Connect with us

интервју

„Човекот на годината“ за Капитал, Златко Ориѓански: Тирана, моја голема љубов

Златко Ориѓански, директор на македонскиот Културно – информативен центар во Тирана, Р. Албанија

објавено

на

Поради неговата извонредна  посветеност, неуморна работа и континуирани заложби да изгради мостови на пријателство, разбирање и соработка помеѓу македонскиот и албанскиот народ преку промоција на културата и уметноста како прв директор на новиот  македонски културно – информативен центар во Тирана, Р. Албанија, Капитал има голема чест и задоволство да го прогласи г-дин Златко Ориѓански за „Човек на годината“.

Со него направивме и интервју за од прва рака да ви ги пренесеме неговите впечатоци и искуства од изминативе три околу три години како што го води КИЦ, период во кој што, како што вели, “се вљубил во Тирана и нејзините жители“.

Како што Куба беше важна за Хемингвеј, островот Хидра за Леонард Коен, на истиот начин Тирана е моја голема љубов, вели Златко Ориѓански, познатиот македонски уметник и  музичар, а од пред околу три години и директор на првиот македонски културно – информативен центар во албанската метропола.

За неговиот придонес во македонската, но балканската и светската музика нема потреба многу да зборуваме – човекот е жива легенда, во своите 40-тина години творештво има напишано музика за повеќе од 50 театарски претстави; беше дел од култната „Анастасија“ коишто ја напишаа музиката за „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, награден со Златен лав во Венеција и номиниран за Оскар; има отсвирено стотина концерти низ европските градови и фестивали; пишувано музика за неколку значајни рекламни кампањи за Македонија; два албуми со групата „Лола В. Стаин“; бројни соработки со познати имиња во македонската поп и традиционална музика; негови се и музиката и стиховите за албумот „Македонско девојче“, испеани од Каролина Гочева; музика за балет…
А, од пролетта 2021 година, Ориѓански има и нова благородна мисија, да ги приближи македонскиот и албанскиот народ преку промоција на она што го работи цел живот – културата и уметноста, откако Владата го назначи за директор на новиот Културно – информативен центар на Р. Северна Македонија во Тирана, Албанија. Центарот официјално почна со работа на 29 април 2021 година, и оттогаш во него, се случија голем број концерти, изложби, промоции на книги и други претставувања на македонски уметници пред албанската публика, но и бројни гости од дипломатскиот кор во Тирана и сите останати љубители на уметноста во градот и земјата. Секако, Ориѓански не пропушта во тие прилики да направи промоција и на крушевскиот локум, македонскиот ајвар, македонските вина и останатите гастрономски специјалитети од земјава.
Во организација на Ориѓански заедно со надлежните институции на двете земји се случи и гостувањето на Битолскиот театар во Народниот театар во Тирана со претставата „Артуро Уи“ на Бертолд Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, прво гостување на еден македонски театар пред албанската публика после 30 години, настан на кого што Ориѓански е особено горд. „Театарот беше преполн, дел од луѓето седеа на скалите. На крајот, публиката ги испрати нашите глумци со овации,  аплаудираше десетина минути без престан.“, вели Ориѓански со нескриена радост и  задоволство. Токму поради овие негови заложби, неуморната работа и посветеност да изгради мостови на пријателство, разбирање и соработка помеѓу македонскиот и албанскиот народ преку промоција на културата и уметноста како прв директор на новиот  македонски културно – информативен центар во Тирана, Р. Албанија, Капитал има голема чест и задоволство да го прогласи г-дин Златко Ориѓански за „Човек на годината“.

Со него направивме и интервју за од прва рака да ви ги пренесеме неговите впечатоци и искуства од изминативе околу три години како што го води КИЦ, период во кој што, како што вели, “се вљубил во Тирана и нејзините жители“.

Фото: Герта Кордали (Gerta Kordalii)
Македонскиот Културно – информативен центар во Тирана беше ставен во функција на 29 април, 2021 година. „Институцијата е поставена на здрави нозе, независно што сум сам, немам шофер, секретарка или некаков помошник, внатре сите нешта се чисти, јасни и прецизни, државнички поставени. Работа, ред и дисциплина. Програмите што ги смислувам, успевам да ги реализирам во целост, без милиметар отстапување или импровизации“, вели директорот на КИЦ,  Златко Ориѓански.

Г-дин Ориѓански, изминативе три и нешто години направивте многу за приближувањето помеѓу македонскиот и албанскиот народ преку промоција на културата и уметноста  и „Капитал“ ви честита за тоа. Да се вратиме малку на самите почетоци на оваа ваша мисија… Владата ве назначи за директор на новиот македонски културно – информативен центар во Тирана декември 2020, после само неколку месеци, КИЦ стана оперативен. Споделете со нашите читатели какви предизвици имавте на почетокот, додека го поставите центарот на нозе што се вели? Со какви очекувања всушност отидовте во Тирана, а што реално искусивте? Со какви очи го гледате вашето ново пребивалиште сега?

Најнапред, длабоко се заблагодарувам на „Капитал“ за честа и вниманието. Овде стасав на 5-ти јануари 2021.  Врнеше топол медитерански дожд, беше 19 степени. Немам простор за наш културно – информативен центар, не познавам никого, ниту луѓе ниту град, живеам во хотел и барам стан. Еден службеник од амбасадата ми дава совет: „Најпрво, купи телефон, чадор и тавче. Овие три нешта се најпотребни за почеток.“ После две недели, веќе живеев во мој стан и тоа беше големо олеснување. Секој ден одев пешки по 20-30  километри, да го запознам градот и да најдам простор за центарот. На 29 април 2021, македонскиот Културно –  информативен центар во Тирана, беше ставен во функција. Поставувам табла, македонско знаме, некое убаво чувство се разлева низ мене. Успеав да формирам, наша, нова дипломатска институција.

Овде пролетта доаѓа рано, уште во март. Луѓето се шетаат, подзастануваат да видат што е овој простор и ме поздравуваат со насмевка. Некој коментира: Македонец, добредојде во Република Албанија, ова е прекрасен потег.

Фото: Герта Кордали (Gerta Kordalii)
Ориѓански со министерките за култура на Македонија и Албанија, Бисера Костадиновска – Стојчевска и Елва Маргарити, на гостувањето на Битолскиот театар во Тирана со претставата „Артуро Уи“ на Бертолд Брехт, во режија на Ќендрим Ријани. Настанот се случи на 10 мај 2023, и тоа беше прво гостување на некој македонски театар во Тирана по повеќе од 30 години. „Театарот беше преполн, дел од луѓето седеа на скалите. На крајот, публиката аплаудираше десетина минути без престан.“, вели Ориѓански.

Како сте задоволен сега од динамиката на активностите што се случуваат во КИЦ? Успевате ли да го реализирате поголемиот дел од она што ќе го замислите и да си кажете себеси „добро е, центарот живее со полни гради, ја исполнува својата мисија“?

Институцијата е поставена на здрави нозе, независно што сум сам, немам шофер, секретарка или некаков помошник, внатре сите нешта се чисти, јасни и прецизни, државнички поставени. Работа, ред и дисциплина. Програмите што ги смислувам, успевам да ги реализирам во целост, без милиметар отстапување или импровизации. Понекогаш помислувам, колку многу луѓе поминаа низ ова прекрасно место. Амбасадори, дипломати на Франција, Јапонија, Англија, Германија, Холандија, САД, Кина, Хрватска, Словенија, Австрија, Косово, Молдавија, Украина, Црна Гора, Турција, Србија, Алжир, Саудиска Арабија, Чешка, сите овие земји го посетиле македонскиот КИЦ и беа дел од нашите настани. Министерот за внатрешни работи на Албанија, министерката за култура на Албанија, мнозина директори на нивни институции, градоначалникот на Тирана, безброј тиранчани и луѓе од другите градови на оваа прекрасна земја, речиси сите наши владини функционери, премиери, министри, заменици, државни секретари. Паралелно, мнозина наши луѓе кога доаѓаат овде, сакаат да го видат ова, слободно ќе речам, „свето место“.

Знам дека е неблагодарно да спомнуваме само некои од настаните што се случија во КИЦ, но еве во оваа прилика што би издвоиле како позначајни активности, промоции, концерти, итн.?

Уште пред да почнам со работа, некако интуитивно и без јасна намера во мене се визуализираа настани што ќе следат. Еден од тиранските театри се наоѓа веднаш до мојата зграда. Секој ден таму поминувам и во мене се редеа  слики дека ќе донесам претстава, која ќе ја видат многу луѓе. Лани на сцената Artturbina на Народниот театар во Тирана , настапи Битолскиот театар со претставата „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт, на македонски јазик (имаше титлуван превод на албански), во режија на извонредниот Ќендрим Ријани. Театарот беше преполн, дел од луѓето седеа на скалите. На крајот, публиката аплаудираше десетина минути без престан. Концертите на Љубојна, Фолтин, Влатко Стефановски, изложбата на Зоран Кардула, промоцијата на книгата од Јордан Плевнеш, преведена на албански, промоција на крушевскиот локум, македонскиот ајвар, дел од македонските вина. Сите настани ми се драги, секој наш артист стави по едно камче во мозаикот на оваа мисија.

Фото: Герта Кордали (Gerta Kordalii)
Со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, за кого што Ориѓански во едно интервју за албански медиум ќе истакне дека е „светски човек, прошетан и образован, преполн со нови идеи“.„Секој ден е активен, неговиот кабинет изгледа како да сте во некоја бајка во Милано, вози точак наместо автомобил (јас не знам да возам автомобил, возам точак), тој ја познава сета светска музика.“, кажа Ориѓански за Argumentum.al.

За жал, Македонците и Албанците во Македонија живееме едни покрај други, а не едни со други, секоја чест на исклучоците. Претпоставувам дека една од главните цели на КИЦ во Тирана, а и албанскиот во Скопје е намалувањето токму на овој јаз, поделеност и  отуѓеност помеѓу народите и нивно приближување преку културата и уметноста. Што вие лично научивте за албанскиот народ и неговата култура откако сте директор на КИЦ, а што би сакале да го споделите со македонската јавност?

Три години, дење ноќе, живеам заедно со нив, делам добро и лошо, имам албанска дипломатска лична карта, жител сум на овој град. Во мојот живот, никаде немам сретнато толку весели луѓе, народ кој толку многу сака музика и пиење кафе, терање муабети. Ова е Медитеран, времето и навиките се поинакви. Животот во најголем дел се одвива надвор. Сабајле во 8 и попладне во 18 часот, сите, независно од возраста се излезени на прошетка. Албанците се европски и многу културен народ. Има во нив луда храброст, пожртвуваност и одважност. Знаат точно кој се и што сакаат од себе и својата земја. Гостинот за нив е светост. Не се оптоварени со политички случувања, ниту со нечија религиозна или етничка припадност. Светот го гледаат широко, отворено. Жените се облечени по најнова „таљанска“ мода и незамисливо е кога излегуваат на шетање да не бидат убаво облечени. Просто речено, јас ги засакав нив, тие, мене. Имаат многу убаво мислење за нашата земја и луѓе.

Балканскиве политичари на едно чудо конференции и форуми досега се со полна уста „поврзаност“, „соработка“, „заедништво“, и сл. А во реалноста, гледаме дека во некои невралгични точки сѐ уште ѕвечи оружје. Излегува дека културата и уметноста колку што може да приближат различни нации и вери, не може никој. Како според вас регионов да стане пристојно и нормално место за живеење, каде што писател, музичар, сликар ќе биде попознат од локален политичар?

Комплексно е вашето прашање. Мислам дека невозможно е да се направи таква поделба. Сетете се на Иво Андриќ или Коча Поповиќ, уметноста и политиката не се масло и вода, туку меѓусебно се испреплетени. Во двете нешта постои тој идеал, како да се создаде некој нов и подобар свет. Всушност, мојата овдешна дипломатска работа има две страни, политичка и уметничка. Ова секогаш го имам на ум. Работите одат добро, затоа што работам на модерен, нов и европски начин, ослободен од југословенското мртво време. Околу балканските работи… Видете, ако ја земеме во предвид војната во Украина или Израел, тогаш можеме да речеме дека денес, Балканот е пристојно место, релативно мирен.

Фото: Герта Кордали (Gerta Kordalii)
„Овде запознав едни прекрасни тирански музичари од таверната ‘Шерифи’ и ако успеам да обезбедам буџет, веројатно потака ќе снимам десетина песни заедно со нив. Сакам да ги донесам во Скопје, многу ќе бидете изненадени.“, ни открива Ориѓански.

Вашиот придонес за промоција на македонската (и балканската всушност) култура и традиција знаеме дека е огромен. Имате ли време сега додека сте на оваа мисија да творите? Што ве преокупира периодов како уметник, создател?

Благодарам на комплиментот. Имам триесетина нови песни со пеење, но сега не е време за снимање и објавување. Овде запознав едни прекрасни тирански музичари од таверната „Шерифи“ и ако успеам да обезбедам буџет, веројатно потака ќе снимам десетина песни заедно со нив. Сакам да ги донесам во Скопје, многу ќе бидете изненадени.

