Connect with us

коментари

Љупчо Зиков: Што треба оваа држава да направи за повисок економски раст одржлив на долг рок (втор дел)

GDP (БДП бруто домашен производ) = C + I + G + (X-M)
C – потрошувачка на населението (private consumption) + I – Инвестиции (gross investment) + G – Потрошувачка на државата (government spending) + (X-M) – Разлика меѓу извозот и увозот (export-import)

објавено

на

Љупчо Зиков

Вистинските реформи се структурните реформи! Како и пристапот на компаниите до евтин капитал за нови инвестиции. Понатаму, силна поддршка на државата за поедини стратешки сектори, квалитетни субвенции каде што треба. И секако отворање на широк фронт на капитални инвестиции во инфраструктурата, градежништвото и енергетиката. На крајот на оваа низа како последица ќе се појават големи инвестиции, силен проток на пари меѓу компаниите, и компаниите со државата (даноци) зголемениот број нови работни места (плати, трошење и повторно даноци кај државата).
Во оваа фаза, на Македонија ѝ требаат реформи за создавање на поголема додадена вредност, за поголеми инвестиции и извоз, вработувања … Високи стапки на раст на БДП.
Е сега, клучен проблем за нас е зошто секоја влада од осамостојувањето до денес, наместо да приоѓа кон реформи во делот на факторите кои го создаваат и зголемуваат БДП на земјата, одат кон реформи со кои зголемува и продлабочува јазот меѓу малку создаденото и многу потрошеното. Распределбата на малку заработеното и позајмените кредити!?

Сите економски анализи за иднината на македонската економија, кажуваат дека за да биде формулата на БДП корисна и релевантна за разгледување потребно е да растат инвестициите во приватниот сектор, како и расходите на државата за капитални инвестиции кои ќе носат приходи. Тоа што е евидентно е што и двата овие индикатори на земјата се катастрофално лоши, иако владините политики последните две и пол години се во голема мерка насочени кон овие сегменти на растот на економија. Сепак тоа не е доволно за очекувања дека економијата може да расте со посакуваните драматично високи стапки!
Оттука, нема да мрднеме уште долго, ако не го смениме начинот на размислување и со тоа „бизнис моделот„ на правење пари во економијата и зголемување на БДП, кој за Македонија не смее да биде под 6% до 8% годишно и долгорочно. Таков раст не може да се прави само со зголемување на личната потрошувачка на сиромашните македонски граѓани.
Затоа, пораката до Министерството за финансии треба да биде дека проблемот не е во тоа дали од рамен данок ќе се премине на прогресивен данок на приходите! Или таа мерка ќе ја коригираме и пак ќе го вратиме рамниот данок, како што владата од оваа година го врати (и тоа е одлично).

Нашите пристапи кон реформите и растот на економијата се се’ уште застарени, а нашите идеолошки гледања кон современата социологија на животот се ретроградни и кочничари на развојот. Македонското општество не е ниту до пола од патот на трансформацијата. Нема да мрднеме уште долго, ако не го смениме начинот на размислување и со тоа „бизнис моделот„ на правење пари во економијата и зголемување на БДП, кој за Македонија не смее да биде под 6% до 8% годишно и долгорочно. Таков раст не може да се прави само со зголемување на личната потрошувачка на сиромашните македонски граѓани.

Мала продуктивност и мал мотив за работа

Во Македонија, речиси сите влади досега често прибегнуваат кон некакви квази популистички политики без подлабоки анализи кон што водат тие. Таква политика беше воведувањето на прогресивниот данок (денес коригирано со повторно враќање на рамниот). За прогресивниот данок се велеше дека ќе ги израмни социјалните разлики, што се покажа, и секаде во светот се покажува за неточно. Оти, данокот сам по себе не може ништо да балансира. Тоа е само давачка. Други политики коригираат состојби. Па имавме вакви коментари од високи државни чиновници своевремено кога се воведуваше прогресивниот данок:

„Како прво, се очекува да се намалат социјалните разлики, со што ќе се подобрат општествената кохезија и довербата помеѓу луѓето, односно она што економистите денес го нарекуваат општествен капитал! Второ, ќе се изврши редистрибуција од оние што заработуваат повеќе (!?), кон оние што заработуваат помалку. Поради тоа што оние што заработуваат повеќе имаат помала склоност кон потрошувачка, со ова ќе се зголеми вкупната потрошувачка во општеството, со што, пак, ќе се влијае позитивно врз економската активност (!?)“.

Прво, во најново време се покажува дека на оние кои заработуваат малку, колку и да им ја зголемите платата тие денес излегуваат на меѓународниот пазар на работници и среќата си ја бараат на отворена светска сцена. И тоа го прават не само заради малите плати во Македонија, туку многу повеќе заради можностите за поквалитетен живот, можностите за здобивање на нови квалификации, повеќе знаење и посилна професионална иднина и квалитетен живот за своите деца.
За социјалната нееднаквост да се намали и да се зголеми општествената кохезија, потребни се нови (квалитетни) работни места, и што е многу важно денес, многу добро платени. Денес е евидентна трансформацијата и транзицијата на старите и конвенционални индустрии кои сега бараат многу нови инвестиции за да држат чекор со регионот и пошироко! Поради застареноста на индустриите и стариот пристап на македонските сопственици и менаџери, продуктивноста е многу мала, а мал и мотивот за работа! Следствено, многу малку силните професионалци можат да напредуваат низ македонските компании и јавната администрација.

Оттука, најдобра социјална политика е отворањето на новите работни места (се разбира не во јавната администрација, или не само таму, или помалку таму, а многу повеќе во македонскиот приватен сектор и компании основани од македонски граѓани).
Што се однесува до зголемувањето на општествената кохезија на разните групи во Македонија, искажана од устата на политичарите е секогаш вишок во текстот (!?), што би значело е џабе кажано. Затоа што општествената кохезија во земјата е нарушена и се нарушува веќе триесет години од независноста до денес. Од приватизацијата до денес.
Од друга страна, после приватизацијата голем дел од општествените групи во земјата беа под силен удар на бесперспективноста на економијата и нејасните намери на новите сопственици на компаниите, кои многу малку се интересираа за бизнисот на претпријатијата што ги приватизираа, а многу повеќе се интересираа за финансиските трансакции меѓу фирмите и банките кои ги кредитираа. Компаниите се задолжуваа, голем дел од недвижностите на фирмите одеа кај банките во хипотека, парите се трошеа ненаменски и сл.

Опасна идеолошка теза и лоша карма

Понатаму, силните трошења од буџетите (кои драматично се зголемија во последните десет години) во проекти кои не даваа добра економска база за земјата, придонесоа голем дел од јавните буџетски пари да бидат искрадени на јавни тендери (!?). Овде главен бизнис станаа јавните тендери. Како се зголемуваа тие, така паѓаше интересот кај домашните инвеститори и газди за извоз од своите фабрики на странските пазари. Оттука, немаше инвестиции, не се отвораа работни места, напротив, се затвораа и растеше сиромаштијата.

Коментар заслужува и ставот на политичарите дека со економски политики и длабоки промени можело да се оди кон прераспределба на богатството (од богатите демек кои заработувале повеќе кон оние кои не заработувале или заработувале помалку). Ова е опасна идеолошка теза. Еве зошто тоа не е добра мантра, а е лоша карма.
Со ваква идеолошка платформа нема развој на економија, уште помалку повисоки стапки на раст на бруто општествениот производ. Затоа што ниту тие што заработуваат повеќе се богати (заработката не е богатство!!??), а и не заработуваат кој знае колку! Ниту оние кои се сиромашни ќе бидат побогати или помалку сиромашни.

Демагошки е и тежок товар на општеството е да се мисли дека ако се земе од групите кои заработуваат повеќе (директори, сопственици, интелектуалци, ИТ професионалци, спортисти, уметници), сиромашните ќе биле побогати. Па нели тие се само 1%. Со оглед на тоа дека нели немаме средна класа, тоа значи 99% се сиромашни. Ајде да речеме дека еден добар процент се накај средна класа.

Па како тогаш 1% вакви богати како што ги гледаме низ улиците на македонските градови ќе ја подобрат состојбата на остатокот сиромашни?
Оттука, наместо да ги гледа овие 1% професионалци, претприемачи, инвеститори, доктори, професори за кои треба да се бара можност како перманентно да остваруваат поголеми приходи затоа што се моторот на растот, секоја економска политика мора да се бави со целта – како да се зголемат приходите на останатите 99%! Во оваа поента треба да лежи основата на секоја идна сериозна и структурно фундирана економска реформа во земјата! Значи, како да се зголеми приходот на професионалците!

Оти, зошто некој доктор би останал во оваа земја ако платата му е 800 евра, кога за истата работа во Словенија или Австрија би земал 1.500 до 2.000 евра, и при тоа никој нема да го праша на која партија е член!? Зошто приватен земјоделец би останал на својата земја чекајќи и субвенции за годишен принос од, да речеме, 1.500 евра месечно, кога без да му ја мисли и да чека субвенциите да му стигнат, тој во Швајцарија или Германија работејќи на земјата на некои други газди може да заработи и до 3.000 евра притоа работејќи повеќе работи? Не заборавајте дека зборуваме за најголем дел социјални категории на граѓани каде императивот им е голата егзистенција. Излезете малку од Малиот ринг на Скопје, посетете ја Македонија низ внатрешноста па ќе разберете што пишувам …

И сосема на крај пак за иселувањето … Еве како размислува реформаторот на Полска Лешек Белцерович!

“Мислам дека сиромаштијата не може да се искорени или барем намали преку зголемување на давачките за побогатите. Сиромаштијата може да се намали преку инвестиции во реалниот сектор на компаниите и преку зголемување на продуктивноста и отворање на нови работни места. Сиромашните нема да станат побогати ако државата одзема поголем дел од доходите на побогатите. Од друга страна, државата е должна да ги кине врските меѓу државата и моќни луѓе во бизнисите! Ако приходите на богаташите всушност доаѓаат од нивните врски со властите, тогаш тие врски мора да се прекинат. Според мене, клучно е да се надмине нееднаквоста во можностите во едно општество, односно еднакво талентирани луѓе да имаат ист пристап до образование.“

Ние би додале и до можностите за бизнисот и пристапот до финансиите.
Лешек Балцерович, кој сега е угледен професор на Варшавската школа, важи за архитект на трансформацијата на Полска од комунизам во капитализам (толку потребно на Македонија денес во 2020 година речиси три децении од падот на берлинскиот ѕид и комунизмот). Нашите пристапи кон реформите и растот на економијата се се’уште застарени, а нашите идеолошки гледања кон современата социологија на животот се ретроградни и кочничари на развојот. Македонското општество не е ниту до пола од патот на трансформацијата …
Балцерович, од позицијата на вицепермиер и министер за финансии во 1989 спроведувал „шок терапија“ за да се справи со хиперинфлацијата и од плански водена да создаде современа пазарна економија целосно ослободена од шепите на државата. Високите стапки на економски раст што и во време на економска криза ги остварува Полска и притоа, во последните 25 години остана единствена земја во Европа што одбегна рецесија, се доказ дека тој добро си ја завршил работата.

Тој неодамна даде интервју за Капитал. Зборуваше за тоа што треба една држава да направи за да изгради стабилни темели за економски развој. „Државата е лош менаџер“, вели Балцерович и додава дека „ независноста на државните институции и администрацијата од политичките партии е клучна, бидејќи кога државата е окупирана од една политичка партија демократијата ја снемува и тоа вообичаено се одразува лошо на економијата“.

Тој вели дека земјата треба да биде што поотворена, да се залага за задржување на ниски даноци, но во исто време да ја зајакне контролата на трошењето на народните пари!
Лешек Балцерович, предводникот на пазарните реформи во Полска по падот на комунизмот, со кого што Капитал имаше интервју „Сиромашните нема да станат побогати ако државата одзема поголем дел од доходите на побогатите. Од друга страна, државата е должна да ги кине врските меѓу државата и моќни луѓе во бизнисите! Ако приходите на богаташите всушност доаѓаат од нивните врски со властите, тогаш тие врски мора да се прекинат.“

Продолжува во следниот број:
Десет големи чекори за висок раст на БДП од над 6%

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија20 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

свет6 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор