Connect with us

интервју

Интервју со топ менаџментот на ПроКредит Банка: 20 години пример за одговорно банкарство

Топ менаџмент на ПроКредит Банка Македонија

објавено

на

Пред точно 20 години ПроКредит Банка ја отвори својата прва филијала во земјава внесувајќи конкуренција и новитети на банкарскиот пазар, како и  германски принципи на организација на работата и селекција и креирање на својот кадар. ПроКредит беше првата банка што се фокусираше првенствено кон поддршка на сегментот на микро и мали компании, бизнис сектор што останатите банки тогаш го одбегнуваа. Со тоа Банката даде и значаен придонес кон развојот на домашната економија и креирањето на илјадници работни места изминативе две децении. Дигитализацијата и општествено одговорното работење се исто така заштитен знак на ПроКредит, каде што се пионери на пазарот и предводници на технолошките промени. По повод големиот јубилеј на ПроКредит разговаравме со топ менаџментот на банката, членовите на Управниот одбор, Емилија Спировска, Милан Дамчевски и Стевче Кузмановски, и со претседателот на Надзорниот одбор Јованка Јолеска – Поповска.

Оваа година ПроКредит Банка одбележува 20 години работа на македонскиот пазар, што би издвоиле како најзначајно во досегашниот развој на банката?           

Јолеска – Поповска: ПроКредит банка беше основана пред 20 години, како германска инвестиција која започна од нула, без никакво спојување или купување на други банки, но со јасна визија да направи позитивно влијание на македонската економија. Денес, достигна ниво на системски значајна, дигитална банка која е еден од главните играчи во македонскиот банкарски сектор.

Почетоците во 2003 година беа со фокус на поддршка на многу мали и микро бизниси, кои воопшто не беа опслужувани од страна на другите банки, а беа производ на тогашната транзициска економија, кои беа повеќе во форма на самовработување и без формализиран начин на работење, ниту пак имаа правна форма на фирма.

Постоечките банки во тој период не беа заинтересирани за овие новоформирани ентитети како потенцијални клиенти, затоа што тие немаа ниту кредитна историја ниту официјални биланси на работење. Во тој период беше незамисливо автомеханичар или продавач на тезга да земе кредит од банка. Тие се финансираа со заштеди од семејствата или пријателите, во најлоша варијанта од лихвари. Финансирањето од страна на ПроКредит Банка  беше можно само со комплетно различен пристап кон овие клиенти од тогаш постоечкиот во традиционалното банкарство, благодарение на одлично обучениот персонал по теркот на германската технологија на анализа на работењето на овие клиенти.  Активното присуство на банкарскиот персонал кај клиентите на местото на нивниот бизнис заради проценка на нивната кредитна способност беше нешто што во Македонија не постоеше воопшто,дотогаш банките беа тие каде клиентите доаѓаа, а не обратно.

Овој пристап направи револуција во начинот на банкарското работење во Македонија. Сè уште се сеќаваме на реакциите на клиентите во тоа време кои коментираа дека првпат им се случува некој  од банка да доаѓа  кај нив на посета. Но, тоа беше единствениот начин со кој можевме да разбереме што точно работат нашите клиенти, да ги убедиме да отворат сметка во нашата банка и во случај на кредитна апликација, да направиме добра кредитна проценка притоа водејќи сметка за големината на кредитот и колкави рати може да плаќа клиентот, за да не го оптовариме бизнисот со кредит кој клиентот нема да може да го врати.

Одговорното кредитирање беше и сè уште е, еден од основите принципи на работа на банката.   

Тогашните клиенти на банката беа семејни бизниси без долго искуство во нивното работење, без кредитно искуство во банка, ниско ниво на капитал, но профитабилни и способни за добивање на кредит за да направат инвестиција во обртни или основни средства. Овие компании со нас за прв пат отвораа сметка во банка, за прв пат земаа кредит во банка и создаваа кредитна историја, за прв пат имаа банка партнер која не ги гледаше само низ призмата на својот сопствен профит туку со поддршката што им ја даваше гледаше долгорочен развој на нивните бизниси.

На овој начин ПроКредит банка, во период од 2003 до 2008 година успеа да стане пазарен лидер во сегментот на многу мали бизниси. Важноста на овие  претпријатија за македонската економија во континуитет се зголемуваше, а со раст и развој на овој сегмент, растеше и ПроКредит банка, со одличен успех, станувајќи препознатлива на пазарот и синоним за поддршка на бизнисот.

Преточено преку бројки, во период од 20 години поддржавме 4.000 македонски компании, со над 60.000  кредити со вкупен волумен од 2,2 милијарди евра. Од нив,  800 милиони евра се поддршка за нови инвестиции и развој. Одговорното кредитирање се рефлектира  преку  високиот квалитет на кредитното портфолио, кој во континуитет е под 2% и е значително подобар од нивото на банкарскиот сектор во земјата.

Денеска, горди сме на кредитно портфолио од скоро пола милијарда евра, од кои 90% се кредити за поддршка на бизниси и пазарно учество од 15%.

Освен тоа што први го сменивте начинот на банкарското работење со клиентите како што објаснивте погоре, Вашата банка беше и прва во банкарскиот сектор во земјава  која ја воведе дигитализацијата во банкарското работење. Да се потсетиме како одеше тој процес?

Спировска: Да, први ги воведовме зоните 24/7, како замена на класичните банкарски филијали уште во 2015 година. Со тоа, во земјата претставивме уште еднаш, нов модел на банкарско работење каде преку воведување на најмодерните банкарски услуги во тој момент на клиентите им овозможивме флексибилност, безбедност, дискреција и достапност на банката во секое време. Денес, сè уште сме единствена банка на пазарот која работи исклучиво преку дигитални канали. Дополнително, први воведовме платформа со која ги дигитализиравме кредитните и административните барања на клиентите. Потпишувањето на барањата и договорите за кредити и гаранции, но и останати административни документи, клиентите на ПроКредит банка  ги прават по електронски пат – брзо, едноставно и пред се сигурно. 

Во континуитет работиме не само на воведување нови технолошки промени и иновации во нашите процеси, туку со разбирање на потребите на бизнисот и едукација се обидуваме да наметнеме забрзано темпо на дигитализација и кај компаниите кои работат со банката. Така, оваа година, банката веќе започна со активности за промоција и поддршка на дигиталната еволуција кај малите и средни претпријатија во земјата. Сметаме дека ова е неопходен чекор за компаниите да го забрзаат својот развој, да ја зголемат конкурентноста, а со тоа  да ги подобрат финансиските резултати.

ПроКредит со влегувањето на македонскиот пазар, се дефинираше како банка која е фокусирана првенствено на финансирање на малите и средни компании. Кои беа основните принципи при одобрувањето кредити сите овие години, односно, што ве издвојуваше од останатите банки на пазарот? 

Кузмановски: За нас е важно да бидеме блиску до своите клиенти и преку редовна и отворена комуникација да ги слушнеме и разбереме потребите на компаниите. Токму ова е клучната компонента на нашиот пристап во работењето и основа за градење на долгорочна соработка. Секој клиент има одговорен советник кој  редовно го следи квалитативниот развој и резултатите на бизнисот. Нашите колеги се добро запознаени со макроекономските случувања и трендовите во специфични индустрии, како и со влијанието кое овие трендови можат да го имаат врз работењето на конкретната компанија. Врз основа на детална, годишна финансиска анализа на работењето, како и согласно потребите на компанијата дефинираме годишен лимит за задолжување – односно го утврдуваме максималниот износ, структурата како и типот на кредитни продукти и гаранции кои бизнисот може да ги користи во текот на годината.

Со овој пристап, компанијата добива предвидливост, сигурност и брзина во работењето и користењето на кредитни продукти од банката, што е од исклучителна важност земајќи ја предвид динамичноста во работењето на малите и средни претпријатија. Ги поддржуваме бизнисите и во нивното секојдневно оперативно работење, па така целосно го автоматизиравме распределувањето на приливи за извозниците. Кај увозниците, со воведувањето на рамните провизии за интернационални трансакции направивме револуција на пазарот и овозможивме на клиентите да користат фер и транспарентен систем за меѓународни плаќања.

Со нашиот пристап кон клиентите го промовираме германскиот “Hausbank” принцип на работа, кој се заснова на транспарентност во комуникацијата, поддршка, развивање на долгорочно партнерство, но и бараме реципроцитет во работењето – односно настојуваме ПроКредит да биде главниот банкарски партнер на компанијата.

Покрај финансирање на мали и средни претпријатија, активни сте и во финансирање на т.н.  “зелени кредити”. Колку учествуваат во вашето кредитирање и зошто се значајни за вас?

Дамчевски:  “Зелено кредитирање” т.е. финансирање на проекти за енергетска ефикасност, производство на енергија од обновливи извори, или инвестиции кои придонесуваат за заштита на животната средина е еден од аспектите на целосниот систем на одржливост и корпоративна одговорност.

Свесни сме дека како банка нашите активности, начин на работа и одлуки, имаат одреден ефект на животната средина, економијата и општеството генерално. Затоа, се трудиме нашето влијание да биде со минимален негативен ефект врз животната средина, а во исто време да поттикнеме и финансираме проекти кои имаат позитивно влијание.

Оттука, не изненадува фактот дека учеството на зелени кредити во нашето портфолио изнесува околу 20% во споредба со банкарскиот сектор  во Македонија каде овој процент не е повеќе од 2,8%,  Досега, исплативме 215 милиони евра за поддршка на 1.400 зелени инвестиции во земјата. Или поконкретно околу 100 милиони евра се за зголемување на енергетската ефикасност кај компаниите и домовите, и околу 35 милиони евра се  кредити  наменети за финансирање на обновливи извори на енергија. Или уште попрецизно, имаме финансирано 150 фотоволтаични централи со капацитет за производство од
41 MW,  доволно за да се задоволи годишната потрошувачка на 9.420 македонски домаќинства со чиста електрична енергија. Паралелно на зеленото кредитирање, одржавме повеќе од 10 работилници на кои присуствуваа повеќе од 300 македонски претприемачи промовирајќи инвестирање во фотоволтаични панели на кров за сопствена употреба уште од 2019 година, далеку пред значајниот скок во цената на електричната енергија.

Но,  освен вашиот проактивен пристап кон поддршка на бизнисите во Македонија во сегментот на зелени инвестиции, вие важите и за Банка која е и доста принципиелна кога станува збор за финансирање проекти што имаат негативен ефект за животната средина?  Што значи тоа и како оди рака под рака со банка која им е партнер на бизнисите во нивниот развој?

Спировска: Веруваме дека банките носат сериозна општествена и еколошка одговорност преку проектите што ги финансираат со депозитите на своите штедачи. Затоа, колку ова и да значи одбиени клиенти, за да финансираме некој проект ние правиме проценка на проектите дали се долгорочно одржливи не само  економски, туку и еколошки и социјално.

Или поточно, ги проверуваме  и еколошките и општествените практики во компанијата, како на пример како фирмата управува со отпадот, колку загадува, колкава е  емисијата на штетни гасови, на кој начин управува со штетни и експлозивни материи  и како се однесува со  безбедносниот ризик од повреди на работното место.

Тоа што ќе се идентификува како зголемен еколошки и социолошки ризик од страна на Банката им се препорачува на клиентите, какви корективни  мерки да воведат за да ги намалат или надминат ризиците и нивниот проект да може да се финансира. Односно на нашите клиенти им ги кажуваме чекорите кои треба да ги направат за нивната инвестиција да биде еколошка. Дополнително, во најголем дел, клиентите, преку дополнителни инвестиции, се подготвени да ги надминат овие ризици и да го усогласат своето работење со меѓународните стандарди за еколошка или социјална заштита и безбедност.

Оние кои не ги прифаќаат овие услови не можат да бидат поддржани од банката во нивното понатамошно финансирање. Ефектот ќе беше поголем за економијата и еколошката заштита на државата ако ваквите проекти се одбиени или модифицирани за запазување на  еколошката и социјалната заштита и од другите банки. За жал се уште тоа не е случај, останатите банки во Македонија не се критични по ова прашање. Но, како и за другите работи претходно споменати, бевме први, и тие се сега генерална практика, така да и овде веруваме дека ако сме доволно истрајни и другите ќе не следат.

Дополнително, принципиелни сме и во невоспоставување на деловна соработка, со бизниси/инвестиции  што се лоцирани во национални паркови и во други заштитени зони, со ловишта и трговија со заштитен дивеч, инвестиции во игри на среќа, трговија и издавање на крипто валути, ископ и дејности поврзани со ископ на јаглен, производство на пластични производи за една употреба.

Сето ова е и своевиден пример за одговорност со кој банката покажува дека корпоративната одговорност не е само декларативен принцип, туку наше секојдневие. 

ПроКредит Банка е добро позната на пазарот како банка за поддршка на мали и средни претпријатија. Но, каква е вашата политика во работењето со физички лица?

Кузмановски: Самиот факт што банката е високо дигитализирана ја прави услугата за физичките лица доста брза, ефикасна и квалитетна. Живееме во време кога чекање на шалтери по банките се смета за губење на драгоцено време и услуга неадаптирана на потребите на клиентите. Токму затоа нашата банка е доста привлечна за клиенти кои се во трка со времето, кои сакаат квалитетна услуга, но и автономија во завршување на нивните трансакции, и тоа се повеќе се рефлектира преку континуиран раст на бројот на нови клиенти во банката.

Дополнително, одговорноста кон општеството, економијата и зачувувањето на природата ги привлекува прогресивните граѓани во нашата земја кои ги препознаваат овие вредности на банката како нешто што се поистоветува со нивните верувања. Исто така, фактот што банката е промотор на култура на штедење наместо на нерационално трошење и консумеризам, привлекува клиенти кои ги чуваат своите заштеди во нашата банка.

Па така, доминантен број од вкупната база на клиенти, или преку 65%, се штедачи, а депозитната база од физички лица е трипати поголема од кредитната база на физички лица. Ова не значи дека банката не кредитира физички лица, напротив кредитира со принципи и одговорно, со станбени кредити, наменски кредити за енергетски ефикасни инвестиции во системи за ладење и греење, топлотни пумпи, инвестиции во електрични возила, односно во инвестиции кои ќе им го подобрат квалитетот на животот на нашите клиенти, но притоа нема да ги оптовари финансиски повеќе од нивните можности.

ПроКредит банка важи за институција со исклучително висок квалитет на вработените. Каков е пристапот на банката во селекцијата и тренингот на својот кадар?

Дамчевски: Точно е, ПроКредит верува во доедукацијата и дополнителните тренинзи на своите вработени, за чија цел имаме и свои академии, од кои една е и таа на езерото Младост во Велес. Би сакал да споменам дека академијата во Велес е исто така инвестиција од нула, која започна со работа од 2008 година и низ чии училници поминаа многу од нашите вработени не само од Македонија, туку и од Југоисточна Европа.

Нашите вработени важат за исклучително квалитетни, нешто што и нашите клиенти го потврдуваат. Нашиот пристап кон вработувањето и обуката на вработените е уникатен и значително се разликува од практиките кои ги гледаме на пазарот. Во процесот на селекција, ние им даваме шанса на младите луѓе без претходно работно искуство, но со интегритет, желба за учење и развој.

Со нас тие го стекнуваат потребното знаење и обука за работата преку нашата регионална “Onboarding” програма за вработување. Овој процес на обука трае шест месеци, а во него активно се вклучени искусни вработени и менаџери од банките во ПроКредит групацијата, со цел изворно да се пренесе знаењето, но и филозофијата на работењето во институцијата.  Покрај ова, овозможуваме дополнителна обука за вработените во двата тренинг центри во Велес и Белград, но и на Банкарската и Академијата за менаџери во Германија, каде вработените од банката имаат можност да присуствуваат на курсеви по англиски јазик, да изучуваат банкарство и финансии, но и содржини од областа на историјата, етиката и останати општествени науки.

Квалитет на нашите вработени и услугата која ја даваме на клиентите е наш императив, па токму поради тоа банката вложува околу 60.000 часа годишно во обука, што во просек е 260 часови по вработен.  Тоа е клучот на квалитетот и знаењето, кои не прават препознатливи на пазарот и не позиционира како банка, вистински партнер која ги разбира и знае да даде квалитетен одговор на потребите и барањата на своите клиенти.

Деновиве се објави дека ЕБОР се подготвува  да стане еден од значителните акционери во ПроКредит Холдингот. Што ќе значи тоа за развојната стратегија на ПроКредит банките во сите земји каде што е присутна групацијата, меѓу кои и во Македонија? 

Јолеска – Поповска: ПроКредит групацијата има подолга историја на соработка со ЕБОР, како во делот на поддршка со капитал, така и со користење на кредитни линии за поддршка на малите и средни претпријатија. Со зголемувањето на сопственичкиот удел и позиционирањето на ЕБОР во кругот на главни и стратешки акционери на ПроКредит Холдинг, се потврдува стабилноста и дополнително се зацврстува позицијата на групацијата во земјите каде сме присутни со активности. Пристапот и посветеноста кон развој на бизнисот, со посебен фокус на малите и средни претпријатија, ќе биде дополнително зајакнат. Истовремено, со поддршка на ЕБОР, групацијата ќе продолжи да работи кон поттикнување и постигнување на одржливост и позитивно влијание на општеството. 

Заокруживте две децении во земјава, па какви се плановите за понатаму? Врз што ќе се темели идниот раст и развој на ПроКредит Македонија?

Јолеска – Поповска: Имаме амбициозни планови за развој на банката во периодот кој што следи, каде очекуваме двоцифрени стапки на раст на бројот на клиенти, правни и физички лица, но и двоцифрен раст кај кредитното и депозитно портфолио на банката.

Ќе продолжиме да вложуваме во тренинг на персоналот, како и да даваме шанса за вработување на младите кадри преку нашата Onboarding програма. Нашите вработени се клучен елемент, како во остварување на зацртаните резултати, така и во одржување на високиот квалитет на услуга кон клиентите. Секако, одговорниот пристап кон работата, како и заложбите кон постигнување на одржливост и позитивно влијание кон општеството и животната средина ќе останат во нашиот фокус, а ПроКредит банка ќе остане пример за одговорност и одговорно банкарско работење.

банки4 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите