Агенцијата за медиуми го осуди настапот на Драган Павловиќ – Латас
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

„Без каква било професионална дистанца, без почитување на достоинството на соговорникот и на низа други личности споменати во разговорот, наместо интервју реализирано според правилата за овој новинарски жанр, гледачите беа сведоци на комплетно отсуство на култура на говорот и неетичност“, стои во соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по вчерашното гостување на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на ТВ Сител, каде домаќин му беше уредникот Драган Павловиќ Латас.

„Агенцијата го осудува непочитувањето на професионалните новинарски принципи и стандарди од страна на одговорниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас, при гостувањето на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, во „Дневникот“ од  19 часот на 10 февруари 2016 година.

Наместо интервју во кое различните гледишта и мислења ќе добијат еднаков третман со што публиката ќе може слободно да оформи сопствено мислење за актуелните општествено – политички теми – гледачите видоа непримерен начин на комуникација, кавга и навреди.

Без каква било професионална дистанца, без почитување на достоинството на соговорникот и на низа други личности споменати во разговорот, наместо интервју реализирано според правилата за овој новинарски жанр, гледачите беа сведоци на комплетно отсуство на култура на говорот и неетичност.

Имајќи предвид дека почитувањето на новинарските стандарди е предмет на саморегулација, Агенцијата ги повикува Советот за етика во медиумите на Македонија и новинарските здруженија да ги преземат мерките што им стојат на располагање.

Агенцијата уште еднаш ги потсетува радиодифузерите на соопштението со кое пред само неколку дена ги повика да ги почитуваат професионалните стандарди коишто се основа за вршење на новинарската професија“, се вели во соопштението.

 

Повиканиот Совет за етика веќе реагираше по поводот.

„Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по вчерашниот разговор во информативната емисија на Телевизија Сител во 19:00 часот, изразува сериозна загриженост поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ – Латас и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев.

Служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија. Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста.

Фундаментална цел во работењето на медиумот е да и’ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи. Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања.

Повикуваме на соработка од уредништвото на оваа телевизија, кое има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, со цел да се стекне и одржува доверба на јавноста во информирањето. Апелираме до медиумот да биде свесен за својата професионална одговорност кон публиката и да им даде предност на вистинитоста и на потврдувањето на информациите од повеќе извори наспроти едностраното информирање.

Во исто време, ги повикуваме граѓаните и пошироката јавност да реагираат до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите доколку забележуваат примери на неетичко и непрофесионално однесување во медиумското известување“, се вели во реакцијата на Советот на етика.

 

Реакција дојде и од амбасадата на Турција во Македонија, поради недоличниот израз на Драган Павловиќ, што беше употребен во разговорот со Заев, а беше навредлив за турскиот народ.

„Синоќешниот недоличен израз на главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас, кон великиот турски народ, на најсилен начин го осудуваме.

Овој израз полн со омраза и злоба, во иста мера го возвраќаме кон именуваното лице кое во основа и порано покажало смелост да во своите разни емисии и изјави користи навредливи изрази кон високите раководители на Република Турција и Турците.

Со жалење го примивме овој недоличен израз упатен кон Република Турција и турската заедница која што прва ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име и ја поддржува оваа братска и пријателска земја на секое поле.

Именуваното лице, по интензивните и праведни реакции на претставниците на нашите сонародници во Македонија, и покрај тоа што се извинило пред турскиот народ и држава, далеку е од состојбата да ја надомести штетата од ваквиот недоличен став.

Ја покануваме Сител телевизија која што му дала висока раководна функција на ова лице да постапи согласно со објективното новинарсто и во рамките на правичноста, и кон именуваното лице ги превземе соодветните мерки.

Во врска со овој неприфатлив став во тек се и интервенциите пред органите на Македонија“, се вели во реакцијата на Амбасадата на Турција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×