коментари
Љупчо Поповски: Дали Путин сака нова Јалта?
Љупчо Поповски, новинар

Се чини дека Владимир Путин изгледа опседнат со опсесијата за враќање на големото Руско царство, а не на Советскиот Сојуз. Во таа опсесија има еден главен сон – конференција како Јалта, каде што тој, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Ши Џинпинг, ќе го поделат светот меѓу себе.
Додека ги гледаме ужасните страдања на украинските граѓани, уништувањето на инфраструктурата, бесмислените жртви во бесмислената војна на двата братски народи, со недели, ако не и со месеци нема вистински одговор на прашањето – што го натера рускиот претседател Владимир Путин да почне ваква брутална инвазија на Украина која ги потресе темелите на досегашниот геополитички поредок. И што може да се изроди од ова кога оружјето ќе стивне: помоќна Русија, која повторно ќе дојде на полските граници, или можеби осакатена Русија (и воено, и економски, и политички) во која најголема жртва ќе бидат самите руски граѓани.
Ако би оделе со старите синтагми би требало да се каже дека ова е прашање за милион долари. Но оваа синтагма за овој случај изгледа не важи – ова е прашање е за многу поголема сума. Можеби за една, ако не и за 10 милијарди долари.
Одмерениот и софистициран поранешен министер за надворешни работи на Русија од раните 1990-ти, Андреј Козирев (сега прецизен критичар на власта на Путин) пред некој ден преку повеќе постови на Твитер напиша дека „Путиновата инвазија на Украина е неморална, но од гледиштето на Путин не и ирационална“. Тој наведува три причини зошто за Путин руската инвазија е рационална: прво, самата Украина како земја, потоа состојбата на руската војска и трето, геополитичката ситуација на Западот.
Можеби објаснувањата на Козирев не се сосем најточни, или некому да му се чинат пристрасни, бидејќи тој сега живее на пристојна дистанца од Москва – во Мајами, но сепак длабоко ги познава руските поведенија, па може да му се верува во значајна мерка. Козирев вака го објаснува однесувањето на Путин: Тој е длабоко уверен дека револуцијата на Мајдан која почна есента 2013 во Киев е поттикната од Западот и дека со неа Украина објави дека сака да биде независна и не прокремаљска. Ако не може да биде таква со милост на властите во Киев (како Виктор Јанукович), тогаш ќе биде присилена на тоа. Според Козирев, Русија вложи многу пари во модернизација на својата армија за да ја направи технолошки модерна и во Кремљ мислеа дека со двете уништувачки кампањи во Чеченија и во Сирија успеале да го достигнат тоа ниво. Но, вели Козирев, голем дел од буџетот за армијата бил испокраден и потрошен на мега-јахтите регистрирани на Кипар, а армијата стана „потемкинова војска“. Понатаму, руската владејачка елита веруваше дека Џо Бајден е „ментално поткапацитетен старец“, а Европската унија толку многу разединета што ќе нема единствен одговор. Таквите прогнози во Кремљ ги темелеа со релативно благите санкции по анексијата на Крим. Можеби клучната тула во оваа хипотеза беше брзото повлекување лани летото на американските војски од Авганистан по 20 години бесполезна војна. Затоа е совршено рационално да се изврши инвазија на Украина и да почне да се враќа славата на Руското царство.
„Путин погреши во сите три точки. Но тоа не го прави него луд“, вели Андреј Козирев.

Студената војна беше убава
Ако овие забелешки на поранешниот шеф на руската дипломатија се точни, барем во голема мерка, тоа што Путин „не е луд“ не значи дека не значи дека ситуацијата, особено за Европа, не е алармантна. Се чини дека Путин подлегна на неговата опсесија водена од егото и потхранувана од повеќе националистички мислители во последниве 80 до 100 години да го врати статусот на Русија како голема сила со своја јасно дефинирана сфера на влијание.
Во таа опсесија се чини дека има еден главен сон – конференција како Јалта и Потсдам, каде што тој и неговите колеги лидери на големите сили, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Ши Џинпинг, ќе го поделат светот меѓу себе. На таа нова Јалта, Путин и Ши ќе треба да го прераспределат светот, а на Западот да му остават помал простор за влијание. Експанзионистичката политика на Пекинг би требало да се концентрира на Азија, а руското влијание во Европа.
Во прилог на оваа теза е и изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, од вторникот. Лавров изјави дека Русија и САД треба да се вратат на принципите на мирен соживот за време на Студената војна, за „искрен, взаемно почитуван дијалог“. Не беше јасно што точно мисли Лавров, но тој можеби алудира на фактот дека двете суперсили имаа сфери на влијание за време на Студената војна, во кои САД и Русија не си се мешаа еден на друг.
