економија
22. Годишна конференција на Македонската берза ќе се одржи на 26 и 27 септември во Охрид

Теми за дискусија ќе бидат досегашните движења на финансиските пазари во земјава и светот во 2023 година и перспективите за понатаму, како и поврзаноста на дигитализацијата, вештачката интелигенција и финансиските услуги.
На 26 и 27 септември во Охрид, ќе се одржи 22-та Годишна конференција на Македонската берза – традиционален настан на којшто се собираат професионалци од сферата на пазарите на капитал, како и претставници на надлежните институции и регулаторни тела од финансискиот пазар од Македонија, регионот и пошироко.
Годинава, конференцијата ќе донесе два главни панели и неколку презентации на успешни проекти врзани за развојот на пазарите на капитал. Теми за дискусија ќе бидат досегашните движења на финансиските пазари во земјава и светот во 2023 година и перспективите за понатаму, како и поврзаноста на дигитализацијата, вештачката интелигенција и финансиските услуги.
Дискутанти на панелите, како и останати говорници ќе бидат топ менаџери од домашни и регионални банкарски институции, осигурителни компании, ИТ секторот, фондовската индустрија, итн. За тоа како понатаму може да се развива Македонската берза, презентација ќе одржи гостин од Bourse Consult LLP, Велика Британија, а околу успешните проекти на членките на Федерацијата на евро-азиски берзи (FEAS), ќе се обрати генералниот секретар на оваа организација. Конференцијата со своите воведни говори ќе ја отворат министерот за финансии. Фатмир Бесими, претседателката на КХВ, Нора Алити, и главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев.
Повеќе детали за конференцијата, учеството и регистрацијата, може да најдете на следниов линк.