Connect with us

коментари

Љупчо Зиков: Мал коментар околу ММФ

објавено

на

Ова што енергично се враќаме на позициите на ММФ е важно за иднината на реформите во Македонија. Длабоки реформи мора да има. Оттука, веста не е колку ќе земеме од ММФ, туку колку реформи ќе направиме во следните три години! И не е нешто што значи дека „ако сме дојдени до ММФ се гледа каква ни е состојбата“, како што вели еден наш економски деец. Напротив, кога не бевме со ММФ, а земавме кредити со издавање обврзници во Лондон, државата беше „село без кучиња“ и видовме до каде ја донесоа!? Денес тие кредити и така се скапи. Алтернатива е ММФ … или можеби, пак, Вучиќ … Ајде малку достоинство!

Во текот на вчерашниот ден се појави една „длабока економска мисла“  во јавноста, на тема ММФ (Меѓународен монетарен фонд и заемот од 530 милиони евра за Македонија) од наши економски дејци, која беше лансирана онака „телевизиски“ од ракав –  демек да објасни каква ни била економската ситуација во моментот !?… но и да послужи како „тематско топовско месо“ на опозицијата за да ја истера неделата до викенд со теми за прес конференција … Забелешката парафразирано оди – штом до ММФ дојдовме, се гледа до каде сме …!?

Веднаш поларизација … оние опозициските настроени со разни вокабулари против аранжманот со ММФ, оние што не разбираат онака бегло и лекомислено пишуваат – пак не задолживте (гробот да не ви се знае да даде господ) …!?

Малку несмасна, а добро пресметана изјава и многу интелигентно пласирана во една „специфична телевизиска дружина“ од нашиот јунак по економија, наш народ, доколку разбере, на прва ќе рече еве ги нашите „бабачко“ бизнисмени фатиле страна опозициска !?, но не е така, верувајте ми … Тие само некако шалтаат накај десно, за да може да прошалтаат и накај лево (кога ќе дојде време) па да се смират во својата „рамнотежна точка“ – каде смирувањето ќе биде преку индуцирана енергија во пари и да се исфинансираат со најавениот пакет мерки на владата од 350 милиони евра (што премиерот Ковачевски го најави пред некој ден, како нов пакет од повеќето до сега, и во низата што наскоро ќе бидат креирани).

И како што обично бидува по долината на Вардар, додека платените за анализа се прават недоветни (околу ММФ во конкретниот случај) во таканаречениот „македонски приватен бизнис анвајормент“, парите од државата веќе се намирисани, листите на „македонски бабачко фирми за прием на средствата“ се прават, и тоа внимавајте во исто време со ламентирањето дека штом ММФ сме го зеле за партнер до тука е дојдена работата!? …

Народ вели – кај шуто па боде!

Една стара руска досетка вели – ако нешто не знаете што се случува во политиката, и на политичката сцена во една ваква држава … и не ви текнува за што се работи … тогаш сигурно се работи за пари. Долго паметам … веќе 30 години низ целата независност на Македонија, и можам да кажам … веќе видено десетина пати!?

Аранжманот со ММФ и алтернативите!

Не пие вода проблематизирањето од одредени полови на моќ во земјава, деновиве на овој најнов пакет аранжман со ММФ од нешто повеќе од 500 милиони евра со 1% до 2% камата кој земјава ќе го повлекува годинава и во следните две години. Еве зошто?

Прво, овие средства, во услови на голема економска и енергетска криза, со кои кризи устите ни се полни од сабајле до вечер, токму влијаат во држење на кондицијата на финансиите на државата во справувањето со кризата (девизни резерви, Буџет …). Тоа е и смислата на постоењето на ММФ. Оттука, одлуката на Владата да се задолжи кај ММФ е вистински потег. Евтини пари на подолг рок на враќање.

Второ, многу држави во светот го користат овој механизам на фондот од Вашингтон.

Трето, ако тргнеме од фактот за кој не треба да имаме илузии да го докажуваме, дека земја како Македонија несомнено има финансиски проблеми во тешки времиња (две и пол години ковид криза и сега енергетска криза предизвикана од безобразната воена агресија на Русија врз Украина и деструкција на целиот европски енергетски систем), тогаш кои се алтернативите за финансирање на економските активности во земјава? Како да се финансираат и помогнат компаниите да работат, работните места да не се затворат, приходите да се зголемуваат, даноците да се плаќаат, а буџетот да се полни!?

Во услови кога ММФ пласира пари со 1% до 2%!? Ајде да погледнеме што се случува на меѓународниот приватен финансиски пазар во Лондон и Њујорк од каде сме се позајмувале преку обврзници многу пати!? Колку се каматите таму? Прави ли некој овде споредбени анализи. Треба да се направат пред да се излезе и да се зборува …

А не она стандардно што знаеме 30 години – нема пари за бизнисот, и државата треба да помогне. Закана со отпуштање на вработени. Па Буџетот е прецизно конципиран и се знае за што служи! Да … треба да се помогне на бизнисот и компаниите оти го полнат Буџетот и затоа што отвораат работни места, работниците работат, се троши во економијата и се плаќаат давачките во фондовите!? Тоа е круг.

Плус на ова струја нема, и скапа е … а Вучиќ нема гас за себе а не за нас, ќе рече некој! Ах тој Вучиќ, јака му душа! И сега имате … „ама не од ММФ … штом до тука дојдовме се гледа каде сме?“

Но, знаеме каде боли … ММФ има друга и долга листа на услови кога ги дава средствата. Тие финансирања се секогаш условени со реформи внатре во економијата и воопшто системот на прибирање даноци, сива економија, корупција, правен систем, системот на даноци … !?

Но, обично се смета дека кога владата на една држава се насочува кон средствата на Меѓународниот монетарен фонд, таа влада практично изразува политичка подготвеност за длабоки реформи. Таква земја беше Македонија до 2006 година кога на власт дојде Никола Груевски, а со процесите завладеа неговата концепција која видовме, а и можевме да слушнеме на телефон … како се одвивала и како заврши на крајот.

Што е тука фактографски значајно да се каже …

Се сеќавам дека се појави во јавноста една иницијатива од страна на опозициската ВМРО -ДПМНЕ демек нивните економски експерти да помогнеле на сегашната влада во справувањето со кризата. Се изнасмеав откако низ глава ми се сврти набрзина се што е правено од експертите на оваа „трејд марка партија“ на политичката сцена во нивното напорно и долго владеење од 2006 година до 2016 или 2017.

Вака сега.

Никола Груевски во 2006 година наследни полна каса пари непотрошени од владата на Бучковски (продажбата на ЕВН). Со тие пари во голем дел, и со други тековно што се прибираа Груевски се расчистуваше со ММФ. На дузина прес конференции се фалеше како се намалува долгот на Македонија кон ММФ. И што е клучно во оваа доктрина беше ставот на Груевски дека – нема нам ММФ да ни кажува што да правиме со нашата економија и какви реформи ќе правиме – (ова парафразирана од моја страна таа доктрина, читај доктрината на Виктор Орбан!?)

Откако „квалитетно“ ја раздолжи Македонија кај ММФ, владите на Никола Груевски потоа во годините на напред 2006, 2007, 2008, па понатаму, квалитетно ја задолжуваа кај приватните комерцијални банки на меѓународните финансиски пазари каде речиси нема други услови освен висока камата – обврзница, продажба на обврзници, добивање кредити со високи камати … Банките не ви ставаат услови како да ја водите државата и дали правите реформи спроведувате пазарна демократија. Нив ги интересира само да ги вратите со 5%, 6%, 7% (знае тоа добро лицето задолжено за финансии кај „ние сме лудаци“ без кое Груевски не можеше да дише).

Што се случуваше потоа? Па, потоа се случуваа македонски народни приказни, во продукција на владите на Груевски кои се реобновуваа на секои две години.

