Академик Таки Фити: Зошто се значајни делата на Пол Ромер и Вилијам Нордхаус?
Објавено на од во Економија

Medalja Nobelova nagradaНобеловата награда за економија за 2018 година отиде во рацете на двајца американски научници

Двајцата лауреати, како што се нагласува и во соопштението на Шведската кралска академија на науките, дадоа круцијален придонес во поставувањето на централните прашања поврзани со иднината на човештвото. Иако се работи за комплексни прашања за кои не постојат дефинитивни одговори, овогодишните лауреати значајно го зголемија и унапредија нашето разбирање за можните пристапи за одржлив економски раст.

 

 

30Добитници на Нобеловата награда за економија за 2018 година се двајца американски професори – Вилијам Нордхаус (1941), професор на Универзитетот во Јеил и Пол Ромер (1955), професор на Бизнис – школата на Универзитетот во Њујорк, за придонес во областа на долгорочниот и одржлив економски раст, односно за интегрирање на технолошките иновации и климатските промени во долгорочната макроекономска анализа.

Во областа на долгорочниот економски раст, во периодот од средината на XX век до денес, се познати три големи и влијателни теории на растот: неокејнзијанскиот Харод – Домаров модел за економскиот раст, неокласичниот модел за економскиот раст на нобеловецот Роберт Солоу и ендогените модели на економскиот раст на Пол Ромер и на нобеловецот Роберт Лукас. Според Харод – Домаровиот модел економскиот раст е условен од штедењето и инвестициите, според Роберт Солоу од прирастот, односно инвестирањето во капитал и труд и од т.н. вкупна факторска продуктивност (технолошките промени во најширока смисла на зборот), а според новиот лауреат Пол Ромер растот е главно детерминиран од технологијата – технолошките иновации.


Придонесот на Пол Ромер

Во што се огледа придонесот на Пол Ромер за теоријата на економскиот раст поради што му е доделена овогодишната Нобелова Награда за економија?

Ромер вели дека заслугата на неговиот претходник, нобеловецот Роберт Солоу, се огледа во тоа што тој докажал дека не можеме да зборуваме и да размислуваме за економскиот раст ако не се земат предвид трите фактори на производство: капиталот, трудот и технологијата во најширока смисла на зборот или т.н. Солоу резидуал. Тоа е, според Ромер, првиот голем чекор во теоријата на економскиот раст. Но, според Ромер, постојат три слаби страни на моделот на Солоу. Првата се огледа во тоа што кај Солоу технолошките промени се третираат како егзоген фактор затоа што, како што вели Солоу, не сме во состојба да ги разбереме причините кои ги условуваат технолошките промени. Втората слабост е поврзана со фактот што во моделот на Солоу технологијата се третира како јавно добро – таа е насекаде и секој може да ја користи. И третата слаба страна на моделот на Солоу е поврзана со т.н. закон на опаѓачки приноси во економијата. Последново значи дека ако при дадено ниво на технологија постојано инвестирате во капитал и во труд, придонесот на дополнителните инвестирани единици во капитал и во труд, со тек на време, се намалува. Тоа значи дека продуктивноста на факторите на растот стагнира или опаѓа. Во трите означени слаби страни на теоријата на Солоу, теоријата на Пол Ромер прави нови, фактички, радикални пробиви. Тие се огледаат во следново: Прво, технологијата е ендоген фактор – компаниите можат да влијаат врз неа. Второ, технологијата не е јавно добро. Напротив, таа е предмет на приватна контрола и таа е делумно исклучиво добро (не може секој да ја користи). Оттука, ако таа е предмет на приватна контрола може да биде заштитена (на пример преку патентното право) и на оној кој ја поседува да му носи економски профит (високи екстра – профити). Поради тоа, индивидуите и фирмите се мотивирани да инвестираат во нови технологии, т.е. постојат пазарни поттици за инвестирање во нови технологии. Последново е посебно значајно, бидејќи покажува како пазарот ги мотивира економските субјекти преку истражување и развој, преку иновирање на производите и процесите и сл., да ги аплицираат новите технологии во реалниот економски живот. Но, технологијата е и делумно неконкурентно добро што значи дека технологијата е многу поразлично добро од капиталот и трудот, бидејќи може да биде користена повторно и повторно со нула маргинален трошок. Но кога доаѓаме на теренот на неконкурентни добра треба да се обмислуваат нови идеи и институционални аранжмани за заштита и поттикнување на технологијата. Дел од нив Ромер ги препознава во субвенционирањето на истражувањето и развојот, во формирањето на универзитети кои работат на непрофитна основа и се поддржувани од владите заради креирање на нови идеи, во формирањето на институции за поддршка на човечкиот капитал, како типично приватно добро (да кажеме, поддршка на научници и инженери), што е круцијална за креирање на нови идеи, во формирањето на институции за ризичен капитал кои ги подржуваат високо – технолошките фирми итн. Овде станува збор за мерки кои треба да ги преземаат креаторите на политиките – владите. Трето, технологијата е секогаш поврзана со т.н. растечки приноси. Таму каде што се воведуваат нови, поусовршени технологии не дејствува законот за опаѓачки приноси.

Во заклучок може да кажеме дека ова се основите не теоријата за економскиот раст на нобеловецот Пол Ромер. Оваа теорија влегува во редот на т.н. ендогени, нови теории на економскиот раст. Придонесот на Ромер за теоријата на долгорочниот и одржлив раст може да го сумираме на следниов начин: Она што е ново во теоријата на Пол Ромер за долгорочниот економски раст, е третманот на технологијата како ендоген фактор, како приватно контролирано добро, но и како делумно (парцијално) исклучиво и неконкурентно добро. Со овие карактеристики на технологијата, Ромер, de facto, докажува дека постојат силни пазарни поттици фирмите да инвестираат во истражување и развој, во иновирање и во воведување на нови технологии, осигурувајќи, при тоа, динамичен и одржлив раст за себе и за економијата во целина. Фактот, пак, што технологијата е и делумно неконкурентно добро бара владина интервенција во поддршка на технолошките промени преку иновативни институционални аранжмани: субвенции на истражувањето и развојот, формирање на непрофитни универзитети кои ќе генерираат нови идеи, помош за едукација на човечкиот капитал, институции за ризичен капитал и сл.

 

32Придонесот на Вилијам Нордхаус

Придонесот на Вилијам Нордхаус поради кој му е доделена Нобеловата награда за економија за 2018 година е во доменот на истражувањата на врските помеѓу климатските промени како резултат на загадувањето на животната средина (пошироко на опкружувањето) и одржливоста на економскиот раст на глобално ниво. Загадувањето и деструкцијата на животната средина, со сите долгорочни негативни последици што произлегуваат од тоа – во однос на расположливите природни и развојни ресурси, здравјето на луѓето, состојбата на биолошката разновидност (биодиверзитетот) и, воопшто, во поглед на одржливоста на растот и развојот, влегува во редот на најсериозните глобални проблеми со кои е соочен современиот свет. Денес, речиси и нема земја којашто не е реално или потенцијално загрозена од овој тип деструкција. Проблемот е особено тежок и сериозен за мали земји, каков што е случајот со Република Македонија, поради нагласената ограниченост, дефицитарност на расположливите ресурси – природни, човечки и произведени. Во економската наука загадувањето на животната средина се третира како негативна екстерналија. Познатиот англиски економист Пигу, уште во првите децении на XX век, предложил воведување на даноци за загадување за фирмите кои преку емисија на отровни гасови, испуштање на нечиста вода во реките и сл., имаат силно деструктивно дејство врз расположливите ресурси на земјите (инаку, ресурсите се секаде ретки и релативно ограничени – дури и во најразвиените земји). Овие даноци се нарекуваат Пигуеви даноци. Преку нив денес се врши т.н. интернализација на екстерналиите, што упатува на политики за спречување на загадувањето преку правилото загадувачот плаќа. Самиот Нордхаус смета дека најефикасна мерка за ублажување на загадувањето и на климатските промени е воведување на глобални шеми за плаќање на даноци за испуштање на јаглерод диоксид кои ќе бидат униформирани за сите земји. Значаен придонес на Нордхаус е развивањето на економски модел кој може да ги симулира трошоците за ублажување на проблемите од загадувањето и бенефитите (користа) кои човештвото би ги добило од тоа. Моделот се вика Динамичен интегриран економско – климатски модел (Dynamic Intergrated Climate – Economy Model – DICE). Тој опфаќа три интегрирани модули: модул на циркулација на јаглерод диоксид и негово таложење во атмосферата, на површината на океаните и биосферата и во длабочините на океаните; климатски модул – кој објаснува како циркулацијата на јаглерод диоксид во атмосферата се одразува врз балансот на енергетските текови во и од Земјата и како се предизвикува глобалното затоплување; модул на економски раст – кој опишува како луѓето произведувајќи добра и услуги, трошат различни инпути, вклучувајќи ја тука и енергијата, како доаѓа до емисија на јаглерод диоксид од економската активност и како одредени политики (даноци за испуштање на јаглерод диоксид или даночни кредити) влијаат врз економијата. Фактички моделот ги комбинира сознанијата (теоретски и емпириски) на физиката, хемијата и економијата. Нордхаус, преку овој модел симулира четири различни долгорочни сценарија (до 2100 година) поврзани со емисијата на штетни гасови и големината на даноците за загадувачите – даноците растат со порастот на емисијата на јаглероден диоксид.

 

Значењето на наградените трудови за македонската економија

Нордхаус, во интервјуто по соопштувањето на добитниците на Нобеловата награда за 2018 година, не е оптимист во врска со успешноста на борбата за спречување на климатските промени и мисли дека тоа ќе биде тешко, особено кога имате администрација, како онаа на Трамп, кој одбива да прифати одговорност за овој сериозен проблем на човештвото. За разлика од него, Ромер е пооптимистички расположен. Имено тој вели дека кога луѓето зборуваат за заштита на опкружувањето знаат дека тоа е многу скапо и тешко и често го игнорираат проблемот. Но ако се тргне во таа битка, може да се покаже дека справувањето со климатските промени може да биде полесно отколку што тоа изгледа на прв поглед.

На крај би рекле дека после подолго време престижната Нобелова награда за економија се враќа во сферата на макроекономијата, т.е. се доделува за проблематиката на економскиот раст и развој, проблематика којашто има висока релевантност за секоја економија, бидејќи од динамиката, квалитетот и одржливоста на економскиот раст, во крајна линија, зависи благосостојбата на граѓаните на секоја економија. Колку е големо значењето на долгорочниот економски раст се гледа од фактот што мали, дури маргинални, занемарливи колебања во стапките на економскиот раст (од 0,5 или 1 процентен поен) имаат долгорочни последици врз економската моќ на земјите. Преведено на случајот на конкретна економија (на пример на македонската економија), тоа значи дека ако и во иднина остваруваме просечни годишни стапки на раст од 2% или 2,5% на земјата ќе ѝ требаат дури 30 до 35 години за да го дуплира својот бруто – домашен производ. Ако, пак, стапките на раст се приближат кон потенцијалот на македонската економија (околу 5%), периодот се скратува на 14 години.

За време на сериозни кризни нарушувања, каков што беше случајот со Глобалната финансиска и економска криза од 2007 – 2009 година, прашањата на економскиот раст и развој доаѓаат, се поместуваат, на втор план. Тоа е позната, па дури и разбирлива работа во економската наука, бидејќи креаторите на макроекономските политики (фискалната и монетарната) во епизоди на глобални кризи се преокупирани со стабилизација на економиите – избегнување на колапсот на финансискиот систем и консолидација на секторот на претпријатијата, т.е. заживување на производството. Кога економијата е веќе стабилизирана, прашањето за економскиот раст повторно добива висок приоритет.

Инаку, Нобеловата награда по економија, овој пат, дојде во вистински раце. Пол Ромер долги години се споменуваше како еден од најсериозните кандидати за Нобелова награда по економија. Ценејќи го неговиот огромен придонес за развојот на современата теоретска мисла за долгорочниот економски раст и развој, наградата е повеќе од заслужена. Името на Вилијам Нордхаус е помалку познато надвор од САД (нашите студенти го знаат како коавтор на последните неколку изданија на славниот учебник по Економија на Пол Семјуелсон и како приврзаник на теоријата за бизнис – циклуси условени од политичките избори). Но неговите трудови за врските меѓу климатските промени и економијата се високо вреднувани и заслужено наградени со највисокото признание во економската наука.

Двајцата лауреати, како што се нагласува и во соопштението на Шведската кралска академија на науките, дадоа круцијален придонес во поставувањето на централните прашања поврзани со иднината на човештвото. Иако се работи за комплексни прашања за кои не постојат дефинитивни одговори, овогодишните лауреати значајно го зголемија и унапредија нашето разбирање за можните пристапи за одржлив економски раст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×