Ајдован Адемоски: Метрополата и државата добија хотел со којшто ќе се гордеат
Објавено на од во lifestyle

h01Ајдован Адемоски
сопственик на хотел DoubleTree by Hilton во Скопје

Македонија стана 109-та земја на светската мапа каде што Hilton Worldwide, мултинационалниот гигант во областа на хотелиерството со 100 годишна традиција, преку 5.000 хотели во своето портфолио и 17 хотелски брендови, стави знаменце. Од први јануари годинава, официјално почна со работа DoubleTree by Hilton, хотел од висока de lux категорија, инвестиција на домашниот бизнисмен Ајдован Адемоски и неговиот City Plaza Holding. Инвестицијата вредна околу 50 милиони евра, финансирана 30% од негови средства, остатокот со кредити од Халкбанк и НЛБ Банка, работи по принципот на франшизен договор, склучен на 22 години со групацијата Hilton, според чиишто строги стандарди е вградено буквално секое шрафче во хотелот, како што вели Адемоски.

Македонија стана 111 земја на светската мапа каде што Hilton Worldwide, мултинационалниот гигант во областа на хотелиерството, стави знаменце. Од први јануари годинава, официјално почна со работа DoubleTree by Hilton, хотел од висока de lux категорија, инвестиција на домашниот бизнисмен Ајдован Адемоски и неговиот City Plaza Holding. Инвестицијата вредна околу 50 милиони евра, финансирана 30% од негови средства, остатокот со кредити од Халкбанк и НЛБ Банка, работи по принципот на франшизен договор, склучен на 22 години со групацијата Hilton, според чиишто строги стандарди е вградено буквално секое шрафче во хотелот, како што вели Адемоски.
„Супервизорите од Hilton беа постојано присутни за време од двете години ефективно градење на хотелот и кога беше сè готово моравме да го поминеме нивниот технички прием, па потоа техничкиот прием од домашните надлежни органи. Ги следевме сите нивни инструкции во поглед на градбата и опремувањето и не случајно одобрувањето на франшизата на самиот крај на процесот се случи за само пет дена, што е прилично ретко во овој бизнис“, вели Адемоски.
А, барањата на Hilton не биле воопшто едноставни. Групацијата што има 17 брендови во своето портфолио и во месец мај годинава прославува 100 години од постоењето, инсистира на највисоки стандарди во секој поглед на опремувањето на хотелот. Како што ни објасни нашиот соговорник, Hilton е глобално познат како лидер во хотелскиот бизнис според удобноста на креветите за спиење, односно групацијата има најквалитетни душеци што специјално за нив ги изработуваат само 4-5 производители во светот, па секој што сака да земе франшиза за нивни бренд мора да ги набави од таму. Подните облоги за скопскиот DoubleTree се набавени од Шкотска, теписи, завеси и најразлични изолациони материјали од Италија, Турција и уште неколку земји.
„Од Hilton се бескомпромисни кога станува збор за безбедноста и удобноста на хотелите во нивната групација, па затоа нема никакви отстапки во делот на огноотпорноста на материјалите, дизајнерските решенија на ентериерот што треба да гарантираат максимална сигурност во случаи на пожар и сл., звучна изолација што не смее да дозволи гласност над 51 децибел, посебно определени снабдувачи со тоалетни додатоци за во бањите, конкретно посочени снабдувачи со чаршави, ќебиња, перници…Значи, буквално секој детаљ е по строга спецификација од Hilton.“, објаснува Адемоски.
28hДоговорот со Hilton за франшизата е 590 страници
За работите во скопскиот DoubleTree by Hilton да функционираат беспрекорно менаџментот и вработените добиле, а и сè уште добиваат обука, многу често и преку видео – конференциска врска, од инструкторите на групацијата. Претходно, во хотелот е инсталиран програмот на Hilton за резервации на соби, којшто во Европа работи преку софтверот Opera на софтверскиот гигант Oracle. Исто така, многу често доаѓа и инспекциски надзор од Hilton, обично „камуфлирани“ како регуларни гости, со цел да проверат дали сè функционира како што е договорено во франшизниот договор.
„А тој договор, верувајте, од 590 страници колку што е обемен, 580 го штитат Hilton. Не смееме никако да се олабавиме, келнер не смее да биде неизбричен, кујната мора да биде беспрекорна, итн. Имаме инсталирано најмодерни кујни на брендот Electrolux, единствени сме во регионот што имаме вградено печки од премиум брендот во оваа област, Molteni, коишто се „Ferrari во угостителството“. Чиниите се од британскиот производител на порцелански садови Churchill, луксузна марка со долга традиција, основана далечната 1795 година. И уште многу други детали запазени сè со цел гостите во хотелов да доживеат искуство што го гарантира Hilton.“, истакнува Адемоски.
Разговорот со него го правевме во луксузниот претседателски апартман што се простира на 260 м2 и чини 1.800 евра за една ноќевање, најскап во понудата на хотелот, се разбира. Го прашувам дали досега за ова кусо време на работа на DoubleTree е изнајмен воопшто овој апартман со оглед на ексклузивноста.
„И тоа како, 15 пати е изнајмен за овие два месеци и веројатно е меѓу најбараните. Доаѓаат државници, дипломати, богати бизнисмени, итн., тие се целната група за ваков тип апартмани. Инаку, цените на собите во хотелов почнуваат од 80 евра, па нагоре. Оваа ценовна политика е прилагодена за економската моќ на државава и регионот, и токму затоа е одбрана франшизата DoubleTree, која подразбира нешто поповолни цени на сместувањето во споредба на сестринската франшиза Hilton Hotels & Resorts, којашто е најпозната во групацијата Hilton, иако најлуксузен бренд во неа е Waldorf Astoria. Ова не значи дека DoubleTree e пониска класа во смисла на комфорот, услугата, итн. во однос на Hilton Hotels, туку исто како и овој бренд, ние нудиме т.н. full service концепт, односно сите можни услуги покрај сместувањето и ги исполнуваме стандардите за ниво од 6 ѕвездички, како што е екстра луксузниот бренд во групацијата Conrad, додека само Waldorf Astoria има ниво од 7 ѕвезди. Знаете како велат, во Conrad и Waldorf Astoria може да престојуваат богатите сопственици на компании, славни личности од шоу бизнисот, големи државници, пребогатите шеици од Блискиот Исток и сл. Hilton Hotels & Resorts е за гости коишто може да си дозволат буџет од 130-150 евра минимум за соба, додека DoubleTree by Hilton ви нуди екстра комфор за цени што почнуваат од 80-тина евра“, објаснува Адемоски.
24 hСкопскиот е најдобар DoubleTree во светот
Освен престижниот Roof Bar 55, дел од понудата на DoubleTree by Hilton во Скопје се и ресторанот „Монте“ кој нуди интернационална кујна од 5 континенти, како и елегантен лоби бар во чиј склоп функционира и слаткарница во која може да се вкусат најразлични слатки специјалитети од целиот свет. Хотелот располага со 170 соби, меѓу кои има 15 луксузни апартмани, од кои еден е претседателски и се простира на 260 метри квадратни. На гостите и на посетителите на располагање им се луксузен спа и фитнес центар на површина од 1.400 метри квадратни во чиј склоп се наоѓаат затворен базен, традиционална турска бања, сауна, џакузи, како и најмодерна Life Fitness опрема за вежбање прилагодена на најновите трендови во светот на фитнесот.
За деловни настани и конференции хотелот нуди 6 конференциски сали опремени со најквалитетна опрема според светските стандарди, како и елегантна сала за свечености Diamond Ballroom подготвена да прими над 600 гости.
Целиот хотел се простира на површина од 25.000 метри квадратни, со затворен паркинг кој може да прими 150 возила и со дополнителен отворен паркинг наменет за 200 возила.
„Ние можеме со гордост да се пофалиме дека Македонија го има најдобриот хотел во синџирот на DoubleTree во светот од аспект на дизајн, вградени еколошки и енергетски ефикасни материјали, итн., за што имаме признание од Hilton Honors. Проектант на хотелот е архитектонското студио Metex Design од Истанбул, чиишто архитекти дизајнирале 50-тина хотели низ цел свет досега, од речиси сите најпрестижни брендови како Ritz Carlton, Kempinski, Le Meridien, Mandarin Oriental, Hilton, итн. “, вели Адемоски.
Според него тоа што локацијата на скопскиот Hilton не е во централното јадро на Скопје воопшто не е хендикеп за хотелот, туку, напротив е компаративна предност.
“На само 3 км сме од центарот на градот, доколку гостите имаат потреба да одат натаму на располагање имаат хотелски шатл, како и електрични возила со којшто покрај кејот на Вардар за десетина минути можат да стигнат до центарот на градот. Инаку, самиот хотел ги има буквално сè што е потребно за комфорот на гостите и организаторите на конференции и слични настани. Веднаш покрај хотелот е кејот на Вардар, ако некој случајно сака да џогира или вози велосипед, околината е тивка, пријатна, блиску до автопатот што води кон аеродромот, така што сметам дека всушност локацијата е одлично стратешки избрана“.
Млади луѓе се вратија во Скопје за да работат за Hilton
Го прашувам Адемоски какви планови има за понатаму. Го направи хотелот Stone Bridge во Скопје, станбено деловниот комплекс Capitol, сега еве и DoubleTree by Hilton. Размислува ли можеби за уште некој хотел надвор од Скопје, во некое од туристичките места на државава.
„Искрено да ви кажам, сега би помогнал само на пријатели и деловни партнери коишто се заинтересирани да направат нешто слично во Охрид. Охрид дефинитивно има потреба од ресорт хотел од некој светски бренд. Не може да сакаме силен развој на туризмот во земјава, а да немаме хотели од познатите светски брендови. Ги поттикнувам и охрабрувам инвеститорите, банките, државата, сите засегнати страни да размислат којшто може во својот домен да направи за Македонија да добие уште неколку брендирани хотели“.
Инаку, тој вели дека е горд што за потребите на Hilton во Скопје, во земјава се вратиле триесетина млади луѓе коишто заминале за подобра живеачка на Малта, во западна Европа, Дубаи, итн.
“Иако реално е тешко во Македонија да се најде доволно квалитетен кадар во делот на хотелско – угостителскиот бизнис, со добра регрутна политика, со привлечни плати, успеавме да најдеме доволно вработени за потребите на DoubleTree во Скопје. Со изградба на уште вакви хотели, уште повеќе ќе се стимулираат младите да остануваат во земјава. Шансата да работат во светски познати хотелски брендови, искуството што ќе го стекнуваат таму, па на крајот на краиштата доколку сакаат да заминат сепак некаде надвор, ќе можат да конкурираат во некои од илјадниците хотели што се во системот на Hilton, што е скапоцена прилика. Но, јас апелирам среќата да си ја бараат во сопствената татковина, затоа што како што велат, каменот си тежи на местото. Ние како работодавци имаме задача да им обезбедиме извонредни услови за работа и развој, а нивно е посветено да работат и да ја искористат шансата.