Тие влади немаа притисок да спроведуваат реформи! Немаше коректор и извештаи за нивното работење од ММФ. Имаше редовни извештаи од страна на ЕУ какви што има и денес околу напредокот на земјата на тој пат, но не и механизми за притисок за реформи!? Затоа што немаше напредок во клучни прашања за преговори со ЕУ (замрзнат грчко – македонски спор, исто како што денес ВМРО ДПМНЕ бара да се замрзне македонско – бугарскиот спор!? Ви текнува на матрицата). Груевски беше дигнал раце од ЕУ, ЕУ од Груевски … се си беше анти проширување на ЕУ. Не ме чепкај, не те чепкам … А дома во Македонија, „семејно насилство“!

Сето  тоа придонесе за неодговорно трошење на државните пари. Примери има многу за кои ќе пишувам и во наредниот период:

Проект Чебрен – Галиште (енергетски проект) за кој денес веќе и бебињата зборуваат. Во време на ВМРО ДПМНЕ девет неуспешни тендери!? Една амбасадорка од една клучна земја во ЕУ во тоа време ми рече дека е нелогично девет тендери неуспешни, и дека станува збор за притисок за мито кое компанијата од нејзината земја нема намера да го даде. Значи девет тендери за најголемиот проект на сите македонски времиња во единаесет години власт!?

И ние денес зборуваме за енергетски проблеми на Македонија??!! Но, јас не слушнав во тоа време македонските големи бизнисмени нешто специјално да се бунат и даваат совети како треба да се направи проектот Чебрен – Галиште да помине како треба. Немаше ниту совети како со ЕСМ … и така натаму. Тоа време беше време на „паметно молчење и дупе уза зид„!

Втор пример се кинеските кредити за патишта (или она ако сеќавате – 15 на СЕ’!? Од познатите телефонски разговори). За каков тип кредити од Кина и со каква цел беа земени никому овде не му е јасно. Ниту до крај јасна и транспарентна процедура, ни како е преговарано, ни колку вистински чинеа патиштата што требаше да се направат!?)

Трето, проект компјутер за секое дете … околу 70 милиони евра. Ни од компјутери се виде, ни од софтвери, ни од напредок во образованието, а рака на срце и се’ помалку деца во Македонија.

Четврто, автобусите за Скопје, двокатни, џоа Лондон!? Цела зделка близу 100 милиони евра …!? Ефектот гледајте го сами по улиците …

Петто, од многу потрошени пари, особено потрошени во проектот Скопје 2014 (накај 700 милиони евра) снемаа пари да враќаат ДДВ кај компаниите. Баснословни суми требаше да се враќаат. Кој од бизнисмените, оние „бабачко македонските“, ќе се побунеа, следуваа разни инспекции, притисоци и казни за „несоодветно понашање за свои пари“! Не видов тогаш дека големите македонски бизнисмените нешто специјално се возбудија.

Имам уште многу примери што ќе ги објаснам во следниот период. Денес, драги мои, како што гледате се’ од ова е различно. Погоре опишаните проблеми денес не постојат. Денес имаме зборлести бизнисмени со многу креации … што е добро! Од секогаш ни фалела ваква динамика! Се разбира понекогаш и малку фантазија.

Значи, поради се ова погоре, е важен ММФ. Институција основана 1945 година, за решавање на ваков тип проблем преку евтини заеми, но длабоки реформи. Токму тоа што денес и е потребно на Македонија. Оти ако не земете пари од ММФ, а во Лондон банките ви даваат пари со баснословна камата и не земате оти не е логично, тогаш како ќе се исфинансирате за да ги решите своите проблеми, а притоа тоа уште треба да ви го реши државата!? Равенка со сите непознати.

Значи што? Вучиќ ли ќе ви го реши проблемот – откако  ни даде вакцини, разни лекови, ни вети гас … сега и пари ли ќе земаме од нив!? Затоа мољам ви се … Не отворајте тема за ММФ! Малку повеќе достоинство сите да покажеме.  

економија5 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки22 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас