македонија
Пропаѓањето на Банката на Силиконската долина го стресе светскиот финансиски систем. Ќе има ли последици врз македонските банки? Не, за среќа се конзервативни и неизложени кон странство
Пропаѓањето на Банката на Силиконската долина го стресе светскиот финансиски систем

Иако, според она што го велат македонските монетарни власти, малку е веројатно да видиме редици на испаничени штедачи пред експозитурите на домашните деловни банки периодов, пропаста на американската деловна банка SVB разоткри ново ниво на ранливост на американскиот, а следствено и светскиот финансиски систем. Банкарите коишто „пораснаа“ во ерата на лесната заработка по кризата од 2008 година не успеаја да се подготват за повторно зголемување на каматните стапки, А, кога цените пораснаа, заборавија што треба да сторат.
Потребни беа четири децении за Банката на Силиконската долина (Silicon Valley Bank – SVB) и нејзината матична компанија SVB Financial Group да се развијат во еминентен финансиер во светот на стартапите. За демонтажа беа потребни само 36 часа. Причините не беа некакви егзотични финансиски деривати и преземање ризик поради што пропаднаа банки во големата криза од 2008 година, туку се работи за неусогласеност помеѓу депозитите и активата – составните делови на традиционалното банкарско работење.
Токму тоа традиционално работење, да не кажеме конзервативно, е причината што пропаѓањето на американската SVB нема никакви директни последици за македонскиот банкарски систем, како што немаше ни пропаѓањето на Lehman Brothers во 2008. Домашните банки се малку изложени кон нерезиденти, а имаат и традиционален деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање, како што смируваше Народната банка деновиве.
„Билансите на нашите банки се исклучително солидни,високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Сепак, заради претпазливост во работењето, внимателно ги следиме сите случувања.“, изјавија од Народната банка.
Сепак, како што објаснија од македонската централна банка, една битна разлика помеѓу домашните комерцијални банки и работењето на SVB, е што американската банка имала висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност – тие учествувале со 60% во вкупната актива на Банката на Силиконската долина.
„Нашиот банкарски системима диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84% во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60% во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност коишто се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1%.“, објаснија од Народната банка.

Банка миленичка на технолошките компании

Иако, според ова што го велат македонските монетарни власти, малку е веројатно да видиме редици на испаничени штедачи пред експозитурите на домашните деловни банки периодов, оваа епизода на SVB разоткри ново ниво на ранливост на американскиот, а следствено и светскиот финансиски систем. Банкарите коишто „пораснаа“ во ерата на лесната заработка по кризата од 2008 година не успеаја да се подготват за повторно зголемување на каматните стапки, А, кога цените пораснаа, заборавија што треба да сторат.
SVB била фокусирана на финансирање на стартап екосистемот на Силиконската долина во САД, и единствено била ранлива на панично подигање на депозитите, што и се случи. Но, како всушност оваа моќна и богата банка можеше да пропадне за неполни два дена?
Банката во октомври годинава требаше да прослави 40 години од своето основање во срцето на регионот познат по технолошката моќ и паметното донесување на одлуки. SVB, со седиште во Санта Клара, Калифорнија, израсна во 16-та најголема банка во САД, којашто ги задоволуваше финансиските потреби на технолошките компании од цел свет, не само на американските. Но, низа несреќни инвестициски одлуки доведоа до нејзиниот колапс, како што пренесуваат светските медиуми.
Со оглед дека технолошкиот сектор ја претпочиташе оваа банка, услугите на SVB беа многу барани во последниве три години, за време на пандемијата и по неа. Првичниот пазарен шок предизвикан со Ковид-19 на почетокот од 2020 брзо му го отстапи местото на златниот период за стартапите и етаблираните технолошки компании, бидејќи потрошувачите навалија на разни електронски уреди и дигитални услуги.
Многу технолошки компании ја користеле SVB за чување готовина за плати и други деловни трошоци, што доведе до голем прилив на депозити. Банката инвестирала голем дел од депозитите, како што обично прават банките во поразвиените финансиски системи низ светот.
Семето на пропаста беше посеано
Семето на пропаста било посеано кога SVB инвестирала многу во долгорочни државни обврзници на САД, вклучувајќи ги и оние покриени со хипотеки. Ова се прилично сигурни инвестиции.
Меѓутоа, обврзниците имаат обратно – пропорционална врска со каматните стапки; кога стапките растат, цените на обврзниците паѓаат. Така, кога Федералните резерви почнаа брзо да ги зголемуваат стапките во борбата против инфлацијата, портфолиото на обврзници на SVB почнало значително да ја губи вредноста.
Ако SVB би можела да ги задржи сите тие обврзници неколку години додека не доспеат, тогаш би го вратила својот капитал. Сепак, како што економските услови се влошија во текот на изминатата година, а особено беа погодени технолошките компании, многу од клиентите на банката почнале да ги повлекуваат своите депозити.
SVB немала доволно готовина, па почнала да продава дел од своите обврзници со огромни загуби, со што ги исплашила инвеститорите и клиентите. Поминаа само 48 часа од времето кога беше откриено дека банката продавала свои средства и нејзиниот колапс.
Што го предизвика стампедото?
Бидејќи банките чуваат само дел од нивните средства како готовина, тие се ранливи на ненадејна побарувачка на клиентите. Иако проблемите на SVB произлегуваат од претходните одлуки за инвестирање, алармот беше вклучен на 8 март, кога банката објави прибирање на капитал од 1,75 милијарди долари. Банката им кажа на вложувачите дека мора да ја затвори дупката предизвикана од продажбата на сопственото губитничко портфолио на обврзници.
Одеднаш сите се загрижија дека банката има недостиг од капитал. Клиентите станаа свесни за длабоките финансиски проблеми во SVB и почнаа масовно да повлекуваат пари. За разлика од банките ориентирана кон население, коишто опслужуваат претежно домаќинства и помали фирми, клиентите на SVB генерално имале многу поголеми сметки. Ова значеше дека стампедото на банката беше брзо.
Два дена откако објави дека ќе собира капитал, банката вредна 200 милијарди долари пропадна. Тоа беше колапс на најголема банка во САД по глобалната финансиска криза.
Има ли опасност од „зараза“?
Непосредната загриженост на јавноста за ширење на „заразата“ и евентуален домино ефект во банкарскиот сектор беше спречена со брзата реакција на американската влада во гарантирањето на сите депозити на клиентите на банките.

Финансиските фјучерси, кои им овозможуваат на инвеститорите да шпекулираат за идните движења на цените, зајакнаа за американскиот технолошки сектор како одговор на гаранциите.
Имаше загриженост дека сопствениците на сметките во SVB нема да можат да ги платат вработените доколку не се активира гаранцијата, што ќе предизвика бранувања во економијата. Во однос на стабилноста, избегнати се верижни реакции, оценуваат аналитичарите.
Владите и регулаторите ширум светот, вклучувајќи ги Б. Британија и Австралија, внимателно ја испитуваат изложеноста кон SVB во нивните корпоративни и банкарски сектори. Подолгорочното прашање е дали ранливоста на SVB на зголемените каматни стапки е споредлива со ризиците на другите банки на прекумерна изложеност на падот на цените на обврзниците.
Иако американските и светските аналитичари во моментов не мислат дека американскиот банкарски систем ќе колабира, сепак има забелешки дека и пред 15 години исто така, првично сите мислеа дека кризата со хипотекарните кредити е под контрола. И потоа сите знаеме што следуваше.
За да се спротивстават на ризикот, Федералните резерви претставија нова програма која им овозможува на банките да позајмуваат средства осигурени со државни хартии од вредност за да ги задоволат барањата на клиентите. Ова е дизајнирано да ги спречи банките да бидат принудени да продаваат државни обврзници кои ја изгубиле вредноста поради зголемените каматни стапки.
Технолошкиот сектор ќе претрпи нов удар
Сепак, има повеќе поврзани проблеми за технолошкиот сектор. SVB обезбедуваше банкарски услуги во Силиконската долина, поддржувајќи стартапи и други технолошки компании од кои традиционалните банки би можеле да се држат подалеку.
Во последниве месеци овој сектор го намалува бројот на вработени бидејќи се влошуваат економските услови. Во време кога им е потребна финансиска поддршка, еден од најголемите поддржувачи пропадна.
„Со оглед на тоа што SVB во суштина беше Господ на банкарскиот екосистем во Силиконската долина изминативе неколку декади, верувам дека негативниот ефект на овој историски колапс ќе има низа на импликации врз технолошкиот сектор допрва“, рече Ден Ајвс, аналитичар во Wedbush Securities во вторникот.
SVB беше клучна за растот на технолошката индустрија, и тоа не само во САД, туку и во Европа, па дури и Кина.
Американската влада не ја спаси SVB. Банката останува во банкрот и нејзините преостанати средства ќе бидат поделени меѓу доверителите – освен ако некој купувач не ја врати во живот.
Меѓутоа, во неделата американските власти ја проширија гаранцијата за да ги покријат сите депозити во оваа банка, како и клиентите на Signature Bank, помала банкарска институција која пропадна за време на викендот. Ова значи дека клиентите на SVB можеа да пристапат до нивните пари во понеделникот наутро. Акционерите на банката и некои необезбедени доверители не се заштитени со гаранциите.
Ќе се зголемуваат ли каматните стапки и понатаму?
Централните банки ширум светот ги зголемуваа каматните стапки во текот на изминатата година за да ја скротат високата инфлација, а САД од речиси нулта стапка стапки брзо дојде на повеќе од 4,5%. Повеќето прогнозери очекуваат стапките да се зголемат во САД, В. Британија и Австралија пред да се стабилизираат.
Апетитот за продолжување на растот на каматните стапки ќе се тестира доколку централните банки станат загрижени дека проблемите на SVB се показател за поширока слабост во корпоративните биланси предизвикани од зголемувањето на каматните стапки.
Американските власти итно интервенираа во неделата за да го заштитат финансискиот сектор по колапсот на Банката на Силиконската долина.
По драматичниот викенд, регулаторите им рекоа на клиентите на пропаднатата SVB дека ќе можат да ги повлечат депозитите од понеделник и ја затворија Signature Bank, која исто така беше под притисок во последните денови, а централната банка го олесни пристапот до финансирање на другите заемодаватели.
И во SVB и во Signature, поголемиот дел од клиентите беа од технолошкиот сектор.
Секретарот за финансии Џенет Јелен, претседателот на Федералните резерви Џером Пауел и претседателот на Федералната корпорација за осигурување на депозитите Мартин Груенберг се обидоа да ги смират стравувањата, велејќи дека депозитите ќе бидат исплатени на сите, вклучително и оние што го надминуваат пропишаниот плафон, според заедничката изјава во неделата вечер.
Интервенцијата на администрацијата на Бајден јасно ги покажува последиците од зголемувањето на каматните стапки во САД и другите големи економии со цел да се потисне инфлацијата, забележува Ројтерс.
SVB имаше филијала и во Британија, а британската влада и централната банка имаа итен состанок во текот на викендот за да го спречат нејзиниот колапс.
Во понеделникот наутро британската комерцијална банка HSBC објави дека ја купува Silicon Valley Bank UK за една фунта. Се вели дека филијалата имала околу 5,5 милијарди фунти заеми и околу 6,7 милијарди фунти депозити на 10 март.