Нина Хрушчова, правнука на советскиот лидер Никита Хрушчов, сега професор по меѓународни односи на американската „Нова школа“, прави одредени споредби меѓу Путин и славниот нобеловец-дисидент Александар Солженицин. Како и Солженицин, Путин долго време укажува на желбата да го обнови православното христијанско кралство Рус – основата на руската цивилизација – со изградба на „руска унија“ која ќе ги опфаќа Русија, Украина, Белорусија и етничките руски области на Казахстан, вели Хрушчова. Тој не ги сака империјалните територии во кои ќе бидат и централноазиските републики, туку собирање на сиот словенски – т.е. руски – народ под една капа.
„И покрај напорите на Путин да ја исполни визијата на Солженицин, неговите воени дејства се отстапување од неа. Дури и во својата националистичка манија, Солженицин никогаш не го изгуби од вид основниот морал. Колку и да сакаше да ја врати историската Русија, невозможно е да се замисли дека го поддржува колежот на Украинците (и Русите) во тој процес. Путин, пак, тврди дека ја сака Украина додека им наредува на руските сили да ги бомбардираат нејзините градови“, вели Хрушчова.

„Путин се потпира на чудна теорија изнесена од историчарот и етнограф од 20. век Лев Гумилев. Гумилев, кој е син на двајца од најпознатите руски поети, Николај Гумилев и Ана Ахматова, тврди дека секој народ поседува посебна животна сила: ‘био-космичка’ внатрешна енергија или страсна супстанција што тој ја нарекува ‘пасионарност’. Путин можеби го познавал Гумилев во Санкт Петербург на почетокот на 1990-тите. Во секој случај, тој ги прифати неговите идеи и никогаш не пропушта можност да се осврне на нив. Во февруари минатата година тој рече: ‘Верувам во пасионарност. Во природата како и во општеството има развој, кулминација и пад. Русија сè уште не ја достигнала својата највисока точка. На пат сме’. Според него, Русија ја носи моќта и потенцијалот на младите луѓе. ‘Ние поседуваме бесконечен генетски код’, рече тој.“
Во Путиновата соба со огледала државноста на Украина е фикција и со таа фикција треба еднаш засекогаш да се заврши. Но историјата сугерира нешто поинаку отколку фикции или фантазии. Ова погрешно читање на историјата е екстремно и за Путин. Историјата на Украина е комплицирана и трае повеќе од илјада години во кои се менувале религиите, границите и луѓето. Нејзиниот корен е во Киевска Рус, создадена од различни народи на трговскиот пат од Балтикот до Црното Море со крајна цел Константинопол. На таа Киевска Рус се повикува и Русија, иако Москва е формирана неколку века подоцна од Киев. Како и кај многу други блиски народи, историјата на Русија и Украина е испреплетена, и во религијата, и во обичаите, и во јазикот. Но тврдењата на Путин дека Украина е креација на големото Руско царство е намерно извртување на фактите. Монголските освојувачи ја освоија Киевска Рус во 13. век. Во 16. век војските на Полско-литванската унија напаѓаа од запад. Во 17. век оваа територија беше поделена на два дела по течението на реката Дњепар. На исток од реката територијата стана позната како „Лев брег“ и ѝ припадна на Русија, а земјите на запад, или „Западен брег“ беа управувани од Полска. Во 1793 година западна Украина беше анектирана од Русија. Тогаш пропадна државноста на Полска и таа беше поделена од Русија, Прусија и Австро-Унгарија.
Русија како „жртва“
Кога во 1922 година СССР беше основан на територијата на поранешната руска империја, Украина беше една од четирите оригинални национални републики на Советскиот Сојуз. По некое време, повеќе административни единици беа формирани и распуштени, нивните граници беа преуредени, нивниот број зголемен. На крајот, тие завршија на петнаесет. Со распадот на СССР во 1991 година, Украина (како и другите републики) ги наследи овие „советски“ граници.
Според наративот на Путин во неговиот озлогласен говор од 21 февруари, пред да биде признаена „независноста“ на двата сепаратистички региони, Донецк и Луганск, Украина е неблагодарна и се расфрла со рускиот „подарок“. Но во фикцијата или фантазијата на Путин има неколкугодишна дупка – што се случи помеѓу февруари 1917 година (кога рускиот цар абдицираше и ја распушти руската империјална автократија) и 1922 година. Не беше болшевичката револуција од октомври 1917 година што ја создаде можноста за Украина како независна национална држава, туку колапсот на руската империја девет месеци претходно, во февруари 1917 година за време на Првата светска војна. Оваа војна донесе распад на големите империи на континентална Европа. Империјална Германија, Австро-Унгарија и Отоманската империја не ја преживеаја војната, пропаѓајќи во 1918 година, исто како што се распадна Руската империја една година претходно. Украина беше дел од оваа голема политичка и географска трансформација. Од 1917 до 1921 година таа повеќе не беше поврзана со Руската империја. Но, исто така, сè уште не беше цврста во својата национална форма или идентитет. Таа падна под болшевичка контрола во 1921 година и беше инкорпорирана во Советскиот Сојуз во 1922 година.
За да се најдат некои од одговорите што има на умот Путин пак треба да се навратиме на тој говор од 21 февруари.
„Тие имаат само една цел: да го спречат развојот на Русија. Тие ќе го направат тоа на ист начин како што го правеа претходно, без да дадат ниту еден изговор, правејќи го тоа само затоа што постоиме“, рече тогаш Путин. Тоа се речиси истите зборови што ги употреби во неговиот говор за Крим во март 2014 година: „Политиката на изолирање на Русија, која траеше во текот на 18, 19 и 20 век, продолжува и денес. Има постојан обид да нѐ турнат назад во ќош затоа што имаме независна позиција, затоа што се залагаме за себе“.
Во оваа визија на Путин западниот свет гледа на Русија со љубомора. Додека руските олигарси живеат суперлуксузен живот на Запад и крстарат со нивните огромни јахти, кога директорите на државните руски компании се во врвот на најбогатите Европејци, од Кремљ се еманира фантазија дека Европа пропадна во декаденција, здробена од тежината на нејзиниот хуманизам и политички либерализам: уморна и поделена. САД се заглавени во материјалистичка култура без вистинска сопствена историја и се во фаза на пропаст како Римската империја. А Русија, со сите свои олигарси и сиромашниот народ е во подем во цивилизациска смисла. Секако, заедно со новиот сојузник Кина.
Мишел Елчаниноф, главен уредник на магазинот „Филозофија“ и специјалист за руската мисла, дава вакво објаснување на она што би можело да се случува во главата на Владимир Путин:
„Путин се потпира на чудна теорија изнесена од историчарот и етнограф од 20. век Лев Гумилев. Гумилев, кој е син на двајца од најпознатите руски поети, Николај Гумилев и Ана Ахматова, тврди дека секој народ поседува посебна животна сила: ‘био-космичка’ внатрешна енергија или страсна супстанција што тој ја нарекува ‘пасионарност’. Путин можеби го познавал Гумилев во Санкт Петербург на почетокот на 1990-тите. Во секој случај, тој ги прифати неговите идеи и никогаш не пропушта можност да се осврне на нив. Во февруари минатата година тој рече: Верувам во ‘пасионарност’. Во природата како и во општеството има развој, кулминација и пад. Русија сè уште не ја достигнала својата највисока точка. На пат сме’. Според него, Русија ја носи моќта и потенцијалот на младите луѓе. ‘Ние поседуваме бесконечен генетски код’, рече тој.
Покрај Гумилев, Путин се потпира на уште еден мислител – помала фигура во историјата на руската мисла. Минатиот октомври тој зборуваше дека редовно ја консултира збирката политички есеи насловена ‘Нашите задачи’, главното дело на Иван Илјин, кој почина во 1954 година. Во еден од претпочитаните есеи на претседателот, ‘Што бара светот од распарчувањето на Русија?’, Илјин ги осудува ‘империјалистичките соседи’ на земјата, овие ‘западни народи кои ниту ја разбираат ниту ја прифаќаат руската оригиналност’. Во иднина, сугерира тој, овие земји неизбежно ќе се обидат да заземат територии како што се балтичките земји, Кавказ, централна Азија и, особено, Украина. Методот, според Илин, ќе има цел Русија да се трансформира во ‘џиновски Балкан’. Последната цел е ‘да се распарчи Русија, да се стави под контрола на Западот, да се растури и на крајот да исчезне’“, напиша Елчаниноф.
Ова вечно чувство на жртва го трансформира рускиот претседател во самозамислен херој кој ќе се спротивстави Русија да изгледа понижена и навредена? Ако се навратиме на забелешките на Андреј Козирев и тоа е дел од неговата рационалност, без оглед дали ќе се покаже погрешна. За да одолее на овој западен план за изолирање и распарчување Русија мора добро да се подготви. Прво, добро да се вооружи, а потоа да ги исфрли сите странични мислења во општеството кои би можеле да ја поткопаат таа визија. А за тоа најдобар начин е да се воспостави авторитарност, на граница со полициско-воен режим.
Потемкинова војска
Со години од Русија стигнуваа вакви или онакви објави за испробување на супертехнолошки оружја кои треба да го застрашат светот, особено западниот. Постојаните воени маневри требаше да ја покажат несовладливата моќ на руската армија, од која на секого треба да му се стресат нозете при помислата дека треба да ѝ се спротивстават. На огромно изненадување на руските генерали, а и на потесниот и поширокиот круг околу Путин во Кремљ, Украинците мислеа поинаку и жестоко ја бранат својата земја од инвазиските сили чии војници немаат јасна претстава зошто го напаѓаат и убиваат братскиот народ и присилија милиони луѓе да станат бегалци од сопствената земја.
Она што требаше да изгледа како неколкудневен блиц-криг со триумфално заземање на Киев и инсталирање на некаква колаборационистичка влада, како онаа на маршалот Петен во Франција за време на Втората светска војна, сега почна да изгледа како образец за воените аналитичари да мислат дека руската армија била „потемкинова војска“. Дека нејзината моќ, и покрај масовноста на трупите, не била толку голема.
Трошоците за одбрана на Русија сочинуваат 4% од годишниот БДП, но самата сума е прилично скромна, ако се мери според стандардите на „големите сили“. Русија потроши околу 60 милијарди долари за одбраната во 2020 година, а Германија за истата цел издвои 50 милијарди долари. Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела најави дека Берлин на кус рок ќе потроши 100 милијарди евра на својата одбрана. Толкави пари за „големата“ руска армија сега изгледаат како научна фантастика. Уште повеќе кога ќе стигнат сметките за масивните западни санкции против Русија. Во исто време, Русија треба да развива нови технолошки оружја, да ја осовременува своја флота на борбени авиони и да одржува огромна нуклеарна сила. Доколку тоа го направи со овие „скромни“ средства тоа би бил врвен научен и економски дострел.
Оваа дискрепанција меѓу вистинската и посакуваната слика можеби најдобро се виде во дејствувањето на руските авиони за време на инвазијата на Украина. Според сите досегашни податоци, во нападот учествуваат само 75 авиони, иако нејзината флота изнесува 3.800 авиони. Никој нема целосно реално објаснување зошто ги нема руските авиони над Украина, чија бројка е 10 пати поголема од онаа на Украинците. Едно од толкувањата е дека многу од тие авиони не се во добра кондиција и дека пилотите не се најдобро обучени, затоа што годишно поминуваат само половина од потребните часови во воздухот. Зошто? Затоа што и таа обука е многу скапа.
Војната е многу скапа работа. Ужасно скапа. А за Кремљ ќе стане неподносливо скапа ако таа се оддолжи на време кое што таму никој не го ни предвидувал. А во меѓувреме економските санкции со секој поминат ден ќе стануваат сѐ потешки за руската економија и општество.
Познатиот руски економист Сергеј Гуриев, кој сега предава на славниот француски институт Сиенс по, вели дека замрзнување на резервите на руската централна банка е најважната вест во пакетот економски санкции. „Ова е многу важна вест, апсолутно неочекувана, никој не знаеше дека тоа е можно. Присуството на резерви беше еден од клучните столбови на макроекономската стабилност – тешко е да се предвиди што ќе се случува утре на девизниот пазар. Бидејќи никогаш не се случило. Ограничувањата за Свифт се важна симболична приказна. Бидејќи сите зборуваа за оневозможување на Свифт како клучен чекор, вододелница. Сите велеа дека тоа е невозможно. И сега е можно. Иако од моја гледна точка, санкциите против Централната банка се многу поболни од исклучувањето на Свифт; самото исклучување покажува дека она што вчера се сметаше за премногу страшно се разговара и се спроведува денес“.
Изгледа дека доаѓаат мрачни времиња за руската економија. Како што вели Гуриев, она што изгледаше невозможно вчера е реалност денес. Така и со руската инвазија на Украина. Најголемиот дел од западната, украинската и руската јавност не веруваа во постојаните американски предупредувања дека руската инвазија е на прагот. Затоа што самата идеја изгледаше налудничава.
Сега во Кремљ можеби на масите е прочуената мисла на Хенри Кисинџер околу војните: „Тестот на политиката е како да завршиш, а не како да започнеш војна“.