регион
Хрватска ИТ компанија е меѓу трите најдобри во Европа што излегле на берза лани

Спан е една од најголемите хрватски ИТ компании и единствена чии акции котираат на берза, а наградата меѓу трите најдобри компании во Европа е доделена ѝ е во рамки на Генералното собрание на мали и средни претприемачи, организирано од Европската комисија во Прага од 28 до 30 ноември.
Хрватската ИТ компанија Спан (Span) е рангирана меѓу трите најдобри европски компании кои излегле на пазарот на капитал во изминатите две години, за што доби награда од Европската комисија, Федерацијата на европски берзи и Асоцијацијата на европски издавачи на хартии од вредност, објави Спан денеска.
Спан е една од најголемите хрватски ИТ компании и единствена чии акции котираат на берза, а наградата меѓу трите најдобри компании во Европа е доделена ѝ е во рамки на Генералното собрание на мали и средни претприемачи, организирано од Европската комисија во Прага од 28 до 30 ноември.
Тоа беше воедно и јубилејното, 10-то доделување на „Европски награди за мали и средни компании 2022“, каде што Спан беше прогласен за финалист во категоријата „Ѕвезда во подем“, а за наградите одлучуваше независно жири откако ги проучуваше деловните резултати на компанијата по излегувањето на берза.
Нагласуваат дека Спан е избран поради одличните деловни резултати постигнати по иницијалната понуда на акции (IPO) во категорија на мали и средни компании со пазарна капитализација до 200 милиони евра. Во таа категорија имало вкупно девет номинирани компании од цела Европа, а компаниите кои влегле во потесниот круг биле препознаени како растечки компании со долгорочна перспектива.
Хрватските медиуми ја пренесуваат и изјавата на претседателката на управниот одбор на Загрепската берза, Ивана Гажиќ, којашто вели дека е голем успех да се има финалист од Хрватска.
„Горди сме што издавачот на хартии од вредност на Загрепската берза влезе во трите најдобри компании во категоријата на наградата ‘Ѕвезда во подем’ што ја доделуваат Европската комисија, Федерацијата на европски берзи и Асоцијацијата на европски издавачи. Имајќи ја предвид големината на економиите од кои дојдоа лауреатите, секако е голем успех што имаме финалист од Хрватска“, оцени Гажиќ.
За Спан таа истакнува дека на хрватскиот пазар покажал како помал издавач во многу атрактивна индустрија може да направи импресивен пат до котација, влез во Crobex индексот и голем напредок во комуникацијата со инвеститорите, за што ѝ честита на компанијата.
Со котација на Загрепската берза во септември 2021 година, Спан стана првата хрватска ИТ компанија што излезе на берза во последните 20 години. Во првата година цената на акциите на Спан порасна за речиси 40 отсто, а во тој период се истргуваа повеќе од 450.000 акции во вредност од над 13 милиони евра.
Ова беше придружено со зголемување на бројот на акционери, од 1.200 за време на ИПО-то на повеќе од 1.500 сега, според Спан.