Connect with us

интервју

Јоргос Папандреу: Демократијата си функционира, тоа што нè фрустрира се вика поинаку – клептократија

Јоргос Папандреу, политичар

објавено

на

Пратеникот и поранешен премиер на Грција Јоргос Папандреу во ексклузивно интервју за „Капитал“ зборува за предизвиците на современата политика преку судирот помеѓу прогресивните и силите на регресот насекаде низ регионот, Европа и светот, судир што постојано е следен од една друга битка  – онаа на луѓето кои во политиката влегуваат со визија и идеали и на нивните природни противници – тие кои ја поткопуваат демократијата преку клиентелизам и пари… многу пари. Прашањето е просто –  како да победат оние кои очигледно се малцинство!?

Се разбира дека секогаш е предизвик да се прави интервју со човек кому не му треба посебно претставување во светот на светската политика, но кога разговорот се одлепува од актуелностите и тековните прашања на ниво на политиката како визија и филозофија, предизвикот станува и задоволство.

Со Папандреу се сретнавме во една опуштена и пријателска атмосфера, некаде низ ридовите со поглед кон Егејското море – сценографија каде веројатно природно се вклопија прашањата и одговорите посветени на главната цел на  политичките сцени денес – да се врати благородноста  на политиката како професија и нејзиното разбирање како алатка за создавање на подобри општества и посреќни поединци.

Г. Папандреу, во 2003 година кога се создаваше т.н. „Солунска агенда“ европската иднина на земјите од регионот се чинеше многу сигурна. Како ги гледате перспективите на регионот денес, после толку години?

Се разбира, јас верувам во европската перспектива и во фактот што Европа не е комплетна без Западен Балкан. Истовремено, и Западен Балкан сака да е дел од ЕУ. Поминаа навистина многу години од 2003 и мора да бидеме појасни околу овој процес. Би рекол, без да давам лажни надежи, дека она што ни треба е да има јасен патоказ, со рокови и цели. Не мора тој да биде конечен, но мора да има јасни датуми за да има смисла процесот. Точно е дека во ЕУ има нешто што многумина го нарекуваат „замор од проширувањето“, но, тоа има повеќе врска со внатрешните европски проблеми, а не со самиот Западен Балкан.

Она што следува се важни дискусии за европските вредности и за политиките што сакаме да ги поддржиме за тоа каква слика треба да даде иднината на Европа. Затоа, јас верувам дека поради геополитички, но и политички, безбедносни и демократски причини мораме да отскокнеме и да го внесеме Западниот Балкан во ЕУ. Исто така верувам дека ни требаат повеќе актери во ова поле. Имало многу конфликти во ваквите процеси и тие биле успешно надминувани и се продолжувало понатаму.

Велите дека ни требаат јасни датуми и патокази за европскиот пат. Но, токму тоа го имавме со Солунската агенда…

Точно.

Па што се случи? Како дојдовме до тука? И до каде е тука прашањето за неспособноста на ЕУ да си ги имплементира сопствените политики, а од каде за самите држави кои не беа нешто многу желни за спроведување на вистински реформи?

Мислам дека ова е поврзано и одговорноста е взаемна. Од една страна, ЕУ мора да тргне напред и со тоа да им помага на државите да се реформираат, а од друга, се разбира, самите држави и политичките сили таму да имаат вистинска волја за промени.

Ова е динамика што се креира, ако се сака. Но, кога оваа динамика забавува, тоа прави да е тешко и за ЕУ и за самите држави внатре. Луѓето си велат – па, во ред, нема тука просперитет, нема иднина со ЕУ, па не мора да се реформираме. Ова поттикнува и клиентелизам и корупција, што не велам дека е уникатна појава за Западен Балкан, го имаме тоа и во Грција, и јас се борев и се борам со овие појави низ годините.