Што значи франшизниот модел според којшто работи DoubleTree by Hilton во Скопје?

Групацијата Hilton има околу 30-40 хотели во своја сопственост, сите останати 5.400 објекти се изградени од други инвеститори и склучен договор со Hilton за франшиза или менаџмент“, ни објаснува Ајдован Адемоски, сопственикот на скопскиот DoubleTree by Hilton. Во моделот на менаџмент, инвеститорот, односно сопственикот на хотелот не се меша во креирањето и развојот на менаџмент политиките, односно хотелската групација праќа свои менаџери да го управуваат хотелот.
„Тоа е подобар модел за многу богати инвеститори, за коишто престижот да се поседува познат хотелски бренд е побитен одошто заработката. Во франшизниот модел, каков што имаме ние тука во DoubleTree, групацијата ви ги наложува стандардите на изградба, опремување и управување, врши надзор и контрола, праќа и сопствен менаџер на почетокот, додека сопственикот си ангажира сопствен менаџмент и вработени, коишто работат пред сè во негов интерес, а не во интерес на групацијата, како што е во другиот случај. Менаџмент систем договорот е поскап за инвеститорот, затоа што се плаќа 15% од бруто приходот на тој што ви го отстапува брендот, додека во нашиот случај, со франшизата, се плаќа 11%, покрај оние 500 илјади евра што моравме да ги депонираме уште на самиот почеток, како услов воопшто и да почнеме да преговараме за добивање на правото да го ставиме брендот DoubleTree by Hilton.“, вели Адемоски.

h09Со МАТТО работиме на целите:

2,5 милијарди долари турски инвестиции во земјава до крајот на 2020, како и една милијарда долари трговска размена годишно
Ајдован Адемоски е и претседател на Македонско – Турската бизнис комора (МАТТО), формирана пред 11 години, меѓу чиишто основачи бил и тој самиот. Комората се грижи за унапредување на македонско – турските трговски и бизнис релации, коишто досега дале плод во 1,8 милијарди долари турски инвестиции во земјава и околу 500 милиони долари трговска размена годишно. Со заложбите на МАТТО се донесени и најголемите турски брендови во Македонија како инвеститори, меѓу кои Тав, Џеваир, Халкбанк, Мигрос – Рамстор, Суташ, Лимак, итн.
„Нашата цел е инвестициите од Турција во земјава да стигнат до 2,5 милијарди долари заклучно со 2019 и 2020 година, а тоа реално може да го оствариме ако земеме предвид дека само на градежниците Лимак инвестицијата кај Јужниот булевар во Скопје е околу 300 милиони долари. Сега откако земјава како Северна Македонија влезе во НАТО, очекуваме уште повеќе странски инвестиции, меѓу коишто секако и од турските компании. Со почетокот на преговорите со ЕУ, тој ефект само ќе се засили“, смета Адемоски.
Тој смета дека и Балканскиот универзитет во Скопје, чијшто претседател е, може со образувањето на квалитетни кадри да придонесе во засилениот економски развој, којшто според него ја очекува Македонија следниот период.
„Имаме околу 3.000 студенти коишто студираат на англиски јазик, според Шангајската листа за образование сме најдобри меѓу македонските универзитети. Досега сме поделиле 9 милиони долари за овие десетина години постоење на Универзитетот, како стипендии на деца без родители, сиромашни студенти, итн., по што сме единствени во државава. Имаме студенти од 10-тина држави, го градиме духот на космополитизмот, тие добиваат дипломи меѓународно признати, во Турција и во ЕУ, но нашата тенденција е македонските студенти да ги задржиме во земјава, да работат во домашните компании коишто ќе им понудат добри услови, да придонесат во економскиот развој на својата татковина пред сè“.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×