Глигор Цветанов: Без соодветни кадри, беспредметно е да зборуваме за раст, развој и зголемување на извозот
Објавено на од во Компании

 

DAF_2284Глигор Цветанов
претседател на Kлуб на извозници при Стопанската комора на Македонија и извршен директор на Макпрогрес

Извозот е многу важен, а суштински за мала држава како нашата. Зголемувањето на извозот носи поголема вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард и поголеми девизни резерви. За да го зголемиме извозот како држава, потребна е многу работа. Првенствено, работата е на компаниите, но голем дел е и на државата. 
Компаниите мора да се прилагодуваат на пазарите со својата понуда и да ја одржуваат конкурентноста преку подобрување на продуктивноста и ефикасноста. Државата мора да работи на проблемот околу енормното иселување кое се случува во Македонија. Без соодветни кадри, беспредметно е да зборуваме за раст, развој и зголемување на извозот.
Економските политики треба да бидат насочени претежно кон зголемување на конкурентноста за извоз и насочување на компаниите кон извоз, но и кон генерално подобрување на економските состојби.

 

 

Г-дин Цветанов, веќе една и пол година постои Клубот на Извозници при Стопанската комора на Македонија. Која е целта на формирање на овој Клуб и со какви активности се реализираше поддршката за извозните компании во изминатиов период?
Целта на постоење на Kлубот на извозници е помагање на нашите членки во нивната подготовка за извозни можности преку развивање на контакти, развивање и унапредување на соработката со надлежните институции во земјата и во странство, продлабочување на меѓународните активности преку промоција на извозно ориентираните компании од Македонија, како и едукативни настани преку кои ќе се споделуваат искуства и знаења од домашни и странски експерти за зголемување на конкурентноста на македонските компании на странските пазари. Наша цел е и надминувањето на сите посочени проблеми кои во моментот претставуваат пречка за зголемувањето на извозот на домашните компании.
Во изминатиов период имавме неколку настани поврзани со актуелни теми како и изработка и презентација на каталог на извозни компании и производи.
Во моментов работиме на собирање на информации околу заинтересираноста на компаниите за учество на регионални, европски и светски трговски саеми како би можеле да направиме заеднично учество на компаниите, на кое би можеле и подобро да се претставиме, а и да пробаме да обезбедиме и одредена финансиска помош за компаниите за саемско претставување.
Како конечен резултат на делувањето на клубот очекувам на нашите извозници да им помогнеме во освојувањето на нови пазари.
19gВие сте на чело на компанијата “Макпрогрес”, која е најголем извозник на прехранбени производи во Македонија. Какви се условите во кои работат извозниците?
Досега имавме добри можности да бидеме конкурентни. Како силна страна на нашата конкурентност би ги споменал ниските трошоци за водење на бизнис, но најважни предности се договорите за слободна трговија преку кои безцарински можеме на продаваме на пазарите на ЕУ, ЦЕФТА и ЕФТА земјите. Но, во последниов период се соочуваме со повеќе предизвици околу работењето. На светските пазари се поголема е понудата од побарувачката за готови производи, а тоа создава притисок врз ценовните нивоа.
Трошоците за вработени и за енергија се доста покачени, нешто кое компаниите не можат да го вкалкулираат во своите продажни цени, па затоа е потребно брзо да се реорганизираат и да станат попродуктивни.
Глобалната политичка и безбедноста ситуација истотака многу влијае врз извозните можности.
“Макпрогрес” во првите пет месеци од оваа година на три пазари изгуби повеќе од 5% од вкупниот извоз. Поради меѓународните санкции врз Иран нивните производи по дампинг цени ги преплавија на пазарите во Ирак и Сирија, во Либија се вратија немирите и воена состојба, па стана невозможно да се работи и продава, додека во Алжир државата првично воведе забрана за увоз за да подоцна воведе енормно високи царински стапки во износ од 160% од набавната вредност на готовите кондиторски производи.
Макпрогрес 2Кои мерки и политики би биле ефикасни да се зголеми извозот и конкурентноста на извозните компании?
Извозот е многу важен, а суштински за мала држава како нашата. Зголемувањето на извозот носи поголема вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард и поголеми девизни резерви. За да го зголемиме извозот како држава потребна е многу работа. Првенствено, работата е на компаниите, но голем дел е и на државата.
Компаниите мора да се прилагодуваат на пазарите со својата понуда и да ја одржуваат конкурентноста преку подобрување на продуктивноста и ефикасноста.
Државата мора да работи на проблемот околу енормното иселување кое се случува во Македонија. Без соодветни кадри безпредметно е да зборуваме за раст, развој и зголемување на извозот.
Економските политики треба да бидат насочени претежно кон зголемување на конкурентноста за извоз и насочување на компаниите кон извоз, но и кон генерално подобрување на економските состојби.
Како предлози кои би им ги предложил на креаторите на економските политики сериозно да ги разгледаат ги истакнувам следниве:
  • Да се намали бројот на државни празници, зошто се премногу. Ние не можеме нашата економија да ја мериме со западноевропските развиени економии кои имаат долга традиција и акумулација на капитал. Нашите компании се млади и потребно им е да работат повеќе и понапорно за да може да остварат подобри резултати и да ги платат вработените подобро и да бидат поефикасни и поконкурентни. Понекогаш е залудно што вработените кога работат на празник се платени дополнително празнично кога кај нив, пак, има незадоволство споредувајќи се со вработените во администрацијата.
  • Сериозно да поработат на потпишување договори за слободна трговија со земјите од Магреб и Блиски исток и да го олабават многу строгиот визен режим со тие земји. Но, ова е доста тешко, сме го зборувале со претставници од МНР повеќе пати. За посебни договори за слободна трговија нема доволно волја од двете страни, а визниот режим се усогласува со правилата на Европската Унија. Меѓутоа, земјите од ЕУ веќе имаат слободна трговија со овие земји преку пан-еуро-мед конвенцијата. Пожелно е кога се отвораат преговорите со Европската унија нашите преговарачи да побараат од Брисел да ни овозможи да ги користиме преференцијалите уште на самиот старт на преговорите, а не дури кога ќе станеме членка на ЕУ.
  • Да стимулираат образование во кое има изучување на занаети. Ние имаме млади кои завршуваат училиште, а немаат никакво предзнаење или вештина. Воведувањето на дуалното образование е одличен старт од кој ќе има барем два главни бенефити – младите ќе создадат работна обврска, а и ќе научат подобро да ги ценат парите бидејќи ќе имат можност да заработуваат.
  • Да пробаат Македонска радио телевизија да се вклучи во една континуирана кампања за подигање на свесноста за домашните компании кои произведуваат готови производи. Со јакнењето на компаниите дома, ќе направиме можност и потенцијал тие да се охрабрат и за извоз. Имаме многу успешни приказни, убаво е да тој успех се промовира и од страна на државата.
  • Министерство за економија го возобнови конкурсот Сонце на годината за најдобар домашен производ во повеќе категории кое се одржуваше со мотото “Да создаваме производи со светски квалитет”. Сметам дека една ваква можност за натпревар и јавното признание за најдобрите е голема мотивација кај сите нас што креираме готови производи со додадена вредност.
  • Да работат на политики и кампања за враќање на надежта кај младите. Се соочуваме со голема безнадежност за иднината кај младата популација. Ова секојдневно се одразува со привремено или трајно отселување. Малите места како мојот град Виница се преполовени и тој тренд никако да престане. Дефинитивно на сите нас ни е потребна поголема позитивна енергија, надеж и оптимизам.
  • Да и објават војна на сивата економија и незаконското работење. Постојат премногу случаи на неиздавање фискални сметки, увоз на сомнителни производи по квалитет и без декларација и царинење на кило, работење на црно… Со подобрување на наплатата на давачките државата ќе има повеќе средства да реално инвестира во подобрување на здравство, образование, инфраструктурата, безбедност, како и во поддршката на економијата, а да не прави дополнителни задолжувања или дополнително фискално зафаќање од компаниите кои работат целосно законски.
  • Да се доуреди дигиталниот медиумскиот простор и да се обрати поголемо внимание на социјалните медиуми и пласирањето на лажни вести, говор на омраза, изнесувањата на клевети и навреди, јавните оцрнувања и црните хроники кои прават генерално негативно расположение, испревртување на вредностите, хејтерски настроено општество со невреднување на залагањата и успехот на поединците и на компаниите. Поради ваквото негативно расположение има примери и претприемачи – сопственици на бизниси посакуваат да кренат раце и да размислуват да се откажат и заминат надвор од државава.
  • Да ја подобри ефикасноста и услугата на државната администрација и по можност да ги намали парафискалните давачки кои се голем реален трошок на компаниите.
21gКолку мерките од Планот за економски раст се ефикасни и им помагаат на извозните компании?
Сметам дека мерките се ефикасни и дека на долг рок ќе им помогнат многу на сите компании кои инвестираат, а посебно на извозно ориентираните компании. Извозот дава неограничена можност за одење напред во економијата, и тоа со големи чекори. Извозниците имаат можност да ги користат мерките за поддршка на извозот и тоа финансиската помош за извозниците кои ќе генерираат пораст на извозот и мерката за финансиска подршка за откривање и отворање на нови пазари. Но, познавам и многу стопанственици кои се охрабрени од мерките на Владата, имаат средства, имаат пазар, но се двоумат дали да инвестираат заради недостаток на вработени, кој претпоставуваат дека ќе биде уште поизразен. Затоа е важно да се работи на спречување на отселувањето, посебно на младите.
Што е според Вас клучно за една компанија да успее во извозот?
Како што нема рецепт за целосен успех, така нема ни волшебен рецепт за успех во извозот. Би споделил неколку елементи кои сметам дека се важни.
Прво, креирање на уникатна понуда. Пред се важно што е што имаме да понудиме, по која цена и која количина. Значи, компаниите да ја одработат домашната задача. Секој пазар е тежок и специфичен на свој начин.
За да имаме со што да конкурираме на висококонкурентните странски пазари најпрвин мораме да ја одработиме домашната задача, а тоа е да развиеме, дизајнираме и произведеме квалитетен производ или услуга по конкурентна цена. Само така ќе може да се бориме нашиот производ да добие шанса и доколку потрошувачите го прифатат, да стане и дел од нивното секојдневие. Неможе да очекуваме дека некој друг или државата или било која нејзина институција ќе го одработи тоа за нас.
Второ, насочување кон извоз и поставување на цели. Секогаш велам дека за квалитетните производи кои се убаво спакувани и соодветно се претставени, а се продаваат по конкурентна цена не постојат граници. Ова го зборувам од сопственото искуство, а е поддржано со остварените резултати на Макпрогрес, според кои, веќе повеќе години по ред сме најголем извозник од прехранбената индустрија.
Трето, упорност. Клучно е да сме упорни и истрајни во намерите за извоз и да ги искористиме можностите кои се насекаде околу нас, но треба да ги препознаеме и искористиме. Нашето искуство покажува дека промоциите на најголемите светски саеми, презентациите и бизнис форумите, како и директните посети на потенцијални клиенти се особено важни за реализација на продажба надвор.
Какви се Вашите искуства, какви се примерите според кои државите ги поддржуваат извозниците, а кои бои можеле да се применат и да дадат ефекти и кај нас?
Има многу примери како државите ги подржуваат извозните компании. Како пример, Турција оваа година ќе даде 570 милиони долари за подршка на извозот. Генерално, Турција доделува финансиска подршка на извозните компании за технологија, брендирање, дизајн, учество на саеми, истражувања на пазар и проекти за конкурентност.

Но, има и многу контраверзи и строги регулативи околу државните поддршки и стимулации на извозни компании, бидејки тоа ја нарушува конкурентноста и слободниот пазар. Јас лично не верувам во било какво стопанско делување со цел договорно стопанство, протекционизам или монополизација. Верувам во слободни пазари и економија со здрава конкуренција и фер натпревар.

Државната поддршка може да постои во некоја форма и е пожелна. Државата може да им помогне на компаниите во поглед на саемско претставување на странски пазари, поддршка за усогласување со цертификација и стандардизација, поддршка за прилагодување кон ЕУ стандардите, промоција преку дипломатски и економски промотори, извозни мисии во странство, брендирање, дизајн итн.
Основно нешто што државата може да помогне на компаниите е претставници од извршната власт редовно да прават посети на терен кај компаниите кои се извозници со цел да ги прашаат дали им треба некоја помош или поддршка околу нивниот развој. Многу компании имаат планови за развој, но немаат соодветно земјиште за градба, нема соодветни ДУП и ГУП во општините, па заради и инвестициите можеби никогаш и да не се остварат.
Може да се размисли и креирање на некоја отворена линија за комуникација на релација извозни компании со државните институции.
Имате ли информации до каде се реформите кои се најавуваа од оваа власт во Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и кои се вашите предлози на Клуб на извозници како таа би можела да се стави во функција на поддршка на извозот?
Немам понови информации. При презентацијата на мерките од Планот за Економски раст Владата имаше и дадени насоки на МБПР да изработи и предложи сет од мерки и инструменти кои би биле во насока на краткорочно кредитирање на извозот, издавање на гаранции на извозниците и осигурување на извозот. Последно, од претставници од МБПР бев информиран дека има подобрувања на понудите за осигурување на извозот и можноста за факторинг, односно откуп на осигурените побарувања од странство.
МБПР доколку се направи посилна може да игра голема улога во развој на извозните компании преку поволно инвестиционо и извозно кредитирање, како и преку други механизми кои се користеле во други држави.

 

Остануваме посветени на силна извозна активност на странските пазари

Наша цел и понатаму е да инвестираме и да работиме на подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата како би останале конкурентни.
Оваа година ја продлабочуваме соработката со Европската банка за обнова и развој и заеднички инвестираме во подобрување на менаџментот, имплементација на јапонска Каизен методологија во фабриките, подобрување на квалитетот и маркетишката презентација на производите на повеќето наши брендови.
Оваа година лансиравме и планираме дополнително да лансираме нови уникатни и иновативни производи со кои сметаме дека ќе оствариме дополнителна препознатливост и пораст на пазарите.
Како водечки кондиторски производител остануваме посветени на силна извозна активност на странските пазари. Во план ни е да ги одржуваме и унапредуваме постојните пазари но и да истражуваме и отвараме и нови пазари, досега непознати за нашите извозни компании. До крајот на годинава ќе бидеме присутни уште на најголемиот светски саем за храна во светот Ануга, а за наредната година ќе бидеме присутни на ИСМ во Келн, Фенси фуд шоу во Њујорк и Сиал во Парис.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×