Луѓето се опираат на промени. Промените значат дека ќе се сменат внатрешните структури на моќ. Колку се посилни овие структури, толку посилен ќе биде и нивниот отпор за промени и сè помалку ќе сакаат да ја видат земјата во ЕУ, користејќи критики дека  – ете нема перспектива. Затоа мора да се скине овој маѓепсан круг и да кажеме – ајде да создадеме нова динамика и нови надежи, паралелно со реформите. ЕУ исто така мора да си научи од претходните искуства, без разлика дали е од Балканот или Централна Европа, и врз основа на тоа да си го одредува фокусот. Понекогаш сметам дека ЕУ е префокусирана на прашањата поврзани со пазарот или приватизацијата, што не помага многу во однос на вистинските прашања поврзани со начините на владеење – правото и правдата, транспарентноста, борбата со клиентелизмот…

 Понатаму, мислам дека мораме да видиме повеќе инвестиции од ЕУ во регионот за да се креира инфраструктура што ќе овозможи и ние сами да сме си поврзани меѓу себе. Тоа е токму она што е важно. За земји како Грција ова значи многу, оти кога самиот Западен Балкан ќе биде добро поврзан меѓу себе и со нас, тоа значи дека и самата Грција е подобро поврзана со остатокот од Европа. Значи, треба поголем приоритет да се даде на овие прашања, но ЕУ тоа не смее да го прави само преку притисок, туку преку помош и заедничко работење, носење на експерти и знаење и инвестиции.

Последната поента е да се потенцира значењето на младината и развивањето на новите економии. Еден од поголемите проблеми што ги имаме низ сите држави од регионот е егзодусот на младите луѓе, кои се водечката сила за модернизација и промени. Балканот мора да е вклучен во сите програми за млади што ЕУ ги креира. Ова ќе значи инвестиции во тренинзи, вештини, нови технологии.

Идеите за промена на границите на Балканот се фашистички

Гледаме како одложувањето на европските интеграции влијае врз внатрешните реформи, го споменавте и клиентелизмот, а како влијае и врз одлуките на младите да ги напуштат земјите и регионот. Но, колку оваа неизвесност во однос на европската иднина може да биде и потенцијален безбедносен ризик? Ова е регион со бурна историја, а гледаме дека повторно на агендата се јавуваат и опасни идеи кои одат до таму да се предлагаат и размени на територии преку нон-пејпери. Неодамна Вие имавте колумна за Катимерини, со наслов „Европа и Балканот – отворање на Пандорината кутија“ каде строго и остро се спротивставувате на овие визии.

Целиот процес да се стане дел од ова пошироко семејство е мотивација за промени и надеж за развој, просперитет и повеќе демократија и почитување на човековите и малцински права низ регионот. Значи не е само просто зачленување во клуб, туку тој клуб мора да биде клуб на вредности. Сè додека оваа динамика беше вака поставена луѓето прифаќаа повеќе промени и низ институциите и во самите животи. Кога оваа динамика почна да бледнее, луѓето станаа фрустрирани дека тие се трудат залудно. Овие фрустрации се користат од демагози, евроскептици и од луѓе кои се просто против ваквите системски промени.

Тие тогаш играат на картата на националната гордост и достоинство, што секако сите го имаме. Но, нивното не е достоинство, туку шовинизам – барајќи непријатели во другите преку стереотипи. Ова е регион со тешка историја, особено поврзана со малцинствата. Затоа, идеите за создавање на етнички чисти држави се чисто отворање на Пандорината кутија и поттикнување на конфликти. И не само тоа – ова никако не е европски концепт, токму напротив, крајно е неевропски. Идејата на Европа е дека ние сме различни националности, различни култури, но обединети сме околу систем на вредности, демократија, слободно движење итн., Затоа, можеме да живееме заедно, создаваме систем на симбиоза. И кој е тој што може да одлучи за нечиј идентитет, особено во друга држава?! Знаете, нема држава што е етнички чиста, ова е фашистички концепт. Не постои таква држава.

Можеби Северна Кореја…

Да, токму така, Северна Кореја. Демагозите велат треба да бидеме патриоти. Но, што значи ова? Ако ги видиме сите овие држави, целата историја, ќе видиме дека идентитетот се развива. Тоа е жив процес. Грција од пред 50 години не е исто што и Грција денеска. Што значи модерна Грција денес? Тоа е едно од прашањата за нашиот идентитет – како и каде ние ја гледаме модерната наша држава. И тоа се менува. Не можете да ја сопрете историјата, ниту менувањето на тоа што значи идентитетот. Затоа, идејата дека можете да создавате етнички чисти граници не решава ништо – во самите тие нови граници, повторно ќе се јават нови идентитети и малцинства и култури. Тоа е жив процес. Затоа, суштината на идејата на Европа е – не менувајте граници, туку обезбедете ги сите права на граѓаните и на сите малцинства за да бидат почитувани, со достоинство, да се чувствуваат како европски граѓани и така да можат да живеат заедно. Овие нон –пејпери затоа директно го подриваат концептот, суштината на самиот проект за ЕУ. Оти, зошто тогаш сме заедно? Нема држава од нашиот регион што нема малцинства и ако овие идеи почнат да се реализираат тие ќе се прошират низ сите земји и надвор од Западен Балкан и надвор од самиот Балкан. Па, размислете што значи тоа за Европа…

Она што загрижува е дека е дека овие идеи доаѓаат од самата ЕУ. Тоа значи дека концептот за Европа како што Вие ја замислувате не го делат сите…

Понекогаш кога зборуваме за Европа зборуваме како да е тоа еден човек, кој таму некаде седи и одлучува. Во Европа има битки – каква Европа создаваме, колку ќе биде тоа демократија, каква социјална правда ќе има, колку ќе биде инклузивна, дали ќе биде повеќе пазарно ориентирана или ќе зависи од социјални политики и договори, какво ќе биде проширувањето –  сето ова се дебати и прашања и има несогласувања и различни погледи. Мислам дека прогресивните сили треба да се слушнат погласно. На пример, овие идеи за менување на граници на прв поглед личат на практични, но тие воопшто не се такви. Регресивни се и тотално нереалистични. Мислам дека треба да се обединат сите прогресивни сили, не само во Европа, туку и на Балканот , оти поинаку може да биде многу опасно. Некои мислат дека кога ете после неколку обиди за решавање на отворените прашања, на пример Косово и Србија, на ваков начин ќе може да се пресече „Гордиевиот јазол“. Но, на некои длабоко им се допаѓаат тие идеи за етнички чисти држави оти токму врз политиките на етнички судир тие ги градат своите кариери. Мора да го сопреме тоа и затоа сите прогресивци во ЕУ и низ нашиот регион треба да покажеме дека имаме визија за Европа. Европа е самата по себе експеримент, еден глобален експеримент. Ако покажеме дека ова може да успее, да се биде заедно врз основа на систем на вредности, тоа може да биде рецепт за глобално владеење и решавање на светските конфликти. Племенските конфликти базирани врз етничките карактеристики само ќе покажат дека експериментот не успеал и ќе поттикнат нови конфликти. Ова е многу поширока битка, многу голема битка, ова е една светска битка на денешницата.

Шовинизмот е репресија не само кон другите, туку и кон сопствените граѓани

Низ оваа битка се рефлектираат не само идеолошките разлики, односно прогресивните сили наспроти оние на регресот, туку и разликите по една друга линија, на меритократијата, наспроти клиентелизмот, на луѓе кои се во политиката за да направат нештата подобри и на оние чисти демагози кои ја злоупотребуваат самата идеологија.

Прво, сакам да направам разлика меѓу национализам и суверeнизам. Сите сакаме да бидеме горди на сопствените држави, сите си ги сакаме нашите земји. Тоа не е никако лошо, ама лошо е да ги мразиме другите. Понекогаш ги мразиме и кога сакаме да покажеме што е она добро кај нас. Важно е емоцијата да биде позитивна. Да си ја сакам земјата во смисла да покажам што е наше добро, кои се силни страни, што е она што можеме да му го дадеме на светот ние, со што се гордееме..

Она што е важно и што малкумина ги разбираат е дека кога се игра на картата на шовинизмот и национализмот се врши репресија. И таа репресија не е само кон другиот, кон различниот, кон некој кој е од друга националност или зборува друг јазик, не е само кон малцинствата, туку е и кон сопствените граѓани, кон мнозинството, оти што е пораката – јас го имам моделот за вас, јас знам кој си ти и јас знам кој треба да бидеш. Јас ќе кажам дека што треба и што значи да се биде Грк, или Македонец или Албанец..

И сè надвор од тој концепт и од тие дефиниции едноставно не е доволно добро, не си доволно голем Грк или Македонец…

Апсолутно. Значи даваш моќ на некој друг да каже што си или што треба да исполнуваш за да си тоа што си. Тие ќе кажам како точно треба да се сака земјата. Тоа е недемократски, тоа е многу недемократски и не само тоа, туку и им дава моќ на автократитите, ама и на олигарсите да ги злоупотребуваат овие дефиниции за свој клиентелизам и за давање моќ на дадени групи, наместо да се изгради систем на правила и права. Во регионот имаме богата историја на клиентелизам и корупција. Овие системи немаат врска со меритократија. Во својот екстрем ова е принципот на филозофија на мафијата – ако си со мене ќе ти помогнам, ако си против мене ќе те уништам. Ова е менталитетот. За младите луѓе кои инвестирале во себе, во смисла на образование и надградба, па и за нивните родители, ова е порака дека немаат иднина тука. Или дека единствената иднината им е во односот – ќе ти помогнам, ако гласаш за мене… Ова се рефлектира низ сите структури на моќта.

Демократијата си е одлична, тоа што нè фрустрира се вика поинаку – клептократија

Ова ја портретира политиката како одвратна и валкана работа, работа со којашто чесните и способните не сакаат да си имаат врска. Како да се бориме со ова? Како да се направи политиката повторно благородна?

Уф, ова е одлично прашање. Знаете, политиката се многу нешта. Можете да бидете во политика без да сте свесни за тоа. Многумина кои велат не ме интересира политиката, таа е валкана работа, всушност се во политика кога се борат за животна околина, човекови права, ЛГБТ права, женските права… сите овие битки, сето ова е политика. Дали сакате да влезете професионално во политиката, да бидете претставник на граѓаните, тоа е друго прашање. Но, повторно, мора да имаме систем што е далеку поотворен и потранспарентен. Ова се прави преку реформирање на партиите каде не смее да се формираат естаблишменти и хиерархии надвор од квалитет и способности.

Ние ги викаме султан –партии…

Да, ние ги викаме барон – партии. Ова мора да се напушти, ова е нездрав концепт. Но, ова не се случува магично. Младите велат – не сакам политика, но тоа значи дека токму така даваат моќ на оние кои не ги сакаат или сакаат да ги сменат. Некои мислат дека е многу револуционерно да кажеш – нема да гласам, ама тоа значи дека си пасивен, дека си се откажал, а ако се откажеш нештата никогаш нема да се сменат. Ние живееме во една т.н ап – култура, знаете, даунлодирате апликација на телефон и магично решавате проблем. Но, нема таква апликација во политиката, овие процеси не се реализираат преку апликација. Сите социјални мрежи даваат чувство на конекција, но што прават врз политиката – ги гледате сите лајкови и врз база на тоа креирате политики. Тоа не е лидерство. Плус, одзема многу време, реално…

Друга важна поента е што нашите демократии се подриваат со многу пари. Има многу пари во политиката, а причината зошто има многу пари во политиката е оти има концентрација на моќ и богатство. Тоа богатство не мора да е во нашите земји, може да биде и надвор. И од надвор да се внесува внатре, да се купуваат медиуми, лоби групи, да се влијае… Овие гласови се корумпирани. Моќта на ваков глас е стократно поголема од моќта на мојот глас.

И каде е тука демократијата?!

Така е… Каде е тука демократијата!? Кога ќе речат луѓето – еее, не функционира демократијата, всушност не е демократијата таа што не функционира, туку клиентелизмот и системот изграден врз корупција, тоа не функционира, клептократијата. Демократијата е киднапирана. Против ова мора да се бориме.

Пандемијата ни ги извади на виделина сите класни разлики и големиот јаз меѓу социјалните класи. Уште кога бев премиер зборував дека не можеме да очекуваме луѓето да плаќаат данок, ако гледаме дека екстремно богатите не плаќаат или плаќаат многу мали суми, вадат пари надвор, наоѓаат даночни раеви… Сопственикот на Амазон има богатство колку БДП на Грција, а колку плаќа данок? Ова е само еден пример, се однесува на сите, како принцип. Зборуваме за огромни суми и мораме да најдеме начин како ова да се адресира. Во спротивно, ова ни ги подрива демократиите. Дури и кога овие луѓе би биле добронамерни, тоа е повторно влијание.

УСА што е меѓународно призната демократија беше поткопана, оти истурени се многу пари. Ова ја прави политиката таква каква што е денеска – да се гледаат анкетите, каков ми е дневниот „рич“ на фејсбук, какви ми се коментарите… Ова е акробација, ова не е политика. Акробација по работ… Од античко време идејата на политиката е визија, имагинација за тоа каков треба да биде светот, да се собираат идеи, да се разговара за нив, да се дебатира и да се судираат аргументи. Мораме да се вратиме на овој начин на поимање на политиката. Ова нема да биде лесно. За ова ќе мора да се бориме. Би им рекол на младите луѓе – да, политиката денес не е таква каква што сакаме да биде, ама нема да ја промениме ако не се бориме да ја промениме. А ако не се промени, луѓето ќе продолжат да бидат фрустрирани.

Политиката што од граѓаните прави поларизирани навивачи не е политика туку циркус

Зборуваме повеќе генерално, но колку ова сето се однесува на грчката политика денес? Кои се главните битки кај вас?

Кога бев избран за премиер реков – или ќе се промениме или ќе потонеме. И тоневме. А причината зошто тоневме (и во ова верувам уште повеќе сега кога фрлам поглед назад после 10 години) беше фактот што нашите институции не беа доволно силни за да се борат со клиентелизмот. Што значи ова? Грција позајмуваше пари, но каде тие пари одеа? Владата претходно ги користеше овие пари за политичко влијание и тие се трошеа залудно, корупцијата стана посилна. Позајмувавме и тие заеми мораше да бидат вратени од грчките граѓани, ама не се трошеа тие пари за инвестиции и за јавен интерес туку за политички интерес. Имавме огромен буџетски дефицит. Јас се борев против клиентелизмот и за транспарентност. Прво што сторив е што ги направив сите трошења на јавни пари и од централната и од локалната власт транспарентни. Не смееше да се потроши ниту евро без граѓаните да знаат како и за што. Тоа се нивни пари. Ви нашите култури преовладува мислењето дека кога министер или Владата ќе направат нешто треба да сме благодарни, како да потрошиле пари од свој џеб. Голема реформа што се направи беше во здравствениот фонд со што практично се сопре практиката доктори да го злоупотребуваат фондот преку препишување на десетина лекови наместо еден или праќање на испитувања од кои немате потреба. Внесовме електронски упати и електронски рецепти со што контролата стана поголема, ама ова создаде голем револт кај докторите и фармацевтските компании.

Значи, низ кризата имавме реформи, иако се разбира не е доволно и треба уште. Најголемиот предизвик сега е да се ориентираме кон модерна економија и новите технологии. Оваа транзиција е предизвик, ама и можност и не само за Грција, туку и за Балканот исто – нови предизвици, нови технологии, нова енергија.

Разговарате ли за ова со вашите политички опоненти? Има ли заеднички јазик или барем вистинска дебата со почит и демократија за важните прашања? Знаете поларизацијата во општествата е огромна, не само на Балканот или Европа, туку гледаме и во САД…

Ако ја сведеме политиката просто на моќ, ако се бориме меѓу себе само за моќ и потоа ако се користи таа моќ за клиентелизам тогаш ќе продолжиме да бидеме поларизирани. Таа е 1:0 игра – јас добивам, ти губиш и обратно. Ако се бориме за моќ, повторно за моќ, но не како цел, туку како алатка за реализација на политичка програма, тогаш дебатите ќе бидат за нашите политички програми – која е подобра, кое владеење е подобро, како да бидеме подобри… Битката треба да биде да им се покаже да граѓаните кој може да владее подобро. Ова се две сосема спротивни сфаќања на политиката. Важно е да се види каде има простор за консензус. Можеме да се расправаме за различни прашања, но на пример за меритократијата како принцип треба да сме заедно, или за транспарентноста.

Поларизацијата исто е поврзана и со нешто друго – да не им се даде на граѓаните можност да изберат во една логична смисла. Во поларизираните општества граѓанинот е за неговиот тим без разлика на што и да е. Тоа е циркус, тоа е навивање, не е тоа политика, не е тоа вклученост. Елитите сакаат да навивате, не да размислувате. Тоа го прави граѓанинот не граѓанин, туку следач и фан. Објект. Ние мораме да направиме граѓаните да се активни преку партиципативна демократија. Тие мора да се вклучени, не само на денот на гласање, туку да се смислат начини како да се вклучат во политиката активно преку комуникација и слушање на нивните идеи.

После Преспанскиот договор атмосферата меѓу двете земји е драматично  променета на подобро

Легитимно е прашањето дали ако како премиер Јоргос Папандреу за свој соговорник имаше друг политички профил од оној на Никола Груевски спорот за името ќе беше затворен години порано!?

Како гледате на спорот за името од оваа перспектива? Лично бевте вклучен низ годините на барање на решение?

Да, и како министер за надворешни работи и потоа и како премиер. Навистина се трудев и сакав решение со Северна Македонија.

Сега кога го имаме Преспанскиот договор треба да продолжиме кон негова имплементација.

Мислам дека атмосферата помеѓу двете земји е променета драматично на подобро, ама драматично.

Се разбира дека има опозиција на двете страни, има емоции и треба да ги разбереме, но, мора да сме над тоа. Договорот треба да се почитува и спроведе и покрај сите тешкотии и кај вас и кај нас, духот на соработка треба да надвладее, оти ова е позитивен процес од којшто двете земји само ќе профитираат. И не само нашите две земји, ова е пример за светот дека можеме да решиме и тешки и сериозно чувствителни прашања.

Толку многу имаме заедничко како народи, толку добро се разбираме, би рекол дека нема ништо поприродно од тоа да работиме и да соработуваме заедно. Ни треба соработка во културата, образованието, требаат програми за размена, за развој и соработка. Да ги поврземе организациите, институциите, ама и младите луѓе да си помагаме меѓу себе, да се поттикнуваме и да одиме заедно напред, над минатото и над раните.

Кој е Јоргос Папандреу (помладиот)

Јоргос Папандреу (роден на 16 јуни 1952) е грчки политичар и поранешен премиер на Грција. Неговото семејство потекнува од долгогодишна политичка династија која е присутна во поновата историја на Грција.

Во текот на 1939 година, таткото на Папандреу, Андреас Папандреу бил прогонет од Грција како премиер на државата. Тој заминал во САД каде е роден Јоргос од мајка Американка. Тој се образувал во училишта во Илиноис,  Шведска и Канада и поседува дипломи од Емерст колеџ, Лондонската школа по економија и Харвардскиот универзитет.

Во Грција се вратил заедно со своето семејство по обновата на демократијата во 1974 година. По доаѓањето во Грција, тој се присоединил кон партијата на својот татко. Во 1981 година Јоргос бил избран за пратеник во Собранието на Република Грција. Претходно, неговиот татко Андреас бил основачот на ПАСОК и бил премиер во два наврата, а пак дедо му по когого добил името, Јоргос, ја вовел Грција во либералните промени.

Кормилото на ПАСОК го преземал во јануари 2004, по повлекувањето на тогашниот премиер Костас Симитис, а на партиските избори и официјално станува водач на партијта.

Во изминативе години успеал да ги зацврсти позициите на социјалистите што пак му ја донело позицијата на претседател на социјалистичаката интернационала, светска организација која ги обединува лево ориентираните водачи. Предизборната кампања му се зановала на ветувања за борба против невработеноста и програма за јакнење на банкарскиот систем.

Во текот на 80-тите и 90-тите години, Папандреу извршувал многу важни функции во грчката влада меѓу кои и министер за образование. Важен момент во неговата кариера бил изборот за шеф на дипломатијата  во 1999 година, кога придонел во смирувањето на долгогодишните тензии со соседна Турција.

По неговиот дедо Јоргос и неговиот татко Андреас тој е третиот член на семејството Папандреу кој станал премиер на земјата.

Папандреу поднесе оставка на 11 ноември 2011 година за време на грчката должничка криза за да се отвори пат за влада за национално единство.

Во март 2012 година, тој поднесе оставка и како лидер на ПАСОК, а во јануари 2015 година, тој ја напушти партијата целосно, основајќи своја политичка партија, Движење на демократските социјалисти (КИДИСО), која беше 8-ма најгласана партија во јануари 2015 година избори, но не успеа да влезе во Парламентот. Во 2017 година, КИДИСО се приклучи на Демократското усогласување, политички сојуз формиран од ПАСОК и други партии од левиот центар. Демократското усогласување подоцна прерасна во Движење за промена, кое на изборите во 2019 година стана трета партија со најмногу гласови, а самиот Папандреу се врати во Парламентот како пратеник што го претставува регионот на Ахаја.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка