Connect with us

македонија

Ќе дојдат нови играчи на пазарот за финансиски услуги: дали ќе бидат лути ривали или партнери на банките?

Македонија спрема терен за развој на финтек секторот

објавено

на

Дали плаќаме со картичка во продавница, купуваме производи онлајн, префрламе пари преку дигитален канал или едноставно, вадиме пари од банкомат – сето ова е производ на употребата на финансиските технологии, или финтек, како што е меѓународно прифатената кованица за овој сектор. Она што во поново време се подразбира како финтек, се главно новите играчи, технолошки стартапи,  што влегуваат на пазарот каде што доминираат традиционалните компании од типот на банки или картични брендови, коишто се трудат со своите иновативни решенија да понудат побрзи, поевтини, попрактични, но и побезбедни  сервиси од традиционалниот финансиски сектор. Новата регулатива што се спрема во Македонија треба да го овозможи влезот на овие нови компании, што ќе донесе поголем број на опции и подобри услуги за потрошувачите, но и за малите бизниси, секако со сите свои предизвици, како што е безбедноста и сигурноста.

Во сенка на актуелните проблеми со коишто сите сме преокупирани периодов  ( поскапувањата, војна во Украина, најавени штрајкови, попис, итн.) некако бегло помина веста за меморандумот за соработка што го потпишаа регулаторите на финансискиот пазар во земјава во врска со една проблематика која и тоа како има влијание врз начинот на којшто живееме и работиме, а тоа е финансиската технологија или скратено финтек (financial technology – fintech).

Имено, на иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек секторот, Народната банка (НБ), Министерството за финансии (МФ), Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) се договорија за соработка, односно создавање систем преку којшто регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.

Со оваа стратегија ќе се дефинираат решенијата и политиките со коишто ќе се поддржи развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем. Развојот на финтек секторот е од големо значење за јакнењето на економијата на една земја, пред се’ поради неговиот потенцијал за зголемување на финансиската инклузија, а за граѓаните развојот на финтек секторот значи повеќе можности и поевтини финансиски услуги, велат од иницијаторот за потпишување на Меморандумот, Народната банка.

Што значи финтек за просечниот човек

Да излеземе сега малку од овој административен речник и да објасниме што е всушност финтек, поимот за којшто толку многу се зборува, а во светот наголемо и се работи последниве години.

Што значи финтек за просечниот човек? Многу повеќе одошто си мислиме – наједноставно кажано тоа е назив за компании коишто со помош на најнови технологии на поединецот му нудат иновативна замена за стандардните банкарски услуги. Или со други зборови, тоа е примена на технологија којашто решава проблем во финансискиот систем или гради нова финансиска услуга/иновација.

Но, во поширока смисла,  и самите банки нудат услуги базирани на технологија, па дури и обичното вадење пари од банкомат, плаќањето со картичка, или пак електронското банкарство, се практично услуги базирани на финансиска технологија. Најголемите компании во светот како Visa и MasterCard се пионерите во областа на финансиската технологија, денес гиганти без коишто не може да си го замислиме секојдневното функционирање.

Е, токму оваа „зависност“ на современиот човек од услугите на традиционалните  играчи во финансискиот сектор, како банките и картичните компании, е предизвикот за новите компании во финтек, мноштвото стартапи коишто се појавуваат секојдневно со своите иновативни решенија, да го нарушат тој своевиден „монопол“ и да понудат полесно, побрзо, поевтино, попрактично решение за корисниците.

Овие два света долго време се гледаа „преку нишан“ што се вели, но новите времиња бараат прилагодување, па сe’ поприсутна е соработката помеѓу традиционалните играчи и новите финтек компании.

За наводното ривалство и конкуренција помеѓу банките и финтек стартапите, нашите соговорници од овој бизнис велат дека е повеќе резултат на медиумската фама која се крева, околу тоа дека овие вторите ќе им го преземат бизнисот на првите, иако банкарите повеќе сакаат да кажат дека тие се партнери, а не лути ривали.

„Нема потреба да не’ ставаат на различни страни, ние соработуваме со неколку финтек компании и тие ни помогнаа во развојот на некои наши услуги. Поагилни се  и подобри за соработка во големите системи. Малите фирми работат на производи што се поспецифични, побрзи се, поиновативни од банките, така што ние имаме услуга, којашто другите банки, на пример, ја немаат“, вели домашен банкар којшто сакаше да остане анонимен.

Но, од друга страна, како што вели нашиот соговорник, банките имаат база на клиенти, поголема палета на услуги и клиентите се’ уште повеќе им веруваат на банките одошто на финтек стартапите. Партнерството би било од корист за обете страни, смета тој.

