Александар Стамболиев, управител на Акцелератор УКИМ: Ќе спојуваме академски знаења и истражувања со исклучителни претприемачи 
Објавено на од во Start-up

Разговаравме со Александар Стамболиев, управител на Акцелератор УКИМ, еден од трите конзорциуми што доби финансиска поддршка од Фондот за иновации  за отворање бизнис акцелератор за стартап фирми

Деловно – технолошкиот акцелератор УКИМ Доо Скопје, е всушност правен субјект со пет основачки партнери/содружници: Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје како водечки партнер; Развојната фондација Кримсон Скопје (ЦДФ); Центарот за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД Хаб Скопје; Фондација “Проф. д-р Димитар Стамболиев“; како и РСМ.

“Основачките партнери имаат исклучителна национална и меѓународна експертиза во областите клучни за развојот на еден успешен и одржлив деловно – технолошки акцелератор: развој на фундаментални и применети проекти за истражување; развој на мали и средни претпријатија, стартапи и претприемништво; финансирање на претпријатија и стартапи од рана фаза; техничка експертиза и деловни вештини коишто може да се применат на корисниците на новооснованиот акцелератор“, вели Александар Стамболиев, управител на Акцелераторот УКИМ.

Стамболиев додава дека партнерите во акцелераторот ги соединуваат клучните елементи на развојот на проектот, вклучувајќи 1) Разновидност; 2) Пристап до инфраструктура за знаење и технологија; 3) Менторство; 4) Истражување и развој; 5) Вмрежување и 6) Пристап до финансии. Само во 2018 година, партнерите планираат да спроведат 10-на настани наменети за иновациските компании, со фокус на пристап до нови пазара но и нови алатки и знаења за унапредување на компаниските бизнис и иновациски модели. Мисијата на основачите е Акцелераторот УКИМ да ги спои академските знаења и истражувања со висок бизнис потенцијал, со исклучителни претприемачи. Тоа, ќе го подобри и стимулира трансферот на знаење од академијата до постоечки и нови иновативни бизниси и стартап со фокус на напредните технологии. Акцелераторот УКИМ се обврзува дека ќе ја промовира соработката меѓу универзитетите и индустријата, трансферот на технологии, развојот на бизнисот и промовирање на спин-оф компаниите. Седиштето и административната канцеларија на Акцелераторот УКИМ ќе биде во просториите на Центарот за трансфер на технологии – ИНОФЕИТ, како и во други објекти на УКИМ и ЦЕЕД Хаб Скопје, врз основа на видот на активност. За развојот на технологијата (R & D), сите лаборатории на УКИМ ќе бидат на располагање на стартапите кои ќе учествуваат во акцелераторските програми.

 

Stamboliev Slika

Стамболиев: Акцелераторот УКИМ се обврзува дека ќе ја промовира соработката меѓу универзитетите и индустријата, трансферот на технологии, развојот на бизнисот и промовирање на спин-оф компаниите.

Содружници на Акцелераторот УКИМ и нивната улога
  • Водечки партнер: Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ): Најголемиот универзитет во Македонија со 3.000 професори и 30.000 активни студенти. УКИМ претставува функционална заедница од 23 факултети и 5 истражувачки институти. УКИМ ги има клучните искуства за промовирање на технолошкиот и деловниот развој .
  • Развојна фондацијата Кримсон Скопје (ЦДФ): ЦДФ е фонд од 4 милиони американски долари кој обезбедува финансирање за МСП, вклучувајќи и стартапи. Досега, ЦДФ обезбеди повеќе од 36,6 милиони долари за финансирање на македонските МСП. Во новиот УКИМ Акцелератор улогата на ЦДФ ќе биде исто така изнаоѓање финансиска поддршка, односно инвестиции за најперспективните стартапи.
  • ЦЕЕД Хаб Скопје е бизнис акцелератор кој промовира развој на екосистемот за стартапи; во последните две години од страна на ЦЕЕД ХАБ Скопје беа спроведени 6 акцелераторски програми (52 тима / 70 членови), што резултираше со речиси 100.000 евра инвестиции. И во новиот акцелератор ЦЕЕД Хаб Скопје ќе биде одговорен за спроведување на акцелерациската програма и менторска поддршка на стартапите.
  • Фондација проф. д-р Димитар Стамболиев: Над 200 стипендии и награди доделени на студенти од УКИМ во текот на последните 25 години, во вкупен износ од 100.000 евра. Фондацијата ќе биде задолжена за унапредување на меѓународната соработка и пристапот до светските пазари.
  • РСМ: Поддржани преку 400 клиенти на локално ниво со финансиски, сметководствени, даночни, усогласеност, спојувања и преземања и советодавни услуги во повеќе индустрии. РСМ е шестата по големина глобална мрежа на независни сметководствени и консултантски фирми, со канцеларии во преку 120 земји и 43.000 вработени. Компанијата ќе им обезбеди на сите корисници на Акцелераторот УКИМ правни, финансиски, сметководствени, даночни и административни услуги, а преку мрежата на канцеларии и полесен пристап до нови пазари.

Дополнително, Акцелераторот УКИМ веќе има изградено партнерски односи со десетина Европски водечки технолошки и стартап центри кои ќе им овозможат полесен пристап до нови пазари и дополнителна финансиска и останата поддршка.

Почетни инвестиции од околу 25.000 евра и додатни инвестиции од околу 75.000 евра

Стамболиев ни објасни и како ќе тече акцелераторската програма, односно начинот на работа на УКИМ Акцелераторот.

“Ќе обезбедиме акцелераторска програма за иновативните стартапи во Македонија кои имаат најголем потенцијал за раст. Фазата пред инвестирање ќе вклучува програми за пред – акцелерација и акцелерација. Програмата за пред – акцелерација ќе се спроведе во рамките на постоечките наставни предмети на УКИМ, кои имаат фокус на претприемништвото, иновациите, управувањето со бизнисот, развој на технологија и сл., со можност да опфатат 250 до 300 студенти по семестар. Вкупно пет пред-акцелераторски програми ќе бидат спроведени, по што ќе следат пет акцелераторски програми во времетраење до три месеци. Последователно на пред – инвестициската фаза, следат почетните инвестиции, од околу 25.000 евра по инвестиција во компанијата. На секој стартап во кој ќе биде инвестирано, ќе му биде овозможена поддршка согласно индивидуалните потреби, фокусирајќи се на деловните менторства, преку национални и меѓународни ментори и технолошка помош преку факултетскиот и истражувачкиот персонал од УКИМ, вклучувајќи пристап до технички и лаборатории за истражување и развој. Натамошните инвестиции ќе бидат наменети за оние стартапи (кои веќе добиле почетни инвестиции од околу 25.000 евра), за чијшто развој на технологии можат да бидат инвестирани од околу 75.000 евра.“, ни објасни Стамболиев.

Акцелераторот УКИМ ќе цели кон потенцијални сектори со висок раст, како што се (но, не ограничувајќи се исклучиво на) дистрибуирани вмрежени системи базирани на концептот на big data, интелигентни околини, вештачка интелигенција, дигитални технологии, обновлива енергија / зелена технологија, паметни решенија за автомобилската индустрија и иновативни ИКТ услуги. Финансираните претпријатија мора да имаат македонска сопственичка структура од 50,1% или повеќе. Акцентот ќе биде ставен на компании со голем потенцијал за интернационализација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×