10 јули, 2026
4 mins read

170 години од раѓањето на Никола Тесла: Од Нијагара до енергетската независност во 2026 година

Денес, 10 јули се одбележуваат 170 години од раѓањето на Никола Тесла еден од најголемите научници и визионери во историјата на електротехниката чии откритија и решенија за наизменична струја го поставија темелот на современиот електроенергетски систем.

Истиот датум е посветен и на глобалната енергетска независност тема која во 2026 година доби ново значење по кризата околу Ормутскиот теснец и повторното отворање на прашањето колку светот зависи од неколку критични коридори за нафта и гас.

170 години од раѓањето на Никола Тесла

м-р Виктор Андонов,
Експерт за енергетска политика

Никола Тесла е роден на 10 јули 1856 година во селото Смиљан, тогашен дел од Воената краина во рамките на Австриското Царство, а денес на територијата на Хрватска. Потекнувал од српско православно семејство и бил син на православниот свештеник Милутин Тесла и Георгина Ѓука Тесла, родена Мандиќ. Иако потекнувал од овие простори, најзначајниот дел од својата пронаоѓачка и инженерска дејност го остварил во Соединетите Американски Држави.

Неговите решенија за наизменична струја и развојот на индукцискиот мотор овозможиле електричната енергија поефикасно да се произведува, пренесува и користи во време кога системите со еднонасочна струја можеле да снабдуваат само ограничени подрачја.

Највпечатливиот симбол на примената на неговите решенија станала познатата хидроелектрана на Нијагарините Водопади. Постројката била изградена врз системот на повеќефазна наизменична струја, а првата струја од електраната била пуштена во 1895 година.

Проф. д-р Neven Duic доколку Никола Тесла беше жив: “Тој дефинитивно би возел Tesla автомобил. Но, веројатно би бил изненаден кога би увидел дека Томас Едисон во одредени аспекти бил во право дека преносот со еднонасочна струја (DC) всушност е поефикасен, и дека токму тој самиот помогнал светот да се „заклучи“ во систем базиран на наизменична струја (AC), кој денес е скап за замена, додека голем дел од современиот енергетски систем постепено повторно се движи кон DC технологиите.

Од друга страна, сигурно би бил горд на фактот што неговата визија за масовна електрификација на општеството денес е реалност.“

Иако системот на Тесла овозможил пренос на електрична енергија на големи растојанија, денес за многу долги дестрации и подводни врски се користи високонапонската еднонасочна струја (HVDC) бидејќи има помали преносни загуби. Поради тоа, наизменичната струја не треба да се дефинира како најефикасно современо решение за сите намени, туку како основа на модерната дистрибутивна мрежа.

Врската меѓу двете одбележувања, денот на раѓањето на Тесла и денот на енергетската независност, не е само симболична, туку суштинска. Системот на наизменична струја што го развиваше Тесла овозможи електричната енергија произведена во големи електрани да се трансформира на повисок напон и ефикасно да се пренесува до оддалечените градови и индустриски центри. Токму тој визионерски концепт ја постави основата врз која се изгради современиот електроенергетски систем, отворајќи го патот кон денешната енергетска независност и стабилност.

Зошто 10 јули е и Ден на енергетската независност

Глобалниот ден на енергетската независност бил воспоставен во 2006 година од Мајкл Антонович, тогашен член на Одборот на супервизори на округот Лос Анџелес. Десетти јули бил избран токму поради роденденот на Тесла, со цел неговото наследство да се поврзе со промовирањето на алтернативните и обновливите извори на енергија.

Првичната порака била намалување на зависноста од фосилните горива преку сончева, ветерна, геотермална и хидроенергија. Дваесет години подоцна, енергетската независност е поширок концепт. Таа не се однесува само на потеклото на горивото, туку и на способноста на енергетскиот систем да продолжи да функционира при војна, прекин на транспортните правци, екстремни цени, суши или големи дефекти во мрежата.

Што значи енергетска независност во 2026 година

Кризата околу Ормускиот теснец покажа колку е ризично голем дел од светското снабдување да зависи од еден тесен поморски коридор.

Затоа енергетската независност не значи целосна национална самоодржливост и затворен пазар. За повеќето европски земји тоа не е ниту возможно ниту економски оправдано. Независноста во 2026 година значи отпорност: повеќе домашни извори, диверсификација, стратешки резерви, енергетска ефикасност, електрификација и систем што може брзо да се приспособи кога еден извор станува недостапен.

Сонцето и ветерот не зависат од танкери и поморски теснеци, но ниту тие сами не обезбедуваат сигурност. Потребни се батерии, акумулации, флексибилни електрани, посилни мрежи и управување со потрошувачката.

Истовремено, електрификацијата на транспортот, греењето и индустријата е клучна, бидејќи државата може да има големо производство на обновлива електрична енергија, а сепак да остане силно зависна од увезена нафта и гас.

Македонија има сонце, но независноста зависи и од мрежата

Македонија во 2025 година достигна 1.058 MW соларни капацитети, наспроти само 17 MW во 2016 година. Растот е историски и покажува дека нови производни капацитети можат да се изградат за релативно краток период.

Но, инсталираната моќност не е исто што и сигурно снабдување: соларните електрани произведуваат најмногу преку ден, додека вечерната и зимската потрошувачка бараат други извори или складирана енергија.

Затоа македонската енергетска независност не може да се разгледува само во национални граници. Електроенергетските системи на Западниот Балкан се мали, но нивните ресурси можат меѓусебно да се надополнуваат: сончевото производство во Македонија, значајните ветерни и соларни потенцијали во Србија, хидроенергетската флексибилност во Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и генералниот пристап до поголемите европски пазари. Регионалната размена не е спротивност на независноста, туку таа е еден од клучните услови за сигурност и стабилност на малите системи.

Но, за тоа се потребни инвестиции и во физичката и во пазарната инфраструктура. Интерконекцијата Битола–Елбасан треба да ја затвори електроенергетската оска меѓу Бугарија, Македонија, Албанија и Италија и да создаде дополнителни можности за прекугранична размена и интеграција на обновливите извори.

Паралелно, стратешки клучен проект за целиот Западен Балкан е изградбата на гасоводната интерконекција со Грција. Со оваа врска се обезбедува директна алтернатива на рускиот гас, отворајќи пристап до гас од Азербејџан и до терминалите за течен природен гас (LNG), што е клучно за транзицијата и балансирањето на системот.

Овој проект природно се надоврзува на планираниот двонасочен гасен интерконектор меѓу Македонија и Србија (преку Клечовце и Врање), со што нашата земја се позиционира како клучен транзитен коридор на т.н. Вертикален гасен коридор кој ќе пренесува алтернативни извори на гас од југот кон северните соседи и пошироко во Европа.

Поради тоа, Македонија мора да продолжи да инвестира во преносната и дистрибутивната мрежа, батерии, ветерни електрани, модернизација на хидроелектраните и регионално пазарно спојување.

Сто и седумдесет години по раѓањето на Тесла, електричната енергија повторно е во центарот на економската и геополитичката сигурност. Неговата генерација го решила прашањето како струјата да се произведе и пренесе на големи растојанија. Предизвикот на денешната генерација е како таа струја да биде чиста, достапна во секој час и доволно отпорна за да не зависи од еден енергенс, една електрана или еден тесен коридор.

м-р Виктор Андонов

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