економија
Што ја качува просечната плата среде корона – криза?

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, пораснала за 2,7%.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита (12.4 %), Уметност, забава и рекреација (8.4 %) и Информации и комуникации (8.3 %).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (7.7 %), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (5.9 %) и Информации и комуникации (5.4 %).
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2021 година, изнесува 28. 272 денари.
Министерот за здравство Венко Филипче се пофали на својот ФБ профил дека платите во здравството постојано растат и значително придонесуваат во растот на просечната плата.
Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист ја зголемивме за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%. На општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%“, напиша Филипче.
Во меѓувреме, бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари лани на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32% на 37%, покажува анализата на Здружението ЗМАИ. Стапките на пад на примања се најизразени кај младите и жените.