коментари
Љупчо Зиков: Сексот, ковидот и растот – како за крај на годинава!
На потребата од повеќе еротика во нашите животи укажуваат и студии направени на светски универзитети од многу умни научници. Кога пандемиите завршуваат, често постои период во кој луѓето бараат интензивна социјална интеракција и забава! Тоа е производ на преживеан стрес! Ние на пример во Македонија не сме во постојан стрес само поради ковид пандемијата! Ние сме затруени од политиката и од медиумите – телевизии и порталите во последните години, и какви се примитивизми дневно не читаме низ социјалните мрежи … таа општа македонска исфрустрираност и закованост во две три теми … без способност да се рашири малку да се види животот пошироко. Значи ние долго време сме под стрес! Нас всушност ни фали повеќе секс.

Овој текст, почитувани читатели, го пишувам на 22 декември. Да ти било денес светски ден на оргазмот!? Не знаев дека има и таков ден …Утрото гледам една српска телевизија, утринска програма во живо, онака “мрсна” и ексклузивна продукција, како што српска продукција знае да произведе … каква што не гледам на македонските телевизии.
Програмата ја отвораат со темата за сексуалноста и оргазмот кај жените и мажите. Водителката, убава, секси, грее, онака со еротски поглед кон камерата објаснува дека отворила вакво парче во утринска емисија како супер нешто на крајот на годината, со јасно изразена желба кон српското население за што повеќе секс за време на новогодишните празници … Гости ѝ беа двајца сексолози еден маж и една жена … кои половина час ги објаснуваа оргазмите кај жените и мажите … Онака, баш “пластично”. Супер беше да се слуша и убаво беше да се гледа … Убава водителка, убави гости, скапо студио, убаво дотерани. Темата поубава не можеше да биде.
За момент се вратив на македонските канали и ги листам … на некои гледам евтини македонски народни приказни (!?), на друга телевизија се распенавиле некои гледачи пензионери на живи јавувања во телевизијата … нити можеш да ги разбереш нити водителот ги разбира, гледаш кутриот водител едвај чека да завршат јавувањата … На друга телевизија гледаш репризи на турски серии со македонски превод каде некоја лелека / каква мајка си ти, каква мајка си ти … зарем не ти е срам … Не бегај, каква мајка си ти!!! Што да се каже …
Оттука, мојата желба за 2021 година е македонските телевизии, нивните основачи малку да забават со примитивизмот и да инвестираат повеќе во продукција, изгледот на телевизијата, сигналот и дизајнот … Да се укинат од емитување примитивните македонски народни приказни кои не само што го убиваат нагонот за секс кај населението по долината на Вардар, тие се и погубни по воспитување на новите генерации, на децата кои сакаат не сакаат се соочуваат со оваа напаст и пропаст на “сељаштвото” овде сликано и снимено во крајно петпарачка продукција! Исто така време е да се укинат оние деструктивни јавувањата на гледачите (пензионерите) во утринските и попладневните часови!
Време е да се направи една подетална ревизија на капацитетот на македонскиот медиумски простор. Што се нуди како квалитет. Да не заборавиме дека и медиумите покрај образованието ги формираат новите генерации. Затоа што има една стара југословенска поговорка која вели – Што мајмун види, то мајмун ради …
Да дадам еден генерален заклучок: На Македонија и треба повеќе еротика … Затоа што многу проблеми кои настануваат и на нашата политичка сцена, особено на релација власт – опозиција доаѓаат од недоволно количество на секс! Сега е време за опуштање! Се’ да биде поопуштено …
Второ – и светските научници се за повеќе секс
На пример, на потребата од повеќе еротика во нашите животи укажуваат и студии направени на светски универзитети од многу умни научници. Кога пандемиите завршуваат, често постои период во кој луѓето бараат интензивна социјална интеракција и забава! Тоа е производ на преживеан стрес! Ние на пример во Македонија не сме во постојан стрес само поради ковид пандемијата! Имајќи предвид што напишав погоре … со што сме се затруени низ медиумите – телевизии и порталите во последните години, и какви се примитивизми дневно не читаме низ социјалните мрежи … таа општа македонска исфрустрираност и закованост во две три теми … без способност да се рашири малку да се види животот пошироко. Значи ние долго време сме под стрес! А мислам дека и со сексот на национално ниво не стоиме најдобро … Добро, има убави исклучоци!Анализите покажале дека после оваа пандемија може да се очекува силна сексуална разузданост кај народот, либерално трошење на пари, и однесување кое многу нема врска со религиското … Тоа би било сеопшта радост!
Николас Кристакис, научник и професор на Јеил универзитетот во САД правејќи некаква ретроспектива со светските здравствени пандемии низ вековите наназад, вели дека сите пандемии во еден момент завршуваат … стопираат. Секогаш завршуваат. Тие завршувале и пред да се појави вакцина. Но, како човештвото ќе одговори преку социјалното дистанцирање и менувањето на животните навики кај луѓето, е тоа зависи од силината со која пандемијата влијае и извршила притисок врз нашите животи, општеството и капацитетите на државата … Значи дистрибуцијата на вакцината во 2021 година ќе биде еден од најголемите предизвици со кои ќе се соочи целото човештво во следната година.
Проценките се дека подобра иднина на краток рок нема да дојде додека државите и општествата не најдат време за дистрибуција на вакцината во некој момент во 2021 година, и додека светот не закрепне од економската и социјалната девастација, а тоа би можело најрано да се очекува во 2023 година. И конечно 2024 година би била година на експлозија на живот … спорт, игри, полни стадиони, полни ноќни клубови и силен развој на уметноста … Сите пандемиски трендови би биле свртени на грб, а луѓето силно ќе бараат социјална интеракција. Овие трендови може силно да придонесат и за сексуална разузданост, либерално трошење пари … Еве шанса за економија ако така велат светските аналитичари … Да се наштимаме …
Трето – кога кризата е и шанса
Колку и да звучи веќе како излитена фраза, но кризата е навистина истовремено и шанса. Пандемијата го затече светот очигледно неподготвен, но како одминуваа месеците се увидоа приликите!
Некои, веднаш ја видоа приликата и во „новото нормално“ ќе влезат побогати за десетици милијарди долари. Amazon е најексплоатираниот пример периодов за тоа што значи искористување на кризата како шанса. Технолошкиот император Безос го мобилизираше своето онлајн царство годинава со 400 илјади нови вработени, што е апсолутен рекорд во светската корпоративна историја, за да го задоволи гладот на светската популација за купување на се’ и сешто, додека рестриктивните анти ковид мерки ја беа заковале истата дома пред телевизор.
Значи за почеток да сфатиме дека ништо повеќе нема да биде исто. Животот продолжува, но од нас зависи како ќе го живееме во пост – пандемичната ера и дали ќе ги искористиме своите шанси. Или уште подобро, сами да ги создадеме. Дали ќе се „вооружиме“ со нови вештини што ги бара дигитализацијата, ќе го зголемиме личниот капацитет и ќе станеме конкурентни на пазарот што всушност ќе биде целиот свет, или типично, по балкански терк, ќе ја закопаме главата во песок и ќе го обвинуваме, пак истиот тој цел свет за сите наши проблеми. Дека, нели, нас, особено нас Македонците, сите не’ мразат!
За Капитал
Почитувани пријатели и читатели, со цел полесно да се движиме на патот кон трансформацијата за новото време, ние во Капитал решивме да направиме синергија од тоа што е неминовната сегашност и иднина и она што нас не’ направи препознатлив бренд на македонската медиумска сцена во двете децении наназад.
По мала пауза во издавањето на печатениот неделник Капитал (иако не престанавме и цело време излегуваме во ПДФ и хтмл формат на нашиот веб портал) од оправдани причини поврзани со ковид – кризата, решивме да ви понудиме уште подобар магазин, луксузно „спакуван“ и печатен на 140 страници, којшто е сега пред вас.Креиран со многу љубов и посветеност на целиот наш тим, со врвен дизајн и квалитетни содржини, впрочем онакви какви вие сте се навикнале да консумирате од нас изминативе две и повеќе децении.
Само што сега направивме и екстра напор, за да ви понудиме и дополнителна вредност, а тоа е новиот бренд! Новиот магазин „Менаџер“, кој можете да го прочитате откако ќе го свртите ова издание во контра! На чијшто развој исто така работевме изминативе месеци. И продолжуваме да работиме. А во наредните неколку месеци ќе излезе и со уште неколку изненадувања како нови производи на нашата компанија.
“Менаџер” ќе биде фокусиран на содржини од доменот на управувањето. Управување со вашите компании, со тимовите кои работат за компанијата, управување со вашите производи и управување со вашите проекти, управување со самите себе, управување со своите вештини, емоции, со својот тим, сектор, стартап, корпорација… Управување со новата реалност што ја носи дигиталното време.
Би сакале да ви помогнеме во тие процеси, се разбира, со помош на експертизата на нашите соработници од најразлични професионални сфери, докажани стручњаци од Македонија, регионот и светот.
За првиот број од новиот магазин се потрудивме да направиме избор на содржини што ќе бидат интересни за читање, но и корисни како своевидно know – how. Ги имаме локалните политички и бизнис лидери, банкарите, инвеститорската фела, стартап претприемачите…сите со своите визии и прогнози за она што следува во 2021. Генерално, умерениот оптимизам преовладува кај сите, што е добра вест, со оглед на предизвиците со коишто се соочивме годинава. Секако, ги опфативме и светските аспекти на она што се нарекува пост – пандемичен раст и развој, преку корпоративни стратегии, изјави на најголемите менаџери на денешницата и визионери.
Ве поканувам на ова ново возбудливо патување заедно со изданијата на КМГ и Ви посакувам на сите Среќна Нова Година и чувајте здравје!.
Со почит, Љупчо Зиков