технологии / компании
Алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција: ја олеснуваат работата во многу сектори, но се и опасност за милиони работници
Алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција

Иако можностите што им ги нудат на компаниите се многу големи и работодавците едвај чекаат пристапот до генеративните AI алатки да биде широко достапен, загрижувачки е колку нивната употреба ќе ја намали побарувачката за човечка работна сила и како ќе влијае на општествените процеси во иднина.
Кога сезнајниот ChatGPT “проговори“ кон крајот на минатата година, им се раздени на многу компании. И додека љубопитниот народ ширум светот се забавуваше поставувајќи бизарни прашања за ова последно достигнување на вештачката интелигенција (AI), а ChatGPT, на пример, се обиде да објасни во песната што ја напиша за мачката Маша дека таа не е злобна, туку само сака да биде прифатена, компаниите се занимаваа со неговиот огромен потенцијал за зголемување на продуктивноста на трудот.
Во исто време, работниците кои знаат нешто за моќта на технологијата и влијанието на вештачката интелигенција врз трансформацијата на општеството, го сфатија ChatGPT како опасен конкурент на пазарот на трудот кој наскоро може да ги десеткува работните места на луѓето во многу професии и индустрии.
Копилотот на Microsoft
Иако засега генеративните AI алатки кои можат да пристапат до е-пошта, CRM и документи служат како помошници на вработените, прашање е кога тие ќе ја преземат и главната улога во некои индустрии.
Благодарение на големите јазични модели (Large Language Models), моќните алатки можат да резимираат и објаснат текст, да составуваат електронски пораки и белешки за состаноци, да креираат агенди, па дури и да анализираат податоци од табели. Вакви алатки, кои ги има се’ повеќе, се креирани и поседувани од најголемите технолошки компании, но и се’ повеќе стартапи развиваат вакви апликации наменети за одредени активности, како маркетинг, адвокатура, осигурување…
Но, засега најголемите светски технолошки компании Microsoft и Google се доминантни на полето на генеративните алатки за вештачка интелигенција и тешко е да се поверува дека кој било стартап, без разлика колку е иновативен неговиот производ, би можел да се натпреварува со нив. Microsoft, во партнерство со компанијата OpenAI, создаде AI Copilot, кој може да се користи на поедноставен начин за пишување кодови; исто така копилотот се наоѓа и во Windows 11.

Не е наменет само за програмери и развивачи на софтвер, туку и за други, но засега е достапен само за деловните корисници со покана. Microsoft 365 Copilot користи големи јазични модели за автоматизирање на задачите во рамки на лепезата од работни апликации како што се Word, Excel, PowerPoint, Outlook и Teams. Со Copilot, корисниците можат да користат генеративна вештачка интелигенција за изготвување текст во Word, проекции во PowerPoint и анализа на податоци во Excel за да креираат дијаграми и графикони. Во Outlook, Copilot може да составува е-пошта, а во Teams, резимеа на состаноци во реално време, што е многу корисно за оние кои пропуштиле дел од состанокот, бидејќи оваа алатка ќе им ги сервира потребните информации.
Меѓутоа, проблемот е што Copilot, како и другите такви алатки, сè уште не е широко достапен; тој е достапен само за компаниите во програмата за платени прегледи, па дури и тогаш само со покана. Иако Microsoft најави дека ќе дозволи поголем пристап, се уште не е познато кога тоа навистина ќе се случи.
Зад Microsoft не заостанува ни Google, кој подготви колекција Duet AI алатки за своите апликации Workspace. На пример, ако корисниците на Gmail кликнат на иконата „помогни ми да пишувам“, алатката ќе им скицира план за работата што треба да ја завршат.
Од лабораторијата на Google
Duet AI во Gmail може да ја разбере содржината на добиената електронска порака и да излезе со краток, јасен и општ одговор. Дополнително, Google Slides има алатка за генерирање слики која ви овозможува да креирате визуелни слики базирани на текст доколку ви се потребни за некоја презентација и сл.
Duet AI исто така може автоматски да организира податоци во табеларни пресметки и да дизајнира сопствен план за управување со проекти со барање за одредена тема или настан. Засега, алатките за Duet AI се достапни во опкружување за тестирање наречено Labs, до кое пристап имаат само доверливи тестери, но секој што сака може да се пријави на листа на чекање и трпеливо да чека Google да обезбеди пристап до повеќе корисници.
Zoom, исто така, ги подобри своите паметни алатки. Неговата колекција Zoom IQ за видео конференции сега подготвува извештаи за состаноци во реално време користејќи го OpenAI API. Исто така, може да „размислува“ за текстуални прашања, да ги сумира разговорите од четовите на Zoom, да скицира електронски пораки според содржината на тие разговори и да пишува агенда за идните состаноци на одредена тема.
Zoom IQ, chat со вештачка интелигенција за составување е-пошта и сумирање на содржината на состаноците, наскоро треба да им биде достапен на претплатниците. Пишувањето без граматички грешки е овозможено со GrammarlyGO, апликација за граматика која неодамна ја прошири „услугата“ и на правописот.
Тоа е алатка која може да пишува нов и уредува постоечки текст и да го поттикне корисникот да дојде до нови идеи користејќи едноставни прашања. Апликацијата GrammarlyGO е достапна и бесплатна за користење, но бројот на корисници е ограничен на сто месечно. Од почетокот на јуни е достапен и Grammarly Business, кој вклучува пишување електронски пораки и сумирање на текстови кои можат да се интегрираат во Gmail и Slack.
Како измислено за адвокати
Новите генеративни алатки за вештачка интелигенција не се интересни само за компаниите, туку и за инвеститорите кои внимателно следат што е ново во таа област на стартап сцената и инвестираат во нови апликации. На пример, Spellbook, која разви истоимена апликација за адвокати, доби инвестиција од 11 милиони долари во првиот круг на собирање средства предводени од Moxxie Ventures, во кој е вклучен и сопственикот на адвокатската фирма Westlaw, Thomson Reuters.
Алатката на Spellbook заштедува време на адвокатите со скратување на анализа на документи и изготвување планови за преговарање околу правните документи и автоматски ги составува потенцијалните промени во документите. Апликацијата на Spellbook е многу популарна меѓу адвокатите и моментално ја користат 600 мали и средни адвокатски фирми ширум светот, за што плаќаат 180 долари месечно. Во исто време, на листата на чекање има 35.000 адвокати кои чекаат масовно користење на апликацијата.

До пред една година вакво нешто беше незамисливо, но денес компании како DocuSign, кои имаат многу податоци во своите архиви, можат да ги користат нив во комбинација со услугата ChatGPT за креирање на нови производи. DocuSign веќе го најави Agreement Summarization, својата нова алатка која им овозможува на корисниците читање на комплицирани договори и објаснување на едноставен јазик.
Друг пример е Deel, стартап за човечки потенцијали што развива генеративен AI помошник сличен на AI четбот, обучен врз база глобалните податоци на Deel. Таа апликација може да одговори на прашањата во врска со разни видови правна усогласеност исто како што би одговарал правник професионалец. Сепак, ниту една од овие нови алатки во моментов не е во состојба целосно да ја преземе работата на адвокатите, но во иднина, со оглед на напредокот на вештачката интелигенција, тие би можеле значително да ја преобликуваат адвокатската, односно, правничката професија.
Примена и во осигурувањето
Една од придобивките од користењето на овие алатки е тоа што во моментов им овозможува на малите правни тимови да се натпреваруваат со големите адвокатски фирми за големи зделки. И не само тоа. Се претпоставува дека генеративните AI алатки ќе станат толку привлечни за инвеститорите во новите технологии што тие ќе инвестираат во создавање на нови модели на адвокатски канцеларии со модернизирани правни трансакции кои ќе им овозможат на обичните корисници пристап до услугите користејќи персонален компјутер.
Исто така, ќе им овозможи на оние што не се правници да стекнат сопственички удели во адвокатски канцеларии. Засега адвокатите се воодушевени од апликацијата на Spellbook, бидејќи таа го преполовува времето потребно за прегледување на документите и ја зголемува ефикасноста.
Осигурителниот сектор, исто така, е сè позаинтересиран за нови генеративни AI алатки . На пример, стартапот Sixfold, кој користи генеративна вештачка интелигенција за да го забрза процесот на осигурување, веќе собра 6,5 милиони долари во првата рунда на инвестиции. Клиентите на Sixfold можат да ги пренесат сопствените прирачници за осигурување и сопственичките податоци во неговиот софтвер, кој ги обработува и дава препораки врз основа на податоците, додека осигурителите се занимаваат со нови пријави и договори за осигурување.
На пример, апликацијата на Sixfold, врз основа на податоците што ги добива за занимањето на лицето кое сака да се осигури, може да процени колку е ризична работата и колку треба да се наплати премија за осигурување. Генеративните AI алатки пополека влегуваат и во здравството и другите дејности. Иако можностите што им ги нудат на компаниите се многу големи и работодавците едвај чекаат пристапот до овие алатки да биде широко достапен, загрижувачки е колку нивната употреба ќе ја намали побарувачката за човечка работна сила и како ќе влијае на општествените процеси во иднина.