15 години по воведувањето на еврото – за Европа кошмар, за Македонија сон
Објавено на од во COVER STORY

The Eurozone Crisis Deepens As Greece Attempts To Avoid Bankruptcy

Додека во Европа расте скептицизмот дали единствената европска валута ќе ги преживее најцрните прогнози кои одат и до пропаѓање на еврото, а се погласни се и критиките на нобеловците Кругман, Стиглиц и Фридман според кои монетарната без фискална унија е неодржлива, Македонија подготвено чека да влезе во ЕУ а потоа и да го воведе еврото. Гувернерот Димитар Богов вели дека земјата ги исполнува сите економски критериуми да го воведе еврото и според него “ние релативно брзо би биле подготвени за влез, а користите за нашата економија од влезот во монетарната унија дополнително би се зголемиле“.

Европската валута годинава го прослави својот 15 роденден откако за прв пат еврото беше пуштено во оптек во јануари 2002 година, но ни овој пат „роденденската забава“ не помина без обиди да се наруши нејзиниот славенички дух. Всушност, нобеловците Пол Кругман, Џозеф Стиглиц и Милтон Фридман со ги расипаа плановите за прославата со своите изјави дека еврото како валута е катастрофа и дека треба да пропадне.

Пред неколку дена, и кандидатот за претседател на Франција, Марин Ле Пен, изјави дека нејзината земја ќе го напушти еврото доколку таа победи на изборите во мај.

Меѓутоа, охрабрувачки податоци објави Европската комисија која според последното истражување, проценува дека 56% од граѓаните во евро зоната, сметаат дека единствената европска валута е нешто добро.

Иако ги преживеа прогнозите на најголемите скептици за неговото воведување, еврото е подложно на критики, бидејќи се покажа дека можеби повеќе одговараше на структурите на силните и дисциплинирани економии отколку на оние кои што во монетарната унија влегоа со помалку компаративни предности.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, вели дека создавањето на Европската монетарна унија од самиот почеток покрај економски беше и политички проект, односно беше во линија со оригиналната замисла за создавање на „сé поблиска унија“, и во тој контекст во линија со слободното движење на добрата, услугите, луѓето и капиталот. Тој објаснува дека според економската теорија, заедничка валута може да функционира во земји кои припаѓаат на оптимална валутна зона.

„Тоа би значело земјите во заедничката валутна зона треба да имаат синхронизирани деловни циклуси, отвореност на нивните економии, мобилност на пазарите на работна сила и капитал и да постои механизам за фискални трансфери. Сепак, присуството на политичката компонента во проектот на евро зоната доведе до заобиколување и креативно толкување на правилата, со што се дозволи влез на неколку земји кои не ги исполнуваа поставените критериуми“, вели гувернерот Богов.

Тој посочува дека во неколку наврати  дојде и до прекршување на Пактот за стабилност и раст без тоа да биде санкционирано според постоечките правила на игра, што според некои критики влијаеше за натамошно слабеење на фискалната дисциплина и за зголемување на ризикот од идни проблеми поврзани со фискалната политика.

„Сепак, длабоките промени во Пактот за стабилност и раст после глобалната економска криза ја зајакнаа улогата на европските институции во поглед на контрола на фискалните политики на земјите членки. Но, мора да се нагласи дека ризици се уште постојат, но тие се главно од не – економска природа. Ризиците произлегуваат првенствено од постојаната тензија меѓу сувереноста на земјите – членки и институциите на евро зоната и Европската Унија“, вели гувернерот Богов.

Аналитичарот Бранимир Јовановиќ, оценува дека главниот проблем со еврото е што тоа не е проследено со некаков вид на фискална унија, која би ги регулирала и координирала фискалните политики на земјите од евро зоната. Тој вели дека со воведувањето на еврото, државите губат сувереност на монетарната политика и на политиката на девизниот курс.

