Ако ЕУ спушти рампа за македонскиот челик, индустријата ќе претрпи големи загуби
Објавено на од во Компании

ЧеликЕвропа се штити од увоз на челик со царини и количински ограничувања

Времено воведување на царини или количински ограничувања за увоз на челик. Ова се мерки што македонските компании од челичната индустрија стравуваат дека ќе се воведат од страна на Европската Комисија откако пред две недели започна со заштитна истрага за увоз на 27 категории челични производи. Здружението на металургија бара од надлежните министерства и од амбасадите да делуваат за македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничување на увоз на челични производи, бидејќи велат дека не е фактор што може да го загрози нивниот пазар. Од Владата информираа дека внимателно ја следат состојбата со најавите за ограничен увоз на челик во САД и во Европската Унија и, во согласност со развојот на ситуацијата, ќе излезат со предлог мерки за превенирање евентуални проблеми.

 

Времено воведување на царини или количински ограничувања најверојатно ќе воведе Европската Унија за увоз на челик. Ова се мерки што македонските компании од челичната индустрија стравуваат дека ќе се воведат од страна на Европската Комисија откако пред две недели започна со заштитна истрага за увоз на 27 категории челични производи.

Претседателот на Здружението за металургија при Стопанската комора, Митко Кочовски, вели дека македонските производители на челик и челични производи се под сериозна закана од мерките што планира да ги воведе Европската Унија за ограничување на увозот на челични производи на европскиот пазар.

Тој додаде дека заштитните мерки кои ги најавува Европската Унија се резултат на ограничувањата кои претходно САД ги воведе за увоз на челични производи.

Кочовски вели дека двете мерки претставуваат сериозна закана за металургијата, како индустриска гранка со голем импакт врз македонската економија, изразен како преку директните, така и преку мултипликативните ефекти што ги има врз целокупната национална економија.

„Посебно силен негативен одраз би имале мерките на ЕУ за заштита од увоз на одредени челични производи, како и извоз на старо железо, поради фактот што македонската челична индустрија најголем дел од извозот го реализира на европскиот пазар, како главно комерцијално одредиште на оваа индустриска гранка која историски и географски припаѓа на пазарот на Европската унија. Истото важи и за увозот на старо железо од каде речиси целосно се снабдува македонската челична индустрија“, објаснува Кочовски.

По објавата на овие мерки од страна на Европската комисија, компаниите од Македонија кои извезуваат на европскиот пазар треба да пополнат прашалник преку кој ќе ја потврдат конкурентноста врз пазарни основи, односно ќе докажат дека со количините кои ги извезуваат и цените по кои продаваат, не го загрозуваат европскиот пазар.

16ц„Извозот од Македонија учествува со 0,87% во увозот во Европа, односно се извезуваат вкупно 256.000 тони производи, што никако не може да влијае на пореметување на европскиот пазар. Бараме нашите економски дипломати да укажат на последиците од воведувањето на оваа царинска заштита од ЕУ по македонската економија. Што се однесува до нас компаниите, ние ќе ги пополниме прашалниците, бидејќи нема никакви сомнежи дека со нашиот извоз ги нарушуваме пазарните цени“, додаде Кочовски.

Здружението на металургија бара од надлежните министерства и од амбасадите да делуваат за македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и ЕУ за ограничување на увоз на челични производи, бидејќи не е фактор што може да го загрози нивниот пазар. Кочовски додаде дека веќе има примери за изземање од таквите мерки, на држави кои се многу поголеми извозници на челик на европскиот пазар од Македонија.

Во САД тоа може да се направи преку амбасадата на САД во Македонија или преку нашата амбасада таму, а за во ЕУ, компаниите веќе се обврзани да го пополнат прашалникот, но државата да влијае во Брисел, бараат бизнисмените од челичната индустрија.

„Здружението на металургијата, покрај задолженијата за самите деловни субјекти, очекува целосна и навремена вклученост на институциите на системот и политички да делуваат со цел македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и на ЕУ за ограничување на увоз на челични производи, од причина што таа не е фактор којшто на кој и да било начин би можела да го загрози нивниот пазар, но може да има крајно неповолни реперкусии врз економијата на земјата. Особено голема штета ќе се нанесе ако Европа се одлучи на воведување заштитни царини, но уште понеповолно би било доколку бидат определени квоти на ниво на реализираниот извоз во последните три години, кога тој заради познатите причини (кризата) беше реализиран на минимално ниво“, посочи Кочовски и додаде дека Европа дава поддршка преку различни грантови, но ако навистина сака да и помогне на економијата, треба да има сенс за овој проблем чии последици би се почувствувале за шест месеци.

Штетите кои компаниите би ги претрпеле од овие мерки би чинеле околу 128 милиони евра. Но засегната би била и македонската економија, бидејќи металската индустрија учествува со 5,7% во бруто домашниот производ.

Овие мерки што веројатно ќе се воведат најмногу ги погодуваат пет големи македонски компании од оваа индустрија и тоа Макстил, Миттал Стил, Дојран Стил, ФЗЦ 11 Октомври и ИГМ.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 луѓе, но покрај нив индиректно од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности.

Кочовски додаде дека на почетокот на оваа година имало изгледи за заживување на пазарот, цените биле поволни, имале и нарачки со што би ги компензирале загубите во изминатите 10 години.

16иОд Владата информираа дека внимателно ја следат состојбата со најавите за ограничен увоз на челик во САД и во Европската Унија и, во согласност со развојот на ситуацијата, ќе излезат со предлог мерки за превенирање евентуални проблеми.

„Ситуацијата се следи внимателно, уште од најавата дека ќе се преземат вакви мерки на глобално ниво, иако Европската комисија сѐ уште е во фаза на утврдување на состојбите и на пазарот и нема конкретни одлуки и мерки. Македонското МНР е проактивно, но за конкретни и специфични предлог-мерки и на кој начин ќе се превенираат проблемите ќе оставиме уште малку време да се види развојот на севкупната ситуација“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

 

Европски реципроцитет на Трамп

Заштитната истрага е една од неколкуте мерки објавени од Комисијата како одговор на ограничувањата на САД за увоз на челик и алуминиум.

„Овој процес може да резултира со воведување на увозни давачки или квоти за заштита на европските производители од прекумерен увоз, ако тоа се покаже потребно”, истакнаа од Комисијата.

Системот за контрола на увозот на челик, воспоставен пред две години, покажува зголемување на увозот на одредени производи од челик.

Овој тренд може да биде посилен сега откако пристапот на пазарот во САД е ограничен, па се стравува дека челични производи што претходно биле наменети за пазарот во САД би можело да завршат во Европа и така да го нарушат пазарот и цените, додава Комисијата.

Истрагата е во траење од девет месеци, и ако се потребни заштитни мерки, тие можат да се донесат на краток рок.

Американскиот претседател Доналд Трамп привремено исклучи шест земји и Европската унија од царинските давачки за увоз на челик и алуминиум до 1 мај 2018 година.

Но, шефовите на земјите – членки на ЕУ минатата недела побараа постојано ослободување од мерките на САД на самитот во Брисел, а не само привремено.

Администрацијата на Трамп истакнува дека главната цел на нејзините мерки била Кина, која произведува половина од светското производство на челик, при што државата го субвенционирало ова производство.

Европската унија истакнува дека клучниот проблем е вишокот на производство на челик и се плаши од можноста дека кинескиот челик што претходно се извезуваше во САД, сега ќе заврши на пазарот во Европа.

Кина изрази длабоко разочарување од одлуката на американскиот претседател да започне трговски мерки против Пекинг.

“Ако САД започнува трговска војна, Кина ќе ги преземе сите неопходни средства за да се бори до крај и да ги одбрани своите легитимни интереси”, изјави во соопштение Кинеската амбасада во Вашингтон.

Трамп започна трговски мерки против Кина врз основа на тоа дека дефицитот на САД во трговијата со оваа земја излегува „надвор од контрола” и дека изнесува 504 милијарди американски долари, обвинувајќи го Пекинг за кражба на интелектуална сопственост.

Американскиот претседател потпиша регулатива со која се предвидуваат дополнителни обврски, како и ограничувања за инвестирање во САД.

Потоа, кинеските државни медиуми ги повикаа другите земји “цврсто да стојат” против “протекционистичките мерките“ на Вашингтон.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×