Како Македонија да се одлепи од европското дно според иновациските перформанси: Науката подава рака кон бизнисот
Објавено на од во Економија

 

Slika1Како Македонија да се одлепи од европското дно според иновациските перформанси

Економскиот развој на земјава не е возможен без раст на домашните инвестиции и извозот; а растот на извозот и додадената вредност на домашните производи зависат од степенот на иновативност на македонските компании. Колку и да го повторуваме ова постојано како своевидна мантра за просперитетот на нацијата, на терен гледаме дека бавно оди зголемувањето на иновативниот капацитет на македонската економија во целина. Тоа го покажуваат и извештаите што Европската унија секоја година ги прави за иновативноста на економиите на своите членки, но и за земјите кандидатки за членство: земјава е постојано на дното на табелата според повеќето клучни параметри, како што се човечки ресурси, финансиска поддршка, итн. Еден од обидите да се направи напредок во оваа сфера е и формирањето на Центарот за трансфер на технологии и иновации при Факултетот за информациски науки и технологии – ФЕИТ во Скопје, каде што се нуди можност компаниите, професорите и студентите да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик.

 

Македонија е скромен иноватор, покажува Европската иновациска матрица (European Innovation Scoreboard – EIS), извештај кој што секоја година ЕУ го изготвува со цел компаративна анализа на иновациските перформанси на нејзините членки, но и на земјите што се надвор од Унијата или се претенденти за членство.

Во најновиот извештај од јуни годинава којшто опфаќа анализи заклучно со 2017-та, Македонија се наоѓа на 34 место меѓу 36 рангирани земји, со вкупен иновациски индекс од 44, во споредба со просекот на ЕУ од 100 индексни поени. После Македонија се Романија и Украина, со индекси 31,1 и 27,8 респективно. Во оваа група е уште и Бугарија, со иновациски индекс од 45,4. Иновациските перформанси на државите во Европа се рангирани во четири категории: иновациски лидери, каде што предничат Швајцарија, Шведска, Данска, Финска, итн., со иновациски индекси повисоки од 130; следи групата држави опишани како силни иноватори, во којашто се држави како Франција, Германија, Белгија, итн. (индекс од 100 – 120); умерени иноватори, Италија, Шпанија, Грција, но и Србија, Хрватска, итн. (индекс од 60 – 90).

Во рамки на целокупната иновациска матрица, Македонија најдобри перформанси има во категоријата “Инвестиции на компаниите во иновации“, поточно во делот “трошоци поврзани со иновации, а што не се истражување и развој“, каде што скорот е 121,4. Но, затоа пак во делот “трошоци за истражување и развој во бизнис секторот“, државава котира многу слабо, односно скорот е само 4,3, додека во делот “компании што обезбедуваат ИКТ тренинзи“, државава има скор 75, што ја става во групата умерени иноватори.

 

Центар за трансфер на технологии и иновативност

Во иновациската матрица за Македонија, ЕУ нема оцена за тоа колкав дел од државните проекти за истражување и развој се ко – финансирани од приватни субјекти, заради јавно недостапни податоци. Недостапни податоци има и во делот на инвестиции од страна на инвестициските фондови за ризичен капитал (venture capital), веројатно затоа што во земјава речиси и да нема вакви извори на капитал. Инвестициите во истражување и развој (ИР) во јавниот сектор имаат добиено низок скор од 30,3, што не е ни чудно ако се знае фактот дека според извештаите на Светската банка, државата троши само околу 0,45% од својот БДП за ИР, наспроти светскиот просек од околу 2,25%, или пак Бугарија со 0,95%, Хрватска со 0,9%, а да не зборуваме за развиените држави од Европа и пошироко.

Во отсуство на државна поддршка, односно фондови за ИР, некои од научно – образовните институции сами се снаоѓаат во финансирање на своите проекти.

Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ при УКИМ, на пример, за изминативе пет години има просечно по 700 илјади евра годишно обезбедувано средства од странски извори за својата научно истражувачка дејност.

“Тие пари ги имаме вложено во лаборатории, опрема и сл., нашите студенти и професори имале прилика да учествуваат на многу проекти, сме биле партнери на големи европски институции и компании, како Нокиа, Сименс, Ериксон, итн. Сето тоа искуство и знаење што сме го стекнале како факултет, сите тие меѓународни контакти, и секако, сета технологија со којашто располагаме, сега е предизвик како подобро да се искористи од домашната економија“, вели проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Токму со таа намера, меѓу другото, во април годинава во простории на факултетот е отворен Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, чија што основна цел според деканот Ташковски е да се надмине долгогодишниот јаз што постои помеѓу образованието и науката од една страна, и индустријата.

“Нашата идеја е компаниите, професорите и студентите во овој Центар да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик. На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот“, вели Ташковски.

Низ разговорот тој ни откри дека досега ФЕИТ има направено повеќе прототипови на уреди и машини, но и финални производи коишто се успешно комерцијализирани и се користат во домашни и странски компании, како на пример 3Д принтер, за којшто интерес пројавиле повеќе домашни фирми.

“Македонските компании најчесто и не се свесни каков потенцијал постои во академската сфера, еве, конкретно во ФЕИТ. Затоа со ИНОФЕИТ сакаме да ја зголемиме таа свесност во бизнис секторот, дека можат поевтино одошто со сопствени сили и инвестиции да разработат некоја своја идеја или концепт со помош на нашиот кадар и опрема, да пробаме да го доведеме до финална фаза пред комерцијализација.“, објаснува деканот Ташковски.


Обид преку бизнис акцелераторите да се зголеми иновативноста на економијата

Неговиот колега, продеканот за финансии и соработка со бизнис секторот, проф. д-р Владимир Атанасовски, вели дека преку Центарот за трансфер на технологии при ФЕИТ, ќе се обидат да му помогнат на домашниот бизнис сектор да додаде поголема вредност во својот аутпут.

“Индустријата кај нас, особено од ИКТ секторот, е претежно сервисно ориентирана, повеќе се нудат услуги одошто продукти, развој, иновации…
Сакаме да ги убедиме македонските компании да инвестираат во истражување и развој за релативно малку пари, што се вели. На овој начин сакаме да ја развиваме иновативноста, затоа што готов производ донесен од странство што само се продава на локалниот пазар, не носи голема додадена вредност на економијата. И токму затоа голем број талентирани инженери и останати профили си одат од земјава, затоа што не сакаат да бидат продажни менаџери, туку сакаат директно да работат на развој на иновативни технологии и производи“, вели продеканот Атанасовски.

Уште една улога на Центарот ИНОФЕИТ е за стимулирање на стартап сцената во Македонија, е преку неговото содружништво во деловно – технолошкиот акцелератор УКИМ, заедно со уште четири правни субјекти: Развојната фондација Кримсон Скопје (ЦДФ); Центарот за развој на претприемачи и менаџери -ЦЕЕД Хаб Скопје; Фондација “Проф. д-р Димитар Стамболиев“; како и компанијата РСМ. Седиштето и административната канцеларија на Акцелераторот УКИМ ќе биде во просториите на ИНОФЕИТ, како и во други објекти на УКИМ и ЦЕЕД Хаб Скопје, врз основа на видот на активност. За развојот на технологијата (R & D), сите лаборатории на УКИМ ќе бидат на располагање на стартапите кои ќе учествуваат во акцелераторските програми.

“Мисијата на основачите е Акцелераторот УКИМ да ги спои академските знаења и истражувања со висок бизнис потенцијал, со исклучителни претприемачи. Тоа, ќе го подобри и стимулира трансферот на знаење од академијата до постоечки и нови иновативни бизниси и стартап со фокус на напредните технологии. Акцелераторот УКИМ се обврзува дека ќе ја промовира соработката меѓу универзитетите и индустријата, трансферот на технологии, развојот на бизнисот и промовирање на спин-оф компаниите.“, вели Александар Стамболиев, управител на Акцелераторот УКИМ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×