„Со тоа, единствената политика која им останува за краткорочно влијание врз економијата е фискалната политика. За да може една држава да спроведува адекватна фискална политика во услови на криза, таа мора да има одреден вид на трансфери од другите држави кои не се во криза. Евро зоната сега тоа го нема, и колку е тоа штетно, се гледа најдобро на примерот на Грција. Единствен начин за Грција да излезе од кризата низ која минува веќе неколку години е да има експанзивна фискална политика, односно да има зголемени државни трошења, за да ја стимулира економијата. Таа сега не може да го прави тоа, затоа што нема пари. Кога би имало фискална унија, Грција би имала фискални трансфери од другите земји, и со тие пари би можела да ја стимулира економијата“, вели Јовановиќ.

Според него, фискалната унија е неопходна и заради подолгорочни причини.

„Еден од најголемите економски проблеми со кој се соочуваат развиените економии изминативе децении е проблемот на нееднаквоста. Како што неодамна објави Оксфам, најбогатите 8 луѓе на светот поседуваат исто онолку колку што поседуваат најсиромашните 50%. Според Тома Пикети, еден од најпопуларните економисти на денешницата, нужен услов за да се спречи натамошен раст на нееднаквоста е да се воведат глобални и прогресивни даноци на богатство и доход. Тоа значи дека е потребно некое наднационално тело, кое би ги регулирало даночните политики на индивидуалните држави, како што, на пример, Светската трговска организација ги регулира царините на државите. Првиот чекор кон формирање на ваква „Светска даночна организација“ може да биде евро зоната, доколку таа премине кон некој вид на фискална унија“, сугерира Јовановиќ.

Дел од економистите од регионот исто така коментираат дека единствена валута има смисла за подрачје кое дели иста или слична економска, политичка, културолошка и каква било друга традиција и погледи на животот.

„Со воведувањето на единствената валута се намали можноста за реагирање на економските шокови (како оној во Грција и потоа во цела Европа) преку примена на инструментите на  монетарната политика од национално, на ниво на Унијата. Токму поради тоа, договорот од Маастрихт најмногу инсистира на координација на економските и фискалните политики, особено по прашањето на јавниот долг и буџетскиот дефицит, и независна политика на Европската централна банка. Еврото е тука и претставува една од најјаките светски валути, што повторно не ја намалува долгорочната неизвесност во врска со опстанокот на истата, особено во екот на европската должничка криза, Брегзит, миграциската криза и јакнењето на евроскептичните потези. Вистината е дека единствена валута најмногу им одговара на силните и дисциплинирани економии, додека пак, ги запоставува неодговорните економии (особено на југот на Европа). Крах на монетарната унија не би бил во интерес на земјите членки и поради тоа се вложува огромен напор за да се зачува еврото и идејата за ЕУ“, коментира за Ал Џазеира, економскиот аналитичар Адмир Чавалиќ.

euro_60747500_96592900 WEBПоголема корист отколку штета

Економските аналитичари сметаат дека воведувањето на еврото донело многу повеќе користи отколку штети и признаваат дека сепак најмногу се офајдила Германија, а најмалку бенефити имале медитеранските земји. Слабеењето на економиите во земјите од медитеранскиот басен не е последица на воведување на еврото, туку нивната фискална недисциплина и поинаков однос кон системот на стопанисување.

Гувернерот Богов вели дека Европската унија е наше економско сидро, и оттаму креирањето на монетарната унија и воведувањето на заедничката валута, како дополнителен чекор во зајакнувањето на европската интеграција и за нас имаше позитивни импликации. Тој потсетува дека Македонија уште од 1995 година спроведува политика на де факто фиксен курс кон германската марка, а потоа и кон еврото.

„Тоа не е случајно – евро зоната е нашиот најголем трговски партнер, а и степенот на финансиска поврзаност е релативно висок, што е видливо и преку учеството во капиталот на домашниот банкарски систем. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото овозможува стабилен и предвидлив амбиент за трговија и одржување на македонската конкурентност на тие пазари“, вели гувернерот.

