Connect with us

свет

ЏЕК МА, ПРЕТПРИЕМАЧ КОЈ СТАНА НЕЗГОДЕН ЗА КИНЕСКАТА МОЌ

Менаџер во соработка со Le Monde Diplomatique

објавено

на

Преку собирање на лични податоци од своите клиенти и „романсата“ со кинескиот режим, Алибаба стана моќен глобал играч во е – трговијата, олајн финансиите и здравствената заштита.  Денес, Пекинг ја согледува својата зависност од овој конгломерат што ги затресе и  банките. Властите се надеваат дека народот постепено ќе му го врти грбот на основачот на Алибаба, г. Џек Ма.

Автор:
Џордан Пуј, новинар

„Сите знаеме дека кога позајмувате 100 000 кинески јуани (околу 13.000 евра, н.з.), вие сте преплашени од банката. Кога позајмувате 10 милиони кинески јуани, вие и банката сте преплашени. Кога позајмувате 1 милијарда кинески јуани, тогаш банката е преплашена од вас.“ 

На 24 октомври 2020 година на Шангај Бунд Самитот, конференција којашто ги собира на едно место светските лидери во банкарскиот сектор,  Џек Ма, основач на Алибаба (Alibaba), кинескиот гигант во онлајн бизнисот, ја испрати оваа суптилна закана.

Повлечен  од септември 2019 година од претседателското место во групацијата, г. Ма – чие вистинско име е Ма Јун – сигурен во себе започна говор на самитот  околу  застареноста на тековната банкарска понуда и доаѓањето на сцена на big data. Во таа толпа, тој претстави „нов финансиски систем во кој иновациите и регулативите се во хармонија“ и се изјасни за „создавањето на дигитална валута“.

Секако, без да заборави да ја прослави својата креација: Ент Груп (Ant Group), финансиската гранка на групацијата Алибаба, која одобрува заеми на физички лица и мали и средни претпријатија (МСП) без банкарска историја. 

„Во последните 16 години, развојот на Ant Group се вртеше околу почитувањето на животната средина, одржливоста и финансиската вклученост. Ако еколошките, одржливи и инклузивни финансии се покажат погрешни, тогаш ќе ја направиме таа грешка засекогаш.“

Овa лирско издигање тешко дека го придоби г. Ванг Кишан – кинескиот потпретседател и г. Ји Ганг – управител на Централната банка, кои зборуваа непосредно пред неговиот говор. Неколку дена подоцна, на 2 ноември, г. Ма беше повикан на  разговор со финансискиот регулатор. Утредента, иницијалната јавна понуда за Ент Груп што требаше да се случи на берзите во  Шангај и Хонг Конг, најавена како најголема досега, одеднаш беше откажана. Следниот месец, пак,  е отворена истрага за комерцијалните практики на групата, кои се сметаат за антиконкурентни. Најпознатиот милијардер во земјата исчезна осумдесет и осум дена, зголемувајќи го стравот од апсење или бегство во странство. Тој повторно ќе се појави во кратко видео, смирено разговарајќи со наставниците од руралните училишта како дел од неговата фондација, пред да биде забележан на терен за голф на островот Хајнан.

Како се градеше империјата на Ма

Ако 2020 година заврши неславно за г. Ма, оваа година на пандемија беше успешна за Алибаба, односно неговата империја за е-трговија. Тој останува советник на раководството и втор самостоен акционер, дури и откако продаде 1,4% од капиталот минатиот јули, за најниска сума од 8,2 милијарди долари (прочитајте го делот подолу). Со здравствената криза, продажбата преку интернет се зголеми за 11% од минатата година, достигнувајќи една четвртина од продажбата на мало на стоки за широка потрошувачка.

