10 топ трендови на корпоративна општествена одговорност за 2019 година
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

policies1Каде оди светот

Компаниите ќе почнат сè повеќе да ја ценат транспарентноста како што ќе го бараат тоа од нив помладите генерации. За лидерите нема да биде доволно само да инспирираат и едуцираат, туку ќе треба да бидат способни да креираат доверба преку искреноста. Ова е една од главните карактеристики на светските компаниски општествено одговорни практики во иднина.

 

Општествената одговорност стана особено важен дел од компаниските филозофии последнава деценија, што беше стимулирано од два клучни фактори – барањата на потрошувачите и можностите за брендирање. Потрошувачите стануваат технолошки сè попотковани и информирани, со што се зголемува нивната свесност за тоа од каде и како доаѓаат производите што ги консумираат. Многумина се веќе спремни да платат повеќе за производи каде што е запазено високо ниво на етика и општествена одговорност во целиот синџир на производство – од нива, до полица во супермаркет. Овие потрошувачи се идентификуваат со брендовите кои што ги делат нивните вредности.

Со помош на истражувањата на Forbes, Fortune и уште неколку водечки бизнис медиуми во светот, направивме кус преглед на она што допрва ќе биде најважно за компаниите во светот кога станува збор за општествено одговорните практики.

  • Промени во работната околина

Во последно време сè почесто ги слушаме термините: Капитализам со свест… Одговорно лидерство… Паметни градови…Социјални иновации и претприемништво… Ова се рефлектира на средината во која бизнисите функционираат, а која што постојано се менува. На пример, кај работната сила, една американска студија покажува дека во нивната економија веќе 59% од менаџерите се од генерацијата на т.н. миленијалци (родени во периодот 80 ти – 90 ти), а 18% од нив се пак на високи позиции. Очекувањата на оваа генерација ќе имаат директно и индиректно влијание на тоа како бизнисот ќе се однесува кон прашањето на општествената одговорност во иднина.

  • Влијанието на генерацијата Z

Генерацијата Z, односно, младите родени по 2000 година, е уште поголема од Y генерацијата, односно т.н. миленијалци. Во едно истражување на Gen Z Guru што се спровело на територијата на САД, 93% од учесниците, членови на Z Генерацијата рекле дека ефектот што една компанија го има врз општествената заедница ќе биде значајно за нивната одлика дали ќе работат во неа или не. Генерацијата Z сè повеќе инсистира да купува производи и услуги од општествено одговорни компании, односно бизниси што ги делат истите вредности и верувања.

  • Ревизија на синџирите на додадена вредност

 Да се изгради синџир на додадена вредност што е етички, да речеме во областа на земјоделските производи – од одгледувањето на фарма, преку пакувањето, до транспортот, па сè до изложувањето во маркет – е поголем предизвик одошто се чини на прв поглед. Денешните потрошувачи сè повеќе се интересираат околу тоа дали брендовите и производите што им се нудат во позадина имаат етичко третирање на животните, фармерите, вработените во компаниите од каде што доаѓа нивното омилено кафе, шампон и сл. И не ретко се случува бојкот на производителите што не ги исполнуваат овие етички норми, па затоа ниту една компанија, од Apple, до Zara или Volkswagen, не е имуна на скандал во јавноста или штета по репутацијата, заради некое откритие за неетичност во нивниот синџир на додадена вредност.

Заради ова, компаниите допрва сè повеќе ќе инвестираат во ревизија на нивните синџири на додадена вредност, образувајќи ги своите вработени за потребата да комуницираат исклучиво добавувачи што можат да докажат дека имплементираат општествено одговорни практики.

  • Искреност и транспарентност

Според неодамнешна студија на Forbes, искреноста ќе биде една од клучните лидерски карактеристики на новото време. Компаниите ќе почнат сè повеќе да ја ценат транспарентноста како што ќе го бараат тоа од нив помладите генерации. За лидерите нема да биде доволно само да инспирираат и едуцираат, туку ќе треба да бидат способни да креираат доверба преку искреноста. Во анализата на Forbes за маркетинг трендовите за 2019 година, транспарентноста е наведена како најважна алатка на маркетингот, како што потрошувачите ќе добиваат с$ поголема моќ и влијание.

  • Внатрешни комуникации

Компаниите ќе бидат фокусирани повеќе на внатрешните комуникации како маркетинг средство, и тоа ќе биде нивниот клучен предизвик и прилика да креираат бренд амбасадори и да се осигурат дека вработените, клиентите и снабдувачите го разбираат и го живеат “брендот“, исто како и визијата и стратегијата на компанијата.

  • Волонтирањето како решение за бизнис и социјални предизвици

Волонтирањето не мора да значи само служење храна на бездомниците во слободно време, акција што е финансирана од компанијата и сл. Волонтирањето, особено на професионалци со високо ниво на вештини и стручност, може директно да се поврзе и со бизнис целите. Вработените може да разрешат некои предизвици на компанијата, како и пошироката заедница, преку волонтирањето, без оглед дали се работи за предводење тимови, градење врски со различни засегнати страни, решавање на конкретни проблеми, итн.

На пример, во хотелската индустрија волонтери работат на случајот да се елиминира фрлањето на храна, додека т.н. банки за храна се трудат да опслужат што повеќе клиенти. Доколку компаниските вработени волонтираат во процесот на сортирање и испорака на храна, како и во развивање подобри процеси за зголемување на ефикасноста и дистрибуцијата, сите се победници.

  • Заедниците и бизнисот

Ќе следат позитивни промени затоа што компаниите наместо еднократни активности и настани поврзани со хуманитарна работа и сл., сè повеќе ќе градат подолготрајни релации со своите партнери во практикувањето општествена одговорност. Ќе се развива т.н. стратешко волонтерство, исто како и користењето на стручната експертиза и ресурси во насока на поддршка на служењето на заедницата и доброволните општествено корисни активности на менаџментот и вработените во една компанија.

  • Еднаквост на работното место

Со #MeToo кампањата која што зеде земав во сите онлајн социјални платформи, очигледно е дека жените во секоја индустрија мораат да се спротивстават на секој обид за сексуално вознемирување, со цел да се надминат корпоративните култури и политики што се така поставени да многу често ги оставаат жртвите на овој тип малтретирање беспомошни. Па, така ако 2017 и 2018 беа годините кога многу жени проговорија отворено за сексуалното вознемирување, 2019 ќе биде година кога ќе се случуваат вистински трансформации во корпоративниот сектор.

  • Цели на одржливиот развој

Во Агендата 2030 за одржлив развој, светските лидери од различни земји се согласија да идентификуваат 17 цели за одржлив развој, меѓу кои намалување на сиромаштијата, заштита на животната средина, обезбедување на просперитет за сите, итн. Во моментов речиси 40% од Fortune 50 компаниите јавно даваат поддршка на целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals) со тоа што преку една третина од нив на овие цели гледаат не како на хуманитарна работа, туку како бизнис стратегија.

  • Улогата на владите

Насекаде на планетава, потрошувачите знаат дека властите имаат тешкотии да лоцираат и решаваат голем број од горливи социјални и економски прашања во услови на отежнато финансирање и неадекватни системи за давање јавни услуги. Истражувањата на компанијата MSL покажале дека 73% од генерацијата на Милениумците или т.н. Y Generation не веруваат дека владите можат сами да ги решат денешните проблеми, а 83% од нив сакаат бизнисите поактивно да се вклучат во тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×