Дарко Гацов: Нашиот тим во Македонија постојано се зголемува
Објавено на од во Start-up

Gacov DarkoДарко Гацов
ко – основач и претседател на Бордот на директори на Singular

Тимот во Скопје брои повеќе од 40 луѓе и постојано расте. Примарната дејност на Singular се игрите на среќа, додека тимот во Македонија развива софтвер за спортско обложување. Навидум едноставно, но многумина би биле изненадени од многубројните функционалности на решението кое нуди голем број на опции за обложување, менаџирање на ризик и безбедност, бројни статистики, видео записи, бонус кампањи и сл.

Инвестицискиот фонд Vereeni Investments неодамна се здоби со 20% удел во компанијата Singular за почетна инвестиција од 5 милиони евра која се очекува да се зголеми во наредните 13 месеци врз основа на проектираните резултати. Вредноста на Singular по реализираната инвестиција се проценува на 25 милиони евра со потенцијал за понатамошен раст. Singular е интернационална компанија која оперира во iGaming и FinTech индустријата со седиште во Малта. Главните развојни бази на компанијата се лоцирани во Грузија и Македонија, со тоа што тимот во Скопје работи на софтвер за спортско обложување. Дарко Гацов, еден од основачите и претседател на Бордот на директори на Singular ни ја раскажа приказната за успехот на компанијата и какви планови имаат за иден развој.
Претставете ни ја накратко Singular: формирање, почетоци, бизнис модел,клиенти…
Singular почна со работа во декември 2009 со отворање на првите канцеларии во Тбилиси на 17ти декември. Во првo време, примарната дејност на фирмата беше правење на социјални игри во капацитет на маркетинг за поголеми компании. Јас влегов во приказната во 2012 после неколку години на чело на Аџарабет, оператор на онлајн и физички казина и спортски обложувалници во Грузија. Во соработка со Singular, Аџарабет го модернизираше дигиталниот дел од својот бизнис и стана еден од најбрзо растечките онлајн оператори за игри на среќа на глобално ниво. Јас целосно преминав во Singular во 2015та, а до тогаш бев, да речеме, на две столчиња. Интересна и релативно нова информација е дека оваа година Аџаребет се продаде на еден од гигантите во индустријата, Paddy Power Betfair, за 205 милиони фунти. Денес, специјализираме само во една индустрија – игри на среќа. Всушност нашето продуктно портфолио опфаќа еден цел екосистем за игри на среќа. Singular нуди целосно решение за секоја компанија, инвеститор или група на инвеститори кои сакаат да влезат во оваа индустрија со уникатна понуда. Целосното решение опфаќа платформа заедно со сите продуктни вертикали (спортско обложување, казино, покер, лотариски решенија), сервисно ориентирани компоненти за менаџирање на секој сектор на операциите на компанијата, без разлика дали функционира онлајн или има физички локации. Не би можел да ги набројам сите решенија, бидејќи еве како пример, само платформата има повеќе од 60 сервисни модули кои ги нудиме во зависност од што бараат или што им е потребно на нашите клиенти. Кавказ, Јужна Америка, источна Азија, Африка и Балтичкиот регион се некои од регионите каде што имаме клиенти. Во теков на наредниот период може да има новости и за соработка на домашно поле.
Колку луѓе работат во Македонија за Singular во моментов и за што е конкретно одговорна македонската канцеларија?
Тимот во Скопје брои повеќе од 40 луѓе и постојано расте. Примарната дејност на Singular се игрите на среќа, додека тимот во Македонија развива софтвер за спортско обложување. Навидум едноставно, но многумина би биле изненадени од многубројните функционалности на решението кое нуди голем број на опции за обложување, менаџирање на ризик и безбедност, бројни статистики, видео записи, бонус кампањи и сл.
Покрај создавањето на нова генерација на спортско обложување, тимот сега е фокусиран на изработка на контролен центар за целата платформа. Тој преку апликација на Big Data, сегментација и автоматизација на маркетинг ќе создаде опции за креирање на персонализирана понуда за играчите врз основа на нивната претходна динамика на играње.
Опишете го накратко процесот на аплицирање за инвестицијата од Vereeni: колку време траеше процедурата, што беше најважно за инвеститорите и сл.
Мора да признам дека не беше краток процесот. Самата индустрија на игри на среќа во голема мера се базира на лични конекции и познанства. Согласно тоа ова е и еден од поважните фактори за брзината на раст на една компанија која работи во оваа индустрија. Имајќи го ова на ум, знаев дека со влез на вистински партнер во приказната на Сингулар ќе може да чекори напред со побрзо темпо.
Во ноември 2017 почнав да го опипувам пулсот на пазарот во однос на оваа идеја. После неколку патувања и состаноци, информацијата дека Сингулар би бил расположен за влезна инвестиција брзо допре до многу заинтересирани страни. Во периодот на наредните 6 месеци имаше 7 компании кои беа вистински заинтересирани и се отворија разговори кои ги разгледуваа околностите. Сите овие компании имаат свои оператори и влегуваат во категорија на водечки во индустријата на игри на среќа на глобално ниво.
Но, сите овие имаа уште една заедничка точка – со нивната инвестиција сакаа да купат контролирачки удел во Сингулар – no pasaran :).
Јас имав една цел – новиот партнер да има договорна обврска за раст на фирмата во дадена временска рамка, а бидејќи Сингулар е цело време ликвидна и растечка фирма, самата цена не беше највисок приоритет во инвестицијата. Во тек на сите разговори и преговори, во сосема друга насока бев на пат и на вечера во Талин со еден добар пријател од индустријата и непосредно се запознав со човек кој е на една од водечките позиции на Vereeni. Две недели после таа средба ние веќе имавме нацрт на план за наредни чекори. Од план до реализација поминаа повеќе од 6 месеци, а инвеститорите немаа некои посебни барања. Самите преговори повеќе се водеа во насока на кои се позициите на Сингулар и какви параметри на раст треба да се обврзувачки за новиот инвеститор.
За што ќе се искористат 5-те милиони евра од инвестицискиот фонд?
Инвестицијата отвора многу нови врати за Singular. Комплементарната природа на портфолиото компании во кои има инвестирано Фондот Vereeni креира можности за ширење, не само на мрежата на клиенти, туку и соработници. Ова ќе имплицира и географска и можеби продуктна експанзија во нашиот екосистем. Во прво време, веќе е во процес отворање на две нови канцеларии. Една за развој на софтвер во Талин, Естонија како дополнително продуктно и сервисно засилување на глобалната стратегија и идните планови за развој и раст на Singular, а другата во капацитет на продажба која ќе биде лоцирана во Малта. Ги следиме промените од регулативна и оперативна перспектива. Забележуваме зголемената легализација на игрите на среќа на нови пазари. Покрај Азија, Африка и Латинска Америка, еден од плановите во наредниот период ќе биде да воспоставиме соработка и во нашиот регион. Како човек кој е директно одговорен за ширењето на Singular во Македонија, лично би ми било посебно драго да придонесеме за правилно градење на оваа индустрија и во нашата земја. Од аспект на иновирање на производите, активно се работи и вложуваат средства во развивање на нова платформа за спортско обложување која на пазарот ќе го крене нивото на иновативност.
Колку лесно или тешко наоѓате програмери и друг потребен кадар во Македонија, со оглед на големата побарувачка за овој тип профили во моментов?
Побарувачката не само за програмери, туку и за софтвер тестери, DevOPs инженери, проектни менаџери, дури и бизнис аналитичари, се зголемува и тоа со побрзо темпо од растот на професионалци од овие области. Ова може да претставува предизвик во иднина, но досега не сме имале проблем да најдеме соодветен кадар. Се трудиме да се диференцираме од другите компании на пазарот со тоа што во Singular, професионалците имаат шанса да работат на создавање на производот од самиот почеток до крај. Од анализа на глобалниот пазар, R&D процесите, па сè до финалната изработка: програмирање, тестирање и испорака на производот. Тимот е вклучен во секој дел од процесот со свои идеи и предлози за иновативни пристапи за развој на софтверот.
Дајте ни малку ваш професионален бекграунд, да ги запознаеме нашите читатели. Кои се зa вас најважните лекции што сте ги сфатиле како претприемач и што би им порачале на оние што допрва почнуваат со свои стартапи?
Своите додипломски студии ги завршив во Виена каде паралелно и работев со што и ги почнав првите претприемачки проекти. Во текот на нив стекнав добар пријател од Грузија со кој имавме ветување дека еден ден ќе работиме заедно и доколку едниот има можност за работа подобра од постоечката на другиот – тој мора да го прифати предизвикот. Три години по ова ветување, јас работев за General Motors во Виена, потоа за Про Агенс во Скопје каде во 2011 го добив телефонскиот повик од мојот пријател – сега кумашин. “Ало Дарко, Ото е, ти го најдов бројот од канцеларијата од еден мејл што ми го прати кога почна да работиш таму. Да ја скратам приказната, има еден успешен човек што има физичка обложувалница во Грузија и идеја да почне онлајн обложување и му треба човек што ќе го води целото тоа. Бидејќи знам дека понудата е секако подобра, ти извадив авионска карта и се гледаме за 2 недели .”
И така и бидна, две недели подоцна Ото ме пречека на аеродром во Тбилиси. Во наредните години после таа средба, со многу труд, учење, жртви и секако среќа и поддршка од вистинските луѓе, имаше серија на успеси во неколку засебни приказни. Накратко епилогот во тие неколку години е создавање и раст на Аџарабет, создавање и раст на Сингулар, големи консултантски проекти за светски гиганти во индустријата на игри на среќа, бројни ангажмани од владини тела за воспоставување на нови закони и регулативи, повеќе проекти за аквизиции во оваа консолидирачка индустрија. Дали сум научил лекции? Искрено, повеќе на број од што би сакал да научам. Не за друго, туку дека најважните лекции не доаѓаат од позитивни искуства и ситуации. Од претприемачки аспект, една е најважна – скок со двете нозе. Имаме изрека дека треба прво да провериме со една нога дали е тврдо тлото, но претприемништвото не е поврзано со недостаток на ризик, напротив. Ако во нешто верувате силно, ако за нешто сте сигурни дека ќе успее, ако сте спремни за жртви и за падни – стани, ако сте спремни да го посветите своето битие и најважно своето време – тогаш скокнете во приказната со двете нозе. Се’ додека има линк и сидро, се додека едната нога го допира комфорот, тоа значи дека нема решителност и нема посветеност – а доколку ги нема тие две, значително се помали шансите за успех на претприемачкиот проект. Да се разбереме, имам голем број на пропаднати проекти зад мене и во секој од нив сум скокнал со двете нозе и секој од нив донесе многу голема вредност во моето понатамошно размислување, одлуки и пристап кон проектите и очекувањата од нив. Скок со две нозе и никогаш да не се изгуби фокус од целта.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×