Според планот, консолидираните приходи од продажби во 2026 година се очекува да достигнат околу 361 милион евра, што претставува раст од 7% во однос на очекуваните резултати за 2025 година. Најголем дел од продажбите, 91%, ќе бидат реализирани од профитниот центар Фармација, додека 9% од Хемија, козметика и билкарство.
Компанијата очекува 66% од вкупните продажби да се остварат на странските пазари, а 34% на домашниот пазар, што ја потврдува изразената извозна ориентација на Алкалоид.
Бизнис-планот предвидува раст од 8% на EBITDA, како и раст на нето-добивката од најмалку 7% во споредба со 2025 година. Во насока на долгорочен развој, планирани се инвестиции во висина од околу 8% од консолидираните приходи, насочени кон материјални и нематеријални средства.
Посебен акцент е ставен на истражувањето и развојот, каде што се планира зголемување на вложувањата од најмалку 10%, со цел понатамошна модернизација на генеричкото портфолио и развој на производи со додадена вредност.
Во рамки на ESG-стратегијата, компанијата ќе продолжи со унапредување на еколошките, социјалните и управувачките стандарди, додека во делот на човечките ресурси се планираат околу 50 нови вработувања во земјава и во странство, како и натамошен раст на платите и вложувања во обуки.
Акциите на Алкалоид и натаму остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со пазарна капитализација од околу 36 милијарди денари во декември 2025 година. Компанијата ќе ја задржи и досегашната дивидендна политика, во согласност со остварените резултати.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на 29 декември 2025 година.



















