ЉУБОЈНА E ИДЕЈА ЗА МУЗИКА
Објавено на од во lifestyle

Длабочината на пораката која ја испраќа и мудроста која ја зрачи „Љубојна“ преку своите музички фрази, невозможно е да опише со еден новинарски текст па дури и со цела авторска книга. Затоа она што ќе се обидеме да го направиме е да ви го приближиме начинот на размислување, творење и општо живеење на Оливер Јосифовски и Вера Милошевска - Јосифовска кои се изворот на инспирацијата на сета енергија која ја зрачи „Љубојна“. Преку изворно запознавање со нивните идеи, навики и карактери ќе ви се одгатнат многу мистерии околу успехот на феноменот „Љубојна“.

Ljubojna glavna

Не постои стара и нова – само добра и лоша музика

Со мислите обидете се да се вратите во осумдесеттите години од минатиот век (и неколку децении претходно) кога вашите родители на сабајле ве буделе со втората програма на радио Скопје. Останете на истото место и замислете ја младата Верче Милошевска како секое утро се расонува и ги трие очите во ритамот на брилијантните народни мелоси кои зрачеа од утринската програма на радио Скопје. Денес таа самата раскажува дека уште од најмали нозе почнала да се интересира за овој вид на музика која во тој период беше близу до изумирање.

„Во еден период беше срамота да кажеш дека слушаш народна музика. И тоа кај мене имаше инспиративен ефект кој во еден момент премина во луд занес дека ако ја учиш таа музика можеш да направиш голем пресврт и да ја донесеш на ниво да го „освојува“ светот по примерот на црнечката музика. Тој занес на истражување потоа те внесува во сфера на бескрајниот извор на музиката. Тоа е многу широко поле на кое треба да ја поставите сопствената музика и да направите еден концепт како сето тоа да го разберете и по емоција и како структура и како уметност, за потоа тоа да добие ваш личен печат. Во сите тие размисли се прашуваш зошто оваа музика нема своја современа форма како сите останати светски музики. Се прашуваш како е можно една толку торжествена, а толку емотивно густа музика да запрела некаде по пат, како е можно да нема свој развој и да нема свој наследник. Имав потреба да се спротивставам на концептот на она што се нарекува популарната музика постојано да се гради само по референца на музика со туѓо потекло“.

Но, вистински одговор на овие тези нема да добие се додека не го запознава нејзиниот најпознат колега и подоцнежен животен сопатник Оливер Јосифовски кој во тие години (почеток на 21 век) е штотуку дипломиран инструменталист на престижната Музичка академија во Софија. Со оглед на фактот дека Оливер потекнува од Битола, кoj e дефинитивно најуметничкиот град во земјава, а младоста ја поминал во Софија регионално највдахновениот културен центар, не изненадува случајноста дека и тој е заинтересиран за изворните македонски вредности поконкретно богатото македонски народно музичко наследство.

“Уште од почеток ми беше многу јасно дека треба да направиме нешто во поглед на градење на македонската нова музичка мисла. Уште од тогаш сакав мојот „сетап“ да го прегрупирам во нешто друго што ќе биде интересно за мене. Тоа беше една голема провокација дека нешто треба најдиректно да се прави со македонската музика. Бидејќи таа за мене е најголема мамка, како изворното да стане ултрамодерно.. Значи тоа ми беше една преслатка мамка за да почнам да ја работам оваа работа. Да работам нешто што се вика надградба, живеење и творење со таа музика, нешто кое што мислам дека не се случува често. Значи се обидов да живеам со таа музика како ромите што живеат со својата музика, како џезерите што живеат со својата музика, црнците и сите останати кои многу си го сакаат творештвото. Моја филозофија уште од почетокот беше дека музиката има единствена шанса да преживее ако живееш со неа секој ден“, раскажува Оливер Јосифовски.

ljubojna 2

Мисијата на Љубојна е да направи мост помеѓу изворното и модерното

Македонија буквално е преплавена од варијации на странска музика кои во малку преработена или воопшто не преработена форма се пласираат на пазарот. Познавачите и љубителите на музиката одамна предупредуваат дека ваквата состојба сериозно ќе се одрази не само ретроспективно на перцепцијата на изворното македонско творештво, туку и на современата популарна музика. За жал нивниот глас слабо се слуша во професионалните води.

Поради тоа Вера Милошевска Јосифовска формадиректно се обраќа до нејзините колеги со едно хипотетичко и многу логично прашање.

„Ако увезувате странска музика и ја пласирате на домашниот пазар прашање-то е што ќе извезете назад? Ние тука имаме популарна македонска музика која е буквално пресликана од други музички сцени како британската и американската на пример. Се имаат направено триста испрекршувања на говорниот јазик, за тој да се влезе во „туѓите чевли“. Ние тоа го разбравме така што сакавме преку личен пример да ja споделиме една порака, дека музика се прави од сè. Нема стара и нова музика, постои добра и лоша.

Може да исползува различни начини на изразување, да се угледува на различна музичка и жанровска естетика, да бара нивен пандан во сопствената појавност, но суштината на музиката не може да биде стара и нова и тоа може да го каже само некој кој што не разбира музика. Но уште поголем проблем е што во Македонија има многу образовани луѓе кои не размислуваат така. Истражувањата на музичките генијалци во светот, тргнете да речеме од Брајан Ино, Дејвид Боуви, Стинг… , кои направија трансформација на светската музиката, се секогаш со појдовна точка од конкретен музички јазик. Дури и во експериментирањето како музичка хибридизација, секојпат се однесуваат со огромен респект кон музичката на која и се пристапува. Цела една наука на творење, која и тоа како, и даде печат пред сè на музичка „поп“ естетика во светот. Ако не се впуштиш да пливаш во тоа море на слободата и креативноста нема ни да стасаш до целта. Притоа не лекоумно, туку со сиот сопствен музички наследен багаж“.

И конечно дојдовме до делот каде што од „Љубојна“ почнаа транспарентно да ни ја откриваат тајната на нивниот успех.

„Концептот на Љубојна може да се примени во секоја сфера. Многу е важно ние да разбереме каде живееме во која држава во која земја и со кои можности, ресурси и убавини располагаме. Кај “Љубојна“ беше најважно да го направиме тој мост. Ние знаеме кое време го опфаќаме и кое време ни исчезна од таа нишка од творештвото на народниот генијален ум до младиот човек и младиот композитор. Има групи кои и пред нас го правеле тоа но ние навистина сакаме да направиме еден мост со таа стара музика и условно речено нова музиката која што треба да биде така препознаена. Тоа е тоа кое го прави Љубојна. Ги отвори сите очи за да ги сруши сите бариери“. Но, сиот овој макотропен и долгорочен процес на Оливер и Верче им се исплаќа преку одекот кој го имаат кај нивната публика. Тие за тоа ќе кажат…

„Кога на три или пет различни концерти и настапи ќе забележите иста група на луѓе која буквално крстосува низ Македонија за да не слуша повторно и повторно знаете дека сте направиле нешто вистински. Често знаеме и да ги прашаме нашите фанови зошто доаѓаат на неколку концерти во една иста недела, а нивниот одговор е дека секој наш настап има различна енергија. И навистина ретко се случуваат концерти на кои никој не седи и сите учествуваат во креирање на заедничката убава атмосфера. Ние тоа го почувствуваме на последниот нас настап во Штип, во винаријата Стоби, во Скопје и уште на стотина места каде што наназад хронолошки сме настапувале“.

Изградба на успешен музички бренд е најкомплициран менаџмент

Секој оној кој видел барем еден сценски настап на „Љубојна“ или, пак, во рацете држел било кој омот од нивните бројни албуми ќе сфати прво дека кај оваа музичка група навистина нема ништо едноставно и исто со другите. Народен вез, Италијанска овошна салата Македонија, Мерцедес С класа од 1967 година … се само дел од низата мотиви кои се појавуваат на нивните албуми. Нашето логично прашање беше од каде извира сето ова?

„Многу е важно кога работиш нешто, а особено кога вадиш производ да учествуваш во целиот процес на неговата изработка. Ние учествуваме во секој дел од графичкиот дизајн. За среќа имаме графички дизајнери и пријатели околу нас, кои ја разбираат естетиката на Љубојна. Но, сепак за секој детал дословно, дури и за избор на фонт, позиција, постојано се консултираме и анализираме.“

Оливер и Верче велат дека некогаш и тие не се докрај сигурни и треба многу да се самоистражуваат пред да донесат било каква одлука.

„Сценскиот настап или графичкиот изглед на вашиот албум кажува многу работи или треба да кажува многу работи. Во него треба да е содржан самиот извор на инспирацијата за вашата работа. Треба илустративно да е преставен интензитетот на песните кои доминираат во тој албум, од омотот треба да зрачи и топлината со која ве привлекува конкретниот албум. Правиме нешто од кое вистинскиот наш фан или слушател би можел да дознае илјада различни работи кои го очекуваат во самото цд“.

Ljubojna 3

Од тишината ја црпиме креативната енергија

Она што никогаш читателите не можеле да го претпостават е дека Вера и оливер од Љубојна се вљубеници во тишината и мирот. тие се со став дека секој има потреба да одмори од она што го работи, а дека музичарите не можат да одмараат со дополнителна музика.

„Дома никогаш не слушаме музика, а кога се возиме во автомобил пуштаме цд или радио само доколку тоа од нас го бараат нашите деца. мозокот и инспирацијата се како мускулите мора да се одмораат од интензивните напори за да можат да се регенерираат“.
и двајцата се со став дека она што не може да се направи е да седнеш и да напишеш песна во конкретно одредено време.
„инспирацијата е работа која се појавува на најразлични места и во најразлични околности. Гледаме што повеќе време да поминеме во прошетки и во слободни активности кога мозокот не е оптеретен, а каде што инспирацијата е најинтензивна. тоа досега ни дава резултати и така успешно функционираме веќе цели 15 години“.

Оливер дури ни го посочи и неговиот мобилен телефон како еден од позаслужните за успесите на Љубојна.

„Едноставно е новите телефони нудат опции да прибележиш и зачуваш многу работи и идеи кои доколку веднаш не ги запишеш ќе ти испарат во воздух. Затоа моја навика е секоја можна идеја која ќе ми дојде на било кое место веднаш да ја запишувам, а за време на часовите одредени за работи и да ја реализирам“.

Вера на тоа почна да ги надополнува и најчудните места каде се раѓаат некои идеи.

„додека правиш ручек, додека пазариш, додека ги носиш децата во прошетка, разговараш со некого… едноставно нема граница каде што може да се роди една идеја. Ваше е да ја препознаете и да сте доволно спремни и храбри, истата да ја преточите во нешто оригинално и нешто убаво“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×