Дали финтек компаниите може навистина да им го „преземат“ бизнисот на банките, односно да им бидат класична конкуренција?

„Конкуренција се ако земат банкарска лиценца“, вели низ смеа нашиот соговорник. „Финтек компаниите личат на банки, но не сакаат да бидат банка. Кога ќе станат банка, можеме да зборуваме за конкуренција. Засега се партнери и постои простор за здружување, и можност да ни укажат на недостатоците што тие веројатно ги почувствувале решавајќи некој свој специфичен проблем“.

Она што е сепак, најголемата предност на банките и практично нивното најголемо “богатство“, а тоа што финтек компаниите го немаат, е огромната база на клиенти, односно податоци за нив. Токму околу овој дел, односно достапноста до овие податоци за новите небанкарски компании што се појавуваат на пазарот, најмногу се кршат копјата при подготвувањето регулативи и законски рамки во сите држави од светот што го поддржуваат развојот на финтек секторот. Затоа што тука се вовлечени многу елементи од аспект на безбедноста, заштитата на личните податоци, итн.

Народната банка (НБ), Министерството за финансии (МФ), Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) потпишаа Меморандум, односно се договорија за соработка и создавање систем преку којшто регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.

Придобивки и ризици

Токму овие безбедносни аспекти, се истакнати како клучни ризици и предизвици од развојот на финтек секторот во Македонија и од страна на учесниците во анкетата што Народната банка ја спроведе во октомври 2020 година во рамките на проектот за развој на финтек-секторот, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Основна цел на анкетата  беше да се утврди дали секторот за финансиски услуги во земјава е подготвен за финтек трансформација. Во анкетата учествуваа претставници од сите области на финансискиот екосистем во државава: банки, осигурителни компании, брокерски друштва, компании за алтернативно финансирање (или „брзи кредити“ како што ги знаеме), стартап акцелератори, инкубатори, регулатори на пазарот и одредени државни институции.

Најголемиот дел од испитаниците сметаат дека финтек секторот може да обезбеди поголем број на опции и подобри услуги за потрошувачите, но и за малите бизниси. Меѓутоа, главен предизвик од развојот на финтек секторот се ризиците за безбедноста, заради можноста од кибер – напади, финансиски криминал, перење пари, итн. Тоа е всушност и најчесто споменуваниот ризик на глобално ниво, кога станува збор за развојот на финтек секторот, меѓутоа предизвик со коишто се соочуваат и традиционалните компании на пазарот.

Анкетата на Народната банка покажа дека дигиталната трансформација е во фокусот на сите страни вклучени во финансискиот екосистем, при што соработката на банките и небанкарските финансиски институции со компаниите што обезбедуваат услуги за поддршка на финтек секторот е во почетна фаза.

Регулаторната рамка којашто поддржува иновативни решенија, притоа водејќи сметка за потенцијалните ризици, е во основата на развојот на финтек-секторот, дигиталната трансформација и модернизацијата на финансискиот систем. Сите групи испитаници ја посочуваат регулативата за платните системи како најголема пречка за развој на финтек-секторот.

Оваа пречка би се надминала со спроведувањето на новиот Закон за платните системи и платежните услуги, којшто би бил донесен оваа година. Со него ќе се создадат услови за влез на нови институции на пазарот. Со новата регулатива од областа на платежните услуги би се зголемила конкуренцијата, би се подобриле услугите за граѓаните и компаниите и на тој начин би се обезбедила поддршка на развојот на финтек-секторот. На владина седница на самиот крај од 2021 година беше утврден текстот на Предлог – законот за платежни услуги и платни системи којшто треба да го замени постојниот Закон за платен промет донесен во 2007 година.


Финтек не е од вчера: кус преглед на еволуцијата на финансиските технологии

Сите човечки достигнувања во периодот од 1886 до 1967 година се предуслов за создавање на концептот на финтек – од развојот на телеграфот, железницата и паробродот, праќањето на првите финансиски информации преку државни граници, првиот телеграм преку Атлантикот, како и првиот електронски пренос на пари преку Fedwire во 1918 година, кога биле резервирани средства од сметката на банката која праќа и кредитирање на сметката на банката примател.

Следната голема пресвртница е појавата на кредитните картички кон средината на 20 век – прв беше Diners Club International во 1950 година, кога Френк Мекнамара својата вечера ја плати со парче картон, односно кредитна картичка. Со своите пријатели Ралф Шнајдер и Мати Симонсон истата година ја основа Diners Club – првата независна компанија за кредитни картички во светот.

Неколку години им требало на основачите да ги уверат сопствениците на ресторани, продавници и давателите на различни услуги да го прифатат тоа парче пластика како средство за плаќање, но предностите од ваквиот начин на работење брзо биле воочени.

Потоа се појавуваат и останатите брендови на платежни картички главно како резултат на банкарските иницијативи и здружувања,  и од 1960-те почнува вртоглавиот развој  на финансиските услуги обележан со преминот од аналоген на дигитален сигнал. Во 1967 се појавува првиот рачен калкулатор и првиот банкомат на банката Barcley – што според многумина се смета за зачеток на модерниот финтек.

Современиот финтек

Во 1970 година во Њујорк основана е NASDAQ, првата дигитална берза, а потоа во 1973 година се појавува SWIFT (Society For Worldwide Interbank Financial Telecommunications).Накусо кажано, тоа е процедура за праќање пораки помеѓу банките во светот, односно претставува меѓународно здружувања за меѓубанкарски финансиски телекомуникации.

Онлајн банкарството се појавува веќе во 1980 година, а свој процут  и поширока примена доживува во 1990-те со појавата на интернет и е-трговијата.

До почетокот на 21 век сите банкарски процеси се дигитализирани, но во 2008 дојде глобалната финансиска криза и заврши едно поглавје во историјата на финансиските услуги.

Ерата на стартапи

Од таа, 2008 година, па се’ до денес се појавуваат нови играчи на пазарот коишто покрај банките градат свои бизнис модели. Меѓу најважните е секако Google Wallet. Во 2011 година Google ја претстави својата услуга на плаќање со помош на смартфон, Google Wallet App чијашто цел беше да ги замени нашите паричници со мобилна апликација. Како што замисли Google, единствена пластика којашто луѓето треба да ја носат со себе е смартфонот, а тој и онака е секогаш со нас. Apple Pay од 2014 е пандан на услугата на Google, и исто така нуди едноставна и сигурна опција за плаќање со помош на паметни уреди, а се разви и Smartphones Mobile Start UPS, конкурентски стартап на оние на Google и Apple.

Бумот на криптовалутите

Иако стартапите за трансфер на пари се’ уште се фокусираат на „вистинските, опипливи“ пари, во светот веќе се случи револуција на дигиталните пари како биткоин и останатите криптовалути, коишто се создадени и чувани дигитално. Биткоин не е издаден и печатен од ниедна влада или некаков формален ентитет. Го „произведуваат“ милиони луѓе низ светот коишто со помош на компјутери  и софтвер решаваат математички проблеми. Биткоинот и добар дел од останатите криптовалути базираат на т.н. блокчеин технологија, којашто е „следното големо нешто“ во областа на финансиските услуги и за којашто се’ повеќе се интересираат и мејнстрим финансиските организации, како банките.

Иако се чини дека дигиталните пари нема толку брзо да влезат во масовно користење за плаќања, не може да побегнеме од реалноста. Тие се веќе тука, а кога на луѓето ќе им стане масовно попрактично и поисплатливо да ги користат, прашање е на време. Во моментов, за биткоин и етер, како најпопуларни криптовалути во светот, владее вистинска јагма, милиони луѓе од цела планета купуваат и продаваат секојдневно на светските платформи за тргување, а за тоа колкав е ризикот од влегувањето во овие крајно волатилни средства, секој нека си се грижи за себе.


економија15 часа ago

Македонска берза ја одржа својата 22-ра Годишна конференција

македонија24 часа ago

ЕДС АД: Овие потрошувачи беа снабдени со чиста и обновлива енергија

технологии / компании1 ден ago

Технолошките гиганти ги претставија своите нови AI алатки

свет1 ден ago

Може ли технолошкиот могул да влијае на светските чувствителни прашања

регион1 ден ago

Што се крие зад новите тензии помеѓу Србија и Косово?

македонија1 ден ago

Пакомак со паметен систем за управување со амбалажниот отпад до одржлив развој

македонија1 ден ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство

економија1 ден ago

Наместо „трка кон дното“ со даноците, да се вложува во човечки капитал

интервју1 ден ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

економија1 ден ago

Само во август осигурениците наплатиле пет милиони евра од неживотни осигурувања, за 22% повеќе од лани

интервју1 недела ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија1 недела ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

банки1 недела ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки1 недела ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

македонија1 недела ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки5 дена ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

свет4 дена ago

Европската комисија: Х(Твитер) на Илон Маск стана легло на дезинформации

интервју1 ден ago

Амар Салиу: Продолжува приказната за урбано живеење во ’East Gate Living‘ со Блок Ц

македонија1 ден ago

Зошто цените се високи? Трговците ја префрлаат топката на производителите, тие се правдаат со поскапените инпути

македонија1 ден ago

„Полесно е заедно“: Комерцијална банка донира за подобро јавно здравство