Connect with us

интервју

Јован Деспотовски: С. Македонија никогаш повеќе не треба да биде земја на евтина работна сила

Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на ТИРЗ

објавено

на

„Наидовме на позитивни реакции кај инвеститорите и подготвеност заедно да работиме на развој на мерки и програми  со кои ќе се поттикне растот на платите преку зголемена продуктивност на трудот. Вложуваме во унапредување на вештините на нашите работници, со тоа директно вложувајќи во човечкиот капитал на земјава. Оти знаењето не може никој да им го земе ниту да го однесе одовде. Од овие причини го менуваме и фокусот кон привлекување поквалитетни инвестиции кои ќе донесат повеќе пари во буџетот, но и подобро платени места. Поставуваме фер правила на игра – ќе ангажирате домашни работници, но и ќе ги платите. И ова е еден од начините како да им обезбедиме перспектива и иднина на младите овде, дома. С. Македонија не е и никогаш повеќе не треба да биде земја на евтина работна сила.“

Јован Деспотовски од пред неколку месеци фотелјата во Фондот за иновации ја замени со онаа во Дирекцијата за технолошки развојни зони. Уште на почетокот најави нов пристап во работењето на институцијата којашто допрва ќе стане “една влезна точка“ за сите потенцијални и постојните инвеститори, и странски и домашни. Кон тоа ќе придонесе и интегрирањето на агенциите за странски инвестиции и за претприемништво во рамки на ДТИРЗ, како и новиот концепт во работењето на ТИРЗ кој се базира на четири столба, за коишто Деспотовски, меѓу другото објаснува во ова интервју за „Капитал“.

Г. Деспотовски, прво да разјасниме малку некои работи за нашите читатели… Опозицијата постојано обвинува дека нивото на СДИ е ниско како никогаш досега, од Владата велат дека, напротив,  изминативе 3,5 години се потпишани преку 30 договори за нови фабрики во земјава. Кажете ве молам, колку точно договори за странски (и домашни) инвестиции во слободните економски зони се потпишани откако се оперативни владите на СДСМ, од 2017 наваму? Колку од овие потпишани договори веќе резултирале со завршени фабрики, колку се’ уште се во фаза на изградба, а колку не се воопшто почнати?

2021 година ја започнавме со нова инвестиција во ТИРЗ Скопје. Германската компанија “Ипротекс“ инвестира 5 милиони евра и отвора триесетина работни места. Мала но значајна инвестиција која е предвесник на динамична и плодна инвестициска година. Во моментов, според првичните проценки, во тек на реализација се и инвестиции во износ од над 150 милиони евра кај германски „Гересхајмер“, канадската „Магна“, американската „Дура“, турски „Пурпласт“, втората фаза инвестиции во „Костал“. Четири компании, во изминативе три месеца откако сум во ТИРЗ, најавија инвестиции во проширување на  капацитетите и повисоки плати за вработените. Во директни разговори, компаниите веќе изразија поддршка за новиот концепт во на работење и новиот начин на поддршка кој им го презентиравме поради што очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи.

Инаку во однос на статистиката само во ТИР зоните во периодот од 2017 година до сега се потпишани 20 договори за нови фабрики во земјава. Осум од нив веќе активно работат и во нив до овој момент има над 560 вработени, секако со проекција на зголемување на овој број до крајот на реализација на инвестицијата, која е различна кај секој инвеститор. Седум од нив се во фаза на изградба од кои поголемиот дел во напредна фаза и наскоро може да се очекува нивно отворање. Со неколку компании договорите се раскинати. Остануваме отворени за соработка и да сослушаме, но како дел од новата стратегија ќе се прави профилирање на инвеститорите и квалитетот на инвестицијата. Принципот на одлука е едноставен – вратите ќе се отвораат за оние што понудат повисока додадена вредност, односно повисоки плати и повеќе пари во буџетот.

Да објасниме малку за јавноста: колку е реално долго времето помеѓу првичните контакти со странски инвеститор и почнувањето на градење на фабрика? Колку компликуван и тежок е тој процес, дали имало ситуации  да се изјалови работата во последен момент, кои се обично причините во такви случаи?

Комуникацијата со потенцијалните инвеститори од иницијалниот контакт, првата посета, па се’ до нивната одлука за инвестирање и почеток на градба е долг и сложен процес. Времетраењето на процесот на преговарање е индивидуално за секој инвестициски проект и трае од неколку месеци до неколку години. Еве на пример, процесот на преговори до договор со германската компанија “Гересхајмер“, инвестиција вредна околу 15 милиони евра, траел помалку од три години, а компанијата наскоро започнува со производство.  Секако дека не сите преговори или најави за инвестиции се реализираат. Најчесто раскинувањето на договорите е поради неиспочитувани рокови за реализација на планот на активности. Но, од друга страна имаме наши корисници кои веќе најавуваат проширување на своите производствени капацитети и воведување на нови производни линии, како и вложување во активности за истражување и развој овде кај нас. Тоа е показател дека тие го препознаваат новиот пристап во нашето работење, а земјата со своите економски политики успеала да се наметне како вистински партнер на инвеститорите.

Како ја завршија фабриките од ТИРЗ исклучително тешката 2020 година, одбележана со корона – кризата, поради што имаше голем пад во светската автомобилска и другите индустрии коишто се пак, најголемите корисници на производите од слободните зони? (овде може подетално објаснување за перформансите, извозот, увозот, вработувањата, итн.)

Првичните анализи кои ги направивме покажуваат дека приходите на компаниите кои работат во ТИР зоните биле најмногу погодени од пандемијата, но имаат и најголем потенцијал за брзо закрепнување. По регистриран пад на извозот од 91%  во април, овие компании годината ја завршуваат со кумулативен пад на извозот од само 8%, кој е исто така доста понизок од државниот просек. Овие компании се носители и на извозот во земјава со удел од 45%. За целата 2020 година компаниите од ТИРЗ оствариле извоз од 2,6 милијарди евра, додека увозот изнесува 2,2 милијарди евра и има пад од 14 проценти. Ова резултира во позитивен тренд во однос на нето извозот од +17%, односно поголема покриеност на увозот со извоз во однос претходната година. Она што охрабрува е дека над 70% од компаниите се профитабилни со пораст на приходите од 8,3%, а расте и нивната уплата во државниот буџет. Имаме речиси 49% годишен пораст на позитивната разлика од она што тие го враќаат во буџетот и исплатената државна помош само од ТИРЗ, без податоци Агенцијата за странски инвестиции и царинските ослободувања.

Особено позитивно е тоа што и во година на криза овие компании го зголемиле бројот на вработени за речиси 1%, односно во моментов на платен список кај нив има 14.101 наши сограѓани. Најдоцна до 2025 година бројот на работни места, кои компаниите се обврзале дека ќе ги креираат, треба да порасне на над 21.000. Наша обврска е да ги следиме роковите за реализација на овие планови, но и да ги поттикнеме побрзо да ги креираат останатите 7300 предвидени работни места во покус рок. Веќе преземавме конкретни мерки за тоа.  На компаниите кои предвреме ги исполнуваат таргетите и обврските им излеговме во пресрет со предвремена исплата на државна помош. Ова е прв чекор со кој сакаме дополнително да го разбудиме потенцијалот на странските инвеститори за проширување на инвестициите и поголеми плати за вработените.

Инаку вакви анализи на економските движења во зоните ќе следат на месечно и квартално ниво. Тие ни се основа за градење на инвестициската политика и мерки, која мора да биде базирана на реални бројки ако сакаме да имаме реални ефекти.

Отворено рековте дека не сте задоволен со нивото на платите во ТИРЗ, коишто се под нивото на државниот просек и дека развивате посебна мерка со која инвеститорите ќе се поттикнат да ги зголемат платите за 30 до 50% до 2024 година. Објаснете ја таа мерка, што конкретно планира Дирекцијата?

Фактот што 14.000 наши сограѓани и во време на криза имаат сигурни работни места во компаниите во индустриските зони охрабрува, но разбирливо, човек не може да биде задоволен ако напредно технолошки компании исплаќаат плати под државниот просек. Проблемот го лоциравме и не треба да го премолчиме туку мора отворено да се зборува, за да стигнеме до најдобро решение и да поттикнеме раст на платите. Ова ни беше мотив да спроведеме анализа со која ќе утврдиме каде се наоѓа неискористениот потенцијал кај инвеститорите за раст на платите. Си поставивме цел – до 2024 година вработените во овие компании да добиваат 30-50 проценти поголеми плати. Наидовме на позитивни реакции кај инвеститорите и подготвеност заедно да работиме на развој на мерки и програми  со кои ќе се поттикне растот на платите преку зголемена продуктивност на трудот. Вложуваме во унапредување на вештините на нашите работници, со тоа директно вложувајќи во човечкиот капитал на земјава. Оти знаењето не може никој да им го земе ниту да го однесе одовде.

Од овие причини го менуваме и фокусот кон привлекување поквалитетни инвестиции кои ќе донесат повеќе пари во буџетот, но и подобро платени места. Поставуваме фер правила на игра – ќе ангажирате домашни работници, но и ќе ги платите. И ова е еден од начините како да им обезбедиме перспектива и иднина на младите овде, дома. С. Македонија не е и никогаш повеќе не треба да биде земја на евтина работна сила.

Има еден карактеристичен  момент во презентацијата што ја направивте деновиве за економските движења во ТИРЗ, а тоа е дека  планираните инвестиции од страна на корисниците на зоните според писмата за намери е 454 милиони евра, додека планираните инвестиции според склучените договори се 352 милиони евра. На што се должи оваа разлика од преку 100 милиони евра, што се случува помеѓу двете фази на инвестицискиот циклус за до толку да се намалат првичните проценки на инвеститорите за тоа колку треба да вложат во своите фабрики во ТИРЗ?

Разликата се должи на измените кои инвеститорите ги направиле во фазата на преговори до инвестиција. Првичната анализа ни покажа зошто инвеститорите се порезервирани во однос на проекциите – бидејќи во дел од договорите има и казнени одредби доколку не се остварат проектираните цели. Нашиот пристап е да има одредено минимално ниво на инвестиции над кое компаниите ќе имаат слобода да ги зголемуваат и да добијат поддршка, но без да стравуваат од било какви последици доколку не се остварат. Сепак, напомнувам дека во договорите ќе има зацртано минимално ниво на инвестиции. Верувам дека со овој пристап, не само овие 100 милиони евра разлика кои сега ги имаме како резерва, туку многу повеќе средства ќе се вложат во проширување и изградба на нови капацитети. Еден таков пример е еден од постојните инвеститори кој заради ваквиот наш пристап веќе го зголеми нивото на инвестиција за 30%.

Колкава државна помош (директна и индиректна) користеле фабриките во ТИРЗ изминативе три години вкупно?

Во изминативе три години ТИРЗ има исплатено над 37 милиони евра на компаниите за реализација на нивните инвестиции во зоните по основ на државна помош и други исплати како  даночни и царински ослободувања. Само во 2020 година се исплатени над 10 милиони и 600 илјади евра на 29 компании, а дополнително е одобрена и предвремена исплата на над 50 милиони денари од државните обврски кон две компании, „Костал“ и „Гентерм“ за тоа што ги достигнаа таргетите за инвестиции и вработување пред предвидениот рок.

Од друга страна за 2019 година, државата добила над 10 милиони евра позитивна разлика од уплатените и исплатените средства од инвеститорите. Со новиот пристап во работењето и мерките што ги воведуваме, очекувам овој износ значително да се зголеми во следните години.

Инаку и во овој дел воведуваме нова пракса на презентација на дел од договорите за државна помош, плановите, инвестициски проекции и плати. Ова веќе го започнавме со неодамна при потпишување на договорот со компанијата “Ипротекс“, а оваа пракса ќе продолжи и за сите останати активни и потенцијални инвеститори.

Каков е интересот на домашните компании за градење капацитети во ТИРЗ и колку домашни инвестиции се реализирани во последниве три години?

До сега за жал имаме само една македонска компанија  која инвестирала во индустриските зони иако законската можност е отворена уште во 2018-та. Ние решиве ова да го промениме и да го “активираме“ потенцијалот и на домашните инвеститори. Затоа ги креваме рампите во зоните и за нив нудејќи им ги истите услови, поддршка и привилегии како и на странските. “Пакетот“ за поддршка веќе не е привилегија само за странските инвеститори туку на него ќе имаат подеднакво право  сите кои ќе понудат квалитетен инвестициски план.

Веќе работиме на таргетирана кампања за презентација на можностите за државна помош, а секој потенцијален инвеститор, и странски и домашен, од сега ќе добива индивидуализирана понуда за поддршка од државата како и нов “персонализиран“ систем на корисничка грижа.

Недоволното вклучување на домашните компании како субконтрактори на фабриките на странските инвеститори постојано се истакнува како предизвик во домашната економија. Странците велат дека тоа што може да искористат, го користат, додека за поголем обем фали квалитет, стандарди, асортиман кај домашните добавувачи. Каква ќе биде политиката на Дирекцијата на ТИРЗ во насока на подобрување на оваа состојба на среден и долг рок?

Во годишната програма за работа предвидуваме нова мерка за технолошко унапредување на домашните компании што имаат потенцијал за вклучување во синџирите за снабдување на странските компании во зоните. Со помош на ко -финасирање од државата тие треба да станат поконкурентни и да добијат меѓународно признаени сертификати за квалитет и степен на продуктивност. Видете, само нивно вклучување во снабдување на “пазарот“ во зоните кој е над 3 милијарди евра веќе ќе им донесе значителен бенефит. Од друга страна на овој начин истовремено им се отвораат можности да станат конкурентни и надвор од границите на земјава. Значи, преку сет мерки за конкретна и едноставно достапна поддршка од државата ќе се поттикне поинтензивен инвестициски циклус кај домашните компании годинава, што ќе придонесе и кон раст на извозот.

Каков нов квалитет ќе донесе интегрирањето на агенциите за претприемништво и за инвестиции во рамки на Дирекцијата на ТИРЗ, какви придобивки за инвеститорите и развојот на бизнис климата генерално?

С. Македонија е мала земја и нема можност да се „луксузира“ со своите ресурси, и институционални и човечки. Од друга страна странските инвеститори наместо да лутаат по различни агенции или дирекции треба да имаат “една врата на која ќе тропнат“. Токму новиот концепт на работење на Дирекцијата меѓу другото предвидува и креирање на “една влезна точка“ за сите потенцијални и постојните инвеститори, и странски и домашни. Со ова нудиме олеснет и поедноставен пристап до услугите, можностите и помошта која им ја нуди државата. Оваа рационализација предвидува интегрирање на агенциите за странски инвестиции и за претприемништво во рамки на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони со што нивните постојни човечки ресурси ќе се искористат за спроведување на новиот концепт на работа на ТИРЗ. 

Ги креваме рампите во зоните и за домашните инвеститори

До сега за жал имаме само една македонска компанија  која инвестирала во индустриските зони иако законската можност е отворена уште во 2018-та. Ние решиве ова да го промениме и да го “активираме“ потенцијалот и на домашните инвеститори. Затоа ги креваме рампите во зоните и за нив нудејќи им ги истите услови, поддршка и привилегии како и на странските. “Пакетот“ за поддршка веќе не е привилегија само за странските инвеститори туку на него ќе имаат подеднакво право  сите кои ќе понудат квалитетен инвестициски план.

Ќе креираме профил на инвеститор по мерка на интересите на државата и економијата

Објаснете ве молам малку подетално за новиот пристап во привлекувањето СДИ што ќе го применувате како Дирекција на ТИРЗ во периодот што следи? Што се’ планирате да правите со цел привлекување инвеститори, со, како што рековте, повисок квалитет и поголема додадена вредност на производството?

Новиот концепт во работењето на ТИРЗ се базира на четири столба: привлекување странски инвестиции со поголем квалитет, отворање кон домашните инвеститори, нов систем на државна помош “по мерка“ на потенцијалниот инвеститор дополнет со сет мерки за зголемување на плати и поголема продуктивност на трудот, како и нов концепт на “after care“ односно грижа за корисници.

Во пракса, ќе креираме профил на инвеститор по мерка на интересите на државата и економијата. Согласно овој профил, ќе таргетираме сектори во кои ќе се насочиме со целосна „артилерија“ за да стигне информацијата за можностите до сите потенцијални инвеститори. Домашни или странски, потполно еднакво. На сите што ќе ни пристапат, ќе направиме проценка колку се сериозни, колку „тежи“ постојниот и новиот бизнис што го предлагаат, каков тек на приходи планираат, ниво на плати и работни места. Од оваа анализа, односно профилирање, однапред ќе знаеме колку и кога државата и граѓаните ќе добијат назад за секое евро што би се дало како поттик за инвестирање, за секој м2 државно земјиште.

Овој пристап подразбира и да направиме споредба со сегашните движења во зоните, не за да критикуваме претходно, туку за да знаеме каде се предностите, а каде се слабите страни на досегашните политики. Овој пристап подразбира и отворање кон други сектори на економијата, особено во делот на услугите, каде и додадената вредност е повисока.

Согласно овие бројки, ќе можеме да креираме пакет за поттикнување на секоја инвестиција за која сметаме дека е од интерес за државата, но и за инвеститорот. Воведуваме динамичен модел на работа, наместо досегашниот, што е доста статичен и нефлексибилен.

Во делот на корисничка грижа воведуваме принцип на “една влезна точка“. Го поедноставуваме пристапот до услугите за компаниите и обезбедуваме персонализирана поддршка за нивните барања и потреби. Вложуваме и во подобра инфраструктура. За 2021 се подготвува инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во повеќе зони кој за првпат е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби.

Истовремено започнуваме и со регионална иницијатива за соработка преку формирање на платформа која ќе ги обедини дирекциите како нашата и институциите од останатите земји кои се задолжени за поттикнување на инвестиции. Пандемијата покажа дека колку е подолга географската рута, подразбира повеќе ризици, поради што Западниот Балкан станува дополнително интересен и примамлив за инвестиции.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија1 ден ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија2 дена ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании2 дена ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет2 дена ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион2 дена ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија2 дена ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија2 дена ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки6 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет5 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

македонија2 дена ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал