интервју
Љупчо Николовски: На граѓаните им е преку глава од декларативни заложби. Носиме храбри одлуки, воведуваме системски и генерациски промени
Љупчо Николовски, заменик претседател на Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси

„Морам да потсетам, до пред неколку години воопшто не можевме да зборуваме за транспарентност, а уште повеќе да ја видиме како особина на минатата власт. Никој не знаеше ништо, имавме затворени институции, немаше транспарентност за што и како се трошат народните пари. Тоа време е завршено верувам засекогаш. Да, оваа власт е под лупа на јавноста и свесно влезе во таков ризик, но сме убедени дека по тој пат треба да одиме сите во иднина. Владиниот План за борба против корупција е производ на силна политичка волја и соработка преку која истиот се донесе и усвои. Носиме храбри политики за ред, правда, дисциплина, за враќање на довербата во институциите, за општество ослободено од корупција. На граѓаните им е преку глава од декларативните заложби кои ги слушаат изминативе 30 години. Со право бараат ефикасен и праведен систем кој никого не смее да привилегира, ниту пак да заштитува. Наша приоритетна цел е да воспоставиме модел за координирање на сите задолжени институции за борба против корупцијата, кој брзо ќе испорачува резултати. Да поставиме стандард кој ќе го преземат сите идни влади!“
Љупчо Николовски важи за човек од најблиска доверба на премиерот Зоран Заев, актуелен генерален секретар е на владејачката партија СДСМ и не е изненадувачки што токму тој беше поставен за вицепремиер во Владата чијашто примарна задача ќе биде да се бори против корупцијата во државата. На забелешката што му ја упатуваат критичарите околу тоа дали е соодветно висок партиски функционер да е токму именуваниот „прв борец против криминалот и корупцијата“, Николовски одговара дека тоа е вештачки наметната дилема. „Наметната токму од оние на кои не им одговара засилената и бескомпромисна борба против корупцијата и тоа е тоа! Токму мојата партиска должност е најдобра гаранција дека справувањето со високата корупција е највисок приоритет за оваа Влада. Пред 7 месеци, прв пат во историјата на македонскиот плурализам како Влада воспоставивме должност Заменик претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.“, вели Николовски во интервјуто за Капитал каде што, меѓу другото, го објаснува и подетално планот Акција 21, амбициозно најавен за борба против корупцијата, особено откако Транспаранси Интернешнал во својот Извештај истакна дека Северна Македонија не напреднала на скалата на држави рангирани според индексот на перцепција за корупција во општеството.

Во услови кога двајца луѓе за коишто македонската јавност има перцепција дека се меѓу најголемите репрезенти на она што значеше криминал и корупција за време на минатата власт се во затвор и притвор, кога се водат постапки против уште неколку нивни „соборци“, кога и довчерашен висок функционер и близок соработник на премиерот Заев е во притвор – ние имаме извештај за полоша перцепција во државава во однос на корупцијата. Како е тоа можно? Дали борбата против корупцијата остава впечаток кај јавноста дека корупцијата се зголемила всушност?
Свесни сме дека корупцијата е длабоко вкоренета, дека постои разочарување кај граѓаните, не велиме дека ќе се реши преку ноќ, но имаме политичка волја и сме одлучни да ја промениме состојбата, и нема откажување од тоа.
Извештаите не нè демотивираат, тие се поттик за нас уште повеќе, уште позасилено да преземаме мерки, да делуваме за спречување и искоренување на корупцијата. И кристално јасно е дека оваа Влада за разлика од тогашната (за жал и актуелна) гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ е транспарентна за буквално се’, разрешува функционери кои ќе сторат незаконско дело, слободата на говор и делување ја доведе до незамисливо високи граници, како ниедна владејачка структура во нашата историја влезе храбро да решава случаи и криминали на луѓе чие име не смееше да се спомене надвор од дома и најважно, го охрабри и остави правосудството да си ја врши работата без никакви притисоци.
Но, пред да се случи тоа ние имавме состојба на 11 години режимско владеење кои ни ја уништија перцепцијата за сето она што значи нормално демократско општество, на начин како да така владееле претходни 100 години.
Граѓаните имаат урната доверба во сопствената татковина благодарејќи на тоа, а уништената доверба не се враќа лесно. До омраза се доаѓа лесно, но тешко се враќа назад кон поддршка, доверба и љубов. Таков е случајот и овде. Ги следиме и прифаќаме сите извештаи кои ја отсликуваат состојбата, констатираат состојби, даваат препораки. Борбата против високата корупција и криминалот е високо на нашата агенда и тоа се гледа. Не го правиме истото затоа што ЕУ тоа го бара од нас, туку поради фактот дека без тоа никогаш нема да се ослободиме од синџирите кои не’ влечат надоле и не ни дозволуваат да станеме држава во која граѓаните ќе сакаат да живеат и ќе се гордеат.
За случајот со поранешната директорка на Агенцијата за европски образовни програми, Лидија Димова, имавте и лично статус на социјалните мрежи и се заложивте за нејзина итна смена. На Рашковски му се даде повеќе простор, но сепак се отвори истрага. Дали ваквите случаи на сомневања за корупција и криминал низ највисоките владини структури влијаат врз довербата кај граѓаните?
Ако нешто покажуваат случаите, тоа е дека не постои компромис, секој што го прекршил законот, ја злоупотребил службената положба, го оштетил буџетот – мора да одговара и никој не е поштеден. Нема селективност во постапувањето…За секој случај каде постои било каков сомнеж за корупција или криминал, институциите имаат обврска да постапуваат, да отвораат истраги, без разлика за кој функционер станува збор, од власта или опозицијата.
Пораката дека нема недопирливи е суштината на правната држава, не е празна флоскула. Искрено верувам дека набрзо граѓаните ќе го сфатат ова на уште пошироко ниво и ќе се вклучат уверливо во оваа заедничка борба, за резултати кои ќе ги почувствуваме сите.
После неповолниот Извештај на Транспаренси Интернешнл, заедно со премиерот Заев најавивте амбициозен план за борба против корупцијата, Акција 21. Да објасните за нашите читатели Ве молам, кои се клучните точки од овој план, и што може да очекуваат граѓаните ако се имплементираат сите точки како што треба?

Целиот план е основа од која ние како општество ќе видиме огромен бенефит во годините пред нас без разлика кој е на власт. Огромен дел од тој план оди во линија на зајакнати контроли и зголемена транспарентност. Мое лично верување е дека кога јавноста и оние кои тоа им е работа ќе имаат повеќе алатки на располагање, резултатите неминовно стигнуваат.
Морам да потсетам, до пред неколку години воопшто не можевме да зборуваме за транспарентност, а уште повеќе да ја видиме како особина на минатата власт. Никој не знаеше ништо, имавме затворени институции, немаше транспарентност за што и како се трошат народните пари. Тоа време е завршено верувам засекогаш. Да, оваа власт е под лупа на јавноста и свесно влезе во таков ризик, но сме убедени дека по тој пат треба да одиме сите во иднина.
Владиниот План за борба против корупција е производ на силна политичка волја и соработка преку која истиот се донесе и усвои. Содржи 18 системски мерки, подготвени врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независни тела, како и врз основа на релевантните домашни и странски извештаи. И ова се храбри политики за ред, правда, дисциплина, за враќање на довербата во институциите, за општество ослободено од корупција.
Фокусот е ставен на дигитализацијата, како единствен механизам за елиминирање на човечкиот фактор, со цел да се намалат ризиците и да се спречи корупцијата. Планот содржи неколку мерки кои се однесуваат на дигитализација на процесите. Веќе е формирана работна група која има за цел да подготви соодветни измени и дополнувања на законите, со цел да се отстранат формално-правните пречки кои во моментот ги отежнуваат некои од постапките што се водат пред институциите од јавниот сектор.
Дополнително, една од задачите е и целосна автоматизација на процесите кои се однесуваат на прибавување и размена на податоци по службена должност, но и целосна употреба на Националната платформа за интероперабилност, Централниот регистар на население и електронската идентификација за граѓаните и бизнисите при комуникација со органите. Едноставно мораме да ги искористиме придобивките кои ги овозможува четвртата индустриска револуција и да ги употребиме за сето она што значи стратешки приоритет за државата.
Во моментов, секој орган, заради својата надлежност за одредена постапка, ги бара доказите директно од граѓаните, а истите тие докази веќе ги има кај себе или постојат кај друг надлежен орган. Во голем дел од постапките се бара копија од лична карта или пасош, извод од матична книга и државјанство.
Нашата цел, преку целосна дигитализација на трите матични книги, ставање во полна функција на Централниот регистар на население, сите овие докази, органите автоматски да ги преземат од Централниот регистар на население, наместо граѓаните да ги приложуваат пред органите или да достават само извод од Централниот регистар на население, кој во себе веќе ги содржи податоците од овие три поединечни докази.
Колку е помало влијанието на човекот, толку е помал просторот и ризикот од корупција. Нема повеќе изговори дека недостигаат одредени документи за постапките што ги водат граѓаните за да остварат некое свое право пропишано со закон. Оваа активност подразбира измена на стотина закони и подготовките за нејзино имплементирање се веќе започнати со формирањето на работната група. Овие процеси ќе им помогнат и на надлежните органи за борба против корупција и криминал, бидејќи податоците кои им се потребни на сите органи за спроведување на конкретни предистражни или истражни мерки ќе им бидат веднаш достапни и ќе бидат точни и ажурни.
Со ова се гарантира и ефикасноста и ефективноста како во управните постапки, така и во кривичната постапка. Дел од мерките се однесуваат на дигитализација на истражните центри, воспоставување на Е-инспектор, создавање на централна база за издавање на лиценци и дозволи, воведување на систем за следење на предмети и претставки, измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ограничување на бројот на членовите на управните одбори, итн. Планот содржи задолженија и препораки за институциите и општините, како што е подготовката на интерни процедури за јавни набавки, подготовка на годишна Антикорупциска програма, назначување на овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција.
Голем број институции согласно Планот имаат задолженија за постапување, за што пред секоја владина седница информирам за статусот на постапување по мерките. Време за доследно почитување на законите, мерките, прописите и за нивно доследно спроведување. Ова е заедничка битка, во која мора сите да се вклучат, ги охрабрувам и граѓаните да пријавуваат случаи за кои имаат сомнеж за корупција, затоа што колку сме повеќе, толку ќе бидеме посилни и поуспешни.
Ќе се проверува имот и на поранешни функционери

За прв пат добиваме Закон за потекло на имот, со што ќе се овозможи да се испитува како одредено лице го стекнало имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни оданочени приходи. Законот ќе ги опфати не само избраните и именувани лица, туку и сите граѓани. Ќе се проверува и имотот на поранешните функционери, бидејќи честопати избраните и именувани функционери имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име.
Најавувате и нови мерки во Планот за борба против корупција, велите дека се подготвува и Закон за потекло на имот… Што ќе значи тоа? Ќе се застане ли конечно на патот на државни функционери, судии, обвинители, директори, итн., чиишто имотни листови драстично се „задебелуваат“ за време на мандатот?
За прв пат добиваме Закон за потекло на имот, со што ќе се овозможи да се испитува како одредено лице го стекнало имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни оданочени приходи. Законот ќе ги опфати не само избраните и именувани лица, туку и сите граѓани. Конкретно, секој треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, доколку тоа ги надминува редовните оданочени примања. Готова е студијата за потребата од изработка на Закон за потекло на имот, формирана е работна група (меѓународни и домашни експерти и претставници од сите релевантни институции ДКСК, УЈП, Управата за разузнавање, МВР, Јавното Обвинителство, Финансиската полиција, Царинската Управа), која започнува со подготовка на овој закон.
Ќе се проверува и имотот на поранешните функционери, бидејќи честопати избраните и именувани функционери имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име. Со ваквите системски реформи, воведуваме контрола на капиталот, со што го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот, спречуваме оштетување на буџетот и незаконско богатење врз грбот на граѓаните.
Дополнително во истиот контекст, се планира нова мерка со која го прошируваме опфатот на лица до администрацијата кои ќе имаат законска обврска да поднесуваат анкетни листови за имотна состојба и изјави за судир на интереси т.е. сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва. Оваа обврска ќе важи не само како досега за функционерите, туку и за службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници.
Недозволиво е едно раководно лице во администрација да биде и на таа позиција и паралелно да има консултантско друштво, а тоа да не го пријавува никаде. Во насока на проверка на имотот и капиталот, би споменал дека веќе е во функција уште една алатка, Регистарот на вистински сопственици, за што рокот за впишување на правните субјекти заврши на 27-ми април. Во рамки на законскиот рок својата обврска навремено ја завршиле 69.284 субјекти, односно близу 90% од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави. Преку овој регистар, чиишто информации се јавно достапни, секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.
Каков ефект имаат досега мерките за ограничување на службените трошоци за угостителски услуги за функционерите, уредба за подарок и сл., што ги донесовте неодамна? Како дополнително ќе се борите против злоупотребите на функционерските привилегии, ќе има ли мерки и за користењето на службените возила, на пример, една од сферите каде што „традиционално“ има злоупотреба од страна на функционерите?
Ова е уште една од мерките кои што поставуваат фундамент за тоа како треба да изгледа една државна институција и еден службеник. Доколку на некој цел му била да има службени ручеци, да може да злоупотребува се’ што е државно, сега веќе тоа нема да го има. Работата ќе ја работат луѓе кои не се тука за привилегии. Можеби ова на некој му делува како банално и небитно, но верувајте во изминативе години со неограничувањата дававме сигнал дека секој може да прави што сака. Епа веќе тоа нема да го има. Не дозволуваме да се расфрламе непотребно.
Веќе во функција се Уредбата за дар и Одлуката за ограничување на службените трошоци за угостителски услуги за работните состаноци во угостителски објекти. Ова се дополнителни механизми за отчетно и одговорно трошење на буџетските средства, за ставање ред во користењето на службените трошоци од страна на сите државни функционери.
Со Уредбата за дар точно се пропишани процедурите за примање на протоколарни дарови од странски и домашни, физички и правни лица. Воедно сумите за протоколарни подароци се ограничени до максимални 20 евра. Исто така, се применува и Одлуката за ограничување на службените трошоци за угостителски услуги за работни состаноци во угостителски објекти, и истата важи за сите државни функционери.
Државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб страните на институциите. Максималната сума која министрите може да ја трошат на работни состаноци е до 1.500 денари по лице присутно на работниот состанок. Износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок зависи од функцијата на корисникот. Претседател на Владата на РСМ до 2.500 денари по лице, заменик претседател на Владата на РСМ до 2.000 денари по лице, министер – до 1.500 денари по лице, заменик на министерот до 1.300 денари по лице, директор до 1.000 денари по лице. Корисникот на услугата задолжително мора да доставува и извештај за природата и целта на работниот состанок, број на присутни лица, време, место и датум на работниот состанок. Без известување (резервацијата) и извештајот за природата и целта на работниот состанок, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата.
Во подготовка е и уредба за начинот на користењето на службени возила. За прв пат воведуваме унифициран и единствен начин на користење и одржување на службените возила со кој строго ќе се регулира начинот на користење на службените возила и ќе се знае кој, како и на кој начин го користи службеното возило. Со тоа, конечно се спречува злоупотреба на службените возила во приватни цели.
Од ГРЕКО велат дека имплементацијата на Кодексот на однесување за лица со највисоки извршни функции од страна на заменик премиер кој има надлежност да истражува и санкционира прекршувања и истовремено треба да обезбеди и доверливо советување и собирање докази за прекршување на истиот тој Кодекс, не е прифатливо и не е компатибилно со практиката на ГРЕКО. Што ќе сторите во врска со оваа забелешка на ГРЕКО?
ГРЕКО во последниот извештај го поздравува носењето на Кодексот и особено фактот дека во него се предвидени и веќе се применуваат санкции за негово непочитување од страна на највисоките носители на извршни функции. Со новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, до најниско ниво.
А, дека се водиме од мотото неселективна правда, покажаа разрешувањата на функционери кои прекршија одредби од Кодексот. Уште во Ноември 2020 назначивме лице за интегритет и судир на интереси во Владата на Република Северна Македонија кое исто така е надлежно и за давање доверливи совети во врска со етички прашања поврзани со одредбите од кодексот.
ГРЕКО во никој случај не ја критикува позицијата Вицепремиер за борба против корупција, ниту пак воведениот етички кодекс. Напротив, го поздравува истото, а забелешката е во делот на тоа дека не може едно исто лице да биде задолжено за имплементација на кодексот и за давање доверливи совети во врска со кодексот, па согласно на тоа одредбите од етичкиот кодекс, по препораката на ГРЕКО ќе следат и промени. Подготвени сме да ја прифатиме и имплементираме сугестијата и јасно да се пропише позиција на посебно лице за интегритет, надлежно за давање совети и насоки на министрите и другите функционери и нивните советници во случај на појава на етички дилеми кај нив.
ГРЕКО дава експлицитен позитивен коментар за измената на Владината Уредба за примање подароци, подготвена од страна мојот Кабинет и Министерството за финансии. Го поздравува и транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата, на официјалната веб страна. Во извештајот е нотирано дека веќе е изработен тест за интегритет на советниците на функционерите, преку кој се утврдува нивото на интегритет и способноста за детектирање за евентуални ризици од корупција и слични други активности во насока на подобрување на актуелните состојби.
Вашето име се шпекулира повторно за висока партиска позиција сега пред партискиот конгрес во мај. Исто така, дали мислите дека е соодветно високи партиски функционери да држат позиција како вицепремиер одговорен за борба против корупција?
Најмалку е важно дали и каква партиска должност ќе извршувам после 16 мај. Ниту една лична кариера не може да биде поважна од иднината на СДСМ. Сигурен сум дека партијата под лидерството на Зоран Заев ќе го задржи победничкиот менталитет и ќе продолжи да се реформира во модерна европска партија со сите нишани. После „лекцијата“ за внатрепартиската демократија која ја одржавме со првите непосредни избори, претседателот на партијата го има најизворниот легитимитет од членството на СДСМ и тој најдобро знае кои луѓе кои партиски должности треба да ги извршуваат во наредниот мандатен период.
Дилемата дали е соодветно јас како актуелен генерален секретар на СДСМ паралелно да сум и вицепремиер е вештачки наметната од оние на кои не им одговара засилената и бескомпромисна борба против корупцијата и тоа е тоа! Токму мојата партиска должност е најдобра гаранција дека справувањето со високата корупција е највисок приоритет за оваа Влада. Пред 7 месеци, прв пат во историјата на македонскиот плурализам како Влада воспоставивме должност Заменик претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
На граѓаните им е преку глава од декларативните заложби кои ги слушаат изминативе 30 години. Со право бараат ефикасен и праведен систем кој никого не смее да привилегира, ниту пак да заштитува. Наша приоритетна цел е да воспоставиме модел за координирање на сите задолжени институции за борба против корупцијата, кој брзо ќе испорачува резултати. Да поставиме стандард кој ќе го преземат сите идни влади!
Гледаме пред Конгресот отворена битка на различни партиски крила, па дури и најави за самостојни чистки од страна на некои локални партиски ограноци. Каква е вашата прогноза за претстојните локални избори на есен?
Некој можеби гледа битка, јас гледам демократија, различни мислења и ставови. Не како генерален секретар, како човек кој своите почетоци во партијата ги имав уште од младината, од СДММ знам дека тоа што го има СДСМ е демократска ризница, додадена вредност. Зборувам за вистински демократски капацитет, одговорен начин на работа и функционирање, јакнење на самата партија од внатре преку постојани промени.

Одлика на нашето социјалдемократско семејство кое секојдневно расте и се развива е да се менуваме, подобруваме, за уште подобро да служиме на овој народ и на оваа татковина. СДСМ воведе нов принцип на работа со зголемена транспарентност каде дури и внатрепартиските процеси се отворени за јавноста. Имавме за прв пат директни внатрепартиски избори на кои членството учествуваше со висок одѕив од над 90% говори само за себе. Но ние не застануваме тука, новата демократска вредност на македонската политичка сцена, СДСМ, ќе продолжи дополнително да придонесува во развојот на демократските процеси во земјата и во напредокот на татковината.
Сето ова граѓаните го гледаат и го вреднуваат. Впрочем затоа СДСМ шест пати досега победува на избори, односно ја добива довербата на граѓаните. Огромна е разликата помеѓу демократска СДСМ, реформирана, модерна, напредна, европска СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ во која ништо не се менува и која длабоко е заглавена во режимската матрица на Никола Груевски. Многу пати јавно сум ги повикал колегите од таа партија да почнат демократски промени, таму има одлични кадри кои за жал не доаѓаат до израз поради заробената партија, на ист начин како што беше заробена и целата држава.
Би се надоврзал и на вашето прашање за локалните избори. Како партија со најголема доверба од граѓаните, после шест изборни победи, врз основа на резултатот од сработеното на локално и централно ниво и политиките кои носат напредок и подобрување на животот на граѓаните, СДСМ е фаворит на локалните избори. Тоа го покажуваат и релевантните анкети. После конгресот на 16 мај ќе следи процес на филтрирање и номинација на кандидати за градоначалници и советнички листи. Неколкупати во јавноста имам акцентирано дека мислењето на граѓаните и мерит системот кој го воведовме ќе имаат клучна улога. Нема да задоволуваме лични апетити туку ќе настапиме со најдобрите кандидати пред граѓаните, со една силна, чесна понуда и убеден сум дека СДСМ ќе победи на локалните избори.
Ценам дека ова му е јасно и на нашиот политички противник, ВМРО-ДПМНЕ. Ако ја следиме нивната деструктивност, обиди само нешто да блокираат, да попречат, без понуда, без идеја и без став, заклучокот е дека освен блокади опозицијата нема што да им понуди на граѓаните. Знае дека народот нема да ги поддржи, па одат на тоа да направат само штета, колку што можат повеќе. Едноставно е. Мислам дека им е кристално јасно на сите.
Што мислите за опозицијата и нејзината конструктивност или неконструктивност во политичките процеси во Северна Македонија? Има ли конструктивна критика од нив?
Како што споменав, од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само деструктивност, лажни вести и дејствување на штета на интересите на државата и граѓаните. Од една страна е коалициската Влада предводена од СДСМ која работи максимално посветено, со многу труд да што повеќе проблеми се решат што побрзо, а од друга страна е апсурдното однесување на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, во време на пандемија се обидоа да блокираат важни закони во Собранието за граѓаните и фирмите, ги блокираа пакетот мерки за помош на граѓаните и компаниите, па дури го блокираа и Законот за здравствена заштита, се’ уште активно го блокираат новиот Клинички центар.
Обидите да се блокира работата на Собранието, во услови на светска пандемија од КОВИД-19, не е политика. Тоа е срамно и неодговорно однесување. Очигледно Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, отсуството на свој став, мерка, предлог или политика сакаат да го надоместат со тоа што ќе предизвикаат штета на граѓаните, во време кога им е неопходна помош.
Доказ е и гласањето на последните економски мерки, кои се обидоа да ги спречат на сите можни начини. Нема што друго да се каже освен дека водат борба против својот народ. Но, ние тоа не го дозволуваме. Гледате дека и покрај блокадите, парламентарното мнозинство успеа да ги донесеме законите во интерес на граѓаните. Ние така ќе продолжиме.
Граѓаните тоа го препознаваат и токму заради таквото однесување граѓаните шест пати ги казнуваат на избори и затоа ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе остане во опозиција.