Connect with us

свет

Што тргна наопаку во Авганистан? (втор дел)

објавено

на

Неколкумина интелектуалци, дипломати, високи државни советници, професори на престижни американски универзитети, поранешни војници – дадоа свое видување за Wall Street Journal  околу  тоа зошто 20 – годишната мисија  на Запад во Авганистан  предводена од САД не успеа. Во две продолженија ви ги пренесуваме во целост овие согледувања.

Војна која што Авганистанците никогаш не можеа да ја поседуваат

Лактар ​​Брахими, кој ја предводеше и насочуваше  политиката на ООН во Авганистан, долго време се залагаше за принципот дека работата на меѓународната заедница таму треба да биде „во сопственост на Авганистан“ и „предводена од Авганистан“.

Препознавајќи  ја темната историја на странски интервенции во земјата, тој ја советуваше меѓународната заедница внимателно да гази по теренот и  да го  почитува суверенитетот на Авганистан. Но, САД и нејзините меѓународни сојузници не интервенираа за поддршка на авганистанските аспирации. Нивната кампања се засноваше на специфичните цели на Америка и нејзините сојузници, фокусирани на агендата за борба против тероризмот. Други размислувања – изградба на институции, продлабочување на демократијата, унапредување на човековите права, скротување на корупцијата – беа периферни на овој централен напор.

Меѓународната коалиција доминираше во војната против Талибанците; војната никогаш  не беше  во вистинска сопственост на авганистанскиот народ. САД и нивните сојузници ја предводеа, ја објаснуваа и се залагаа за неа. Авганистанските лидери не сакаа да се поврзат со неа, како што видовме во последните години од претседателствувањето на Хамид Карзаи. Тој еднаш низ солзи ламентираше  дека не може да ги заштити своите граѓани од кампањите на САД за бомбардирање.

Со мала контрола врз сопствените животи и мала верба во сопствената влада, авганистанскиот народ повлече  уште поголема дистанца од двете страни што беа распоредени  едни против други на бојното поле. Авганистанците  го разбраа товарот  што им се закачи толку многу врз нивните животи  и на крајот прифатија дека се држава што ја „изнајмила“ својата територија  во служба на американската антитерористичка агенда.

Исто како што Авганистанците сметаа дека не ја поседуваат војната, тие не чувствуваа  дека имаат сопственост врз  напорите за мир и помирување. Почетните обиди  на Талибанците во средината на 2002 година за помирување со новата влада беа отфрлени од САД и НАТО, и покрај поддршката на претседателот Карзаи за таквите напори.

Понудите на Лахтар Брахими за олеснување на дискретните разговори помеѓу Талибанците и новата влада во 2002 година, набргу по потпишувањето на Договорот во Бон, исто така беа отфрлени од САД.  Карзаи и Брахими, обајцата  горко се жалеа на неуспехот да се искористи оваа можност кога Авганистан и нејзините сојузници имаа максимална предност во односите со Талибанците.

Фактот дека Талибанците подоцна одбија да преговараат со авганистанската влада, инсистирајќи дека нивни соговорници од другата страна се  САД, го засили чувството на Авганистанците дека се борат и умираат во војна во која тие и  не беа вистинска страна. Кога администрацијата на Трамп целосно ја напушти секоја претензија дека мировниот процес ќе биде „во сопственост на Авганистан“ и „предводен од Авганистан“ и потпиша билатерален договор со Талибанците, тоа  ја отстрани секоја илузија дека Авганистанците се релевантен играч во војната или мировниот  план.

Затоа, не е целосно изненадувачки што авганистанските војници толку лесно се откажаа од борбата против Талибанците. Како што извести авганистански активист, „Кога Талибанците заземаат територија, тие им велат на авганистанските војници и заедницата ‘Нашата борба не е со вас. Се одлучува во Доха со Американците “. Трагично, авганистанскиот народ остана со последиците и сам ќе ги трпи.

Рина Амири, висок соработник на Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот Њујорк и поранешен висок советник на американскиот специјален претставник во Авганистан и Пакистан.

Од самиот почеток самопрокламирано брзање за повлекување

Очигледно  во Авганистан беше дека Американците ги имаа часовниците, но Талибанците го имаа времето. На секој фронт – без разлика дали е технологија, обука или ресурси – ние Американците и нашите авганистански сојузници ги декласиравме нашите талибански противници. Но, тие секогаш поседуваа еден кец во ракавите: способност и волја, да не’ чекаат. На крајот, ова се покажа фатално. Но, не мораше да биде. Единствената најголема штета за американската стратегија во Авганистан беше нашето инсистирање, од администрација до администрација, на стратегија за излез базирана на време, а не врз основа на условите  на терен.

Дваесет години се долго  време за да се води војна, но во поголемиот дел од тоа време им кажувавме на нашите авганистански сојузници дека сме оддалечени 12 до 28 месеци од големо намалување на нашето присуство, без оглед на нашиот напредок. Не е тешко да се увиди  колку ова фундаментално ја поткопа довербата во нашата мисија. Најеклатантен  пример за ова беше говорот на претседателот Обама во 2009 година на Вест Поинт воената академија, кратко време по преземањето на функцијата, во кој тој објави голем прилив на војници во Авганистан. Во истиот говор, тој исто така објави: „По 18 месеци нашите војници ќе почнат да се враќаат дома“.

Се борев во Авганистан кога го одржа тој говор. Тој говор  често се наметнуваше  во разговорите со племенските водачи чија јавна поддршка ни беше потребна за да го задушиме бунтот на Талибанците. Многу често тие прашуваа како би можеле да поддржат изградба на нов пат или проект за женско училиште, кога за 18 месеци,  нашиот претседател рече дека ќе не’ нема, додека талибанскиот гувернер во сенка, кој живееше во нивната област, ќе остане. Тоа е фер прашање, и во текот на моите четири ангажирања  во Авганистан, никогаш немав доволно добар одговор. Да бев во можност да кажам: „Не заминуваме се’ додека талибанскиот гувернер во сенка веќе не е закана за вас“, војната ќе завршеше поинаку и, иронично, многу порано.

Многу е кажано и за ендемичната корупција во Авганистан, особено во владата. Никој не ја оправдува корупцијата. Но, многу помалку е кажано за начинот на кој нашето инсистирање за повлекување врз основа на временски рамки придонесе за психологијата  на корупција. Извлекувањето на ресурси за лична корист  стана осигурителна полиса  за Авганистанците кога ние баравме  да ги ризикуваат своите животи за нашите цели, истовремено кажувајќи им дека наскоро ќе заминеме. Секоја година ветувавме дека следната година ќе се случи нашето повлекување и нивното евентуално предавање во рацете на Талибанците. Помислете на сопственото семејство. Каков избор би направиле?

Дури и сега, во овој последен чин на нашата инволвираност  во Авганистан, не ја научивме лекцијата од нашите грешки од минатото. Илјадници американски граѓани остануваат заробени во земјата, а што да кажеме за десетиците илјади наши авганистански сојузници кои се соочуваат со смрт паднати во  рацете на Талибанците. Мисијата е јасна: Мораме да ги извлечеме. Нашето повлекување мора да се базира на остварувањето на таа мисија, а не на некаков  одреден произволен датум. Сепак, датумот е одреден, 31 август, и мисијата нема да биде завршена.

Елиот Акерман, писател и поранешен припадник на американските армиски сили, во пет наврати служел во Ирак и Авганистан.

Нереален јаз помеѓу реториката и реалноста

Мисијата во Авганистан беше поткопана од наивниот оптимизам на претседателот Буш. А беше уништена од наивниот песимизам на претседателот Бајден.

Од 2005 до 2011 година, САД и нивните сојузници го гледаа Авганистан како „егзистенцијална“ закана за глобалната безбедност. Целта беше  целосно да се елиминираат  Талибанците и да се создаде –како што беше наведено во  првата нацрт  стратегија  за развој на Авганистан – „родово чувствителна, мултиетничка, централизирана држава, базирана на демократија, човекови права и владеење на правото“. Беа распоредени над 100.000 странски војници и уште 100.000 меѓународни контрактори, трошејќи 100 милијарди долари годишно.

Но, таа ера одамна помина додека  претседателот Бајден дојде на функцијата. Борбените операции завршија во 2014 година. До 2021 година, останаа само 2.500 американски војници (во споредба со 25.000 моментално во Јужна Кореја). Има многу малку меѓународни жртви од 2016 година. Авганистан никогаш не стана државата за којашто сонуваа првите градители на нацијата,  но лесното американско присуство, фокусирано  на воздушната поддршка, овозможи одреден напредок: Милиони девојчиња за првпат тргнаа на училиште; луѓето беа поздрави и живееја подолго; и многу млади луѓе уживаа во претходно непостоечките  можности во бизнисот, културата и општеството.

Претседателот Бајден можеше да се заложи за ова како нов модел за одржливо американско присуство. Наместо тоа, тој избра да се преправа дека се’  уште живее во екстравагантната  и смртоносна интервенција од 2009 година, и си постави цел  да ја избрише. Не требаше  да има континуитет. Тој веруваше дека ништо значајно не може да се постигне или зачува со останување во земјата  и дека ниту најмалиот трошок не е оправдан. Држава  која некогаш се сметаше за егзистенцијална закана, стана земја што може безбедно да им се предаде на џихадистите  и тоа токму на 20 -годишнината од 11 септември. Се’  беше превртено наопаку.

Авганистанските сили кои продолжија да се борат многу напорно до април, одеднаш беа изневерени и лишени од американската воздушна поддршка и американските контрактори  неопходни за управување со хеликоптерите што токму САД им ги донираше.  Ова губење на способноста, и пред се’ моралот, предизвика тотален колапс на авганистанската војска. За неколку дена, земјата беше во рацете на Талибанците. Сојузниците на Америка, кои речиси и не беа консултирани, беа понижени. И милиони Авганистанци ги загубија своите можности, својата иднина, својата земја и нивните човекови права, преку ноќ.

Прашањата што се поставуваат одат подалеку од Авганистан. Како можат САД, за помалку од една деценија, да ја превртат и уништат секоја претпоставка за нивната надворешна политика, сојузи и интереси? Како може да се прибегне од најпреувеличената  вера во својата улога до подеднакво екстремен очај и немоќ, зачувувајќи го цело време надреалниот јаз помеѓу реториката и авганистанската реалност? Зошто САД се неспособни за трпение и умереност?

Рори Стјуарт, поранешен член на британската влада којшто долги години живеел и работел во Авганистан. Сега е предавач на Џексон Институтот при Универзитетот Јејл.

Неуспешно стратешко размислување, затворено за опции

Во Авганистан, победата беше секогаш малку веројатна, а излезот, многу комплициран. За една таква војна да не стане мочуриште, требаше стратешко размислување што беше експанзивно и гледаше напред. За жал, Вашингтон беше почесто кусоглед, барајќи остварливи опции што би можеле да ја направат војната помалку скапа и да спасат американски животи.

Проблемот беше јасен прилично рано. Драматичната победа на САД над Талибанците во 2001 година ја остави администрацијата на Буш со прекумерна самодоверба, што доведе до тоа да ги отфрли мерките што би можеле да го одложат или разводнат  идното насилство по многу ниска цена.

Во 2001 и 2002 година, на пример, Талибанците беа подготвени да учествуваат во политичкиот процес, но Вашингтон постојано ја отфрлаше можноста. Во исто време, САД беа бавни при градењето армија и полиција за одбрана на Авганистан. Пет години беа доволно време за регрутирање војска, но до 2006 година беа обучени само 26.000 авганистански војници. Кога Талибанците нападнаа таа година, имаше малку што да ги спречи. Ако администрацијата на Буш ги разгледуваше можностите за  мировни преговори и градеше подобри авганистански сили, Талибанците ќе беа послаби, владата ќе беше посилна, а САД ќе носеа помал товар.

Администрацијата на Обама на сличен начин ги ограничи своите опции. Во 2009 година, Пентагон  предложи да се зголеми драматично бројот на  војници во Авганистан и да се спроведе стратегија за задушување на  бунт, а администрацијата се согласи со тоа, без сериозно да размисли за отфрлање на ескалацијата. Помеѓу 2009 и 2011 година, бројот на американски војници во Авганистан надмина 100.000, по цена од околу 100 милијарди долари годишно. Поголемиот дел од американските жртви за време на целата војна – 1.230 загинати и повеќе од 12.500 ранети – се случија токму во тие години, но малку може да се сугерира дека ситуацијата на теренот во Авганистан ќе изгледаше многу поинаку во 2016 година, ако порастот на војската никогаш не се случеше.

Администрацијата на Трамп усвои уште повеќе кусогледа стратегија со единствено фокусирање на повлекувањето. Доколку САД беа доволно трпеливи да ја искористат  својата предност, разговорите што ги водеа со Талибанците можеа да произведат прифатлив компромис. САД можеа да ги натераат  Талибанците да се обврзат не само на воздржување од терористички напади врз американски цели, туку и да постигнат некаква политичка спогодба со владата во Авганистан. Наместо тоа, администрацијата невнимателно притискаше за договор што беше тешко да се спроведе. Договорот се распадна веднаш по неговото потпишување во февруари 2020 година и доведе до настаните  од август оваа, 2021 година.

На сите овие администрации им недостасуваа навики што требаше да ја негуваат далекугледоста. Тие често ги занемаруваа разузнавачките информации  коишто беа во спротивност со нивните очекувања и ги отфрлија мерките на претпазливост што можеа да ги преземат по ниска цена. Војската се обиде прво да ја добие војната, а потоа да избегне да ја загуби. Цивилните службеници се обврзаа на единствена визија за иднината и не размислуваа за план за излез  доколку таа перспектива не се оствари.

Доколку САД имаа поширок поглед, можеше да искусат  помалку скапа, помалку насилна војна во Авганистан.

Картер Малкасиан, автор на книгата „Американската војна во Авганистан: Историја“ (The American War in Afghanistan: A History).

(Крај)

Continue Reading
Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка