свет
Ѓоковиќ повторно остана без виза

Австралискиот министер за имиграција ја укина визата на српскиот тенисер, со образложение дека го штити јавниот интерес, безбедноста и здравјето на неговите сограѓани. Во игра се четири можни сценарија за расплет на драмата околу настапот на Ѓоковиќ на Аустралиан Оупен во Мелбурн.
Најдобриот светски тенисер во моментов, Новак Ѓоковиќ, повторно остана без виза за влез во Австралија, откако министерот за имиграција Алекс Хоук му ја укина денеска. Адвокатите на Ѓоковиќ веќе подготвуваат жалба на оваа одлука, но ако таа му биде одбиена, ќе треба да си замине од земјата. Тоа би било тежок удар за него, со оглед дека нема да може да ја брани титулата на Гренд Слем турнирот што почнува во Мелбурн во понеделник.
Министерот за имиграција Хоук му ја одби визата на Ѓоковиќ со образложение дека тоа било во јавен интерес. Во соопштението наведува дека одлучил да го искористи своето овластување според член 133C(3) од Законот за имиграција. Одлуката на Хоук се чекаше неколку дена, откако федералниот суд донесе одлука во корист на Ѓоковиќ.
Да потсетиме, по слетувањето во Австралија на 5 јануари, тенисерот беше задржан од федералните власти во хотел за имигранти и бегалци. Следеше судско сослушување, на коешто судијата Ентони Кели му одобри виза. Сепак, државата имаше уште еден механизам на одлучување, а министерот за имиграција одлучи да го искористи.
Од Associated Press, наведуваат четири можни сценарија по оваа одлука на Хоук:
- Ѓоковиќ да го прифати второто одбивање на визата и да ја напушти Австралија;
- Вложува жалба на одлуката, судот пресудува во негова корист и останува да игра на Аустралиан Оупен;
- Вложува жалба на одлуката, судот не ја уважува, и ја напушта Австралија;
- Добива на суд, но владата се жали на таквата одлука. Тогаш ќе мора да се пресуди дали останува или излегува од имигрантски притвор и дали може да игра на АО додека трае жалбената постапка.