регион
Хрватски портал: Во јануари ќе ја добиете првата плата во евра. Тогаш ќе сфатите колку малку имате…

“Повеќето од вас ќе примат плата помала од социјалната помош во развиена западна земја. Ако сте некаков ценет стручњак во Хрватска, ќе примите плата на работник што извршува помошни активности во Германија. Ако сте исклучително успешен менаџер или научник – ќе бидете платени како германски шеф на складиште или шеф на смена во некаков маркет.”
“Дојде и таа вест – првата плата во јануари следната година ќе ја добиете во евра“, пишува авторот Горан Војковиќ за еден од највлијателните хрватски портали Index.hr.
Вчерашното соопштение од Европската комисија дека “Хрватска ги задоволува конвергенциските критериуми“ е последното важно известување коешто требало да се донесе на хрватскиот пат кон еврото. Се’ понатаму е добро планиран и детално разработен процес, којшто треба да биде готов до јули годинава. Не се очекуваат повеќе никакви застои.
„Воведуваме евро. Од почетокот на септември цените ќе се изразуваат и во куни и во евра за да може да следите сака ли некој преминот да го искористи за тивки поскапувања. Од крајот на оваа календарска година куната оди во историјата, односно ќе се користи само уште некоја преодна седмица. Првата плата или пензија во евра ќе ја добиете во јануари. И тоа ќе биде моментот на соочување со стварноста, со тоа колку всушност малку имате. Повеќето од вас ќе примат плата помала од социјалната помош во развиена западна земја. Ако сте некаков ценет стручњак во Хрватска, ќе примите плата на работник што извршува помошни активности во Германија. Ако сте исклучително успешен менаџер или научник – ќе бидете платени како германски шеф на складиште или шеф на смена во некаков маркет. Дури и со дваесетина илјади куни (околу 2.700 eвра, н.з.), плата поголема од онаа на министрите, ќе земате помалку од квалитетен мајстор, готвач или просечен инженер во Германија или Холандија.“, вели Војковиќ.
Тој дава интересна забелешка дека Хрватите секогаш сакале да се споредуваат со полошите од нив, па износите изразени во куни некако пофино звучеле.
“Отсекогаш како народ сме сакале да се споредуваме со полошите. Дури и во она време на социјализмот сакавме да се споредуваме со Чесите или Унгарците и да се фалиме како ни е фино и добро. Тоа што цело време тука беа Германците, се возеа во Голфови и Мерцедеси, и се гостеа со јадрански јастози, додека вие во работничко одморалиште бевте среќни ако начекате малку месо и грашок – тоа го прескокнувавме. Не сакавме да се споредуваме ниту со Италијанците, со нивните Алфи и Ланчии, како и со фините ресторански сметки коишто како народ кој цени хедонизам знаат да ги направат. Многу години поминаа оттогаш, а во развојот не’ престигнаа и Чесите, и Словаците, и Унгарците, па дури и Романците – сега е популарно да се споредуваме со Србија и со некои економски уште пожални. Постоењето на домашна валута ни помагаше во тој став дека сме некои и нешто – многу поубаво звучи 7.500 куни одошто 1.000 евра. Да не ги споменуваме пензиите. 3750 куни делува скромно, но 500 евра делува баш понижувачки. “
Авторот смета дека самиот факт што своите плати и трошоци, од цените на храна до оние на горивото ќе можат директно да ги споредуваат со оние во Словенија, Австрија, Германија или Италија значи многу.
“Значи дека точно ќе знаеме колку се цени нашиот труд овде, а колку таму, колкави се цените кај нас, а колку на други места, каде се цените коректни, а каде трговците сакаат да набиваат маржи. Нема повеќе да можеме да се самозалажуваме дека 10.000 куни е некоја супер фантастична плата – кога тоа не се ниту 1.500 евра, ниту плата на обичен работник без некои посебни вештини во западна држава. Колку и да не удри таа споредба на некој начин по глава – можеби е тоа најголем бенефит од воведувањето на еврото. Дури кога ќе сфатиме колку сме во суштина економски ниско, колку сите не’ престигнале, дури тогаш може да почнеме како народ да размислуваме што треба да направиме за да живееме подобро.“