Ако германскиот брод плови побрзо, ќе го повлече и нашиот чамец!
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2016

Данкешн Германија! Затоа што германската економија во 2016 година ќе забрза со раст од 1,9% што е добра вест за македонските извозници оти речиси половина од сите производи што ги продаваме на странските пазари, завршуваат токму во Германија. Иако скептичарите предвидуваа дека „Дизел гејт“ аферата што и се случи на втората по големина автомобилска компанија во светот, Volkswagen, ќе го урне имиџот на целата германска индустрија, сепак, бројките на пораст на продажбата на овие автомобили докажаа дека Германците се махери да ја вратат довербата дури и кога личи на катастрофа.

„Извозот во Германија главно го прават германските компании што работат во Македонија кои што произведуваат за автомобилската индустрија. Имајќи предвид дека некои од нив продолжуваат да ги зголемуваат активностите, прилично сум сигурен дека следната година извозот во Германија ќе расте. Сепак, тешко е прецизно да се предвиди со податоци колкав ќе биде извозот, бидејќи се уште не се знае што точно ќе се случува во автомобилската индустрија во Германија следната година“, вели Мартин Кнап, претседател на Македонско – германската стопанска комора.

Интересно е што Германскиот институт за економски истражувања проценува дека најголема перспектива следната година има градежниот сектор, односно дека ќе се градат многу згради во повеќе градови поради зголемената побарувачка од мигрантите. Овие проценки се исто така добри вести, особено за извозниците од металската индустрија бидејќи челичните конструкции најмногу се употребуваат во градежните активности.

Она што загрижува е развојот на кинеската економија, бидејќи корпоративна Германија се навикна на растечка побарувачка од Кина. Во време кога Кина се соочува со забавување на растот, неизвесно е колку германски машини ќе им обезбеди на кинеските фабрики и колку луксузни автомобили ќе им продаде на директорите на кинеските компании.

Освен за германскиот пазар, меѓународните финансиски институции прогнозираат забрзување на економиите и на другите најголеми трговски партнери на Македонија, со исклучок на Грција, каде што продолжува нова епизода од серијата „Рецесија“.

Речиси невозможно делува да се проектира како ќе плови грчкиот брод, особено што меѓународните кредитори повторно ќе го зголемат притисокот да се спроведе некоја реформа во замена за секоја следна транша од неколку милијарди евра. Без оглед колку и да бара слободен простор за маневар, грчкиот премиер Алексис  Ципрас не може да си дозволи нова криза и спор со Европа, што значи дека следната година на неговата агенда несомнено ќе се најдат реформата на платите во јавниот сектор, концептот за реформа на пензискиот систем, кои што подразбираат радикално штедење. Тоа според економистите значи дека Грците помалку ќе купуваат, односно побарувачката за производи ќе се намалува.

Менаџерите на македонските компании што извезуваат во Грција, коментираат дека не очекуваат дека ќе го зголемат извозот, а се надеваат дека нема ниту да се намали.

„Иако Грција е исправена пред сериозни реформи што предвидуваат кратење и штедење на пари, сепак, како членки на Европската Унија добиваат значителна помош, особено во делот на изградбата на јавната инфраструктура и тоа е она што не интересира нас бидејќи нашите производи ги користат во јавните инвестиции. Од тој аспект, нашиот извоз во Грција не е загрозен, но исто така не очекуваме ниту дека ќе се зголеми. Добро е што сега нема проблеми со плаќањата, како што се појавија кога банкарскиот систем се затвори во екот на кризата“, вели Васко Сепетовски, извршен директор на гевгелиската компанија Конти Хидропласт, која четвртина од производството го продава токму на грчкиот пазар.

За шест години, извозот во Грција е повеќе од преполовен. Ако во 2008 година, во на грчкиот пазар биле продадени производи во вредност од 535 милиони долари, лани вредноста на извозот во Грција изнесуваше 226 милиони долари. Сепак, Грција е меѓу петте најголеми извозни пазари за македонските производи.

Од останатите значајни извозни пазари, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), прогнозира економски раст од 1,9% во Бугарија, 1,5% во Србија и 1,3% во Италија.]

Prognozi-izvoz-tabeli-2

Една од компаниите што најголем дел од извозот го пласираат во регионот, е прилепска Витаминка. Генералниот директор на компанијата, Сашо Наумоски, вели дека веќе склучиле договори за нови нарачки од Бугарија, Србија и Хрватска.  „Ние како компанија проценуваме дека ќе го зголемиме извозот во регионот и очекуваме дека следната година ќе биде подобра од оваа“, додава Наумоски.

Менаџерите на компаниите од текстилната индустрија исто така велат дека обезбедиле нарачки и за следната сезона што значи дека веќе имаат работа до април.

„Веќе обезбедивме нарачки и за следната сезона што значи дека имаме обезбедено работа до април. Какви ќе бидат нарачките за текстилните компании во целина ќе зависи главно од тоа што ќе се случува во Германија и другите наши најголеми трговски партнери во Европа“, вели Ангел Димитров, генерален директор на текстилната компанија Мода од Свети Николе, но според него, текстилната индустрија ќе се соочи со сериозни проблеми на среден рок.

Имајќи ги предвид прогнозите за трговските партнери, Народната банка излезе со проценка дека македонските компании следната година ќе продадат 6% повеќе производи на странските пазари. Во еден од последните извештаи, централната банка анализира дека извозот во следните две години солидно ќе се зголеми „главно поради зголемената извозна активност од новите капацитети на странските инвеститори во технолошко индустриските зони“.

Цените на металите ќе паѓаат

Народната банка предупреди дека се влошуваат условите за извоз на метали и поради тоа дури и ја ревидираше проекцијата за економскиот раст кон понегативна.

Во последниот Извештај на Народната банка пишува дека „состојбата во домашната метална индустрија и понатаму е неповолна, во услови на сѐ уште ниски цени на металите на светскиот пазар“.

Народната банка анализира дека цените на металите забележале поголем пад од очекуваниот како последица на забавувањето на растот во Кина и девалвацијата на јуанот, како и на постојаното зголемување на понудата во глобални рамки.

„Се очекуваат натамошни неповолни движења кај цените на металите и во следната година. Гледано по одделни метали, сега се проектира поголем пад на цената на никелот и железото и пад наместо раст на цената на бакарот и челикот, во време кога постојат солидни залихи и пониска побарувачка од Кина. Имајќи ги предвид проекциите за натамошно забавување на кинеската економија и задржување на поволните изгледи на страната на понудата за повеќето метали, во 2016 година е извршена надолна ревизија на цените на никелот, бакарот и челикот, при што се очекува дека тие ќе се движат во зоната на негативни промени“, предупреди Народната банка.

Менаџерите на компаниите од металната индустрија чиј што удел во вкупниот извоз е над 13%, потврдуваат дека поминуваат низ тешка криза и дека се неопходни конкретни мерки за спас на оваа индустрија.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, рече дека металната индустрија не само што не е заштитена, туку е нападната и оневозможена да биде природната локомотивата која ќе не извлече од криза.

“Иако оваа гранка е една од носечките индустрии, бројот на фирмите во оваа индустрија е мал, па често се смета дека тие повеќе зборуваат од лични интереси. Најновата студија покажува со бројки дека она што го зборуваме и бараме како мерки не се лични интереси, туку реална потреба на целата економија”, вели Азески, која најави дека Стопанската комора на Македонија ќе застане целосно зад барањата на оваа индустрија. “Ако сите заедно не ги поддржиме барањата за основните, базните индустрии, никогаш не можеме да го достигнеме растот од 7% кој ни е потребен”, смета Азески.

Според последната студија која ја направи Стопанската комора на Македонија, металната индустрија индиректно преку синџирот на снабдувачи и купувачи, создава и поддржува над 27 илјади работни места.

Политичкиот ризик најголем

Првиот најголем ризик за македонската економија е политичката нестабилност во земјава. Најголем дел од анкетираните бизнисмени од Капитал, посочија дека брзината на надминување на политичката криза ќе биде клучна за бизнисот.

Ако исходот од неколку месечната политичка криза Договорот од Пржино кој што барем засега ги развлекува временските одредници за реформите, и иако предвидува датум за предвремени избори, не гарантира дека ќе се спроведе така како што е договорено, бизнис секторот со право стравува што ќе се случува следните месеци.

Prognozi-izvoz-tabeli-1

Искуството досега (Македонија во просек поминува низ изборен циклус на секоја година и пол) покажа дека изборните кампањи неофицијално почнуваат уште во моментот кога се објавува датумот за изборите, а сите бизнис активности во тој период замираат. Тоа значи дека во времетраење од три-четири месеци фирмите се воздржуваат да инвестираат „чекајќи го исходот“, наплатата на фактурите се пролонгира, како од приватните компании, така и од државата, реформите се одложуваат бидејќи државните функционери целата енергија ја насочуваат во предизборните кампањи.

„Проблематично во предизборието е што не работат државните институции. Тоа значи дека се запира вадењето на градежните дозволи, лиценци или концесии за земјиште што значи дека ќе се одолжат и инвестициите. Особено ќе бидат погодени компаниите што произведуваат за домашниот пазар и кои што работат за државата“, вели Кочо Анѓушев, претседател на Бордот на директори на Брако.

Уште од сега и бизнисмените и граѓаните може да се навикнат на идејата дека во следните неколку месеци ќе сведочат на најжестока предизборна кампања до сега. Тоа значи нови потрошени државни пари, нови тормозења на граѓаните со платена политичка програма, нови билборди, флаери, тропање од врата на врата на партиски активисти, нови митинзи, нови притисоци и изборни лакрдии. По правило, наместо решенија за реалните проблеми, изборите носат нов бран на популизам кој треба да регрутира гласачко тело.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×