Connect with us

интервју

Ѓорѓе Војновиќ: И во услови на неизвесност предизвикани од пандемијата работевме стабилно и сигурно

Ѓорѓе Војновиќ, Главен извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје

објавено

на

„Во 2020 година, Триглав Осигурување работеше добро, следејќи ги внимателно стратешките насоки на групацијата и успешно справувајќи се со предизвиците предизвикани од вонредните услови на пандемијата. Континуираната водечка позиција на пазарот на неживотно осигурување, којашто ја задржавме и во 2020-та година, и покрај намалениот обем на осигурување, го потврдува квалитетот на услугите што ги нуди компанијата.“

Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата не го одмина ниту осигурителниот сектор минатата година, па после повеќегодишен континуиран раст на вкупната осигурителна премија во државава, во 2020 г. е забележан пад од 4,89% на 10,07 милијарди денари (околу 164 милиони евра), покажуваат податоците на Националното биро за осигурување. Падот е речиси идентичен и кај неживотното осигурување, 4,88%, на 8,33 милијарди денари бруто полисирана премија, и 4,93% кај животното осигурување, со премија од 1,74 милијарди денари.

Разговаравме со г. Ѓорѓе Војновиќ, директорот на Триглав Осигурување, најголемата осигурителна компанија на македонскиот пазар според уделот во вкупната премија, околу предизвиците во работењето што ги наметна пандемијата, како неговата компанија одговори на новите околности и кои се стратешките планови за понатамошниот раст и развој.

Г. Војновиќ, прво една генерална оценка да дадете ве молам околу влијанието на пандемијата врз осигурителната индустрија во земјава: кои се клучните промени и трендови што ги предизвика здравствената криза?

Пандемијата на корона вирусот имаше влијание врз целокупниот деловен и социјален живот во земјата. Сите ние се соочивме со ситуација со многу непознати и моравме да најдеме начин на функционирање, кој што ќе обезбеди континуитет во работата и воедно ќе го заштити здравјето на вработените и на клиентите. Сето ова секако има влијание и врз осигурителната индустрија, особено во сегментите чии индустрии се најпогодени од пандемијата, како и сегментите во кои што нашите животи најмногу се променија.

Оцена и на Агенцијата за супервизија на осигурување е дека осигурителниот сектор функционира стабилно, а за да го поддржи тоа, Агенцијата воведе мерки и измени во правилници, коишто придонесуваат кон одржување на капиталот и солвентноста на компаниите, со цел да се заштитат правата на осигурениците.

Како Триглав Осигурување, компанија активна во делот на неживотно осигурување, се справи со предизвиците во 2020? Со какви резултати ја завршивте годината и какви се проекциите за до крајот на 2021?

Триглав континуирано внимателно ги следи случувањата поврзани со пандемијата и упатствата на надлежните институции во државата и постојано воведуваме мерки за превенција и заштита на вработените и на клиентите. Безбедноста и превенцијата секогаш ќе бидат наши приоритети.

Од самиот почеток на вонредната состојба, ги интензивиравме нашите напори во насока на дигитализација на услугите и на деловно работење на далечина и ги презедовме сите мерки, на клиентите да им обезбедиме непречена комуникација со компанијата и услуги од далечина во сите домени на работењето – склучување и продолжување на осигурување, пријава на штети, плаќање сметки, консултации, итн. 

И покрај фактот што компанијата работи во вонредни услови, клиентите имаат непречен пристап до сите услуги, и може да се забележи дека сѐ поголем број клиенти го прифаќаат и преферираат тој начин на работа, барем во овие околности. Се фокусиравме и на општествената одговорност, за којашто верувам дека е исклучително важна во вакви ситуации и помагаме на здравствените институции во земјава, донираме компјутерска опрема како поддршка на онлајн наставата итн.

Во 2020 година, Триглав Осигурување работеше добро, следејќи ги внимателно стратешките насоки на групацијата и успешно справувајќи се со предизвиците предизвикани од вонредните услови на пандемијата.

Континуираната водечка позиција на пазарот на неживотно осигурување, којашто ја задржавме и во 2020-та година, и покрај намалениот обем на осигурување, го потврдува квалитетот на услугите што ги нуди компанијата. Според неревидираните резултати, адекватноста на капиталот, како индикатор за заштитеноста на компанијата од капитални ризици, како и техничките резерви на компанијата, за покривање на идните обврски од осигурување, во 2020-та година беа зголемени, споредено со претходната година, што дополнително укажува дека Триглав, во услови на несигурност, предизвикани од пандемијата, работеше стабилно и сигурно, ефективно прилагодувајќи се на тешките деловни услови, потврдувајќи го и на тој начин фокусот на компанијата кон клиентите.

Колку Ковид – кризата ги натера луѓето повеќе да се заинтересираат за дополнителното здравствено осигурување? Се забележува ли значителен пораст на побарувачката за овие полиси? Дали приватното здравствено осигурување ќе биде новиот бум во осигурителната индустрија допрва, како што тоа беше своевремено со животното осигурување? Какви се вашите прогнози?

Триглав Осигурување нуди доброволно приватно здравствено осигурување од 2015 година. Овој сегмент е од стратешко значење за нас, и во неговиот развој континуирано инвестираме. Воведуваме новини и надградувања на производите коишто ги нудиме, меѓу кои се специјалистичкото вонболничко и болничко лекување, осигурувањето на операции, осигурувањето на малигни болести, а од неодамна на пазарот го воведовме и SOS пакетот, којшто нуди покритие за операции и за тешки болести. Овие производи нудат квалитетна и комплексна здравствена заштита и прилагодени се на можностите и на потребите на клиентите.

Од самиот почеток можеме да забележиме континуиран раст во интересот за доброволното приватно здравствено осигурување во резидентниот и особено во корпоративниот сегмент, каде компаниите го препознаваат потенцијалот на производот како одлична алатка за зачувување на задоволството и лојалноста на своите вработени. Овој тренд беше задржан и во 2020 година.

Веруваме дека интересот за овој вид осигурување и натаму ќе расте. Ситуации како оваа, предизвикана од коронавирусот, секако нѐ мотивираат да размислиме за најважните аспекти во нашите животи, особено за сопствената и за сигурноста на нашите семејства. Не можеме ни да замислиме какви сѐ ризици нѐ демнат и што сѐ може да се случи, а оваа пандемија нѐ научи токму на тоа. Веруваме дека токму осигурувањето е дел од одговорот како да се справуваме што подобро со вакви ситуации и како да ги надминуваме ризиците, коишто животот неминовно ги носи.  Фактот дека осигурувањето е инвестиција, а не трошок никогаш не бил повеќе издржан. Особено затоа што здравственото осигурување е поддршка и финансиска заштита во најкритичните моменти во животот на луѓето. 

Дополнително, убедени сме дека позитивен ефект ќе имаат и даночните олеснувања, коишто започнаа да важат од 01/01/2021 година и коишто веруваме ќе придонесат кон зголемување на интересот за овој вид осигурување во корпоративниот сегмент.

Во кои осигурителни класи гледате исто така потенцијал на македонскиот пазар? Познато е дека во делот на имотното осигурување, на пример, се’ уште има голем простор, односно голем број неосигурени станови и куќи… Какви се вашите планови и активности на ова поле?

Осигурувањето во целост, како индустрија, има голем потенцијал. Работиме на промена на  перцепцијата на луѓето дека осигурувањето чини многу и дека не можат да си го дозволат. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да ги уверам сите дека континуирано работиме на прилагодување на нашите производи на можностите и на потребите на клиентите.

Истото може да се каже и за имотното осигурување. Домот е местото каде започнува нашата приказна и една минута е доволна го промени нашиот живот од корен. Да донесеме правилна одлука и да го заштитиме она што ни е најважно. Триглав во овој домен нуди различни можности, сѐ со цел да понуди релевантни решенија за своите клиенти.

Планираме и сосема нови производи, за коишто веруваме дека условите на пазарот созреале и како потреба стануваат актуелни.

Факт е дека осигурувањето е вткаено во секој аспект од нашите животи и потребата за него во чекор го следи технолошко-социјалниот развој. Дали зборуваме за домот, или за нашето и за здравјето на нашите најблиски, или пак за материјалните добра, кои што неуморно работиме да ги обезбедиме за нашите семејства, осигурувањето е тоа што нѐ штити и, во услови на несигурност, го прави животот побезбеден и ни дава шанса неоптоварени да правиме планови за иднината.

Какви се вашите прогнози и очекувања за движењето на економијата во 2021, како и за перспективите на осигурителниот сектор? Кон што ќе се фокусира Триглав Осигурување годинава, кои се клучните цели?

Минатата, 2020, беше година исполнета со предизвици и неизвесност и тие секако ќе продолжат и во 2021 година. Со почетокот на пандемијата агилноста ја издигнавме на уште повисоко ниво, прилагодувајќи го брзо и ефикасно начинот на работа во согласност со условите на пазарот и воопшто во општеството, а тоа секако ќе продолжиме да го применуваме и оваа година.

Осигурителниот пазар во земјата е многу конкурентен и динамичен, а работата и животот во услови на пандемија се дополнително оптоварени, но Триглав има јасна визија и стратегија што сака да постигне.

Континуираната лидерска позиција и стабилното деловно работење на Триглав Осигурување се должат токму на стратегијата и внимателното запазување на стратешките насоки на компанијата и на групацијата. Во нашиот фокус се клиентите, со кои градиме однос на доверба, а нивното задоволство и лојалност ги обезбедуваме преку  соодветно прилагодени осигурителни решенија и услуги со висок квалитет.

Долгорочната профитабилност во работењето и зголемувањето на вредноста на компанијата и на групацијата се целите коишто ја обезбедуваат потребната сигурност за клиентите, вработените, акционерите и сите наши соработници. Важен интерен проект, којшто верувам дека има исклучително големо влијание на сите аспекти на работењето е развојот на организациската култура во компанијата во уште поагилна и спремна на соработка, како и континуираната надградба на вработените.

Градењето на почитување, доверба и сигурност во долгорочните односи со соработниците, клиентите, партнерите и другите засегнати страни е темел за постигнување на стратешките цели на сите нивоа на нашето работење. Во минатото поставивме цврсти темели и ги следевме зацртаната визија и стратешките насоки, одржуваме добра капитална позиција и финансиска стабилност. И тоа е добар патоказ за иднината.

Кои се најзначајните промени што од аспект на дигитализација се случуваат во осигурителната индустрија и како е тука Триглав позиционирана? Што може да се очекува во делот на иновациите, новите продукти, канали за продажба и сл., во периодот што претстои?

Како и сите останати индустрии, така и осигурителната се стреми кон прилагодување на условите за работа, но и на потребите на клиентите. Од една страна, навистина е важно да им овозможите на клиентите и оние кои потенцијално се заинтересирани лесно да ви пристапат по потреба, но од друга страна секако е важно да бидете релевантни и да го понудите на пазарот она што навистина му е потребно. Да не заборавиме дека ја имаме и одговорноста да ги градиме навиките, да едуцираме за бенефитите, да го движиме развојот на индустријата, да креираме современи решенија за актуелни предизвици. Во сите сегменти од работењето и животот.

Дигитализацијата, којашто секако е дел од стратегијата на Триглав, доби една сосема нова димензија и приоритет со појавата на пандемијата. Компанијата ќе продолжи да развива дигитални алатки за поедноставување на процесите и унапредување на услугите и да воведува нови продажни канали, како и иновативни решенија за производи, во согласност со развојот на индустријата, но пред сѐ, во согласност со потребите на постојните и на потенцијалните клиенти.

Нашите конкурентски предности и внимателно одбраните вредности, според кои работиме, ги користиме да ја задржиме цврстата лидерска позиција во доменот на неживотно осигурување и да растеме во другите осигурителни сегменти, а воедно единствени на пазарот, како групација можеме да понудиме квалитетни консолидирани решенија во доменот на имотни, здравствени, животни и пензиски осигурувања. Во фокусот на нашите активности останува достапноста на услугите до клиентите, чие задоволство и лојалност се наш стратешки приоритет. Како дел од групација, којашто повеќе од 120 години гради финансиска стабилност и посигурна иднина за сите свои клиенти, вработени и соработници, остануваме сигурен партнер и се стремиме да станеме уште подобри и вредни за доверба.

Continue Reading
економија7 дена ago

Алексова, ТУК: Неповратна финансиска помош за спас на туризмот и угостителството

банки7 дена ago

Fitch Rating повторно го потврди кредитниот рејтинг на ПроКредит Банка на “БББ-“

економија6 дена ago

Помала премија за речиси 5% или 8,5 милиони евра во 2020

македонија6 дена ago

Опасниот вирус на лагите е сојузник на Ковид – 19

економија6 дена ago

Властите задоволни од ефектот на антикризните мерки, бизнисот бара уште

технологии / компании2 дена ago

ПроКредит Банка прва банка во земјата со 70% електричен возен парк

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Управување со ликвидноста и cash gap

свет6 дена ago

Како еден град станува паметен?

македонија6 дена ago

Амбициозен инвестициски план: ќе бидат вложени преку 105 милиони евра во нови маркети и други содржини

lifestyle6 дена ago

Марк Кјубан: Станете експерт во тоа што го работите. Тоа ќе ви даде предност затоа што повеќето луѓе не го прават тоа.