреднување на компаниите, која ја приспособија на нашиот регион. Таа банка помогна во сите анализи и веруваме дека списокот е најблиско нешто што ја отсликува реалноста.

На податоците од финансиските извештаи за 2021 година беа применети актуелни  мултипликатори. Тоа значи дека годинава мултипликаторите  на компаниите паднаа во зависност од индустријата, а со тоа паднаа и вредностите на компанијата.

Од друга страна, цените на недвижностите во регионот минатата година пораснаа. Сликата за успехот на рангираните компании на нашата листа ја искривува уште еден факт – резултатите на компаниите се од работењето во 2021 година и обично се подобри (бидејќи имаше скок на бројките после короната), но не ја одразуваат новата реалност бидејќи ги нема овогодишните резултати. Ако ги усогласите овогодишните резултати со моментално важечките мултипликатори (што, на пример, се прави при трансакции на берзата), деловната состојба на многу набљудувани компании би била многу полоша.


Словенечките најбогати според поинакви пресметки

Колегите од љубљански Finance, по обработката на голем број податоци, годишни извештаи, барање дополнителни податоци за имот и вреднување на компании кои не котираат на берзата, го пресметале имотот и ја објавиле Листата на 100-те најбогати Словенци. Решивме, во договор со нив да не ги вклучиме најбогатите Словенци во Листата на 100 најбогати во регионот бидејќи методологијата што ја користи Finance не е компатибилна со методологијата што ја користат берзанските експерти на Nedeljnik. Дел од списокот на словенечки милионери објавуваме со согласност на нашите колеги од издавачката куќа Finance.

100 Најбогати во регионот

банки4 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите