Акциите и обврзниците треснаа од земја, време за храбрите Бафети меѓу инвеститорите
Објавено на од во Економија
Mечките ги окупираа берзите ширум светот откако коронавирусот се прошири меѓу луѓето до пандемски размери. Пазарите на капитал само за неколку дена изгубија и до третина од вредноста на акциите и обврзниците. Аналогно на падот евидентиран на берзите, се намалија и приносите на отворените инвестициски фондови, а намалувањето е особено изразено кај оние чии удели се инвестирани во акции. Но, за некои инвеститори ова е шанса. Познатиот американски „играч на берзите“, Ворен Бафет, им порачува на инвеститорите да „купуваат кога има масакр“.
 stock-markets-coronavirus-e1582913022658
Како што се прошири коронавирусот меѓу луѓето, така се разнишаа и пазарите на капитал ширум светот коишто по континуиран раст последните години, само за неколку дена изгубија и до третина од вредноста на акциите и обврзниците.
Американскиот индекс Dow забележа пад од 25% од почетокот на годината до денес, а Nasdaq загуби 17,7% од вредноста. Индексот S&P којшто ја опфаќа вредноста на акциите на 500 големи компании во САД, од јануари досега е во минус од 23,4%.
Во Европа, речиси сите најзначајни берзански индекси загубија по четвртина од својата вредност. Индексот Stoxx 50 се намали за 25,3%, FTSE 100 којшто ја мери вредноста на акциите на компаниите котирани на Лондонската берза се намали за 24,6%, германскиот Dax изгуби 25,5% а францускиот CAC 40 загуби 25,9% од вредноста.
Македонскиот берзански индекс МБИ 10 не е исклучок и од почетокот на годината до денес има за 24,4% помала вредност, но последната недела падот е ублажен.
„Активностите во земјата донесоа малку помала нестабилност на пазарите на капитал а со тоа и поголем мир. Иако движењата од 3% – 5% се сè уште големи, барем не се на нивото од 10% како пред една недела. Инвеститорите во овој период исто така имаа време да направат подетални анализи на влијанието на одделните компании. Ефектите ќе бидат многу различни, па дури и одредени акции почнаа да се однесуваат поинаку за разлика од почетокот кога сите паѓаа исто“, коментираат од менаџерите на друштвото за управување со инвестициски фондови, Генерали Инвестментс.
Аналогно на падот евидентиран на берзите, се намалија и приносите на отворените инвестициски фондови, а намалувањето е особено изразено кај оние чии удели се инвестирани во акции.
„Појавата на коронавирусот имаше и се уште има негативни ефекти врз економиите во светот. Во услови на неизвесност и страв од последиците на економските перформанси на компаниите, следуваше пад на цените на акциите и зголемување на распоните помеѓу првокласните обврзници и високоризичните обврзници. Овие падови кои беа евидентни на домашниот и странските пазари на капитал се причината за падот на цената на уделите на инвестициските фондови“, коментира Горан Марковски, главен извршен директор на Друштвото за управување со инвестициски фондови, КБ Публикум.
Тој вели дека пазарите на капитал следниот период ќе бидат првенствено водени од информациите за решенијата за надминување на кризата преку изнаоѓање на соодветни медицински третмани за лекување на заболените и превентивни третмани за имунизација на населението од една страна, и прогнозите, очекувањата и конкретните ефекти врз економиите во светот.
„Засега очекувањата се дека во првиот и вториот квартал, економиите ќе претрпат значаен пад што во наредните два квартали до крај на годината би требало да се надоместат. Соодветно на тоа, се очекува и враќање во нормала на пазарите на капитал со динамика која ќе зависи од стабилизирањето и враќањето на економските параметри на преткризно ниво“, оценува Марковски.
Последните денови пазарите на капитал се смируваат што е главно последица на сите преземни мерки за „гасење на пожарот“ од владите и централните банки, и дома и во странство. Но, од друга страна, кај инвеститорите се зголемуваат негативните очекувања за падот на БДП, што и покрај стабилизирањето на пазарот на пари, има негативно влијание врз берзите.
„Мерките влијаат првенствено на ублажување на последиците кај најпогодените категории – вработените кои што ги губат работните места и малите бизниси кои се соочуваат со комплетен прекин во нивните активности. Овие мерки сами по себе имаат за цел на краток рок да ги надоместат приходите заради обезбедување на континуитет. Во суштина, решението ќе зависи од периодот на враќање во нормала на економиите како резултат на надминување на кризата предизвикана од коронавирусот. Колку подолго трае застојот на економските активности, толку посериозни ќе бидат последиците и соодветно на тоа, ќе бледеат превземените мерки. Затоа очекувам дека напорите за надминување на економскиот застој во наредниот период ќе се интензивираат преку изнаоѓање на соодветни решенија во доменот на фармацијата и биотехнологијата“, истакна Марковски.
Што да биде следниот чекор на инвеститорите
 Менаџерите на Генерали Инвестментс, пак, анализираат дека не сите компании ќе бидат еднакво погодени од оваа криза, па има и такви коишто прогнозираат раст на бизнисот.
„Многу компании ги повлекоа предвидувањата и очекувањата за 2020 година. Неизвесноста е едноставно премногу голема. Некои, исто така, откажуваат исплати на дивиденда за да ја задржат ликвидноста. Од друга страна, гледаме компании кои не забележуваат големи промени, па дури предвидуваат и раст на бизнисот (главно од здравствената индустријата и производите за широка потрошувачка – храна, пијалаци). Очекувањата за добивка во просек нагло опаднаа, меѓу 20% и 25%, но компаниите сè уште се релативно оптимистички бидејќи очекуваат поврат во втората половина на годината и враќање на загубите веќе во 2021 година“, коментираат од Генерални Инвестментс.
Но главното прашање што си го поставуваат инвеститорите сега е кој да биде нивниот следен чекор?!
Марковски вели дека вложувањето во удели во фондови што инвестираат во акции е вложување на подолг временски период што подразбира дека инвеститорот има временски хоризонт од најмалку 3 години, па затоа не би требало да реагира панично во услови на вакви шокови.
„Поаѓајќи од претходни искуства на движењата на пазарите на капитал во услови на рецесија на економиите, може да се заклучи дека инвеститорите треба да носат рационални одлуки и овие падови да ги искористат за дополнителни вложувања кои ќе им обезбедат подобар принос во наредниот период. Затоа сметам дека инвеститорите не треба да носат емотивни одлуки, да останат доследни и дисциплинирани во инвестирањето и на тој начин да ги максимизираат ефектите“, сугерира Марковски.
Од Генерали инвестментс, исто така, велат дека оваа криза нема да промени ништо значајно за инвеститорите со долгорочни гледишта.
„Со периодични плаќања, тие сега имаат можност да купат акции на добри компании со дисконт т.е. по пониска цена. Има многу непознати во економиите и на пазарот на капитал, но во моментов насоката на движење на пазарот е водена главно од страв. Кога ќе се смири нивото на страв, ќе забележиме позитивен тренд на пазарот. Инвеститорот кој денес има 100%  готовина, се чувствува одлично, но во овој момент тој треба да започне да се прашува колкава ќе им биде вредноста во иднина. Минатото ни покажа што ќе се случи кога поплава од ликвидноста ќе удри во базен од мал број на акции и обврзници“, велат менаџерите на Генерали Инвестментс.
Тие нагласуваат дека не се погодени подеднакво сите индустрии и деловни активности и тука гледаат шанса за инвеститорите.
„Додека затворените хотели и воздухопловната индустрија се соочуваат со катастрофа, фармацевтската и прехранбената индустрија работат со полна пареа. Можеби, инвеститорите во рамките на овие компании, каде вреднувањата во оваа криза исто така станаа историски привлечни, може да ја пронајдат својата можност. Сè што е важно е да останеме будни и будно да следиме што се случува, затоа што ќе се јават можности. Како и да е, ние никогаш не треба да заборавиме на диверзификација на инвестициите и нивно прилагодување кон својот профил на вложувач“, им сугерираат финансиските аналитичари на инвеститорите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×