економија
Јован Деспотовски, ТИРЗ: Го “снимивме длабински“ инвеститорот во електрични возила, не даваме пари однапред, имаме заштитни механизми, очекувам успешен проект

„Не даваме пари однапред туку компанијата е обврзана да исполни обврски како што е градба на фабрика, набавка на технологија и други услови предвидени со договорот. Меѓу другото, и отворање на предвидениот број од близу 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата.“
Пред неколку денови, точно на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, во Тетово беа удрени темелите на новата инвестиција, фабриката за електрични возила е.Go на германската компанија Next.E.GoMobile.
Инвеститорот, којшто стои зад германската компанија е всушност компанијата Еколог од Тетово, во сопственост на семејството Дестани, чијшто главен бизнис повеќе од 20 години е логистичка поддршка и услуги за потребите на НАТО алијансата и сојузничките капацитети лоцирани на Косово, Авганистан, итн.
Инвестицијата ќе изнесува 130 милиони евра, треба да се вработат околу 900 луѓе во првата фаза, а државата, преку Дирекцијата за ТИРЗ ќе му исплати државна помош на инвеститорот, во износ којшто, според директорот на Дирекцијата, Јован Деспотовски, ќе изнесува до 35% од вкупната вредност на инвестицијата.
Веста за фабриката предизвика различни реакции кај јавноста, од позитивни, во смисла на поддршка на секој ваков тип на бизнис потфат од страна на домашни/странски инвеститори, до крајно негативни и скептични коментари околу веројатноста за успех на овој проект и евентуалното завршување со фрлање државни пари во ветер.
Разговаравме со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Деспотовски за да разјасниме некои недоумици и прашања што се појавија деновиве кај македонската јавност во врска со најавената нова инвестиција во Тетово.
-Прво, има забуна околу самиот износ на инвестицијата: прво беше спомната сума од 720 милиони евра и 3-4.000 вработувања, потоа 130 милиони евра, и 900 вработувања. Дали почетната инвестиција е 130 милиони евра, со план да се стигне во перспектива до 700?
Од секогаш сме биле прецизни во податоците што ги објавуваме поврзани со ТИРЗ, па оттука не ја сфаќам желбата и обидите да се злоупотребат бројките за политички потреби. И овој пат сум јасен- во инвестицискиот план и потпишаниот договор компанијата се обврзува да реализира инвестиција од 130 милиони евра во следните пет години, што се наменети за вложување во објект и инсталирање на нова технологија за производство на електрични возила. Исто така се обврзува да отвори околу 900 работни места. Според деловниот план, инвестицијата во целост ќе се реализира до 2024 година, за кога е предвидено и пробно производство од овој капацитет. Почетокот на градежните работи е предвиден за 6-8 недели. Отворена е и можноста за проширување, но ние ќе настојуваме првата фаза да се реализира целосно пред да почнеме со проширувањето.
-Во врска со претходново е и оваа недоумица: колку државна помош всушност ќе добие компанијата? Некаде известуваат дека помошта е 130 милиони евра, што веројатно не е возможно доколку почетната вкупна инвестиција е толку… И, во што конкретно ќе се состои државната помош?
Од самиот почеток сме многу прецизни. И тука ќе повторам уште еднаш, државната помош нема да надмине 35 отсто од вкупната инвестиција, а доделувањето на средствата ќе се реализира во следните 5 години. Не даваме пари однапред туку компанијата е обврзана да исполни обврски како што е градба на фабрика, набавка на технологија и други услови предвидени со договорот. Меѓу другото, и отворање на предвидениот број од близу 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата.

Притоа, државата нема да исплати ниту денар од делот за поддршката наменет за работни места додека не видиме не само реални вработувања, туку соодветно ниво на бруто плати што се исплаќаат. Инаку во најголем дел средствата од државната помош се наменети за делумно ко-финансирање на капиталните трошоци на инвеститорот и работните места, додека компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост има обврска истите да ги плаќа државниот буџет. Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е подеднакво достапен за сите странски и домашни компании.
-Германскиот стартап досега не се прославил многу со производство и испорака на своето возило, колку што успеав да истражам по интернет. Досега е пишувано на неколку европски и светски портали дека Next.E.Go.Mobile планира фабрика во Бугарија, Грција, Мексико и Кина. Истражено ли е од наша страна што е проблемот со стартапот, зошто има толку неуспешни обиди да почне сериозно производство, колку му е всушност добра технологијата (рецензијата на германски Autobild не е воопшто розова, на пример), и кои се аргументите дека сега во Македонија, конечно ќе успее?
Лично, не би коментирал ниво на технологија ниту кај оваа, ниту кај други инвестиции. Она што е за нас важно е дека независна ревизорска куќа направи анализа и проценка на компанијата и првичниот извештај не покажа никаде индикации за сериозен ризик.
Дополнително, анализите покажуваат дека повратот на државната поддршка може да се очекува веќе во третата година од почетокот на производството, што е сосема солиден показател. Затоа очекувам дека комбинацијата на бизнис планот на компанијата заедно со заштитните механизми при реализација на инвестиција кои ги воведовме со новиот концепт на ТИРЗ ќе резултираат во успешен проект.
Сепак, станува збор за компанија која интензивно работи на развој на технологии во последниве 24 месеци, што е релативно кус период за се прават вакви проценки и медиумски анализи. Дотолку повеќе во овој контекст треба да се земат предвид пишувањата и на други светските релевантни медиуми за прогресот на компанијата и нејзиното излегување на берза.
-Каков е планот на инвеститорот, колку возила годишно ќе произведува, на кои пазари ќе ги пласира, дали му е таргет Балканот и централна и источна Европа, или и западните земји од ЕУ?
Возилата се наменети за глобалниот пазар иако како што не информираа, целта на компанијата е оваа фабрика во Тетово да стане центар за снабдување на европскиот пазар. Секако не е исклучена ниту продажба во нашата земја. Според договорот, пробното производство се очекува во 2024 година, а веќе во 2025 да започне редовно производство кое според планот треба да е 30.000 возила годишно.
-Каде е професорот од Ахен, основачот на стартапот во целава приказна, дали е тој се уште вклучен во проектот или новите сопственици ќе го развиваат производството со сосема нов тим? Се проверува ли кредибилитетот на тие луѓе, кои се, што се, колкаво е нивното искуство во индустрија за е-возила и сл?.
Се работи за компанија која е тесно поврзана со техничкиот Универзитет во Ахен кој е во топ два проценти од светските Универзитети по сите глобални рангирања и на проектот работат професионалци во своите области. Компанијата во последниве две години интензивно работи на развој на нови технологии и инвестиции во Југоисточна Европа и се работи за напредно технолошки процес. Дополнително компанијата предвидува и обука на наши млади луѓе и трансфер на технологии, како и соработка со локалните универзитети што носи уште поголема додадена вредност од целиот проект.
-Користиме ли ние како држава, односно Дирекцијата за ТИРЗ, експертиза од меѓународни ревизори, консултанти, итн.,со цел да се утврди дали проектот е одржлив, каков е бизнис планот, има ли потенцијал?
Апсолутно сите компании, потенцијални и актуелни инвеститори поминуваат низ процес на детална проверка или таканаречен „due diligence“. За таа цел ангажираме меѓународна ревизорска куќа која прави проверка на компанијата, бизнис планот, капацитетите и сл. Ова е дел од новиот концепт на ТИРЗ кој функционира веќе 18 месеци. И самите договори кои ги потпишуваме со инвеститорите содржат заштитни клаузули. Како што напоменав, доделувањето на државната помош зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и од исполнување на условите предвидени со договорот.

Ниту една компанија, ниту од актуелните корисници, не добива пари однапред туку има конкретни рокови и датуми кои треба да се испочитуваат пред да им бидат исплатени. Исто така со новиот концепт воведовме и дополнителни механизми меѓу кои и анализа на барањата за исплата на државна помош. Ревизорска куќа проверува дали се исполнети наведените активности согласно инвестицискиот план по што се врши исплата. Ова е се со цел заштита на јавниот интерес и парите на граѓаните.