Годинава се случуваат избори во САД, во ЕУ, во Македонија. Настани што ќе имаат огромно геополитичко влијание врз светот, и за нас како држава, секако. Многумина аналитичари сметаат дека 2024 ќе биде година на пресврти и значајни поместувања, со оглед на замавот на екстремната десница во Европа, шансите на Трамп да се врати на сцена и сл. Вие, како уметник пред сѐ, како ја гледате иднината на земјава во целиот овој контекст, кои се вашите очекувања, вашите најголеми надежи, но и најголеми стравови?

Секоја земја е политички силна, онолку колку што е воено и економски моќна. Македонија е членка на НАТО. Македонија е перница на која спијат главите од нашите соседи. Нам не ни треба било каков конфликт со никого. Мислам дека овие неколку нешта се доволен патоказ на каде треба да одиме. Времето е лошо, настаните и промените се брзи, моментот е различен од пред дваесет години. Трагикомично изгледа, кога  минатото е понеизвесно од иднината. Тој пристап ми се чини кафеански, фантазерски, надреален. Модерна, европска, осветлена и чиста Македонија, тоа секогаш бил мој идеал. Најмногу ме загрижува иселувањето на младите луѓе. Младоста е таа магична супстанца од која се раѓаат промени, нови и модерни работи.


Фото: Герта Кордали (Gerta Kordalii)

„Патуваме со познатиот албански композитор Фатос Ќеримај од Тирана за Пермет (мало место во Албанија близу грчката граница. Од таму е неговото потекло. Фатос вели, сакам да го видиш местото и народот од кај што е роден мојот татко. Патот врви паралелно со реката Вјоса која извира од Грција и се лизга надолу низ Албанија се до јадранското море. Предели и слики што ме потсетуваат на моите демирхисарски краишта. Стасуваме во Пермет, таму не пречекува Јосиф Митре, кларинетист, кој свири на ‘стариот начин’. Одиме кај него дома. На масата, домашна ракија, слатко од мандарини и орев. Јас сум Златко од Македонија, подавам рака. Митре, насмеан, вели, добре ни дојде. Седиме во дворот, пред нас планини и светло небо, таму во далечината е грчка територија. Пред некој месец, почина во Атина мојата жена. Немаше возило да ја пренесам во Пермет и морав јас самиот со мојата кола, раскажува Митре. Тишина, молчиме. Ама ќе ви запеам една песна, наша, перметска. Тој пее, јас гледам во небото и ми се чини дека времето ме врати назад во моите детски денови во Сапотница, кога свирачите свиреа а луѓето играа во прашината на сред село. Вечерта одиме во една кафеана надвор од градот. Внатре сите играат во транс, некое старо оро. Станувам и на свирачите им нарачувам да ја свират Наполони, позната нивна мелодија. Луѓето, изненадени од мојот потег, еден по еден, доаѓаат на нашата маса и ме поздравуваат, Мачедон, респект, респект.

Другиот ден се вративме дома во Тирана. Вечерта во нашиот КИЦ  доаѓа Тиранскиот хор, сакаат да ги научам една македонска песна. Насмеани, весели, 40 жени, снимаат видео со поздрав до Македонија. Пред полноќ, состанок со директорот на тиранскиот театар. Сакам да го донесам во Тирана, битолскиот театар кој ќе одигра претстава од Ќендрим Ријани на македонски јазик. Во еден часот наутро, доаѓа Фатос со својот кларинет. Сакам да ти отсвирам една тиранска мелодија, која многу ја сакаше мојата мајка. Во еден момент тој вели: Сѐ што постои на овој свет, нам ни припаѓа.

Сабајлето ми ѕвони мајка ми. Добар си? Арен, кажувај. Откако замина таму, јас ко мајка му на Јордана Плевнеш, секој ден палам по две свеќи, едната за добро на наша Македонија, другата за добро на Албанија, оти ти каде што живееш, таа земја е исто моја. Пијам кафе, мириса на море, риби и лимони. Три години живеам овде, заедно делиме добро и лошо со овој прекрасен народ. Како што Куба беше важна за Хемингвеј, островот Хидра за Леонард Коен, на истиот начин Тирана е моја голема љубов.“

Златко Ориѓански

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?

банки3 дена ago

Потрошувачки кредит на УНИБанка АД Скопје со одлична понуда за рефинансирање и бонус од 1.000 денари при онлајн аплицирање

македонија3 дена ago

„Алкалоид“ АД Скопје со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот Омепразол во течна форма во светот

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

банки1 недела ago

Комерцијална банка како „Зелен поборник“ ќе пошумува и ќе едуцира

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

свет6 дена ago

Пустината под вода

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават