Connect with us

интервју

Љупчо Николовски: Конечно реформа во системот на субвенции за повеќе храна

објавено

на

“Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов т.н. decoupling систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Во еден поорганизиран систем ги ставаме сите чинители, со зголемена контрола преку која ја намалуваме можноста за злоупотреби и сивата економија, систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна. Новиот модел за субвенционирање кој го предлагаме не ја крати досегашната поддршка која ја добивале земјоделците, туку истата се прераспределува во повеќе програми за поддршка“, вели министерот за земјоделие Љупчо Николовски во интервјуто за Капитал.

-Светот денес веројатно се соочува со најголемата криза по Втората светска војна, покрај енергетската криза многу позначајна е кризата за храна. Министре, што може да очекуваат граѓаните, ќе има ли зимава доволни количини на храна?

Војната во Украина сите држави ги исправи пред голем предизвик, за тоа како да го заштитат и одржат домашното производство на храна и како да обезбедат доволни количини на храна за сите граѓани. Вакви глобални кризи бараат и глобален одговор. Токму ова беше и главното прашање на министерската конференција во Берлин каде учествуваа министри за земјоделство од целиот свет, но и на Г7 самитот. Анализите направени и од ФАО, велат дека светот може да заборави на евтината храна, а некој проценки одат до таму дека пикот на оваа криза за храна можеме да го почувствуваме за две години.

Сега е потребно здружување и јакнење на соработката помеѓу државите, бидејќи само заедно обединети можеме полесно да ја пребродиме кризата. Во таа насока беа потпишани и ревидираните протоколи на Договорот за слободна трговија помеѓу Северна Македонија и Украина, преку кои овозможуваме македонските земјоделски производи слободно и без царина да се извезуваат во Украина. Исто така пред неколку денови потпишавме Меморандум за разбирање, односно соработка во земјоделието со Владата на Хашемитското Кралство Јордан, што претставува прв меѓународен договор меѓу владите двете земји. Потпишувајќи го овој документ, создаваме основа за интензивирање на размената на прехранбени продукти и земјоделски производи, особено во делот на зголемување на извозот на овошје, зеленчук и јагнешко месо од Северна Македонија во Јордан. Во Рим пак потпишавме нова петгодишна Програмска рамка со ФАО за соработка со која постигнуваме две стратешки цели, а тоа се одржлив и инклузивен економски и социјален развој со фокус на малите земјоделски стопанства и управување со климатските активности. Иницијативата Отворен Балкан исто така е можност повеќе во оваа криза, преку потпишаните договори сите три држави членки овозможија слободна размена на стоки и услуги, односно она што нам како држава ни е потребно да можеме слободно да го земеме од Србија и Албанија и обратно она што ним им е потребно, а го имаме ние како држава да го насочиме кон Србија и Албанија.

Покрај оваа соработка, како држава уште повеќе ја засилуваме поддршката кон земјоделскиот сектор, а тоа се потврдува и со последниот ребаланс на буџетот за оваа година, каде се скрати од сите други министерства и парите беа насочени кон земјоделството. Над 3 милијарди денари се ставија на располагање за земјоделците, преку интервентните мерки за поддршка, но и за расчистување на заостанатите обврски кои ги имаше државата кон земјоделците.

Преку навремените мерки кои ги презедовме уште пред почетокот на кризата, но и со новиот модел кој го предлагаме за субвенционирање, правиме се да го стабилизираме домашното производство на храна, да обезбедиме поголем принос и да обезбедиме доволни количини на домашна храна. Ни претстои тежок период, но ние навремено презедовме мерки, истовремено ја следиме секој ден состојбата и заедно со земјоделците креираме мерки за поддршка. Граѓаните можат да бидат спокојни, храна ќе има. Леб, млеко, зејтин, брашно и сите основни производи ќе ги има. Токму во таа насока, Владата преку министерството за економија, преку конкретни мерки дава поддршка на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи, во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи како и производители на јајца, да имаат фиксна цена на електрична енергија. Оваа цена на струја која што ќе ја обезбеди Владата ќе биде помала од 100 евра за мегават час, што е двојно пониска од цената на регулиран пазар. Во овој период потребно ни е заедништво, без лажни вести и креирање на паника кај граѓаните, без политика и обиди за собирање на политички поени, треба да сме заедно бидејќи оваа криза не распознава партиска или било каква друга припадност и само сплотени, можеме да ја надминеме со помала штета.

-Како министерство креиравте Национален план за производство на храна, а формиравте и Интервентен фонд за поддршка на земјоделците. Дали започна имплементација на овој Национален план, какви се резултатите од неговото донесување, но и какви се резултатите од интервентните мерки за поддршка на земјоделците?

Токму така, навремено уште пред почетокот на кризата како министерство подготвивме Национален план за производство на храна, со конкретни мерки за поддршка на домашното производство на храна. Неговата имплементација започна веднаш по донесувањето, а видливи се веќе и резултатите. Националниот план за производство на храна го подготвивме заедно во соработка со земјоделците, преку разговори во потсекторските групи, со претставници на научната фела и Министерството за финансии.

Со Националниот план секоја педа слободно земјоделско земјиште ја ставивме на располагање. Распишавме седум јавни огласи, преку кои на земјоделците им понудивме над 13.000 хектари земјоделско земјиште. Огласите кои ги распишавме беа наменски за производство на житни култури, каде понудивме над 5.000 хектари земјоделско земјиште, како и за производство на сточна храна и подигнување на долгогодишни насади.

Она што ме радува е што за овие огласи бележиме досега рекорден интерес кај земјоделците, со склучени 1.944 договори за закуп на државно земјоделско земјиште. Тоа значи дека успавме во намерата да го зголемиме со нови обработливи површини домашното производство на храна, пред се на значајните житни култури, а на тој начин да се зголеми и приносот. Во насока на нашата цел, буквално секоја една педа обработлива земја да ја ставиме во функција, работиме и на концепт преку кој ќе создадеме услови и обработливото напуштено земјиште кое е во приватна сопственост, да го ставиме во функција. Како го замислуваме овој процес, така што преку евиденцијата на земјоделското земјиште она земјиште кое ќе биде утврдено како напуштено, а е во приватна сопственост, ќе биде лоцирано и потоа на сопственикот ќе му понудиме самиот да започне да го обработува своето земјиште, или пак со негова согласност, во негово име, државата преку јавен оглас да го даде под закуп и истото да се обработува. Вкупната бројка на напуштено земјоделско земјиште во приватна сопственост не е мала и достигнува бројка од над 90.000 хектари, што не е воопшто за занемарување и дополнително ќе помогне во насока да имаме поголема обработлива површина и поголем принос, пред се на значајни култури. Ова не значи дека ние приватното земјиште ќе го присвоиме од граѓаните, туку напротив партнерски нудиме неколку опции како истото да биде ставено во функција и да се обработува. Сопственикот на земјиштето кое е во приватна сопственост, а прифати истото да се даде под закуп, би добивал 80% од закупнината, додека 20% би биле за државата. За краток период добри резултати даде и поддршката кон земјоделците која ја обезбедивме преку Интервентниот фонд кој го креиравме. Најпрвин вкупната вредност на Интервентниот фонд со која започнавме беше 400 милиони денари, средства наменети за креирање на интервентни мерки за поддршка на земјоделците во услови на криза. Земјоделците, поради војната во Украина се соочуваа со недостаток и покачени цени за набавка на репроматеријали, токму затоа првата интервентна мерка беше да ги поддржиме земјоделците во набавката на вештачко ѓубриво за пченица, пченка, јачмен и сончоглед.

Преку интервентниот фонд обезбедивме до 40% поддршка при набавка на вештачко ѓубриво за производителите на житни култури, односно по 4.000 денари за пченица и пченка и 2.500 денари поддршка кај јачменот и сончогледот.  Ваквата поддршка покрај тоа што влијаеше во намалувањето на трошоците за производство, влијаеше и во подобар квалитет на производот и поголем принос. Оваа интервентна мерка досега ја имаат искористено 6.815 земјоделци, со вкупна вредност на поддршка од 112,9 милиони денари. Задоволен сум што успеавме предвидениот брз систем за прибирање и исплата на апликациите да го реализираме без никаков проблем.

Овој брз систем предвидуваше исплата во рок од 7 дена, односно земјоделците апликациите ги подготвуваа во подрачните единици кои веднаш ги проследуваа до Платежната агенција, а тие веднаш вршеа проверки и доколку беа запазени критериумите се подготвуваше налог за исплата. Во интервентниот фонд креиравме и мерки за поддршка на сточарите, за јагне, гоеница и несилка, односно за предадено јагне и гоеница во регистрирани кланични капацитети и за несилки во одгледувалиштата кои се на возраст за производство на консумни јајца.

Оваа интервентна мерка ја искористиле вкупно 1.898 сточари, во вкупна вредност од 219,7 милиони денари. Бидејќи за краток период Интервентната програма даде резултат со ребалансот на буџетот за 2022 година истата ја дополнивме со нови 500 милиони денари, со што вкупниот интервентен фонд достигна 900 милиони денари, средства наменета за поддршка на секој еден земјоделец. Па така покрај поддршката за пролетната сеидба поддршка обезбедивме и за есенската сеидба. Интервентната програма ја дополнивме со нови мерки за набавка на вештачко ѓубриво за производство на јачмен и пченица, но и со мерки за поддршка на производителите на зелка и слива. Поддршка преку интервентниот фонд даваме и на млекопроизводителите за произведено и предадено млеко во регистрирани капацитети.

-Владата одржа тематска седница на која го презентиравте предлог новиот модел за субвенционирање во земјоделството, на заедничката прес-конференција со премиерот рековте дека ова е историски ден за земјоделците, која беше причината да се решите на ваква реформа и кој се очекуваните цели кои сакате со новиот модел на субвенционирање да ги постигнете?  

Борбата како да обезбедиме стабилно домашно производство и доволно храна за сите граѓани, уште при подготовката на Националниот план за производство на храна, не мотивираше да го започнеме процесот на подготовка за реорганизација на системот за субвенционирање. Храбро пристапивме на ова прашање и направивме голем чекор кој ќе донесе развој и модернизација на македонското земјоделство и токму затоа велиме дека ова е историска и многу значајна земјоделска реформа.

Со овој нов модел кој го предлагаме, нудиме решенија за сите слабости кои ги имаше досегашниот модел за субвенционирање. Често пати при разговорите со земјоделците, тие се жалеа на бавниот начин на исплата. Исто така забелешки за моделот на субвенционирање доаѓаа и од сите граѓани кои велеа дека многу пари се даваат за субвенции, а ефектот од таа поддршка не се гледа. Како министерство заедно со Платежната агенција и стручната фела започнавме анализа на досегашниот модел, лоцирајќи ги сите слабости и барајќи соодветни решенија. Шест месеци работевме на креирање на новиот модел, а директно вклучени во целиот процес беа и самите земјоделци.

Како пилот проект за прв пат моделот го тестиравме поврзувајќи ги субвенциите за сончогледот со задолжителен остварен принос, но и со предавање на целото производство во домашни капацитети. Тоа што успеавме повеќе од двојно да го зголемиме приносот на сончогледот за оваа година и целото производство да заврши и да биде откупено од домашните капацитети, не’ охрабри уште повеќе дека сме на правиот пат и дека креираниот нов модел за субвенционирање ќе ги даде очекуваните резултати.

Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов т.н. decoupling систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Во еден поорганизиран систем ги ставаме сите чинители, со зголемена контрола преку која ја намалуваме можноста за злоупотреби и сивата економија, систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна. Новиот модел за субвенционирање кој го предлагаме не ја крати досегашната поддршка која ја добивале земјоделците, туку истата се прераспределува во повеќе програми за поддршка. Ако целта на досегашниот систем за субвенции беше поддршка кон земјоделците да го одржат производството, со новиот модел поддршката е насочена кон тоа да им помогне на земјоделците да остварат добро и квалитетно производство со зголемен принос. Приоритет се дава на важните култури и производи за државата, каде финансиската поддршка е зголемена, односно го поддржуваме повеќе она што пазарот го бара. На овој начин создаваме еден стратешки пристап што ќе го поттикне економскиот раст на државата, ќе ја намали увозната зависност од стратешки производи и ќе ја зголеми продуктивноста. Целта е да имаме поефикасен систем кој ќе има брза исплата, за да може земјоделците навремено да ги добијат своите средства.

Да имаме модел кој гарантира дека нема повеќе да има заостанати обврски и токму затоа оваа година, со ребалансот на буџетот за 2022 година обезбедивме 2,7 милијарди денари, средства со кои до крајот на оваа година во целост ќе ги имаме расчистено сите заостанати обврски кон земјоделците. Предложениот нов модел гарантира спречување на злоупотребите и намалување на сивата економија, бидејќи создадовме услови на Платежната агенција за зголемен обем на контроли и подолг период за нивно извршување, користејќи ги сите воспоставени системи, но и преку сателитски и ортофото снимки. Моделот гарантира развој на македонското земјоделство и дава предност на вистинскиот земјоделец чија единствена дејност е токму земјоделието.

-Пред да го презентирате новиот модел во Владата истиот го презентиравте и пред Агро Советот, тело кое е формирано од Владата и кое сега повторно го заживеавте. Какви се реакциите на членовите има ли поддршка од нив новиот модел кој го предлагате?

Целиот процес го водевме отворено и транспарентно директно соработувајќи со земјоделците. Најпрвин моделот како прв нацрт предлог беше презентиран пред новинарите, бидејќи потребна е нивната поддршка и вклучување во целиот процес како би можеле правилно и до секој еден земјоделец да допре новиот предлог модел за субвенционирање, за да можеме да ги слушнеме сите реакции и сите предлози и забелешки. Потоа нацрт предлогот беше презентиран и пред членовите на Агро Советот, највисокото тело во земјоделството, кое повторно го заживеавме и кое сакам да биде тело каде ќе се креираат сите важни политики и мерки за земјоделците. Агро Советот едногласно го прифати предлогот за пристапување кон измена на моделот за субвенционирање и го одобри нацрт предлогот да се предаде кон потсекторските групи на разгледување. Состаноци се одржаа со сите дванаесет потсекторски групи во министерството каде детално се разгледуваше првиот нацрт предлог. Сите потсекторски групи имаат дадено поддршка за концептот и потребата од промена на моделот за субвенционирање, а нивните предлози и забелешки се веќе вградени во новиот модел кој беше презентиран пред Владата. Останати се отворени неколку прашања кај пчеларството и органското производство и овој период со потсекторските групи уште разговараме и се консултираме, па очекувам во скоро време и тука да имаме првичен предлог како би одел моделот на субвенционирање.

Со презентацијата и усвојувањето на првиот предлог модел до Владата ја заокруживме првата фаза од донесувањето на новиот модел. Следува процес кога подготвениот предлог модел ќе го презентираме на терен,  до секој еден земјоделец и земјоделските здруженија да ги слушнеме мислењата, предлозите и забелешките директно од секој земјоделец. Само така можеме да имаме добар и ефикасен модел за субвенционирање кој ќе даде резултати.

-Предвидувате со новиот модел земјоделците да добиваат основна и дополнителна субвенција, кои би биле условите за земјоделците да ги добијат овие субвенции?

Македонското земјоделство го прилагодуваме на европското и овој предлог концепт за субвенционирање кој го предлагаме се базира токму на decoupling методот, кој се користи во европските држави и се покажа како метод со најголема ефикасност. Правиме раздвојување на тоа кои производи и култури се значајни и важни за државата, односно производи кои пазарот ги бара, и култури и производи кои добиваат само основна субвенција.

Сите земјоделци би добивале основна субвенција наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба и оваа основна субвенција би ја добивале авансно, веднаш по аплицирањето доколку  ги исполнуваат минимум пропишаните услови. Дополнителните субвенции пак ќе ги добијат оние земјоделци кои произведуваат значајни култури или производи, односно го обработуваат земјиштето и достават доказ за остварен принос и целото производство го предадат во регистрирани домашни капацитети.

Дополнителните субвенции ќе може да ги добие и секој земјоделец кој произведува значајни култури и производи, а своето земјоделско производство го користи за сопствени потреби во производство на финален производ. Исто така кон сите земјоделци ја продолжуваме и поддршката за зелена нафта, која оваа година е до 50%, а преку направените законски измени овозможивме да достигне и до 100%. 

На овој начин преку вака конципиран модел за субвенции кај растителното производство веднаш ги елиминираме оние кои само аплицираат за субвенции по пријавена површина без да докажат дека земјата ја обработиле и оствариле принос, а средствата ги пренасочуваме кон оние земјоделци кои реално ја обработуваат површината и остваруваат принос.

Имаме предвидено повеќе системи за контрола и точно ќе знаеме кое земјоделско земјиште е обработено. Кај сточарството пак, со новиот модел предлагаме субвенционирање само на репродуктивни грла добиток постари од 1 година каде субвенциите ги зголемуваме до 100 проценти. Она што исто така го нуди новиот модел за субвенционирање во делот на сточарството е побрзата исплата за произведеното и предадено млеко кај регистрираните производствени капацитети, каде планираме истата да се врши еднаш месечно. Вака поставениот систем гарантира побрза исплата, дава можност за поголема контрола и ја зголемува продуктивноста во земјоделството.

-Сега преку новиот модел што го предлагате акцент ставате на стратешките производи, значи ли ова дека конечно државата има стратегија и почнува плански  да произведува домашна храна?

Преку овој нов модел за субвенционирање кој го прелагаме, градиме еден стратешки пристап на државата во земјоделството кој има за цел да го развие производството на значајните култури, да поттикне поголем економски раст и да ја зголеми продуктивноста. Стратешките култури и производи кои се важни за државата и влијаат во економијата ги издвојуваме и за нив финансиска поддршка се зголемува. Листата на стратешките култури ја утврдивме заедно со земјоделците преку состаноците на потсекторските групи.

Колку повеќе ги зголемиме површините и домашниот принос под стратешки култури, толку помала ќе биде увозната зависност на државата од стратешки култури. Преку конкретни мерки и политики успеавме изминативе три години тоа да го постигнеме со јачменот, зголемувајќи го домашното производството на јачмен и од увозно зависна култура, сега е култура која бележи извоз. Тоа го постигнавме и со сончогледот оваа година преку договорното производство кое го направивме како пилот мерка, за да видиме како би функционирал новиот концепт кој го спремавме за субвенционирање. Афионот како значајна македонска земјоделска култура повторно го враќаме на полињата, утврдувајќи го афионот во листата на значајни индустриски култури каде поддршката дури за три пати ја зголемуваме. Стратешките култури и производи добиваат дополнителна субвенција, односно секој еден земјоделец кој произведува некоја од утврдените важни култури, доколку оствари соодветен принос и своето производство го предаде во регистрирани домашни капацитети, ќе има можност да ја добие предвидената дополнителна субвенција.

-Дали очекувате ваквиот нов модел да ја подобри откупната цена за земјоделските производи која ја добиваат земјоделците од откупувачите, но и дали би влијаела и кон крајната цена на финалниот производ.

Наша обврска како министерство е да водиме грижа земјоделците да имаат стабилно производство, да помогнеме тогаш кога е потребно во намалувањето на трошоците кои ги имаат, а се со цел квалитетно и големо домашно производство на храна. Во таа насока беше креиран интервентниот фонд кој ги помогна земјоделците да имаат помали трошоци во услови на криза. Како министерство ние не можеме да се мешаме во креирање на цената на пазарот, но можеме да посредуваме помеѓу земјоделците и откупувачите, преку дијалог да дојдеме до добра и прифатлива откупна цена и тоа го правиме.

Успеавме да постигнеме рекордна откупна цена за грозјето зголемена за 30%, добра цена оваа година имаат и житните култури, како пример јачменот и пченицата. Ние сега со новиот модел за субвенционирање велиме дека даваме поголема поддршка за стратешките производи со обврска земјоделците целото домашно производство да го предадат во домашни капацитети. Така е чесно кон сите граѓани, бидејќи поддршката која ја даваме до земјоделците е од буџетот на сите граѓани. Но уште почесно и поодговорно е да очекуваме и да инсистираме откупувачите да дадат добри откупни цени и да ја почитуваат маката на земјоделците. Земјоделците и откупувачите мора да соработуваат и да имаат поголема меѓусебна доверба, а токму тоа најдобро можеме да го постигнеме преку договорното производство.

Кризата ги погоди сите сектори и земјоделците, но и преработувачите, тие имаат исто зголемени трошоци, но наша грижа се пред се земјоделците и секогаш сме биле и ќе бидеме на нивна страна за добивање на реална цена која ја почитува земјоделската мака при процесот на производство. Млекарите не можат без млекопроизводителите, или пак комбинатите без тутунарите, тоа е еден поврзан систем кој мора меѓусебно повеќе да соработува и да си помага. Тоа успеваме да го направиме преку потсекторските групи каде на иста маса седат и земјоделците и преработувачите, кои заедно со нас директно се вклучени во креирањето на сите мерки. 

-При презентацијата рековте дека со новиот модел нема да се крати од досегашната поддршка на земјоделците, од партијата Левица пак ве обвинија дека со новиот предлог ставате крај на индивидуалните земјоделски производители. Од ВМРО-ДПМНЕ некоја посебна реакција немаа, освен еден статус на социјалните мрежи во кој велат дека со новиот предлог не сте понудиле ништо суштинско. Како ја коментирате оваа нивна оценка на вашиот предлог и дали очекувате истиот да биде блокиран?

Веднаш само да расчистиме дека Левица не ме обвинува мене, туку ги лаже и манипулира земјоделците. Со новиот модел ништо не се крати. Досегашната поддршка која ја добивал секој еден земјоделец ќе ја добива и со новиот модел, но преку нови услови и распределена во повеќе програми за поддршка. Новиот модел токму предност дава на оние земјоделци чија основна дејност е земјоделството, на малите семејни стопанства.

Секој земјоделец добива основна субвенција, а дополнителна субвенција добиваат оние кои обработуваат значајни култури и производи, кои ќе остварат принос и своето производство ќе го предадат во регистриран капацитет. Дека нема да им се скрати поддршката на индивидуалните земјоделци говори фактот што и тие доколку произведуваат значајни култури, а производството го зачуваат за сопствени потреби во преработка на сопствен финален производ исто така ќе ги добијат во целост дополнителните субвенции.

Нова посебна програма за поддршка на индивидуалните производители на храна од животинско и неживотинско потекло креираме со новиот модел. Програма која има за цел во наредните 5 години да поттикне и да развие над 2.000 мали семејни производители на храна својата дејност да ја регистрираат во АХВ, развивајќи нови традиционални брендови. Исто така новиот модел предвидува фиксна поддршка од 40.000 денари за земјоделците од мал обем и кај нив поддршката не се врзува со доказ за предадено производство.

Со оваа програма малите семејни производители на храна добиваат грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и директна продажба, развивајќи го системот за продажба од праг или од фарма. Што се однесува до другиот дел од прашањето дека со новиот модел не се нуди ништо суштинско што би им помогнало на граѓаните, очигледно некој или го нема видено и прочитано новиот предлог модел или нема многу познавање од земјоделството.

Зарем има нешто посуштинско од тоа што ги издвојуваме значајните култури и ја зголемуваме поддршката за нив, тоа што го поттикнуваме зголемувањето на приносот и ќе ја намалуваме увозната зависност од стратешки култури на државата, или од тоа што целото домашно производство ќе заврши во домашни капацитети. Зарем може да е нешто посуштинско од тоа да земјоделците имаат систем на субвенционирање кој ќе биде побрз и поефикасен. Многупати сум кажал дека земјоделството не е место за политика, особено во вакви кризни моменти. Секој искрен и конструктивен предлог како да ги помогнеме земјоделците и да го зголемиме домашното производство е добредојден, но политиканство и ловење на поени преку лаги и манипулации со земјоделците не може и не смее да помине.

Оние кои велат дека новиот модел за субвенционирање немал ништо суштинско имаа на располагање десетина години да направат нешто суштинско за земјоделците. За разлика од тогаш кога субвенциите се даваа по списоци на подобни и неподобни земјоделци, денес со еден потпис, на едно решение, без селекција сите земјоделци добиваат субвенции, а со новиот модел уште повеќе можности за поддршка ставаме на располагање.

Исто така, земјоделците многу добро знаат на која влада какви биле приоритетите. Ние наследивме долгови кон млекопроизводителите на пример за неисплатени 9 фази за предадено млеко, наследивме обврски за неисплатени субвенции од 2015 година, го решававме проблемот со Субрата Рој и земјиштето во Џумајлија, потоа ги решававме и враќавме долговите кон лозарите од пропаднатите винарници Повардарие, винарница Стефани и Петра и уште многу други наследени проблеми. Па еве еден пример:  ние сега обезбедуваме 2,7 милијарди денари за да расчистиме комплетно со заостанатите долгови опфаќајќи скоро 50.000 земјоделци. Само за споредба 2 милијарди денари се дадени за 34 споменици од Скопје 2014. Замислете си само доколку овие пари завршеле во земјоделството, наместо во гипс колку полесно денес ќе ја поминевме кризата.

Ова е јасна разлика на која влада какви и биле приоритетите, можеби за нив ова се суштински проекти во земјоделството. Денес работата во министерството е многу поинаква. Мерките се носат во разговори со земјоделците, тие директно се вклучени во креирањето на политиките и токму така донесени мерки даваат резултат. Затоа транспарентно го водиме и заедно го креираме моделот за субвенционирање. Искрено не знам дали да очекувам блокада или не, со нив човек никогаш не знае на што е. Овој модел едногласно беше прифатен од земјоделците, тие директно беа вклучени во неговата подготовка, ако некој мисли дека ваква важна реформа треба да биде блокирана нека проба, но ќе се соочи со гневот на земјоделците.

-Програмата за Рурален развој исто така ја менувате со нови мерки и велите ќе прерасне во инвестициона програма. Една од новите мерки во програмата е мерката бизнис план ви земјоделието, што добиваат земјоделците со оваа нова мерка која ја предвидувате?

Како дел од предлог новиот модел за субвенционирање предлагаме и нови мерки во Програмата за Рурален развој со кои оваа програма прераснува во инвестициона програма. Во програмата креираме нова мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството, што претставува нов концепт на финансиска поддршка на земјоделските стопанства за примарното земјоделско производство.

Со оваа нова мерка предвидуваме јавен повик кој ќе биде отворен во текот на целата година на кој земјоделците ќе можат да аплицираат во набавка на опрема за производство и преработка на финални производи. Наместо земјоделците да чекаат некој од повиците кој ги распишувавме преку програмата за рурален развој, сега ќе можат самите во текот на целата година, тогаш кога ќе бидат подготвени, да спремат бизнис план и да аплицираат. Корисници на оваа нова мерка се индивидуалните земјоделци чија основна дејност е земјоделството и кои егзистираат од земјоделството, односно се регистрирани со законот за вршење земјоделска дејност или согласно законот за ПИОМ. Максималната вредност на поддршката по корисник изнесува 600.000 денари, односно кофинансирање до 50% од вредноста на прифатливите трошоци.

Даваме можност процентот на кофинансирање да се зголеми до 10% кај оние бизнис планови каде инвестициите ќе бидат во обновливи извори на енергија. Уште една нова мерка која ја предвидуваме со програмата за рурален развој се советодавните услуги за земјоделците, каде преку посебен закон за воспоставување на советодавен систем во земјоделството и руралниот развој, преку кои земјоделските стопанства ќе можат да стапат во соработка за користење на стручни совети за подобрување на производството.

Максималната вредност на поддршката за оваа нова мерка изнесува до 100.000 денари по корисник, односно кофинансирање од 70% на трошоците за користење на  советодавни услуги. Досегашните мерки кои дадоа одлични резултати како грантот за млад земјоделец, рурална жена и за набавка на педигриран добиток остануваат во програмата и ги продолжуваме. Грантот за млад земјоделец даде одлични резултати и го зголеми интересот кај младите за вложување во секторот земјоделство.

Поддршката за руралната жена и нејзиното активно вклучување исто така бележи добар успех и веќе имаме многу успешни примери на жени од руралните средини кои преку овој грант креираа убави традиционални брендови. Со мерката за набавка на високо педигриран добиток им помагаме на сточарите да го модернизираат и зголемат сточниот фонд со нови грла добиток и само оваа година склучивме 103 договори со кој се набавија над 3.000 нови грла добиток. Оваа година преку Програмата за рурален развој распишавме повеќе повици за поддршка на земјоделците во набавка на опрема и механизација за земјоделците како поддршка при набавка на трактори, набавка на силоси, опрема за производство на тутун, мандри, специјализирани комбајни за ориз и мобилни сушари и поставување на системи за наводнување. Со новиот модел кој го предлагаме преку оваа програма уште повеќе даваме поддршка на земјоделците за модернизација на своето производство, но најважното е тоа што предност при поддршката даваме токму на вистинските земјоделци чија основна дејност е земјоделството. Тоа беше нивно барање на кое ние работевме во изминатиов период креирајќи го овој предлог кој точно дава решение на нивното барање.

Покрај програмата за рурален развој на располагање за уште поголеми инвестиции ја ставаме и новата ИПАРД 3 програма. Изминатиов период станавме земја лидер во регионот по искористеност на овие средства, нема место во државата каде денес нема да сретнете табла дека некој проект е реализиран токму со средства од ИПАРД програмата. Искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата ја заокружуваме со висок процент од скоро 90%, односно склучени 2.335 договори. Нема повеќе плаќање камати, или враќање на неискористени средства како што беше случај во едно минато време. Токму во таа насока Европската Комисија одлучи за 62% да ја зголеми поддршката во новата ИПАРД 3 програма. Од 60 милиони евра средства на ЕУ кои ги имавме преку ИПАРД 2 програмата, сега за новата ИПАРД 3 добиваме 97 милиони евра европски пари и заедно со учеството на државата и делот од кофинасисрање на апликантите достигнуваме до вкупна сума од 210 милиони евра, средства наменети за инвестиции во следните 7 години преку ИПАРД 3 програмата. Она што е ново и значајно е дека воведуваме можност за авансна исплата до 50% од финансиската поддршка, но и го зголемуваме прагот на минимум прифатливите трошоци по проект за мерките од ИПАРД 3 програмата, односно 10.000 евра за мерката  1 Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, потоа 20.000 евра за мерката 3 Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и 5.000 евра за мерката 7 Диверзификација на фарми и развој на бизниси.

-Преку развојните програми кои ги предлагате фокус ставате на малите производители на храна, малите винарници, но и на задругите. Кај малите винарници се бележи раст и се покажаа како успешна приказна, какви се очекувањата за развојот на малите производители на храна и на земјоделските задруги?

Преку олеснувањето на постапката за упис во регистарот на производители  овозможивме малите семејни земјоделски стопанства многу полесно да се впишат и да ја започнат својата дејност. Имаме позитивен и успешен пример кај малите семејни винарници, каде бележиме голем раст и денес имаме повеќе од 70 мали винарници, со капацитет до 50.000 литри кои произведуваат вино од сопственото производство на грозје. На 59 мали винарници оваа година доделивме грант од по 10.000 помагајќи им при набавка на опрема за производство.

Ваквиот успешен пример со малите семејни винарници го пресликуваме и кон малите семејни производители на храна. Креиравме програма за финансирање на мали семејни бизниси и производители на храна, преку која имаме за цел да поттикнеме развој на 2.000 производители на месни и млечни производи, како и други преработки од овошје и зеленчук кои својата дејност треба да ја регистрираат во АХВ развивајќи нови брендови на традиционални производи. За нив обезбедивме грант од 10.000 евра наменет за набавка на опрема за производство и директна продажба.

Корисници на мерката од оваа програма се земјоделските стопанства, односно малите семејни производители на храна од животинско и неживотинско потекло, кои своето производството сакаат да го пласираат на домашниот пазар по принципот продажба од праг или од фарма. Ја продолжуваме и поддршката кон малите семејни винарници, преку програмата за финансирање на мали семејни производители на вино, а наша цел со оваа програма е да дадеме поддршка во функционирањето на веќе постојните мали винарници, но и да поттикнеме нови мали семејни винарници да се регистрираат и да ги зајакнеме нивните капацитети. Исто и за нив обезбедуваме грант до 10.000 евра за поддршка при набавка на опрема за производство и пакување на виното.

Уште една нова програма со која ја заокружуваме оваа голема и значајна земјоделска реформа е програмата за развој на селата преку поддршка на земјоделските задруги и подобрување на условите за живот на луѓето во селата. Оваа програма овозможува развој на селата преку економско здружување и системско подобрување на работењето, како и зголемување на пазарната конкурентност. Преку оваа програма обезбедуваме финансиска поддршка од 3 милиони денари за веќе постојните задруги и 1.500.000 денари за ново формирани задруги.

Нова програма, која сега за прв пат ја воведуваме, а е исто значајна за поддршка на земјоделците е и програмата за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Ова е нова програма со која го помагаме откупот на земјоделски производи, ја поттикнуваме потрошувачката на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, а главната цел е овие производи да бидат наменети и да обезбедиме здрава ужина за нашите деца во сите основни училишта во државата. Веќе е распишан јавен повик за избор на оператор кој оваа година ќе изврши откуп на јаболка и истите ќе ги дистрибуира до 350 основни училишта, обезбедувајќи здрава ужина за 186.000 ученици. Оваа година во оваа програма обезбедивме 20 милиони денари, додека за 2023 година во оваа програма се предвидуваат 40 милиони денари, со кој ќе можеме покрај јаболката да опфатиме откуп на повеќе земјоделски производи.

економија2 дена ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија2 дена ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании2 дена ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет2 дена ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион2 дена ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија2 дена ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија2 дена ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки6 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет5 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

македонија2 дена ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

интервју2 дена ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија2 дена ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија2 дена ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал