коментари
Љупчо Зиков: Не гледајте во цените, бавете се со концепти!

Прашање за овие „голтариве во политиката„ што деновиве низ медиумите силно не забавуваат со промислата дека голтари влегле во политиката, а милионери излегле: Може ли еж, кој на патот е прегазен од автомобил, да сфати што е мотор со внатрешно согорување? Таков е односот на македонскиот политичар, директор и работник овде кон економијата и егзистенцијалните прашања. Поентата не е секој ден да гледате во екран колку е цената на нафтата и другите енергенси, и да се губите поради тоа, туку како македонската држава и економија подобро да се справи со сите шокови, и тоа на среден и долг рок. На краток рок секако ќе преживееме … Затоа што да се умре и да се плати никогаш не е доцна. Е за ова треба поголема сериозност и бавење со концепти, треба стратешка промисла и многу работа, а не тресење зелени.
Ако во 2021 година, на глобалниот светски пазар, немаше чипови поради пандемијата со ковид, сега во 2022 ќе нема храна поради нападот на Русија врз Украина. Ова е насловот на големата тема во овој број на Капитал, на нашиот Игор Петровски, која се занимава со тоа кои се најголемите ризици по светската економија и регионалните мали економии денес во време на една нетипично локална војна меѓу две земји кои, на пример, произведуваат 25% од вештачко ѓубриво во светот, произведуваат огромни количества пченица со што го држат светскиот пазар на храна. Цените на најважните енергенси се во небо и се исто зависни од состојбите таму … Прочитајте ја оваа важна анализа како би имале пред вас поширока слика за тоа што точно во моментов се случува на светската економска сцена. Прашањето денес е не што се случило (сите знаме што се случува), туку зошто се случува (?) и како Македонија од ова ќе излезе. Дали уште послаба или ќе излезе по силна?
Веројатно веќе и не броиме по кој пат во дваесеттиот и во дваесет и првиот век човештвото доаѓа на работ на катастрофа од глобални размери, во зона на силна економска и социјална загрозеност, закана од катастрофална војна, па и нуклеарна, силна медиумска војна, креирање на стрес кај граѓаните и кај компаниите. На крајот заклучокот е дека и Првата светска војна и Втората светска војна, а веројатно и Третата ако ја има (некои велат дека веќе ја имаме и тоа не само во Украина, туку реално од порано!?) всушност се големи настани по кој се менува распоредот на големата економска мапа. Низ тој процес на мапирање, се скицираат и им се дава легитимитет на новите економски сили. Се разбира потоа тоа ја менува и светската геополитика на моќните држави и влади. Нивниот број повторно нема да биде голем но сега веќе секому ми е јасно дека ќе биде зголемен.
Светската економија, е во инфлација. Некои научници ова време, втор пат во педесет години го нарекуваат стагфлација (прв пат во седумдесеттите години нешто по крајот на Виетнамската војна). Станува збор за состојба на стагнација на економските процеси во светот (пред се намалување на инвестициите), анемија на владините економски политики, и тоа проследено со зголемен раст на цените на најголемиот дел од производите … Лично не сум сигурен дали можеме да ја мериме стагнацијата во светската економија во овој момент, но загубите што ги прават многу индустриски и енергетски сектори во моментот сигурно укажуваат дека и да немаме стагнација сега, таа би можела да стане присутна утре, поради високото ниво на финансиско истоштување. И на крај, како што велат … пак „добри„ од се ова ќе излезат само банките. Затоа што и државите, и компаниите и граѓаните своите финансиски дебаланси ќе ги „испеглаат„ токму таму!?
Како се ова ќе влијае врз граѓаните, и какви отприлика економски политики треба да се водат? Сигурно нема да кажеме ништо ново напишеме дека и во Македонија најголемиот товар и од овие кризи ќе го понесат компаниите и граѓаните. И дека владата треба да носи пакети економски и социјални мерки во разни сфери! Како што и прави владата. Пред десетина дена беа донесени клучни мерки за економијата … Нив веќе ги анализиравме.
Од друга страна она што фали е можеби добра анализа на концептот за тоа како треба да се движи македонската економија и компаниите во неа, не само во овие денови на криза, туку и воопшто … Како да се покренат факторите кои го зголемуваат бруто домашниот производ чии стапки треба секогаш да бидат на нивото над 5% или 6%, па и повеќе. Како да излеземе од еден резон во кој функционираме од независноста во 1991 до денес и да влеземе во некоја претпоставена нова фаза, но со силна движечка енергија. Ера на новите универзални технолошки концепти имплементирани низ индустриите, зголемување на продуктивноста на компаниите, зголемување на продуктивноста на работниците, развој на претприемништвото и фаза на создавање на нови македонски компании кои ќе ја менуваат структурата на стопанството.
Можеме ли се ова да го дигнеме на ниво на една нова мантра, која ќе не извлече од „комотната зона„ во која бараме милион алибија да докажеме дека ние сме сиромашни и дека ништо не можеме да направиме, во зона надвор од комоција во која ќе се фатиме за работа и од тоа и општеството и граѓаните и компаниите ќе почувствуваат силен позитивен ефект?
Тоа е клучното прашање. Затоа што економските политики не се цел сама за себе кај владата туку со нив треба да се оствари целта а тоа е повисок животен стандард на граѓаните, по силни компании кои ќе ги прават среќни своите вработени, подобра инфраструктура, по цврсти институции …
На пример, еве како за едно прашање размислува реформаторот на Полска Лешек Белцерович!
“Мислам дека сиромаштијата не може да се искорени или барем намали преку зголемување на давачките за побогатите. Сиромаштијата може да се намали преку инвестиции во реалниот сектор на компаниите и преку зголемување на продуктивноста и отворање на нови работни места. Сиромашните нема да станат побогати ако државата одзема поголем дел од доходите на побогатите. Од друга страна, државата е должна да ги кине врските меѓу државата и моќни луѓе во бизнисите! Ако приходите на богаташите всушност доаѓаат од нивните врски со властите, тогаш тие врски мора да се прекинат. Според мене, клучно е да се надмине нееднаквоста во можностите кои се дадени за секого во едно општество. Односно еднакво талентирани луѓе да имаат ист пристап до образование.
Би додал и еднаков пристап до можностите за бизнисот и пристапот до финансиите.
Лешек Балцерович, кој е угледен професор на Варшавската школа, важи за архитект на трансформацијата на Полска од комунизам во капитализам (толку потребно на Македонија денес три децении од распадот на СФРЈ држава за која, ако ги прашате постарите ќе ви кажат дека ако некогаш Македонецот најубаво живеел тоа било во СФРЈ од 1945 до 1990). Што секако, како заклучок е за посебна социо-психолошка анализа, но за тоа во друга погодна прилика.
Оттука, заклучоците на повеќе наши соговорници е дека проблем е концептот и пристапот кон реформите за растот на економијата, кој е се’ уште застарен. Нашите идеолошки гледања кон современата социологија на животот е ретроградна и кочничар на развојот. Македонското општество не е ниту до пола од патот на трансформацијата …
На пример, Балчеровиц, од позицијата на вицепремиер и министер за финансии во 1989 спроведувал „шок терапија“ за да се справи со хиперинфлацијата и од плански водена да создаде современа пазарна економија целосно ослободена од шепите на државата. Високите стапки на економски раст што и во време на економска криза ги остваруваше Полска во минатите години и притоа, во последните 25 години остана единствена земја во Европа што одбегна рецесија се доказ дека тој добро си ја завршил работата”.
Не така одамна тој даде интервју за Капитал. Зборуваше за тоа што треба една држава да направи за да изгради стабилни темели за економски развој. „Државата е лош менаџер“, вели Балцерович и додава дека „ независноста на државните институции и администрацијата од политичките партии е клучна, бидејќи кога државата е окупирана од една групација демократијата ја снемува и тоа вообичаено се одразува лошо на економијата“.
Тој вели дека земјата треба да биде што поотворена, да се залага за задржување на ниски даноци, но во исто време да ја зајакне контролата на трошењето на народните пари!
Промена на концептот на македонскиот мисловен процес
Многу професори и економски аналитичари имаат кажано дека во Македонија, речиси сите влади во триесетте години независност често прибегнуваа кон некакви квази популистички политики без подлабоки анализи кон што водат тие. Авторитарните политики на Никола Груевски видовме до што не донесоа. Но, на пример, во поново време со новата влада на Зоран Заев од 2017 година, таква политика, беше воведувањето на прогресивниот данок (денес коригирано и повторно враќање на рамниот). За прогресивниот данок се велеше дека ќе ги израмни социјалните разлики, што се покажува во цел свет како неточно. Оти, данокот сам по себе не може ништо да балансира. Тоа е само давачка. Други политики коригираат состојби. Имавме коментари од високи државни чиновници своевремено кога се воведуваше прогресивниот данок:
„Како прво, се очекува да се намалат социјалните разлики, со што ќе се подобрат општествената кохезија и довербата помеѓу луѓето, односно она што економистите денес го нарекуваат општествен капитал! Второ, ќе се изврши редистрибуција од оние што заработуваат повеќе (!?), кон оние што заработуваат помалку. Поради тоа што оние што заработуваат повеќе имаат помала склоност кон потрошувачка, со ова ќе се зголеми вкупната потрошувачка во општеството, со што, пак, ќе се влијае позитивно врз економската активност (!?)„.
Прво, во најново време се покажува дека на оние кои заработуваат малку, колку и да им ја зголемите платата тие денес излегуваат на меѓународниот пазар на работници и среќата си ја бараат на отворена светска сцена. И тоа го прават не само заради малите плати во Македонија, туку многу повеќе поради можностите за поквалитетен живот, можностите за добивање на нови квалификации, повеќе знаење и посилна професионална иднина и квалитетен живот за своите деца.
За да социјалната нееднаквост се намали, и да се зголеми општествената кохезија, се потребни нови (квалитетни) работни места, и што е многу важно денес подобро платени. Денес е евидентно трансформација и транзиција на старите и конвенционални индустрии кои сега бараат многу нови инвестиции за да држат чекор со регионот и пошироко! Поради застареноста на индустриите и стариот пристап на македонските сопственици и менаџери, продуктивноста е многу мала, а мал и мотивот за работа! Следствено многу малку силните професионалци можат да напредуваат низ македонските компании и јавната администрација.
Оттука, најдобра социјална политика е отворањето на новите работни места (се разбира не во јавната администрација, или не само таму, или помалку таму, а многу повеќе во македонскиот приватен сектор и компании основани од македонски граѓани).
Што се однесува до зголемувањето на општествената кохезија на разните групи во Македонија, искажана од устата на политичарите (!?) таа е нарушена поради повеќе процеси во минатото, се нарушува веќе триесет години од независноста до денес. На пример од приватизацијата која започна некаде во 1993 година до денес.
Од друга страна, после приватизацијата голем дел од општествените групи во земјата беа под силен удар на бесперспективноста на економијата и нејасните намери на новите сопственици на компаниите, кои многу малку се интересираа за бизнисот на претпријатијата што ги приватизираа, а многу повеќе се интересираа за финансиските трансакции меѓу фирмите што ги приватизираа и банките кои ги кредитираа. Компаниите се задолжуваа, голем дел од недвижностите на фирмите одеа кај банките во хипотека, парите се трошеа ненаменски … Работниците почнаа да го губат мотивот на работа, оти немаше лидерство и стратешко промислување во компаниите. Немаше нови пазари, се губеа старите, компаниите се вртеа на внатре преку исклучиво врски со сите влади. Продуктивноста паѓаше и тоа е отприлика сликата денес … Секоја чест на силните позитивни исклучоци.
Коментар заслужува и ставот на политичарите дека со економски политики и длабоки промени можело да се оди кон прераспределба на богатството (од богатите демек кои заработувале повеќе кон оние кои не заработувале или заработувале помалку).
Заклучокот е дека со ваква идеолошко дефинирана платформа нема развој на економија, уште помалку повисоки стапки на раст на Бруто општествениот производ. Затоа што ниту тие што заработуваат повеќе се богати (заработката не е богатство!!??), а и не заработуваат кој знае колку! Ниту оние кои се сиромашни ќе бидат побогати или помалку сиромашни.
Демагошки е и тежок товар на општеството е да се мисли дека ако се земе од групите кои заработуваат повеќе (директори, сопственици, интелектуалци, ИТ професионалци, спортисти, уметници), сиромашните ќе биле побогати. Па нели тие се само 1%. Со оглед на тоа дека нели немаме средна класа, тоа значи 99% се сиромашни. Ајде да речеме дека еден добар процент се накај средна класа.
Па како тогаш 1% вакви богати како што ги гледаме низ улиците на македонските градови ќе ја подобрат состојбата на остатокот сиромашни?
Оттука, наместо да ги гледате овие 1% професионалци, претприемачи, инвеститори, доктори, професори за кои треба да се бара можност како перманентно да остваруваат поголеми приходи затоа што се моторот на растот, секоја економска политика мора да се бави со целта – како да се зголемат приходите на останатите 99%! Во оваа поента треба да лежи основата на секоја идна сериозна и структурно фундирана економска реформа во земјата! Значи, како да се зголеми приходот на професионалците!
Оти, зошто некој доктор би останал во оваа земја ако платата му е 800 евра, кога за истата работа во Словенија или Австрија би земал 1.500 до 2.000 евра, и при тоа никој нема да го праша на која партија е член!? Зошто приватен земјоделец би останал на својата земја чекајќи и субвенции за годишен принос од да речеме 1.500 евра месечно, кога без да му ја мисли и да чека субвенциите да му стигнат, тој во Швајцарија или Германија работејќи на земјата на некои други газди може да заработи и до 3.000 евра притоа работејќи повеќе работи? Не заборавајте дека зборуваме за најголем дел социјални категории на граѓани каде императивот им е голата егзистенција. Излезете малку од Малиот ринг на Скопје, посетете ја Македонија низ внатрешноста па ќе разберете што пишувам …