економија
Штериев од Македонска берза вели дека се против оданочувањето на капиталните добивки, наведе и три клучни причини

Од Берзата сметаат дека тајмингот за воведување на ова оданочување е апсолутно неповолен и само уште повеќе ќе ги одврати домашните инвеститори од и онака кревкиот пазар на капитал.
Македонската берза има јасен став дека капиталните добивки не треба да се оданочуваат, односно даночната реформа која се подготвува во моментов не треба засега да ги опфати овие делови. Ова го истакна директорот на Берзата, Иван Штериев, во интервју за Капитал деновиве, а го повтори и денеска при своето обраќање на 21. Годишна конференција што Берзата ја организира во Охрид.
„Пред се’, тајмингот овој вид оданочување да започне е апсолутно неповолен. Како што веќе објаснивме, оваа година се влошени состојбите на пазарот и со евентуално оданочување на капиталните добивки можеме само уште повеќе да ги одвратиме домашните инвеститори од вложување на Берзата. Физичките лица креираат повеќе од 60% од овогодишниот куповен промет и овој данок ќе биде значаен удар за и онака кревкиот и плиток пазар.”, рече Штериев.
Второ, според него, законските решенија што се моментално на сила и кои никогаш не биле тестирани во пракса, имаат простор за доработка и за подобрување.
„На пример, според актуелната легислатива, за секое купи-продај на Берзата, односно после трансакција со којашто остварувате капитална добивка, вие треба веднаш да пријавите и да платите аконтативен данок. Тоа значи, доколку сте поактивен трејдер на Берзата, вие, настрана данокот којшто ви го намалува приносот, ќе имате и голем товар со административно – бирократски работи. Дополнително, во вака замислената даночна постапка има оптоварувања и одговорност за брокерите кои не се соодветно екипирани за ова. Ако веќе воведуваме вакво оданочување, мора да најдеме поелегантни, поедноставни и централизирани решенија за даночната постапка.“, објасни Штериев.
Исто така, што важи кога и да се воведе оданочување на капиталните добивки, Берзата инсистира дека треба да се направи адекватна дистинкција помеѓу краткорочно, или т.н. шпекулативно тргување и долгорочно инвестирање. „Според сегашното решение капиталната добивка не се оданочува единствено ако ги држите хартиите од вредност дури 10 години. Во многу јурисдикции овој период е многу пократок, на пример,12 или 24 месеци, а долгорочните капитални добивки имаат преференцијален даночен третман. “