Тој додава дека основањето и проширувањето на европската монетарна унија (ЕМУ)  создаде единствен и голем пазар за нашите извозници, притоа отстранувајќи ги претходно постоечките валутни ризици.

„Тоа делува и мотивирачки за влез на подолгорочен и постабилен капитал, којшто е од исклучително значење за развој на нашата економија. Кризата на евро зоната секако имаше одредени неповолни реперкусии и врз нашата економија, особено во однос на перцепциите за дел од европските банки во домашниот банкарски систем. Сепак, тоа се краткотрајни и ограничени ефекти, додека долгорочните поволни аспекти сметам дека останаа недопрени“, истакна Богов.

Економистите коментираат дека воведувањето на заедничката валута им донесе корист на оние економии кои се вклучија во европската монетарна унија. Се проценува дека се направени заштеди од 1,5% до 2% од БДП при трансакциите во тие земји благодарение на воведувањето на еврото.

„Тоа не се мали заштеди, а од друга страна дојде и до конвергенција на цените што значи дека цените се приближија или изедначија и потрошувачите лесно можеа да споредуваат цени во различни земји. Познато е дека Германците одеа да купуваат во Данска и околните земји, Австријците и Французите во Италија. Денес оние кои што веќе влегоа во европската монетарна унија не ни помислуваат да излезат од неа, бидејќи гледаат дека бенефитите се прилично големи, а Германците всушност, кои што беа заговорници од самиот почеток, имаа и најмногу корист, но тие и најмногу ги финансираа медитеранските земји кои западнаа во финансиска криза. Земјите од Медитеранот имаат фискални проблеми, а не монетарни и за тоа не е виновно еврото кое донекаде го олесни пристапот до финансиските пазари, туку вината е во нивните влади кои трошеа повеќе пари отколку што можеа да приберат. Сепак, оние земји кои што се држеа до конзервативна фискална политика, земјите од средна и северна Европа, имаа повеќе користи од воведувањето на еврото отколку штети“, вели економскиот аналитичар Дамир Новотни од Хрватска.

Еврото во југоисточна Европа

Во земјите од југоисточна Европа еврото е силно присутно, но најмногу како средство на формално и неформално штедење. Во некои земји, како што се Црна Гора и Косово, еврото се користи како платежно средство, иако ниедна од земјите во регионот не ги исполни критериумите за воведување на еврото како официјална валута.

Во Хрватска која што е членка на ЕУ, проблем за воведување на еврото претставува неконтролирано големиот јавен долг и дефицитот во јавниот сектор, додека пак во другите земји уште цела низа на проблеми од политичка природа.

БиХ исто така поради бројните економски проблеми не ги исполнува условите за воведување на еврото, а економистите оценуваат дека оваа земја се движи со спиралата на тн. јужни земји.

Еврото стана светски важна валута и јасно е дека иднината на балканските валути е директно поврзана со неа, бидејќи сите земји од регионот и пред појавата на еврото, своите монетарни политики ги насочуваа во правец во кој што Германија ја водење својата марка.

Во Македонија, 132 милијарди денари од депозитите во банките се чуваат во странска валута, и тоа најголем дел токму во евра.

Гувернерот Богов вели дека иако засега на ниво на хипотеза бидејќи Македонија прво би требало да влезе во ЕУ, но кога земјата би требало да го воведе еврото како валута, треба да ги исполни квантитативните, или критериумите од Мастрихт, коишто значат ограничена флексибилност на курсот, дисциплинирани јавни финансии, ценовна стабилност и приближување на каматните стапки кон оние на евро зоната.

„Со исклучок на долгорочните каматни стапки, каде се уште има простор за конвергенција, сметам дека останатите критериуми ги исполнуваме. Всушност, она што сакам да го нагласам е дека согласно со одбраниот режим на де факто фиксен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото, ние веќе долг период активно работиме на исполнување на овие критериуми. НБРМ во голема мерка при водењето на монетарната политика и генерално ја следи политиката и на ЕЦБ, кога условите тоа го овозможуваат“, вели гувернерот.

Тој додава дека од економски аспект, „ние релативно брзо би биле подготвени за влез, а користите за нашата економија од влезот во монетарната унија дополнително би се зголемиле. Секако, сето ова под услов да се задржат здравите фундаменти на раст и дисциплинираните политики“, истакнува Богов.

cover-evro-2 ramkaАналитичарот Јовановиќ, пак, вели дека односот на Македонија кон еврото треба да зависи од тоа како евро зоната ќе се развива.

„Доколку евро зоната остане каква што е сега, мислам дека Македонија нема причини за да го прифати еврото, затоа што би добила малку (затоа што нашиот курс е веќе фиксиран за еврото) а би изгубила многу (затоа што би ја изгубила сувереноста на својот девизен курс и на својата монетарна политика). Доколку пак евро зоната прерасне во фискална унија, тогаш Македонија треба да оди кон прифаќање на еврото, затоа што позитивните ефекти од координирана монетарна и фискална политика на европско ниво би биле значајни“, коментира Јовановиќ.

Новотни од Хрватска вели дека еврото стана не само важна европска валута, туку стана една од најважните светски валути.

„Околу 40% од светските резерви се чуваат во евра, 40% во долари и сите останати валути со удел од околу 20%. Особено е важно да се нагласи дека во евра штедат и граѓаните од евро зоната, но и граѓаните надвор од неа и тоа особено е пример во земјите од југоисточна Европа кои од секогаш имале судбинска поврзаност со Германија. Така секогаш штедните влогови се чуваа во онаа валута што е владејачка во Германија и сега тоа е еврото. Кога би дошло до ситуација Германија да се одрекне од еврото и да ја врати марката, нашите земји исто така би се вратиле на марката како главна валута за штедење“, вели Новотни.

Реалноста е дека навистина Германија најмногу профитираше од воведувањето на еврото, но корист од заедничката валута имаа и оние земји кои строго ги спроведуваа економските реформи и водеа дисциплинирана фискална политика. Голем број на земји, коишто поради цела низа на причини, објективни или не, не успеаја да ги прилагодат своите економии на ситуацијата дека веќе не постои национална валута со која може да се манипулира. Тие спроведуваа слаби, неефикасни или нерационални фискални политики, се најдоа во тешка економска криза и без можност да влијаат не економските текови со вообичаените монетарни манипулации.


IMG_4405 WEBДимитар Богов
гувернер на Народната банка на Македонија

Македонија ги исполнува условите да го воведе еврото

Гувернере, какви се вашите проценки за иднината на еврото, особено што некои истакнати нобеловци од областа на економијата како Кругман, Стиглиц и Фридман, му предвидуваат црна судбина?

Создавањето на Европската монетарна унија од самиот почеток покрај економски беше и политички проект, односно беше во линија со оригиналната замисла за создавање на „сé поблиска унија“, и во тој контекст во линија со слободното движење на добрата, услугите, луѓето и капиталот. Според економската теорија, заедничка валута може да функционира во земји кои припаѓаат на оптимална валутна зона. Тоа би значело земјите во заедничката валутна зона треба да имаат синхронизирани деловни циклуси, отвореност на нивните економии, мобилност на пазарите на работна сила и капитал и да постои механизам за фискални трансфери. Сепак, присуството на политичката компонента во проектот на евро зоната доведе до заобиколување и креативно толкување на правилата, со што се дозволи влез на неколку земји кои не ги исполнуваа поставените критериуми. Понатаму, во неколку наврати  дојде и до прекршување на Пактот за стабилност и раст без тоа да биде санкционирано според постоечките правила на игра, што според некои критики влијаеше за натамошно слабеење на фискалната дисциплина и за зголемување на ризикот од идни проблеми поврзани со фискалната политика. Сепак, длабоките промени во Пактот за стабилност и раст после глобалната економска криза ја зајакнаа улогата на европските институции во поглед на контрола на фискалните политики на земјите членки. И покрај критиките дека овие промени ја ограничуваат фискалната сувереност на земјите членки, тие би требало да го намалат ризикот од идни кризи предизвикани од недисциплинирани политики на земјите членки. Покрај ова, беа направени длабоки реформи во однос на надгледувањето на банкарскиот систем – односно беа направи низа чекори на патот кон создавање на банкарска унија, а Европската централна банка вложи огромни напори за обезбедување на непречено функционирање на финансиските пазари и стимулирање на економскиот раст во евро зонатa. Од друга страна, мора да се нагласи дека ризици се уште постојат, но тие се главно од не – економска природа. Ризиците произлегуваат првенствено од постојаната тензија меѓу сувереноста на земјите членки и институциите на евро зоната и Европската Унија.

Кои се придобивките а кои негативните последици од воведувањето на еврото врз македонската економија?

Европската унија е наше економско сидро, и оттаму креирањето на монетарната унија и воведувањето на заедничката валута, како дополнителен чекор во зајакнувањето на европската интеграција и за нас имаше позитивни импликации. Ние уште од 1995 година спроведуваме политика на де факто фиксен курс кон германската марка, а потоа и кон еврото. Тоа не е случајно – евро зоната е нашиот најголем трговски партнер, а и степенот на финансиска поврзаност е релативно висок, што е видливо и преку учеството во капиталот на домашниот банкарски систем. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото овозможува стабилен и предвидлив амбиент за трговија и одржување на македонската конкурентност на тие пазари. Основањето и проширувањето на ЕМУ создаде единствен и голем пазар за нашите извозници, притоа отстранувајќи ги претходно постоечките валутни ризици. Воедно, тоа делува и мотивирачки за влез на подолгорочен и постабилен капитал, којшто е од исклучително значење за развој на нашата економија. Кризата на евро зоната секако имаше одредени неповолни реперкусии и врз нашата економија, особено во однос на перцепциите за дел од европските банки во домашниот банкарски систем. Сепак, тоа се краткотрајни и ограничени ефекти, додека долгорочните поволни аспекти сметам дека останаа недопрени.

Хипотетички, кога Македонија би требало да го воведе еврото, колку економските индикатори го дозволуваат тоа?

Тоа е хипотетичко прашање и се разбира не може да се даде прецизен одговор. Прво, неопходно е да влеземе во ЕУ, а потоа секако следува период на подготовки за влез во монетарната унија, или т.н. “период на чекање”. Овие подготовки, се однесуваат на работа на исполнување на  квантитативните, или критериумите од Мастрихт, коишто значат ограничена флексибилност на курсот, дисциплинирани јавни финансии, ценовна стабилност и приближување на каматните стапки кон оние на Евро зоната.  Со исклучок на долгорочните каматни стапки, каде се уште има простор за конвергенција, сметам дека останатите критериуми ги исполнуваме. Всушност, она што сакам да го нагласам е дека согласно со одбраниот режим на де факто фиксен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото, ние веќе долг период активно работиме на исполнување на овие критериуми. НБРМ де факто во голема мерка при водењето на монетарната политика и генерално ја следи политиката и на ЕЦБ, кога условите тоа го овозможуваат. Овој режим на девизен курс е дисциплинирачки механизам, којшто наметнува дисциплинирана монетарна и фискална политика, но и континуирани напори за развој на флексибилен пазар на труд и диверзификација на структурата на економијата и обезбедување на економскиот раст базиран на здрави фундаменти. Оттука,  мислам дека  од економски аспект, ние релативно брзо би биле подготвени за влез, а користите за нашата економија од влезот во монетарната унија дополнително би се зголемиле. Секако, сето ова под услов да се задржат здравите фундаменти на раст и дисциплинираните политики.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×