Connect with us

свет

Шест месеци од руската инвазија на Украина: што може да се очекува понатаму?

објавено

на

Mалкумина очекуваат рускиот претседател Владимир Путин набрзо да го прекине своето бавно, но упорно напредување низ украинската територија, а камоли да ја отстапи територијата што веќе ја окупираше. Двете страни претрпеа големи загуби во човечки животи  и опрема, но ниту една не размислува за прекин на огнот. Украинците веруваат дека водат егзистенцијална битка за одбрана на својата нација, која Путин не ја признава, сметајќи ја за историска грешка.

Шест месеци откако руските сили ја започнаа инвазијата на Украина, надевајќи се на „блицкриг“, конфликтот ескалираше во целосна и немилосрдна војна со секојдневни воздушни напади и борби на кои им се гледа крајот.

Поголемиот дел од истокот и југот на Украина се под руска контрола, што го остави Киев без пристаништата на Црното Море кои се клучни за извозот на жито, крвотокот на украинската економија. Русија, од друга страна, трпи  санкции од Западот, иако ембаргото за купување руски енергенси  повеќе им се удри од глава на земјите од ЕУ, одошто ѝ нанесе штета на Русија – земјата бргу најде алтернативни пазари во Кина, Индија, итн.

Како и да е, малкумина очекуваат рускиот претседател Владимир Путин набрзо да го прекине своето бавно, но упорно напредување низ украинската територија, а камоли да ја отстапи територијата што веќе ја окупираше.

Двете страни претрпеа големи загуби во човечки животи  и опрема, но ниту една не размислува за прекин на огнот. Украинците веруваат дека водат егзистенцијална битка за одбрана на својата нација, која Путин не ја признава, сметајќи ја за историска грешка.

„Никој не може да победи под такви околности“, смета  Константин Калашев, политички аналитичар од Москва. „Оваа ‘специјална воена операција’ би можела да трае со години. Русија се надева дека ќе победи така што ќе ги истошти  своите противници… Времето не е на страната на Украина и нејзината економија може да пропадне“, изјави тој за АФП.

За Путин секаква сугестија за пораз е неприфатлива

Мари Думулен, директорка на Европскиот совет за надворешни односи, рече дека ќе биде потешко за двете страни да се повлечат сега поради силната поддршка од западните сојузници на Украина. „Секоја страна мисли дека сè уште може воено да надвладее, така што војната веројатно нема да заврши толку брзо“, рече таа.

Путин, исто така, го става конфликтот во контекст на рускиот отпор кон експанзионистичкото НАТО, сметајќи дека секоја сугестија за „пораз“ е неприфатлива. Тој би можел да ја казни желбата на Украина за поблиска интеграција со Европската унија со напредување кон клучното пристаниште Одеса, во суштина отсекувајќи ја Украина од морето и задушувајќи го нејзиниот извоз.

Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел повеќе да цели кон тактички успеси, како што беше потопувањето на рускиот ракетен крстосувач „Москва“ во април, па дури и да се обиде со контраофанзива за ослободување на некои области.

„Ова ќе му овозможи дополнително да ги мотивира украинските војници и општеството и да ги оправда своите барања за поголема помош од европските партнери“, рече Думулен.

Доаѓањето на зимата ќе донесе нови тешкотии за Украинците

Воената опрема и разузнавачките информации добиени од Европа и САД им овозможија на украинските сили да ги забават, но не и да ги запрат руските сили во Донбас и долж брегот на Црното Море. Но, тоа ѝ овозможува на Русија да ги консолидира своите позиции, имајќи предвид дека таа веќе воспостави воено присуство на Крим во осумте години од анексијата.

А повиците на Зеленски за понапредно и помоќно оружје досега не вродија со плод.

„Украинскиот народ е обединет и ја поддржува владата, но таа стабилност во голема мера се потпира и на идејата дека Западот и помага на Украина во оваа војна“, вели Димитри Миниц, научник од Францускиот институт за меѓународни односи во Париз.

Доаѓањето на студеното време, исто така, ќе ја тестира решителноста на Украинците доколку се соочат со недостиг на гориво и рестрикции на електричната енергија или греење и други тешкотии, особено ако уште повеќе луѓе се принудени да ги напуштат своите домови поради борбите.

Думулен смета  дека 40 отсто од училиштата во Украина ќе останат затворени на почетокот на новата учебна година, што може да има големи психолошки последици. „Многу ќе зависи од нивната способност да ја поминат зимата, особено оние кои се зад првите редови… Ќе биде тешко“, рече таа.

Дали е Русија спремна да ја плати цената на долготрајна војна?

И покрај погрешната проценка на Москва за способноста на Украина да се спротивстави, Русија е изгледа подготвена да ја плати цената на долготрајната исцрпувачка војна. Сојузниците на Украина се обидоа да ја задушат руската економија со ембарго  на извозот на нафта и гас, а истовремено воведоа санкции кои го ограничуваат увозот и принудуваат многу западни компании да ја напуштат земјата.

Но, „парите од извозот, главно нафта, гас, јаглен и други стоки, не само што продолжија да доаѓаат, туку и ги надминаа очекувањата“, рече Крис Вифер, долгогодишен аналитичар за Русија во консултантската компанија „Macro-Advisory“.

Обичните Руси веќе доживеаја санкции по анексијата на Крим, а владата наскоро најде нови извори за индустриски компоненти и други материјали од Турција и Азија.

„Економијата, индустријата и луѓето имаа осум години да се прилагодат на санкциите за земјата и луѓето да бидат подобро подготвени и посамостојни денес, барем кога станува збор за основните работи“, рече Вифер.

Сепак, целосното влијание на санкциите може да почне да се чувствува во наредните години бидејќи Русија ќе ги пренасочува средствата за инвестиции во финансирање на војната, а странските компании остануваат претпазливи.

„Целосниот ефект ќе го почувствуваме за околу пет години“, рече Калашев.

Што може да ја загрози поддршката на Путин дома?

Ако конфликтот се влоши во текот на зимата и во 2023 година, многу ќе зависи од тоа дали Западот ќе продолжи да помага, особено ако гласачите сметаат дека цената на војната, првенствено во однос на зголемувањето на цените на горивото и храната, станува превисока.

„Веројатно ќе дојде време кога Путин ќе смета на заморот на Западот и ќе понуди одредени отстапки… за да ги охрабри западните лидери да извршат притисок врз Украина да го прекине конфликтот според руски услови“, рече Думулин.

Освен ако не се случи некоја  катастрофално  погрешна воена проценка, украинската војска најверојатно нема целосно да се распадне, а малкумина очекуваат Зеленски да се согласи на какви било преговори кои не вклучуваат враќање на целата изгубена украинска територија, вклучително и Крим.

А ако неговите сојузници продолжат да му  помагаат и да испраќаат оружје, воената предност на Русија може постепено да се намалува. Тоа, исто така, може да ја загрози поддршката на Путин дома и можеби да ги катализира опозициските сили пред претседателските избори во март 2024 година.

„Тензиите меѓу Кремљ и она што остана од граѓанското општество би се влошиле со објавувањето војна, воена состојба и општа мобилизација“, рече Миниц. „Особено во големите градови како Москва или Санкт Петербург, каде што опсесивната антизападна реторика има послаба основа.“

банки2 дена ago

УНИБанка успешно го одржа третиот тениски турнир „UNIBank Invitational 2023“

економија3 дена ago

Фероинвест/Централинвест изгради биогасна електрана

банки4 дена ago

ПроКредит холдингот со зголемен профит во првиот квартал

економија5 дена ago

Мукаетов за српски “Профит“: Глобализацијата на брендот „Алкалоид“ останува наш фокус

банки1 недела ago

„#ПроВозиСе со ПроКредит и Mastercard” и добиј нов градски велосипед

економија1 недела ago

Возилата на „Брако“ ќе го чистат Крит

македонија1 недела ago

Прогресив – единствена акредитирана академија за извршни менаџери во Македонија

економија2 недели ago

Штандот на БРАКО привлечен за учениците заинтересирани за учење преку работа

економија2 недели ago

На едно место достапни сите информации за регионалната прекугранична е-трговија

банки2 недели ago

НЛБ Банка со нови промотивни депозити