10-те најпрофитабилни  прават 83% од ќарот на сите 100
Објавено на од во луѓе и компании

Vector illustration of 3D flat isometric people. Concept of business growth, career ladder, the path to success.БДП падна во првото полугодие, добивката на котираните компании на Берза  порасна

На Македонската берза во задолжителна котација пласирани се акции од 107 компании. Од нив точно 102 поднеле финансиски извештај за работењето во првото полугодие од 2017-та, во законскиот рок. Од овие 102, 73 имаат добивка, останатите 29 работеле со загуба. Од овие 73 што работеле позитивно, на најпрофитабилните 10 отпаѓа дури 83% од целиот ќар на сите, или 75 милиони евра. Целата добивка е, инаку, 90,6 милиони евра, што е за 10,3% повеќе од истиот период лани.

 

Македонската економија забележа пад од 1,8% во вториот квартал од 2017, пред с$ заради падот на градежништвото од 17,3% во однос на истиот период лани. Политичката криза, со својата кулминација на 27 април и настаните од Парламентот и  неможноста да се формира  влада половина година предизвика да замрат инвестициите во градежни капитални објекти кои што претходно беа главен двигател на растот на бруто домашниот производ – БДП. Токму заради тоа и во првиот квартал се случи стагнација, односно нула раст на економијата, а во следните три месеци и  пад. Уште еден квартал со пад на БДП и Македонија официјално ќе влезе во рецесија, предупредуваат економските аналитичари. Во вториот квартал пад на БДП според производниот метод, волуменски индекси, бележат и преработувачката индустрија (-1,6%), рударство и вадење камен (-1,4%), итн. Од резултатите пак што ги бележат стотината компании што се на задолжителна котација на Македонската берза, може да се добие поинаков впечаток за бизнис активноста во првите шест месеци – се разбира, тие се само мал дел од домашната економија, но се релевантен индикатор за тоа во каква кондиција е  поедина индустриска гранка.

Прво, нивната вкупна добивка во првото полугодие е поголема во однос на истиот период лани. Според анализата направена од Македонската берза, сите котирани друштва заедно оствариле нето резултат во износ од 4,99 милијарди денари (81 милион евра) што е повеќе за 7,47%. Од вкупно 107 котирани друштва, 102 објавиле неревидирани финансиски извештаи, од кои 73 компании објавиле дека имаат добивка, наспроти 29 коишто работеле со загуба. Вкупно остварената добивка на друштвата што работеле со позитивен финансиски резултат е 5,57 милијарди денари (90,6 милиони евра), што е за 10,3% повеќе во однос на првото полугодие лани, додека вкупната загуба на оние што всушност работеле со загуба е 583 милиони денари (9,48 милиони евра).

22koБанкарскиот сектор со најголема добивка

Гледано по сектори, најголема нето добивка оствариле компаниите од секторот банкарство (котирани се следниве банки: Комерцијална, Стопанска Скопје, НЛБ, Стопанска Битола, Унибанка, Охридска банка СГ, Централна – кооперативна банка и  ТТК) со вкупен износ од 2,63 милијарди денари (42,8 милиони евра), што е зголемување за 14,7% во однос на првите шест месеци лани. Најголема добивка има Стопанска банка – Скопје, од 1,3 милијарди денари (21,1 милиони евра), што значи половина од вкупната добивка на сите 8 котирани банки, пред НЛБ со 930 милиони денари (15,1 милиони евра) и Охридска банка СГ со 157,3 милиони денари (2,6 милиони евра). Комерцијална банка, како една од најголемите три банки во земјава, има пад на добивката од дури 80,5%, на 39,2 милиони денари (637 илјади евра) и покрај порастот на вкупните приходи од 2%, заради зголемените резервации предизвикани од влошеното портфолио на корпоративни кредити.

Во секторот индустрија 32 друштва остварија добивка, додека 10 направија загуба, при тоа остварувајќи кумулативна нето добивка од 950 милиони денари (15,4 милиони евра), што е зголемување за 15,3% во однос на 2016-та. Конкретно, во секторот фармација трите котирани друштва остварија профит од 405 милиони денари (6,6 милиони евра) и зголемување од 7,7%. Алкалоид е предводник со нето добивка од 5,9 милиони евра, зголемена за 11%, при остварени приходи од продажба во износ од 4,55 милијарди денари (74 милиони евра), или за 9% повеќе од лани. Од прехранбената индустрија, меѓу котираните компании според приходите и добивката  лидер е скопски Пекабеско, со приходи од продажба од 2,07 милијарди денари (32,5 милиони евра) и пораст од 13% (Пекабеско не остварува приходи само од производство на сувомеснати производи, н.з.) Нето добивката на Пекабеско за првото полугодие е 50,8 милиони денари (826 илјади евра), што е за 16% помалку од лани. Витаминка како најголема според приходите меѓу компаниите од  кондиторската индустрија котирани на Берза, има остварено продажби од 862 милиони денари (13,4 милиони евра), речиси идентично како минатата година, додека нето добивката е намалена на 15,5 милиони денари (252 илјади евра) за 43% заради негативното салдо на залихите на почетокот и крајот на периодот и зголемената амортизација на материјални средства.

24kМеталургијата со поголеми приходи, но поскапените суровини ја јадат добивката

Во металургијата, најголемите компании котирани на берза од овој сектор, имаат одличен пораст на приходите, но и зголемени трошоци за суровини што им ја јадат добивката. Челичарницата Макстил покажува голем пораст на приходите од продажба, за 45%, на 2,6 милијарди денари (42,3  милиони евра). Тоа се должи на раздвижувањето на европската челична индустрија, но во компанијата стравуваат дека заштитните мерки што САД ги преземаат околу увозот на европски челик ќе го намалат овој раст. Оперативните расходи се пораснати за 9%, а се очекува нивен силен раст во втората половина од годинава заради големото поскапување на суровините на светските берзи. Макстил има оперативна добивка од 41,8 милиони денари (683 илјади евра), речиси двојно поголема од лани, додека на крајот, нето добивката е само 1,62 милиони денари (263 илјади евра), заради големите финансиски расходи за камати, курсни разлики и сл.

26kАрцелорМитал Скопје, производител на ладно валани, поцинкувани и пластифицирани лимови, исто така има одличен раст на продажбите, односно извозот во првата половина од годинава. Приходите се 3,5 милијарди денари (57 милиони евра), што е за 34% повеќе од лани, но оперативните расходи од 3,6 милијарди денари, што се должат на зголемените трошоци за суровини и други материјали. Затоа компанијата покажува оперативна загуба од 148 милиони денари (2,4 милиони евра), која е поголема од минатогодишната, а финансиските приходи ја ублажуваат оваа загуба до 105,5 милиони денари.
Секторот услуги има 13 друштва со добивка и 7 со загуба, при што вкупната добивка е 680 милиони денари (11 милиони евра), или пораст за 151,8%. Тука убедлив лидер е Македонски телеком со приходи од пет милијарди денари (81,3 милиони евра), за 2% помали од претходната година, и нето добивка зголемена за дури 136% на речиси 10 милиони евра, којашто се должи пред с$ на намалените расходи во делот трошоци за вработени од околу 4,5 милиони евра (компанијата направи аутсорсинг на добар дел од техничкиот кадар, н.з.). Практично, на Македонски телеком отпаѓа 90% од вкупната добивка остварена од котираните компании што припаѓаат на секторот услуги.


Компаниите со најтргувани акции на Берзата, членките на МБИ-10 индексот, имаат вкупна добивка од 62 милиони евра  што е за 20% поголема во однос на првите шест месеци од 2016-та. МБИ-10 компаниите имаат безмалку 70% од целата добивка на сите котирани компании собрани заедно, преку 100. Самиот пак, индекс  во периодот јануари – јуни е пораснат за 34%, а на домашниот пазар на капитал се истргувани акции од овие 10 компании за вкупно 19  милиони евра, или дури 76%  повеќе од лани.


Најголем пад на добивката има кај земјоделските производители

Најголемо намалување на добивката во првата половина од 2017 година од 55,5% има кај компаниите од секторот земјоделие, коишто имаат добивка од 31 милиони денари (505 илјади евра). Најголемиот земјоделски производител во Македонија, ЗК Пелагонија, во првите шест месеци има оперативни приходи од 454 милиони денари (7,4 милиони евра), за 6,3% повеќе од истиот период лани. Расходите на компанијата се поголеми од приходите и изнесуваат 653,5 милиони денари (10,3 милиони евра). Кога ќе се додаде позитивната разлика помеѓу вредноста на залихите, се добива оперативна загуба од 90,1 милиони денари (1,46 милиони евра), што е речиси трикратно поголема во однос на лани. На крајот, нето загубата на ЗК Пелагонија е  109,23 милиони денари (1,8 милиони евра), или двојно повеќе во однос на првите шест месеци лани. Од компанијата велат дека годинава продолжила со инвестирање, заради што финансиските расходи се поголеми од финансиските приходи, што влијае врз крајниот финансиски резултат.
23kСекторот трговија со нафтени деривати има намалување на добивката од 42,5%, со вкупен профит од 146 милиони денари (2,37 милиони евра). Најголемиот домашен дистрибутер на нафтени деривати, Макпетрол, првите шест месеци ги завршил со 8,6 милијарди денари (140 милиони евра) приходи од продажба, што е за 16% повеќе од лани. Оперативната добивка на компанијата е 91 милион денари (1,48 милиони евра). По пресметувањето на финансиските приходи и расходи, профитот пред оданочување е 121,6 милиони денари (1,98 милиони евра), или 7% повеќе од лани. Во Макпетрол зголемените приходи од продажба ги објаснуваат со зголемената продажба на енергенси во малопродажба, особено продажбата на светлите деривати за 4%, како и заради зголемувањето на цените на дериватите во однос на првото полугодие лани.

Секторот градежништво има намалување на профитот за 36,2% на 196,5 милиони денари (3,2 милиони евра), додека секторот осигурување има за 38,2% помала добивка, или 82,2 милиони денари (1,34 милиони евра). Единствено секторот трговија претставен преку задолжително котираните компании на Берзата има вкупен негативен финансиски резултат од 172,8 милиони денари (2,8 милиони евра), каде што од 13 друштва 7 имаат добивка, а 6 го завршиле полугодието со загуба.

Показател за тоа всушност колку малку силни домашни компании има во македонската економија  е што најпрофитабилните 10 котирани друштва на Берзата имаат вкупна добивка од 4,6 милијарди денари (74,8 милиони евра), што е безмалку 83% од целата добивка на сите 102 компании што објавиле финансиски извештај за првите шест месеци. Членките пак на МБИ-10 индексот имаат вкупна нето добивка од 3,8 милијарди денари (62 милиони евра) што е пораст од 20% во однос на лани, или 68,4% од целата добивка на сите котирани друштва заедно.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×