Победничката формула на групацијата е Таобао (Taobao), платформа која е пуштена во употреба во 2003 година, на која МСП и други индивидуи можат да бидат сопственици на нивните производи. Во 2008 година, тој се подели на два дела и го создаде трговскиот центар Таобао Мол (Taobao Mall), сега TMall, посветен на големите кинески или меѓународни брендови, како и на нивните овластени дистрибутери – на пример, францускиот бренд за козметика и луксузни производи Ланком (Lancôme), кој нему му ја довери целата своја продажба на кинескиот пазар преку интернет. Малку по малку, беше додадена услугата за домашна испорака, Чаињао (Cainiao), слична на Амазон (Amazon) и алатката за плаќање на мобилните телефони Алипеј (Alipay). Од 2008 до 2018 година, Таобао  зазеде 80% од кинескиот пазар за продажба преку интернет.

Една од предностите на групата е всушност близината што се нуди помеѓу продавачот и клиентот. Веднаш по пуштањето во употреба, Таобао отвори chat (опција за разговор) дозволувајќи директна дискусија помеѓу двете страни пред секоја трансакција. Широката употреба на паметни телефони и масовното распоредување на брзата телефонска мрежа го направија стримингот на видеото многу популарен, а со тоа и заедницата на млади инфлуенсери на интернет, Ванг Хонг (Wang Hong), кои добиваат совети во замена за песна или танцување во живо. Таобао ги пречекува со раширени раце: тие стануваа улични продавачи во дигиталното време, ослободувајќи се од телешопингот.

„11.11“ (единаесетти ноември), „денот на сингл луѓето“ создаден во 2009 година од Алибаба, резултира со масовни продажби за дваесет и четири часа – 583 000 трансакции во секунда во 2020 година, што повторно укажува на нивниот триумф. Овој луд ден го слави опсесивното купување помеѓу младите во вечната потрага по забава.

Но, шефот на Алибаба не е задоволен со неговата позната платформа. Тој со голема брзина гради огромен конгломерат кој е распореден во традиционална трговија преку ланци на супермаркети, во домашна испорака, во компјутерски облак (cloud), во кино, нуди систем за водење и навигација од типот GPS, сајтови за видеа и слики како Јутјуб… Тој може дури и да се пофали со еден од најпознатите весници на англиски јазик во Хонг Конг, „South China Morning Post“.

Паралено, тој се втурна во финансиите со создавање на Ant Financial, кој ќе стане Ant Group, исто така со седиште во Хангџоу (Џеѓанг). Ако веруваме во легендата што г. Ма ја применува за градење, тој започна авантура со која реши да ја исчисти клеветата што некогаш ја претрпе, како и сите редовни клиенти, на кои систематски им се одбиваат заемите. Според тоа, на Светскиот економски форум во Давос во 2017 година, тој раскажа дека кога започнал во 1995 година, му биле потребни три месеци да добие (негативен) одговор од банката при неговото барање за заем. Тој тогаш бараше да започне со создавање на веб-страници за фирми. Четири години подоцна, со седумнаесет партнери, вклучувајќи го и г. Џозеф Цаи, млад канадски даночен адвокат од тајванско потекло, тој ја основаше страната Alibaba.com и собра 20 милиони долари од јапонската Softbank – што во 2014 година даде вкупна проценка на пазарот од 60 милијарди , на берзата во Њуjорк.

Ant, во која Алибаба има 33% удел, се здоби со слава  преку својата апликација Alipay, која започна со работа од 2004 година. Оваа алатка за плаќање сега се користи за скоро 56% од набавките преку мобилните smart телефони во Кина, далеку пред WeChat Pay, од конкурентската група Tencent, во земја каде што само една петтина од населението има кредитна картичка, според податоците на Светска банка во 2017 година.

Дури и во најмалите продавници, сега е вообичаено да плаќате со вашиот телефон. Се’ повеќе, трговците се одалечуваат од плаќање во готовина, што на некој начин им отежнува на постарите лица. Во повеќе прилики кинеската централна банка изрази загриженост за оваа ситуација. „Небанкарските институции за плаќање не треба да го промовираат концептот на безготовинско плаќање или да ги дискриминираат плаќањата во готовина на кој било начин“, изјавија од централната банка на 15 декември 2020 година.

Без разлика дали станува збор за шопинг на TMall или Taobao, вечера во ресторан или третман во салон за убавина, Alipay сака да додава промотивни понуди… преку брза претплата на станбен заем, даден од услугата Huabei, создадена во 2015 година. Оваа услуга никогаш не ги испраќа парите директно до купувачот, туку до продавачот. Потоа, клиентот има рок до 10-ти следниот месец да ја надомести. Каматната стапка е генерално нула, но оваа услуга поттикнува трајна потрошувачка, без да се чека месечна плата. Сличен систем кој е наречен Jiebie се нуди исто така на МСП, сегмент што  долго време традидионалните банки го игнорираат.

Овие заеми или авансни отплати се прават многу полесно бидејќи се прилагодени на потребите на клиентот, врз основа на неговиот „кредит Sesame“ или попознат како Zhima кредит – според модел близок на американскиот credit score. Се работи за оцена доделена на секој корисник на Alipay кој сака и се посветува врз основа на нивната историја на купувања. Со тоа се собираат и анализираат милијарди податоци секој ден за да се отворат вратите за кредит кон што повеќе луѓе. Колку е поголема оценката, толку е повисок износот на заемот и е подолг периодот на отплата.

Добриот „кредит sesame“ исто така обезбедува гаранција за приклучување кон клуб на доблесни потрошувачи од кои хотелските ланци веќе не бараат гаранција за резервација на соба, на кои рестораните им нудат полнење на нивниот телефон за време на јадењето, на кои библиотеките ја зголемуваат квотата на позајмени книги… листата е бесконечна. И обратно, лошиот „кредит sesame“ добива изглед на економски прогон.

„Има многу фантазии околу Zhima“, умерено кажува г. Бранден Занг, поранешен извршен директор во Ant – југоисточна Азија, во Сингапур. Тој се осврнува на периодичните обвинувања за проникливост помеѓу „кредитот sesame“ на г. Ма и социјалниот кредитен систем со кој кинеската влада експериментира од 2014 година, со кој им се доделуваат или повлекуваат бодови на граѓаните засновани на добри или лоши дела.  „Секако дека ниту една друга земја не би сакала да ѝ даде на кинеска компанија толку многу пристап до податоците. Но, иако кинеската влада сака да изгледа како да има контрола, во реалноста таа има технички пристап само до многу малку од овие лични податоци“, рече тој.

Покрај тоа, кинеската држава е пасивен сведок на моќниот подем на Алибаба. „Кај вас, автомобилите се возат откако патот е подготвен и се постават семафорите. Тука е поинаку. Семафорите доаѓаат после. Ова е токму она што се случи за економското отворање на земјата“, објаснува г. Занг. Експериментираме, дозволуваме тоа да се случи, а потоа… „Се разбира, штом постојат прописи, не можеме повеќе да ги игнорираме.“

Спомнувањето на дигиталната валута го зголеми стравот од гигант што не може да се контролира

Ова е токму она што се случува со запирање на експанзијата на Ant Group и нејзиното неуспешно излегување на берза. Забелешките на г. Ма во секој случај го осудуваат менталитетот на „заложник“ на кинеските (јавни банкари). Тој предупреди против детални проверки кои не ги задоволија политичките лидери, како што е примерот со претседателот Си Ѓинпинг. Но, главната работа не е тоа. Пред сѐ, станува збор за контрола на распределбата на кредитот и монетарното создавање.

„Оваа неодамнешна суспензија има за цел да избегне системски ризици“, објасни поранешниот министер за финансии г. Лу Џивеј на форумот „China Wealth Management 50“ во Шенџен одржан на 20 декември. Ако нешто тргне наопаку и владата дојде на помош, тогаш даночните обврзници ќе изгубат пари. (…) Мора да го избегнеме сценариото „премногу големо за да пропадне“ [„too big to fail“, како во 2008 година во Соединетите Американски Држави за време на финансиската криза од 2008 година] во fintech.“ Нема шанси кинеската влада да управува со приватниот долг кој го доверува на неколку финансиски стартапи. Поранешниот министер е во добра позиција да знае колку комерцијалните банки се веќе погодени од лоши кредити. Во летото 2020 година, банката Baoshang, од внатрешноста на Монголија, банкротираше по акумулацијата на лошите долгови што Пекинг долго ги игнорираше.

Всушност, Ant „е една од најважните финансиски институции на системски план во светот и, во моментов регулирана е со краен напор“, забележува г. Феликс Салмон, специјалист за финансии на американскиот интернет портал AxiosАко една компанија за технологија е исто така системски важна финансиска институција, таа треба да се регулира исто толку строго како и секој друг гигант за финансиски услуги“. 

Акцентот ставен од кинескиот милијардер врз создавањето дигитална валута, дизајнирана надвор од државите – како што беше направено пред него, во САД од директорот на Фејсбук со Diem (поранешна Libra) – сигурно го  зголемил стравот од појава на  гигант кој е невозможен да се контролира. Ant Group можеше лесно да привлече странски инвеститори, а особено сингапурскиот  државен фонд, во износ од 780 милиони американски долари, потоа малезискиот државен  фонд со 650 милиони, канцеларијата за инвестиции на Пензискиот план на Канада со 600 милиони долари, и на крај 500 милиони долари за американските фондови Silver Lake Management, Carlyle и Warburg Pincus, во последниот круг во 2018 година.

Пресудата на кинеската држава значи: нема излегување на берзата, се’ додека нема ново известување. Премногу е лошо за сите овие компании и нивното враќање на инвестицијата – барем делумно демонтирање на мамутот „too big to last“ (преголем за да трае) … Можеби г. Ма ќе ја искористи можноста да се пробие од оваа двојност што ја одржуваше дваесет години. Од една страна, тој се претставува себеси како скромен учител по англиски јазик, претворен во алтруистички претприемач каков што бил Леи Фенг – модел на граѓанин и работник под Мао Це Тунг од 21 век. Од друга страна, откриваме нарцисоиден бизнисмен кој им држи лекции за управување на великаните во светот, со ризик да го засени претседателот Си.

Така, во информативен пренос на американскиот канал CNN, во 2014 година, тој се пофали дека сака да ја извади провинцијата Гуижу од сиромаштија со привлекување американски дигитални компании во својата нова „Big Data Valley“. Во Вухан, тој ја стави својата технологија да работи за владата на провинцијата Хубеи, следејќи ги луѓето врз основа на нивните интеракции во близина на епицентарот на пандемијата Ковид-19. Возење со такси, билет за воз, набавка преку Alipay – се местата што даваат информации што алгоритмите на Alibaba можат да ги толкуваат. На луѓето со низок ризик од инфекција им е доделен „зелен“ здравствен код и можат да не бидат затворени. Со месеци, процесот се прошири низ целата земја. Ова е првпат да се забележи ваква отворена врска помеѓу моќта на државата  и Алибаба.

Паралелно со оваа ревносна соработка со државата, г. Ма држи лекции. Во јануари 2017 година, тој му вети на новоизбраниот претседател Доналд Трамп дека ќе  создаде милион работни места во САД за пет години. Осум дена подоцна, во Давос, тој ја осуди американската политика: „За триесет години IBM, Cisco, Microsoft направија милијарди преку своето производство во Кина, и каде отидоа парите? Америка водеше толку многу војни. Зошто сите тие пари не отидоа во нејзината инфраструктура? Вие не ги дистрибуирате парите на вистински начин и ја плаќате цената денес. Глобализацијата е добра работа, но мора да биде инклузивна.“ Ма исто така  изјави: „Како Кинез, среќен сум што Си Ѓинпинг ја прифаќа одговорноста да ја води втората по големина економија во светот (…).Но, Кина треба да се отвори повеќе и чувствувам дека г. Си ќе се отвори повеќе кон светот.“

Пред фасцинираната публика, г. Ма ја претстави исто така и својата алатка за мали и средни компании ширум светот, Electronic World Trade Platform (EWTP), којашто требаше да ги поправи недостатоците на Светската трговска организација, „наменета за големи компании“. Според него, станува збор за придвижување кон „глобално усогласување“ на правилата за електронска трговија, односно поедноставување на царинските постапки и развој на логистичка инфраструктура. Руанда беше првата африканска земја што го усвои EWTP. „Ако секоја земја го прифати ова, колку моќна би можела да биде Африка!“ извика г. Ма на официјалната промоција во главниот град на Руанда Кигали заедно со претседателот Пол Кагаме.

Врв на мегаломанијата

Но, врвот на мегаломанија беше достигнат на 11 ноември 2017 година, кога милијардерот прикачи краток филм наречен „Чувар на боречките вештини“ (Gong Shou Dao), на Јутјуб. Епизодата трае дваесет и две минути, во текот на кои тој се соочува со низа славни противници, како што се актерите Џет Ли и Дони Јен, или монголски борач. Без изненадување, г. Ма победи на натпреварот и заврши со таи-чи движењата. Околу херојот се прикажуваат пофални формули: „Не следете ја доктрината, само кармата. Непобедливо срце. Без ривал на небото … “

Во тоа време, сепак, милијардерот повеќе не беше иконата за која се мислеше дека е. Загрозен  од ривалите Tencent, JD.com и наскоро Pinduoduo, Алибаба веќе не растеше. Меѓу петстотините милиони Кинези зависни од микрокредити, многу млади луѓе нурнати во новата економија го изразуваат своето незадоволство на социјалните мрежи: тие се чувствуваат заробени од овој постојан долг што ги спречува да штедат за да го поседуваат својот дом.

Од аспект на менаџментот, Џек Ма во медиумите се гордее што се опкружува со млади луѓе, од кои црпи енергија и идеи, истовремено држејќи им лекции за самопожртвуваност и страдања со цел долгорочна  посветеност. На 18 октомври 2017 година, тој беше поканет од Државниот универзитет во Москва, престижен кампус од четириесет илјади студенти. Човекот повеќе не беше слабичката фигура во жолта кошула, кој зборуваше шест години порано на Универзитетот Стенфорд, со кодекс на облекување и јазик на Стив Џобс или Бил Гејтс. Сега  во костум од еленска кожа во темно сина боја и бела кошула со јака, Џек Ма во Москва е сигурен во себе:  „Оставете ги луѓето да се грижат за технолошката револуција. Не плачам затоа што тоа нема да ми помогне. Ривалите се оние кои мора да се натераат да плачат. Ништо не е бесплатно, ништо не е лесно. Ако сакате да успеете, мора да ја платите цената. Минатата година поминав осумстотини и шеесет и седум часа во авион. Во Алибаба, работиме дење и ноќе. Ние се обидуваме да бидеме уникатни, да бидеме различни. Денес е тешко, утре ќе биде уште потешко, задутре ќе биде прекрасно.“

„Еден ден во Алибаба е ден на борба“, додава еден од менаџерите во компанијата кој посакува да го нарекуваат под псевдонимот „Hong Cha“ („Црн чај“). Тој работеше две години во седиштето на Cainiao, подружница за логистика на групата, во Хангџоу, град кој стана многу привлечен и за дваесет години десеткратно го зголеми своето население. „Ако градот не е уметнички на ниво на Шангај, тој дише е-трговија, новата економија, исто како г. Ма“. Човекот опишува денови што се во согласност со правилото „996“, еднаш јавно формулирани од г. Ма : работа од 9 часот наутро до 9 часот навечер, шест дена во неделата. По вработувањето, седум дена поминуваат целосно во учење на вредностите на Алибаба.

„Hong Cha“ гарантира дека во текот на две години, неговиот приход достигнал, во просек, 257 000 евра годишно, вклучувајќи го и учеството во акциите. Пандан, според него, е организација на работни места каде секој е во конкуренција со другите. „Архитектурата на Алибаба е многу централизирана. Има десет илјади позиции од типот P8, како мојата во Кина, но само триста до четиристотини P10, односно високо извршни директори. Мојот шеф, кој е на ова ниво, имаше четири П8 тимови под негово управување и вети дека ќе унапреди само еден во П9. Да се искачи на овој ранг значи да се види како се зголемува неговата плата како и обемот на неговиот удел кој се зголемува двојно. Ви оставам да ги замислите ривалите …“ Тој исто така ги споменува годишните проценки, наречени „3-6-1“ : „Триесет проценти од извршните директори се класифицирани како исклучителни, 60% како соодветни, 10% како неквалификувани. По две години по ред со 10%, мора да ја напуштите компанијата.“

Нешто и за сопствен ќејф: шато во Франција

Но, во исто време, потребно е да се промовира тимскиот дух (teambuilding), што се смета за суштински. „Ние сме собрани во групи од по десет лица, се извлекуваат прашања и треба да одговориме на нив. Тоа се некако по интимни работи, како на пример онаму каде што прв пат ја бакнавте вашата девојка. Си помислив дека тоа е некој културен трик на продавачите, оригиналната професија на Алибаба.“ 

Компанијата има систем наречен Bulletin Board System (BBS), интернет-форум каде вработените зборуваат под нивните вистински имиња. Сите теми се опфатени, ништо не е модерирано. „Често читаме објави каде вработените се жалат на нефер евалуација од нивниот претпоставен. Ова води до коментари, појава на криза и обично двете страни на крајот го напуштаат работното место. Вработените сакаат да присуствуваат на овој вид контроверзии.“ Исто така, на овој форум г. Ма им зборува на сите вработени со цел да предизвикаат надворешни контроверзии или кога се поставуваат важни прашања. „Hong Cha“ е убеден : „Конечно, вистинските робови сѐ уште се кај Pinduoduo [нискобуџетен конкурент на Taobao]. Тие работат триста и триесет часа месечно, не се враќаат дома до после вечера, тоа е правило.“

Во Европа, каде Алибаба пенетрира сигурно на пазарот, групацијата сака да постави логистичка платформа во близина на аеродромот во Лиеж, Белгија. Во Франција, кинескиот милијардер работи на  нешто што е повеќе личен проект. Во 2016 година, тој го купи имотот Château de Sours, поранешна попатна точка за аџии на патот за Компостела во Saint-Quentin-de-Baron (департман Жиронда). „Никогаш не сум чул за овој човек се додека автобусите на кинески туристи не поминаа низ селото за да се обидат да му пријдат“, признава г. Џек Але, градоначалник од 2014 до 2020 година. Г. Ма ја затвори продавницата за вино за да ги задржи посетителите на растојание, на неговите двесте хектари земја постави противградна заштита, воведе португалски и шпански сорти грозје, наметна пермакултура, забрани пестициди и се откажа од неговото име со контролирано потекло (AOC), до степен да ги изнервира некои соседни лозари. Веќе се инвестирани дваесет милиони евра. Првите шишиња од ова ново вино се очекуваат во 2023 година, сите за извоз. Ништо фолклорно: овде како и на друго место, г. Ма има намера да го разоткрие доминантниот модел, да гледа далеку и троши без да пресметува. Барем засега…

Текстот е објавен во дигиталното издание на Le Monde diplomatique (www.monde-diplomatique.mk)

Continue Reading
економија23 минути ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

македонија8 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

свет9 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија9 часа ago

Пандемијата стивна и економијата здивна

менаџмент / маркетинг9 часа ago

Рекоа за… успехот

менаџмент / маркетинг9 часа ago

Не работете додека сте на одмор. Сериозно.

свет9 часа ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

македонија9 часа ago

Градежниците и хотелиерите останаа најпогодени од кризата

интервју10 часа ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

македонија1 ден ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

македонија8 часа ago

Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?

технологии / компании4 дена ago

Нова аквизиција на македонскиот ИТ пазар: Синами ја презема Еконет

македонија2 дена ago

Комерцијална банка ќе биде спонзор на ФФМ во наредните три години

економија1 ден ago

Утре почнува хакатонот за намалување на сивата економија во е-трговијата

македонија1 ден ago

Десет студентски тимови преку учество на хакатонот „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“ ќе креираат решенија за намалување на сивата економија

интервју10 часа ago

Сашо Јовановски: Спојувањето ќе ја засили нашата лидерска позиција во понудата на деловен софтвер

свет9 часа ago

Инфлацијата се надвиснува како опасност

свет9 часа ago

Граѓаните во крв и солзи, водачите во политички профит

економија23 минути ago

Почна првиот онлајн хакатон за намалување на сивата економија во е – трговијата

економија9 часа ago

Пандемијата стивна и економијата здивна