Connect with us

македонија

Цените на становите уште ќе растат, побарувачката не стивнува, а трошоците се драстично зголемени: една од пораките  од втората Конференција за комерцијални недвижности

Што се случува на пазарот за недвижнини

објавено

на

Интересот за нови станови сѐ уште е голем во Македонија, поточно во Скопје, каде што претежно се концентрирани новоградбите, трошоците за градење се драстично скокнати од пандемијата наваму и цените на станбениот квадрат нема да паѓаат, напротив, инвеститорите очекуваат допрва уште да растат. Особено се цени премиум станбен простор, којшто иако скап, има свои купувачи. Недостасува квалитетен канцелариски простор од А класа, а во ритејл сегментот треба повеќе да се обрне внимание на т.н. ритејл паркови. Хотелите исто така, не смеат да се запостават како одлична можност за инвестирање во недвижности. Ова беа дел од главните поенти на втората по ред Конференција за комерцијални недвижности, организирана од Фортонмка.

Деновиве во Скопје се одржа втората Конференција за комерцијални недвижности, организирана од страна на компанијата ФОРТОНМКА, која  и оваа година предизвика голем интерес, поради актуелноста и важноста на темите кои ги истакна пред јавноста. Дискусиите се водеа на шест различни панели, пред повеќе од 350 луѓе, кои имаа можност да се запознаат со последните иновации и трендови на пазарот на недвижности.

На конференцијата земаа учество домашни и меѓународни експерти за недвижности, кои имаа можност да дознаат повеќе за моменталната состојба на пазарот и за факторите кои ќе влијаат на неа во иднина.

Преку внимателно дизајнирани панели и теми, Конференцијата отвори дискусија на повеќе важни теми од индустријата за недвижности, со цел да ја поттикне професионална дебата меѓу врвни професионалци, инвеститори и градeжници кои разговараа за последните трендови и предизвици во полињата на Урбанизација и урбанистичко планирање, Бизнис згради, Пазар на станбен простор и предложија одговори на некои од горливите проблематики што ја опкружуваат оваа гранка.

Модератор на Конференцијата и оваа година беше Џејмс Дирсли, извршен директор на британската компанија Verv, кој е еден од водечките глобални познавачи во индустријата за недвижности.

Катарина Николов, извршен директор и партнер во компанијата ФОРТОНМКА, организатор на Конференцијата за комерцијални недвижности.

„Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови. Сведоци сме на многу интензивен раст на изградбата на станови во изминатите можеби 20 години во Скопје. Честопати се поставува прашањето дали има простор за уште станови. Пазарот го прави побарувачката. Сѐ додека таа побарувачка функционира, тогаш и инвеститорите имаат мотивација да продолжат со реализација на планираното, односно се додека испорачаните станови се купуваат пазарот ќе биде динамичен. За сега, постои голем интерес, становите освен за домување се купуваат за различни намени (канцеларии, апартмани за краток престој) како најприфатлива инвестиција за македонските граѓани. Тоа ги охрабрува вложувањата во резиденцијалниот сегмент каде што и времето за поврат на инвестицијата е најкратко во споредба со другите класи на комерцијални недвижности”, појасни  Катарина Николов, извршен директор и партнер во компанијата ФОРТОНМКА, организатор на Конференцијата за комерцијални недвижности.

Фали канцелариски простор од А класа

Според неа, недостига канцелариски простор д А класа. За него постои интерес, иако повратот на инвестицијата и динамиката на реализација на овие проекти не се такви како кај станбените објекти. Целта на конференцијата е пазарот на недвижности да го кренеме на едно сосема поинакво ниво. Главната цел е да поставиме сериозна платформа за вмрежување, комуникација, размена на искуства и знаења. Секогаш ќе се одвојуваат проектите, посебно во иднина, кои се добро обмислени, што, покрај тоа што го нудат, имаат, колку и да звучи едноставно, доволен број паркинг места, или имаат соодветна инфраструктура, кои се поставени со внимание кон специфичните потреби на заедницата”

За време на паузите помеѓу панелите присутните имаа можност да видат и презентации поврзани со темите и со домашниот пазар на недвижности. Почетната презентација на тема „Создаваме влијание, креираме вредности“ од страна на организаторот ФОРТОНМКА се одржа пред почетокот на првиот панел, а потоа следуваа презентациите на Elena Luka Home, Balfin Real Estate и Edge Facility Management.

Банките и осигурителните компании се важен сегмент кој ја поттикнува побарувачката за недвижности. Според панелистите од финансиските институции добар проект, посебно оние  со висок ЕСГ рејтинг секогаш добиваат поддршка.  На ова се надоврзаа од Балфин кои истакнаа дека инвестицијата во недвижности е особено исплатлива опција. На панелот Hospitality според Константин Карагунов инвестициите во хотели се повеќе од исплатливи, а банките тоа го поддржуваат. Балканот е како скриен дијамант, со огромни инвестициски можности во хотелиерството, а тоа е така бидејќи постојат природни убавини, и огромен неискористен потенцијал, но важно е државата да го регулира овoј сегмент, бидејќи постои сива економија, предизвикана од издавањето преку Booking.com и Airbnb.

„Конференцијата за недвижности  е одлична можност да се зборува за клучната улога што осигурувањето ја има во процесот на финансирање на проекти од голем обем какви што ни беа претставени денес на оваа конференција. Имавме можност да ја истакнеме врската помеѓу осигурувањето и банките со кои заеднички го оформуваме пакетот што е потребен за еден проект да биде финансиран и во исто време заштитен од сите ризици во секоја фаза. Говоревме и за важноста од имплементација на системи и процеси кои управуваат со влијанието на проектот врз животната средина, за ние да можеме да обезбедиме квалитетно и поволно осигурување“, изјави Марија Томеска, претседател на Управен одбор на Еуролинк осигурување.

Урбанистичко планирање со задоволување на ESG принципите

 Во рамки на панелот за урбанизација и урбано планирање, инвеститори, архитекти, луѓе од академската сфера дискутираа за тоа како да се прави планирање по мерка на човекот, во трката за што повеќе квадратни метри и профит.

„Ќе имаме станови, но дали ќе имаме зеленило, дали ќе имаме школо во близина, дали се земени предвид пензионерите, дали има маркети, амбуланта, градинка во близина? Дали ќе се движат луѓето по тротоар или по улица, зошто тротоарот ќе го нема, или ќе биде окупиран од коли? Дали и колку ќе има зеленило? Какви растенија ќе се засадат, со оглед дека треба да внимаваме дека сега алергиите се многу раширени, а ретко кој го зема ова предвид?“, беа дилеми и прашања поставени од публиката.

Леонид Антиќ, учесник на панелот од страната на инвеститорите, инаку член на одборот на Гранд Скопје, рече дека тоа што го гледаат клиентите на почеток како дизајн, мора да биде исто со тоа што ќе се добие на крај.

„Сѐ што е прецизирано во проектот, ние апсолутно ќе го реализираме. Во рамки на првата фаза од реализацијата на комплексот ‘Гранд Скопје’ веќе се постигнати 35% зелена површина што е над законскиот минимум од 20% по градежна парцела. Ова е потврда дека при планирањето и изведувањето, ‘ Гранд Скопје’ ги запазува највисоките стандарди, не само за градба туку и за хумано живеење во урбаните средини.“, рече Антиќ.

„Во проектот се вклучени сериозни интернационални институции како на пример Европската банка за развој како и Националната банка на Грција којашто е наш партнер во изработката на нивната нова централа на Стопанска Банка АД – Скопје во рамки на „Гранд Скопје“. Овие институции многу сериозно ги сфаќаат целите ESG (Environmental, social and governance/екологија, социјалa и управување), многу сериозно ги сфаќаат еко-иницијативите и многу сериозно се придржуваат до нивното исполнување“, истакна Антиќ на панел-дискусијата.

Антиќ го презентираше урбаниот парк кој на површина од 7.500 м2 во рамки на комплексот Гранд Скопје ќе понуди бројни содржини за рекреација и релаксација, не само за луѓето што ќе живеат таму туку и за целиот град.

Паркот, додаде Антиќ е донација на „Гранд Скопје“ и одличен пример за успешна соработка помеѓу инвеститорот, Општина Центар и Град Скопје.

Хотелите како исплатлива инвестиција

На конференцијата се зборуваше и за инвестиции во хотели, како сегмент што, според зборовите на организаторот е некако ставен под радарот и не го добива потребното внимание, и покрај тоа што неговото значење расте од година в година.

Даниела Адемоска, сопственик и извршен директор на Double Tree by Hilton во Скопје раскажуваше за искуствата што ги има нејзината компанија со земањето позната меѓународна франшиза како што е Хилтон.

„Работата со франшизи е скап бизнис, плаќате надомест за самата франшиза, плаќате за пристап до технологија и know-how, но имате многу придобивки и на крајот, се исплатува. Нудите услуги во хотел што е познат светски бренд, вашите вработени имаат можности за постојани обуки и усовршувања, како на пример онлајн платформата на Хилтон универзитетот. Морам да истакнам дека предизвиците со коишто се соочуваме сега по годините на корона кризата кога хотелскиот бизнис беше еден од најпогодените глобално, пред сѐ се однесуваат на тешкотиите во наоѓањето и задржувањето на квалитетен кадар. Токму затоа, акцентот во овој бизнис се става на вработените, да бидат мотивирани, задоволни, што на крајот доведува до нивна зголемена продуктивност“, истакна Адемоска.

На панелот посветен на инвестициите во хотели се дискутираше за предностите, но и недостатоците на поседувањето голем хотелски бренд, при што Сафет Мехметај, директор на хотелот Меркур во Приштина, меѓународен синџир на хотели под капата на француската групација Акор, истакна дека тој има искуство и во индустријата со небрендирани, а сега, со брендирани хотели.

„Предности има многу. Брендот ви дава огромна помош во периодот кога сте на самиот почеток на стартапот, ако може да го наречеме така почнувањето на хотелски бизнис. Го скратува она време кога вам ви треба да изградите визибилност, да креирате продукт, односно допрва да го градите својот бренд. Франшизите тоа ви го овозможуваат веднаш, затоа што кога ќе отворите хотел како Меркур или Ибис, којшто е исто така бренд од нашата групација Акор, или било кој друг познат светски бренд, потенцијалните гости знаат што може да очекуваат за своите пари, затоа што многу веројатно дека веќе го искусиле тоа на некое друго место каде што франшизата е застапена“.

Константин Чорогунов, од управата на Караорман групацијата, којашто меѓу другите бизниси поседува и два хотели во Скопје, рече дека тоа што имаат диверзифицирано портфолио им помогнало во време на корона кризата и потоа, да ги задржат колку што можат повеќе вработени, за да сега гостите се враќаат, дури и во поголем број во споредба со пред пандемијата.

„Денес технологијата и интернетот ви помагаат да се борите со брендовите. Наша предност е и локацијата, нашите два хотели Александар и Александар 2 се сместени во строгиот центар на Скопје, каде што реновиравме простор со претходна друга намена во хотелски капацитет и се сместивме во категоријата на т.н. бутик хотели, коишто стануваат сѐ повеќе популарни на светско ниво“.

На панелот за недвижности во малопродажен или ритејл сектор,  се дискутираше и за т.н. ритејл паркови, односно локации што се обично подалеку од центарот на градовите и каде што на едно место се концентрирани повеќе брендови со својата понуда, а најчесто на овие локации има аутлети на познатите брендови. Гостинката од Бугарија, Симона Парванова од Тринити Капитал, којашто има доста искуство во областа на недвижностите низ регионов, истакна дека шопинг моловите како концепт се доволно развиени во регионов, особено во Скопје и потребата за таков концепт е веќе задоволена. Според неа, сега е интересен токму сегментот на ритејл паркови и неговиот потенцијал во Македонија не е искористен.

Потенцијал за ритејл паркови

Олга Дервенџи од Фортон Македонија која ја водеше панел дискусијата на тема бизнис згради, во своето воведно излагање истакна дека во светот најбогатите луѓе имаат портфолио инвестиции токму во бизнис згради. Претприемачите во Македонија треба да се охрабрат да инвестираат во бизнис недвижности, во деловни згради истакна Горјан Максимовски од ESS Properties, бизнис зградите ја зголемуваат својата вредност, и ако се издаваат, обезбедуваат сериозен приход, и се одлична инвестиција.

Македонија заостанува во инвестициите во бизнис згради истакна Зоран Арсов од Delight Office solution. Потребен е агилен дизајн и простор кој е прилагоден на вработените, и канцеларии кои поттикнуваат поголема продуктивност. Денес веќе се зборува за зелени згради, објекти со енергетска ефикасност, со кои се минимизира негативното влијание врз животната средина, и на тоа мора да се размислува, бидејќи тоа е иднината. Недостасуваат офис паркови, технички паркови, треба да се развива сегментот бизнис згради, беше заклучок на овој панел.

На панелот посветен на деловниот простор за малопродажба, од Кам како најголем ланец на супермаркети во Македонија, од голема важност е ажурноста во средувањето на ДУП-овите, конзистентност во реализацијата на плановите, соодветен пристап и паркинг, за инвестициите да имаат разумен тек во соодветен временски опфат, изјави Дејан Манев-Директор за експанзија, градба и опрема во Кам.

Катарина Николов истакна дека капацитетот за трговски центри во Скопје е целосно исполнет, а за секој успешен трговски проект, 80% од планирањето на можните закупци и содржините се прави уште пред почетокот на градбата.

На овој панел се дискутираше и за т.н. ритејл паркови, односно локации што се обично подалеку од центарот на градовите и каде што на едно место се концентрирани повеќе брендови со својата понуда, а најчесто на овие локации има аутлети на познатите брендови.

Гостинката од Бугарија, Симона Парванова од Тринити Капитал, којашто има доста искуство во областа на недвижностите низ регионов, истакна дека шопинг моловите како концепт се доволно развиени во регионов, особено во Скопје и потребата за таков концепт е веќе задоволена. Според неа, сега е интересен токму сегментот на ритејл паркови и неговиот потенцијал во Македонија не е искористен.

„Во Бугарија, на пример, веќе има речиси 60 ритејл паркови, во Србија скоро исто толку. Развојот на овие паркови зависи од потребата на трговците, како и од куповната моќ. На Скопје дефинитивно му требаат неколку ритејл паркови“, истакна Парванова.

Цените на становите не само што нема да паѓаат, туку допрва и ќе растат

На последниот панел за резиденцијални објекти се истакна дека цените на становите зависат од локацијата, комуналии, но и од тоа што е вложено во еден објект, и тие нема да се намалуваат, бидејќи има побарувачка за добро изградени станбени проекти, и цените може благо  да растат и во иднина, истакна Елена Лука, сопственичка на Luka Home.

Според Имер Селмани, поранешен политичар и сопственик на „Бис Оил“, компанија што влезе и во градежништвото,  цените се под просекот во регионот, а трендовите се да не се купува само дом, туку и опкружување (градинка, школо, банка, маркет, и се друго). Цените на градежните материјали се покачени, како и работната рака, која е лимитирана. „Очекувам пораст на цените допрва, затоа што едноставно, побарувачката не се намалува, а сите фактори што ја определуваат цената поскапеа драстично“.

„Војната во Украина предизвика голема инфлација, и невиден раст на цените и платите“,  изјави Зоран Азманов, еден од најмоќните градежни бизнисмени во земјава.

„Веќе плочки ако порано се ределе за 5 евра сега е веќе 20 евра по м2, цената по квалификуван работник е околу 3000 денари како дневница, порано било 1200 денари. Покачени се комуналиите.  Профитабилноста денес е многу помала. Сето ова влијае на цените на становите, кои растат насекаде во светот. Во Белград достигнаа до 7-8000 евра по м2.“

Според Сашо Цветковски од ФОРТОНМКА, помладата генерација купувачи преферираат помали станови од околу 50 м2, а инвеститорите го следат тој тренд. Но стандардот е низок, и тоа влијае на сите, додаде Елена Лука.  Правилата ги поставуваат локалните власти, тие го планираат урбаниот простор, и тука е потребна регулација и правилно планирање децидни беа сите панелисти.

Крајот на Конференцијата го одбележа коктел-забавата за присутните, која се одржа по завршувањето на сите панели и завршното обраќање.

Првата Конференција за комерцијални недвижности се одржа минатата година, исто така во организација на ФОРТОНМКА, македонската консултантска компанија која на домашниот пазар за недвижности успешно работи веќе 15 години. Идејата е оваа Конференција да прерасне во традиционален настан кој ќе понуди простор за јавна дебата на важните теми од полето на недвижностите, опфаќајќи ја професионалната сфера, пошироката јавност и секој кој е заинтересиран да дознае повеќе за сегашните и идните трендови во оваа индустрија.

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

менаџмент / маркетинг2 недели ago

Како да се водат состаноци: не мора да се долги, мачни и здодевни, може и поинаку

регион2 недели ago

Во Хрватска платите растат двојно побрзо одошто просекот на ЕУ: работодавците бараат покачувањата да се врзат со продуктивноста

свет2 недели ago

Како турнејата на Тејлор Свифт може да ја поправи економската слика на Европската унија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години