политика
Ќе има ли конечно промена на изборниот модел?
Една изборна единица и отворени листи

Се чини дека помалите политички партии го најдоа вистинскиот политички момент за да ја ре-отворат темата и нивните барања за промена на изборниот модел и воведување на една изборна единица, ако се земе предвид дека без нивните пратеници власта нема мнозинство во Парламентот. На оваа (засега) блага форма на притисок се приклучи веднаш опозициската ВМРО – ДПМНЕ, којашто не само што излезе со поддршка на иницијативата, туку отиде и чекор понатаму – предложи нов Закон за укинување на концептот на Пржинска влада со што практично бара предвремени избори веднаш.
Редакција Капитал

Актуализацијата на темата за воведување на една изборна единица и измени на Изборниот законик ја разбрануваа политичката сцена. Со постојниот изборен модел со шест изборни единици и со распределбата на мандатите според Донтовиот модел, малите партии губат околу 100 илјади гласови, што може да значат и повеќе од 10 пратеници. Во минатото имаше случаи кога некои партии освојуваа по 30 или 40 илјади гласови, но не добиваа ниедно пратеничко место, бидејќи гласовите им беа расцепкани во повеќе изборни единици, а не сконцентрирани во една. Кога базата би била една изборна единица, тогаш би имале многу поголеми шанси.
Затоа, на темелна реформа на изборното законодавство како еден од приоритетите на новата влада повикува лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов и овој свој став тој го кажа уште пред да биде презентирана владината програма:
„При градењето на приоритетите, предлагам еден од врвните да биде и темелна реформа на изборното законодавство, при што да се подготви нов Изборен законик во кој ќе се дефинираат основите за рамноправен политички натпревар, да се елиминираат системските предности за четирите ‘големи партии’, потоа Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален модел и без изборен праг“, вели Трајанов.
Со оглед дека донесувањето на целосно нов Изборен законик е процес кој бара повеќе време, Трајанов смета дека сега интервентно треба да се донесат веќе предложените измени со кои се бара една изборна единица. Малите партии повикуваат и да бидат елиминирани и системските предности што ги добиваат четирите големи партии – и во однос на доминантната минутажа за нивно медиумско рекламирање и претставување, и во однос на средствата што ги добиваат за таа намена.
Ваков предлог пролетта беше поднесен од независни и од пратеници од ДС, ЛДП, Левица и ВМРО-НП.
„Со измените на Изборниот законик ќе се демонтира монополот што 30 години владеат во државата, ќе се создадат услови за системски промени, за развој на демократијата, за реален одраз на волјата на граѓаните и ќе бидат основа за промени“, изјавија тогаш.
Иницијатива и дебата за промена на изборниот модел имаше и во 2019 година. И покрај ставовите дека со такви измени „највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата“, ништо конкретно се се измени, па и парламентарните избори во 2020 година се спроведоа без бараните измени. Иако тогаш на изборите учествуваа многу повеќе нови партии и коалиции, шансите за успех на новоформираните партии останаа симболични. Поддршката од големите партии за изборни измени остана само на декларативно ниво, и покрај тоа што работни групи претходно интензивно учествуваа во усогласување на ставовите по ова прашање.
Од Социјалдемократскиот сојуз селат дека се подготвени да разговараат за измени на Изборниот законик, но тие не смее да се носат избрзано.
„Во програмата на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Отворена едискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално“, потенцира лидерот и премиер Димитар Ковачевски.
Тој додава дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел и додаде дека токму затоа Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период.
„Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери, потенцира премиерот.
Тој истакна дека и пред локалните избори имало иницијатива за отворени листи за советници, но тој лично бил против тоа избрзано носење, бидејќи со тоа само ќе се направела забуна кај гласачите.“
ВМРО – ДПМНЕ со поддршка, но бара предвремени избори веднаш

Но, сепак се чини дека помалите политички партии го најдоа вистинскиот политички момент за да ја ре-отворат темата и нивните барања за промена на изборниот модел и воведување на една изборна единица, ако се земе предвид дека без нивните пратеници власта нема мнозинство во Парламентот. На оваа (засега) блага форма на притисок се приклучи веднаш опозициската ВМРО – ДПМНЕ, којашто не само што излезе со поддршка на иницијативата, туку отиде и чекор понатаму – предложи нов Закон за укинување на концептот на Пржинска влада со што практично бара предвремени избори веднаш.
За челниците на ДОМ и Демократски сојуз, Маја Морачанин и Павле Трајанов позитивно е што ВМРО-ДПМНЕ го сменила ставот за една изборна единица, откако нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави оти ќе предложат измени во Изборниот законик за една изборна единица, но, како што велат, тоа не треба да се поврзува со барањето за предвремени избори, а дебатата за ова прашање треба да се води во Собранието.
Според Морачанин, ДОМ не планира да ја промени страната, ниту, пак да биде една од партиите која ќе овозможи распуштање на Собранието. Трајанов не сака да ги коментира барањата на опозицијата за брзи избори, најважно според него е партиите да поддржат промена на изборниот модел. Поддршка за една изборна единица стигна и од Алтернатива, додека од Алијанса за Албанците преферираат отворена изборна листа со осум изборни единици.
Паралелно со овие теми, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ и ги судрија и ставовите околу потребата од предвремени парламентарни избори. Од опозициската партија го повторија барањето за брзи избори и тврдат дека се подготвени тие да се одржат без техничка влада. Од СДСМ со став дека избори не се потребни, а новата Влада има полн легитимитет да ја води државата.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за промени во Изборниот законик и да ги слушне барањата на помалите политички партии за една изборна едница и доколку тоа е проблем на СДСМ и ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати предвремени парламентарни избори без техничка влада и со една изборна единица“, нагласи Митева од ВМРО – ДПМНЕ.
„Во делот на калкулациите и во делот на сите оние лажни обвинувања и прифаќање на понудите, тоа е лицемерието коешто го има ВМРО-ДПМНЕ се со цел да издејствува да избоксува предвремени парламентарни избори коишто на граѓаните во моментот не им се потребни. На граѓаните не им се потребни предвремени парламентарни избори секоја година и со тоа значи дополнителни кочења на процесите на системот, туку напротив потребно им е сето она за што се залагаме односно спроведување на владината програма“, изјави Каевски од СДСМ.
СДСМ: Предлогот за укинување на „пржинската влада“ е уцена

Инаку, барањето на помалите политички партии за една изборна единица, отворени листи и без изборен праг трае веќе неколку години. Првиот предлог-закон во Собранието со 3.000 амандмани го блокираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ претходно во Собранието, а лани во март е поднесен повторно предлог за измени на изборниот модел и за отворени листи, но досега расправата за него не е започната.
Она што е интересно е што ВМРО – ДПМНЕ ја искористи дебатата за промена на изборните правила и за наметнување на своја политичка приказна – укинување на Пржинската влада.
Предлогот со кој ВМРО-ДПМНЕ бара да се укине „пржинската влада“ и да се оди на предвремени избори, гласи: Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Координаторот на оваа пратеничка група Никола Мицевски рече дека во ова време на општа криза е нецелисходно да постои период од 100 дена техничка влада.
„Во земјава имаме општ хаос. Енергетска и епидемиолошка криза, но и економска и не смее да се дозволи да се загуби ниту еден ден, не па 100 дена со техничка влада која не би можела да реши ниту еден значаен проблем, ниту може да работи од интерес за граѓаните. За да не се губи време, бараме предлогот да биде ставен на дневен ред уште на седницата во среда и тоа по скратена постапка“, рече Мицевски.
Од СДСМ велат дека е најдискутабилно што предлогот претставува и своевидна уцена, бидејќи „пржинската влада“ се поврзува со итни избори, но од друга страна, како што нагласи координаторот на пратеничката група Јован Митрески, ВМРО-ДПМНЕ признава дека државата сега има кредибилни институции за организирање на избори.
„Во времето кога се изгласа ‘пржинска влада“ државата беше заробена од режимот со Груевски на чело, па мораше да се преговара. За прифаќање на овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ потребна е согласност и од другите партии, но како и да е, рековме дека предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година. Тоа значи дека има доволно време партиите да седнат и аргументирано да разговараат и да се постигне договор“, рече Митрески.
Од ДУИ порачаа дека како што се донесе Договорот од Пржино, дека така треба и за овој предлог за укинување на негова одредба да се седне и да се преговара, на маса да седнат најголемите партии, како и тогаш.
Како што рече Арбер Адеми, координатор на интегративците во Собранието, пракса во земјава е за значајни законски решенија кои навлегуваат и во избори и во функционирање на Влада, да се има консензус.
„Иако не изгледа логично една земја членка на НАТО, која очекува и преговори за членство во ЕУ, да има техничка влада од ваков тип, а ние како ДУИ не сме против укинувањето, напротив, се согласуваме за тоа со СДСМ, сепак е потребен консензус. Имајќи предвид дека рековме оти избори нема да има до 2024 година, постои доволно време за разговори. И, не е добро вакви законски решенија да се поднесуваат еднострано, туку по постигнат консензус“, рече Адеми .
Според Адеми, токму заради глобалните енергетска и здравствена криза, во наредниот период владините партнери треба силно да се концентрираат на реализација на програмите од интерес на граѓаните и државата.
Пржинскиот договор беше постигнат во 2016 година, по долги преговори на тогаш четирите најголеми партии, со странско посредништво. Целта на одредбата за 100 дена техничка влада со учество во Владата на опозицијата, беше организирање на фер, слободни и демократски избори.