Connect with us

свет

Њујорк му го зеде приматот на Хонг Конг глобално, во Европа Женева води

Кои се најскапите градови за доселеници

објавено

на

Секоја година ECA International објавува список на најскапите 207 градови во 120 земји за доселеници, вклучувајќи ги во своето истражување трошоците за стоки и услуги и изнајмување станови во областите на градот кои обично се населени со странци.

Одлуката за преселба во странство никогаш не е лесна, а заедно со постојаното прилагодување кон новата средина и култура, живеењето во нова земја, надвор од сопствената татковина, во повеќето случаи вклучува и зголемени трошоци за живот. Секоја година ECA International објавува список на најскапите 207 градови во 120 земји за доселеници, вклучувајќи ги во своето истражување трошоците за стоки и услуги и изнајмување станови во областите на градот кои обично се населени со доселеници.

Оваа година, поради инфлацијата и зголемените трошоци за сместување, Њујорк го надмина Хонг Конг и го зазеде првото место меѓу најскапите градови во светот за доселеници, додека Сингапур скокна од минатогодишното 13-то место на петтото место поради огромниот пораст на трошоците за изнајмување станови, иако другите азиски градови паднаа на пониски места оваа година поради пониската инфлација.

Лондон ја задржа четвртата позиција на најскапа локација во светот за доселеници, според ЕСА, додека од останатите градови во В. Британија, Бирмингем (115-то), Кардиф (118-то) и Белфаст (123-то) отпаднаа од листата на 100 најскапи градови во светот, со тоа што Бирмингем падна за 16 места, само едно место над рускиот Санкт Петербург.

Од ЕСА велат дека кризата со трошоците за живот во В. Британија продолжува, со тоа што инфлацијата примарно е придвижена од цените на храната, комуналиите и домувањето. Но, и покрај сите овие предизвици, британските градови освен Лондон бележат пад на ова глобално рангирање. Главно тоа се должи на слабеењето на фунтата, којашто ја направи Британија поевтина за луѓето што доаѓаат од други земји.

ЕСА International веќе 50 години ги истражува трошоците за живот глобално. Годишно прави по два извештаи што им помагаат на компаниите да ги проценат трошоците на живот низ целиот свет, пред да направат план колку плата и други издатоци треба да предвидат за вработените што менуваат локација. Истражувањата споредуваат кошничка на производи и услуги што обично ги користат доселениците на преку 500 локации низ светот, како што се кафе, шеќер, или јајца. Податоците за сместување исто така се земаат предвид, споредувајќи ги трошоците за кирии на преку 430 локации глобално.

Според најновиот извештај, цените на храната глобално се пораснати за 15% во просек. Поскапувања има кај повеќето производи, но особено се изразени кај кечапот (+45%), маслото за јадење (+80%) и јајцата (+36%).

Измешани трендови во европските градови

Повеќе од половина (54%) од европските градови се поместија нагоре во рангирањето на трошоците за живот, поттикнати од високите стапки на инфлација. Во првата петорка доминира Швајцарија, а Женева ја задржа својата позиција како најскап град за иселениците, а потоа следат Лондон, Цирих, Берн и Копенхаген. Цирих во Швајцарија, се искачи за едно место на глобално ниво, станувајќи шести најскап град во светот.

Додека во Норвешка, пак, и Осло и Ставангер паднаа за девет, односно 14 места, на 28 и 40 позиција. Слично во Шведска, Стокхолм и Гетеборг паднаа за 10 и девет места и се рангирани на 46-то и 86-то место  како најскапи градови во светот.

Во рамките на Еврозоната, речиси две третини од локациите (61%) се искачија во рангирањето, вклучувајќи го и Даблин кој се искачи за шест места на 38-та позиција поради високата инфлација. Франција е еден од исклучоците бидејќи сите истражувани француски градови забележаа маргинално пониска инфлација од многу други градови кои го користат еврото.

„Овие случувања низ Европа ја истакнуваат динамиката што влијае на трошоците за живот во различни региони“, велат од ЕСА International.

„На нашето рангирање на трошоците за живот влијаат два фактори: цените и девизниот курс. Дури и кога цените растат брзо како што се во поголемиот дел од Европа, градот може да стане релативно поевтин за посетителите ако валутата е послаба. Ова е случај за норвешките и шведските градови, каде стапките на инфлација го достигнаа врвот на околу 10%, но нивното рангирање опадна во просек за 10 места поради слабеењето на нивните соодветни валути“.

Женева останува најскап град во Европа и трет најскап град во светот за доселеници.

Влијанието на руската инвазија на Украина врз трошоците за живот

Тековната руска инвазија на Украина продолжува да влијае на трошоците за живот во самите завојувани земји, поширокиот регион и ширум светот. И покрај санкциите од Западот, руската рубља закрепна во изминатата година, со што Москва се искачи за 37 места и стана 25-та најскапа локација во светот.

Трошоците за сместување на локациите каде што многу украински бегалци избегаа од војната се зголемија, што ги направи овие градови поскапи за сите, вклучително и иселениците. Полските градови забележаа најголеми промени, со колосални покачувања на висината на кириите меѓу 25% и 50%, што доведе до искачување на Краков за 23 места на глобалното рангирање на 178-то место, а Варшава за 11 места на 158-то место.

Истото сценарио се случи и за Русите кои бегаат во градови како Дубаи, Ереван, Никозија и Тбилиси, за да избегнат можна мобилизација како резултат на војната. Кириите во Дубаи, ОАЕ, поскапеа за речиси една третина (30%), со што градот се искачи на 12-тото место на глобалното рангирање, додека кириите исто така се зголемија за повеќе од 20% во Тбилиси, Грузија – бидејќи понудата не можеше да се зголеми за да одговори на зголемената побарувачка од руските доселеници. Грузискиот град се искачи за 65 места на 102-то место на рангирањето благодарение на посилната валута што исто така придонесе градот да стане поскап за посетителите.

Истанбул со најголем скок поради огромната инфлација

Истанбул има најголем скок на овогодишното рангирање, напредувајќи за 95 места на 108-то место поради многу фактори. Во градот има влијание од војната во Украина, но главната причина за зголемувањето на цените за над 80% е економската политика на неодамна реизбраниот претседател Ердоган. Кириите исто така се поскапени делумно поради зголемената побарувачка од раселените турски државјани по земјотресот во февруари.

Во Северна Америка, рангирањето на сите градови во САД се помести нагоре оваа година, пред се’ стимулирано  од јачината на американскиот долар. Њујорк го престигна Хонг Конг како најскапа локација во светот за иселениците, откако доживеа повисоки стапки на инфлација и зголемување на цените на изнајмување станови во споредба со другите градови во САД. Во меѓувреме, во Канада, Ванкувер сè уште е најскапиот град во земјата, искачувајќи се за три места на 30-тото место во светот.

Најголем скок во регионот имаше Мексико Сити, кој се искачи за 50 места во топ 100 на 92-то место на најскапи во светот. Силата на пезосот и високата инфлација го направија градот значително поскап за иселениците.

Во Јужна Америка, финансиските тешкотии во Аргентина доведоа до сериозни економски проблеми. Буенос Аирес се искачи осум места и стана 29-та најскапа локација во светот. Скокот  во  рангирањето на Буенос Аирес се должи на зголемената стапка на инфлација од над 100% во периодот на истражувањето. Комплексноста на повеќекратните девизни курсеви, преценетиот пезос и растечкиот црн пазар, сето тоа ја одразува неизвесноста и кревкоста на аргентинската економија, влијаејќи на различни аспекти од секојдневниот живот.

Токио не е повеќе во топ 5 најскапи градови

Во Азија, падот на Хонг Конг во рангирањето беше усогласен со речиси сите главни локации во регионот. Сингапур, Сеул и Јангон беа меѓу исклучоците, при што Сингапур се искачи во првите пет најскапи градови во светот, од 13-та позиција во 2022 година.

За разлика од минатата година, кинеските градови паднаа дополнително надолу во рангирањето поради послабиот кинески јуан во однос на другите валути и пониската стапка на инфлација во споредба со другите земји. Шангај и Гуангжу остануваат најскапите градови во Кина, но испаднаа од глобалните топ 10, рангирани како 13-ти и 14-ти најскапи градови во светот за иселеници.

Во Јапонија, сите градови паднаа на последното рангирање бидејќи јапонскиот јен ослаби. Токио, кој постојано беше меѓу првите пет на глобално ниво во последните години, падна за пет места на 10-тото глобално ниво.

економија4 часа ago

мајВорлд Интернешнл (myWorld) го назначи Радован Витошевиќ за главен извршен директор на компанијата

банки22 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија3 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки4 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки4 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју4 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија6 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up2 недели ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании2 недели ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион2 недели ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас