Македонија го почнува скрининг процесот со ЕУ !
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Skrining 1После повеќегодишна блокада во евроинтеграциите

Македонија го почнува скрининг процесот токму со Поглавјето 23 кое се однесува на праводусниот систем, основните човекови права и борбата против корупцијата и токму во оваа област се очекуваат и клучните реформи кои земјата мора да ги направи пред официјално да ги почне пристапните преговори со ЕУ во јуни 2019 година. Овој процес вообичаено трае од една до една и пол година, и со него земјата кандидат треба да се подготви за тешките преговори. Од Македонија во овој период дополнително се очекува да покаже и конкретни резултати во борбата со корупција и организиран криминал.

 

Од четвртокот 40 члена делегација од Македонија составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи и министерката за правда Рената Дескоска, е во посета во Брисел каде и официјално стартува т.н. објаснувачки скрининг за Поглавјето 23, кое ги опфаќа областите Правосудство, основни човекови права и борба против корупција.

Со тоа и официјално стартува скрининг процесот или аналитичкиот преглед на усогласеноста на домашното законодавство на Македонија со европското законодавството.
Скринигот е фактички подготвителен процес за земјата кандидат пред да ги отпочне и официјално пристапни преговори за членство во ЕУ, кои во случајот со Македонија треба да почнат во јуни 2019 година, секако ако успешно помине референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот за името со Грција.
Сите земји пред да почнат преговори мора да поминат низ фазата на скрининг или аналитички преглед на усогласеноста на домашното законодавство со европското закондавство. На пример Србија го почна скринингот во 2013 година, а преговорите беа отворени во јануари 2014 година.
По завршување на оваа прва фаза или т.н. објаснувачки скрининг ќе следува втората фаза или т.н. билатерален скрининг, кој ќе биде уште пообемен и посложен, по што следува изготвување на Извештај и акционен план кој ќе биде своевидна мапа за реформите кои треба да ги спроведе Македонија до официјалното отпочнување на преговорите, но и после во текот на пристапните преговори.
Скринингот се своевидна и многу важна пресвртница, но и само почетен чекор на патот на Македонија за членство во ЕУ. Преговорите се без сомнение единствена можност за Македонија да оствари напредок во многу области опфатени со процесот на пристапување: почнувајќи од човековите права, слободата на изразување ивладеење на правото, заштита на животната средина, стандарди во областа на здравството и заштитата на потрошувачите. Сите граѓанитоа ќе имаат корист од модернизираната држава која се придржува до стандардите на ЕУ.
На овој начин трансформативната сила на проширувањето на ЕУ функционираше досега во сите земји, па нема причина да не биде така и за Македонија.

Но, Македонија во следниот период, посебно по отворањето на преговорите ја чека многу обемна и макотрпна работа, на која треба да бидат вклучени 1.000 до 2.000 луѓе од различни институции и сегменти. Со цел да можат да се вклучат сите кои сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти.
Советникот за евроинтеграциите Бојан Маричиќ кој е и главен технички преговарач вели дека целта е создавање база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ за ангажирање на краток или долг рок, во текот на целиот процес.
Успехот и одржливоста на овој тежок процес зависи од напорна работа и посветеноста на оние кои првенствено и активно ќе бидат вклучени во спроведувањето на реформите во државата, почнувајќи од државни институции, експерти и претставници на граѓанското општество.

Затоа, брзината со која ќе го завршиме скринингот, како и брзината со која ќе ги отвораме и затвораме поглавјата во преговорите ќе зависи од нас самите. Односно дали имаме политичка волја тој процес да оди брзо, дали администрацијата и институциите имаат капацитет и подготвеност да ги изнесат и имплементираат потребните реформи.


Skrinin fotoМакедонија во следниот период ја чека многу обемна и макотрпна работа, на која треба да бидат вклучени 1.000 до 2.000 луѓе од различни институции и сегменти. Со цел да можат да се вклучат сите кои сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти. Брзината со која ќе го завршиме скринингот, како и со која ќе ги отвораме и затвораме поглавјата во преговорите ќе зависи од нас самите. Односно дали имаме политичка волја тој процес да оди брзо, дали администрацијата и институциите имаат капацитет и подготвеност да ги изнесат и имплементираат потребните реформи.


Зошто Поглавјето 23 е најважно?

Во согласност со политиката на ЕУ, која вели “најважното е прво” и која има за цел прво да ги адресира клучните прашања од процесот на пристапување заради остварување на корист за граѓаните, скринингот, а подоцна и преговорите кои Македонија ќе ги отвори со ЕУ, започнуваат токму со Поглавје 23 кое ги опфаќа областите Правосудство, основни човечки права и борба против корупција.
Иако можеби звучи преамбициозно, но Поглавјето 23 навистина е најважно меѓу 35-те преговарачки поглавја, и е суштински и моќен предуслов за постигнување на напредок во преговорите и силен предуслов за трајно подобрување во областите кои се опфатени во преостанатите 34 поглавја.
Бидејќи поглавјата 23 и 24 имаат почиваат на вредностите на кои е заснована Европската унија, овие две поглавја се издвојуваат како суштински и тие имаат пресудна важност за успехот на целокупниот преговарачки процес.
Независното судство, со неопходниот капацитет за одржување и заштита на владеењето на правото, е камен-темелник на Поглавјето 23. Независноста на судството подразбира интегритет на судовите и судиите, непристрасност и високи стандарди на пресудите. Од овие причини неопходно е да се спречи влијанието врз судството, што се постигнува преку финансиската независност на судиите, како и градењето на капацитетите и обука на судиите. Исто така, неопходна е решителна борба против корупцијата со цел да се обезбеди стабилност на демократските институции и владеењето на правото. Изградбата на овие институции мора да биде поддржана со широка законодавна активност како основа за соодветни институционални механизми и координација на сите политики.
Имено, не постои ниту една област која може ефикасно да функционира без ефикасен правосуден систем и без непрестана и посветена борба со корупцијата и почитување на човековите права. Затоа Поглавјето 23 има мултисекторска и системска димензија, па оттука и потребата Македонија да покаже и да докаже долгорочна и искрена посветеност на реформите во областите кои ги опфаќа ова Поглавје. Токму таа посветеност во периодот кој следи мора да биде многу силно видлива, како преку работењето на Министерството за правда, така и во сите институиции кои имаат надлежност во рамки на Поглавјето 23.
Европската комисија дури има и посебна клаузула со која има право некои поглавја, па дури и целиот процес на преговарање, да се стопираат ако нема очекуван напредок во поглавјата 23 и 24.

Во бранот на проширување на ЕУ во 2004 и 2007 година, приемот на државите од Источна и Централна Европа во ЕУ овие прашања се преговарале во едно поглавје кое било наречено Правосудство и внатрешни работи. Но, како што на ред дошле земјите од Балканот, кои имаа лош имиџ кога станува збор за владеењето на правото, поточно со почнување на преговорите со Хрватска оваа област е поделена во две поглавја Поглавје 23- Правосудство и основни права и Поглавје 24. Со Стратегијата за проширување од 2012 година е утврдено дека на идните земји членки, кои се наоѓаат во процес на пристапни преговори, треба да им биде оставено доволно време да покажат конкретна примена на законите и стандардите во овие области.

Европската унија го става фокусот на преговарачкиот процес на поглавјата што се однесуваат на судството и фундаменталните права и правда, слобода и безбедност, бидејќи тие се прашања и области кои се најважни за граѓаните. Овие прашања се под постојана контрола на сите актери и институции во целиот процес на преговори.

22tШто значи скринингот за Македонија?

“Скрининг процесот е аналитички преглед на домашното законодавство на Македонија како земја кандидат и степенот на усогласеност со европското законодавство, попознато како acquis communautaire (“аки коминотер”) во европскиот жаргон, Прегледот на законодавството се прави во 33 поглавја, бидејќи 34-тото поглавје се однесува на институциите, а 35-тото поглавје е за разни останати прашања кои не се покриени во останатите поглавја.
Преку овие поглавја се опфатени буквално сите области во едно општество, од политички теми, како што се поглавјето 23 и 24, кои опфаќаат правосудниот систем, фундаменталните права, безбедност, судство и тн, па се до оние кои се однесуваат на слободно движење на стоки, капитал, услуги, формирање на претпријатија, преку земјоделие, животна средина, до безбедност на храна и тн.”, објаснува Драган Тилев, државен советник со Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Тилев вели дека за време на посетата на комесарот Хан имало разговори и со со лица од стручните служби на Европската комисија за оформување на календар за почеток на објаснувачкиот или техничкиот дел од скринингот кој треба да започне во септември. Скрининг процесот за Македонија ќе започне со поглавјата 23 и 24 како почувствителни области и понатаму ќе продолжи со две до три поглавја месечно во наредниот период. Скринингот вообичаено одзема помеѓу една до две години, во зависност од околностите, динамиката и од расположливоста на стручните служби на Европската комисија, бидејќи тие се оние кои го објаснуваат европското законодавство на нашите служби”, вели Тилев.

 

Како ќе се прави скринингот?

Техничкиот дел од скрининг процесот започнува со средби во Брисел помеѓу нашите институции со свои претставници и експерти кои се поврзани со секое поглавје и стручните служби од Европската комисија кои даваат комплетно објаснување и презентации за секое поглавје. Тие ќе го предаваат секое acquis (аки) од европското законодавство за сите 33 поглавја.
После тоа, нашите експертски групи се враќаат назад и заедно со стручните служби од Секретаријатот за европски прашања, од кабинетот на Премиерот, од МНР, Секретаријатот за законодавство, од Статистика и т.н. ќе се чита европското законодавство, ќе се споредува со домашното законодавство за да се види што и колку досега сме транспонирале од европското законодавство.
“Она што е важно е дека Македонија не почнува од нула, туку почнувајќи од 2004 година веќе има пренесено добар дел од европското законодавство во домашното законодавство. Скринингот само ќе помогне да видиме јасно до каде сме во тој процес на пренесување на европското законодавство.
Според тие проценки, треба да направиме планови со која брзина ќе се завршува транспонирањето на европското законодавство во одделни области”, објаснува Тилев.

До јуни 2019 година Македонија ја чека многу обемна работа бидејќи станува збор за 33 поглавја од сите овласти или за околу 100 илјади страници на европско законодавство кое ќе треба да се исчита, дел и да се преведува..Понатаму има технички стандарди кои се однесуваат на повеќе области, дел од ги имаме како држава прифатено, а дел ќе треба допрва да се прифатат како составен дел на нашиот систем и на нашето законодавство.

“Првичните проценки се дека Македонија досега има транспонирано околу 1.500 акти од вкупно околу 6.000 акти кои треба да ги пренесеме во нашето законодавство. Кога земјата ќе помине низ скринингот, кога од јуни 2019 со пристапните преговори и со отворање на поглавјата, ќе може да се зборува попрецизно за тоа која временска дистанца ќе можеме целосно да го имплементираме”, објаснува Тилев.
Откога ќе се отворат преговорите, на Македонија ќе и бидат потребни пет до 10 годинина преговарање, после кој период земјата може да биде целосно интегрирана во ЕУ.
“Брзината на преговорите ќе зависи од тоа колку брзо ние ќе го прифатиме европското законодавство и колку брзо ќе ги оспособиме нашите институции да имаат капацитет да го имплементираат европското законодавство”, вели Тилев.

Според него, веќе со отпочнување на преговорите македонските граѓани и компании ќе почуствуваат и конкретни промени во повеќе различни области.
Почнувајќи од тоа како функционира администрацијата, како функционираат судовите, инспекциските служби и на сите други структури кои го креираат амбиентот амбиентот во кој живеат и работат граѓаните и економските оператори, а кои треба да функционираат професионално…Сите овие институции и процедури ќе мора да се прилагодуваат со европското законодавство или со европските добри пракси.
Понатаму, кога станува збор за техничките стандарди за безбедност и квалитет во сите области тие мора да бидат во согласност со европските стандарди и целосно да се почитуваат и применуваат во пракса.
Единствената дилема која се наметнува на почеток на процесот кој следи е дали Македонија има капацитет да го воведе и имплементира во пракса европското законодавство, правила, принципи и стандарди во пракса?
“Не треба да имаме дилема дали имаме или немаме капацитет. Се работи за тоа дали имаме волја и дали сме добро организирани. Во одредени ситуации од минатото кога сме биле како држава изложени на притисок, сме успеале и сме испорачале она што се барало од нас”, вели Тилев.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×