свет
Џо Бајден е нов претседател на САД

Џо Бајден ја освои Пенсилванија, сојузната држава која носи 20 електорски гласови и моментално има 284 електорски гласови што му е доволно за победа. Бајден со освојувањето на Пенсилванија ја натфрли бројката од 270 електори потребни за победа на претседателските избори.
Џо Бајден ја освои Пенсилванија, сојузната држава која носи 20 електорски гласови и моментално има 284 електорски гласови што му е доволно за победа. Бајден со освојувањето на Пенсилванија ја натфрли бројката од 270 електори потребни за победа на претседателските избори.
AP, CNN, NBC, ABC, Fox News и останатите американски медиуми го прогласија Бајден за 46-ти американски претседател. Камала Харис ќе биде потпретседател на САД, првата жена во историјата на оваа држава, што ќе биде на оваа функција. Новоизбраниот американски претседател моментално води и во Невада, Аризона и Џорџија и неговата победа на крајот може да биде и поуверлива.
Веднаш по објавата на победата во сите големи американски медиуми, Бајден се огласи на Твитер.
„Америко, почестен сум што ме избравте да ја водам нашата голема земја. Работата пред нас е многу тешка, но ви го ветувам ова: ќе бидам претседател на сите Американци – без оглед на тоа дали гласавте за мене или не. Ќе ја оправдам довербата што ми ја дадовте“, напиша Бајден.
Бајден вчера, во еден ден, направи целосен пресврт во Пенсилванија, сојузна држава во којашто Трамп во четвртокот имаше околу 150 илјади гласови предност. Вчера Бајден го сврти резултатот и во Џорџија, каде што исто така прејде во водство.
Досегашниот претседател Доналд Трамп покрена вистинска канонада на напади врз изборниот процес и засега без докази, ги обвини демократите, медиумите и финансиерите дека му го крадат „глатко и уверливо“ освоениот втор мандат.
„Ако ги броите само легалните гласови, јас глатко победив“, им рече Трамп на новинарите коишто немаа прилика да постават прашања. А потоа ги обвини своите политички противници, демократите, членовите на избирачките одбори, медиумите, финансиерите и технологијата за кражба на неговата победа.
„Наша цел е да го заштитиме интегритетот на изборите и нема да допуштиме да ги украдат. Нема да допуштиме да се замолчат нашите избирачи“, рече Трамп, упорен во оценката дека броењето на дописните гласови, од моментот кога почна да го губи водството, е проследено со корупција и измами.
„Нашите бројки чудесно и во тајност исчезнаа“, рече Трамп.
Во низата на обвинувања, Трамп рече дека некои градови се безнадежно корумпирани и дека избирачките одбори добиле упатства да ги крадат гласовите и „да ги бројат оние илегалните.“
Ги обвини „големите медиуми, големите пари и големата технологија“ дека се сплотиле со демократите против него. Трамповото незадоволство е предизвикано од тоа што во низата на клучни држави, во коишто на почетокот водеше, предноста почна значително да опаѓа со пребројувањето на дописните гласови, односно оние гласови пратени по пошта.
Демократскиот кандидат за претседател испрати сосема спротивна порака пред обраќањето на Трамп. Тој ги повика сите на смиреност и трпеливост. Бајден продолжи во иста насока и во петокот навечер, по источноамериканско време, кога на јавноста ѝ се обрати од Вилмингтон, велејќи дека е на пат да освои повеќе од 300 електорски гласови и дека „тој ќе победи со очигледно мнозинство“.
„Сè уште немаме конечна објава на победата, но бројките ни кажуваат за јасна и убедлива слика. Ќе победиме во оваа трка“, рече Бајден, кого на сцената го придружуваше кандидатот за потпретседател на САД, Камала Харис.
Бидејќи пребројувањето на гласовите продолжува и победникот во претседателската трка сè уште не е објавен, Бајден рече дека има предност во Пенсилванија, Џорџија, Аризона и Невада и е на пат да освои повеќе од 300 електорски гласови.
Демократскиот кандидат за претседател повика на трпеливост. „Ние мора да останеме смирени и да го оставиме процесот да тече. Вашиот глас ќе биде почитуван, не ми е гајле колку луѓе се обидуваат да го запрат гласањето, јас нема да го дозволам тоа“, рече тој доцна во петокот навечер по локално време.
Бајден исто така истакна дека гласачите му дале мандат да преземе решителна акција во врска со пандемијата, економијата, климатските промени и системскиот расизам.