Анализа- Договорот од Преспа
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Ретка победа за ЕУ и НАТО се случи во петокот на 25.01.2019 година, кога владата на Ципрас со 153 гласа „за“ и 146 „против“ успеа да го ратификува Договорот од Преспа, со кој Република Македонија се преименува во Република Северна Македонија.

Prime-Ministers-Tsipras-and-Zaev

Со ова нам ни се отвора патот кон интеграција прво со НАТО, а потоа и со Европската Унија- чин кој загарантирува дека одиме на запад, но и дека западот доаѓа кај нас.

Проблемот со името предизвика масовни протести дома и во Грција – очекувано сценарио кое имаше за задача да ги раздвои владите одвнатре со оглед на тоа што во секој лев или десен табор се наоѓа по некој „цврст патриот“. Репутацијата на Заев и на Ципрас беше во неизвесност, а вториот изгледа е сè уште во опасност по анкетите кои објавуваат дека повеќе од 50 % од Грците се против новото и старото име.

Да се вратиме на петокот: откако почна гласањето во грчкиот парламент, пратениците од неофашистичката партија Златна зора го прекинаа гласањето викајќи ги предавници левичарските пратеници кои го поддржуваа договорот. Мала група демонстратори протестираше надвор на дождот.

Пошироко, оваа наизглед апсурна и смешна борба околу едно име која се бори 30 години помеѓу двете држави, е само микрокосмос на геополитичката војна помеѓу двете макро држави: САД и Русија.

Договорот од Преспа молчејќи ја кажа најважната работа околу Балканот и светот во целина – Русија не е семоќна, а ниту рускиот претседател Владимир Путин е бог. Да, тој ја има технологијата, мозокот и алтруизмот на еден војсководец од негов калибар за да „заигра“ со западот, но по сè изгледа дека нема добра алтернатива за Македонија  да одлучи да тргне по рускиот пат во потрага по одамна изгубената македонска вредност. Сите би сакале, Кирил и Методиј најмногу, но реалноста е дека Кремљ е држава во држава- богатството на Русија како земја оди во рацете на државата, со цел геополитичка предност, а со тоа и враќање на богатството назад во Русија, во државната каса. Како потоа се распределуваат, знаат само новите руски ракетни системи. Приватизација има, но само за олигарсите и само во проценти, додека „обичното население“ сè уште се надева на Думата додека макотрпно работи за руската геополитика. За контраст, европските вредности се нашата утопија. Па ќе слушнеме насекаде, особено од помладите генерации, дека ЕУ е спас за нас, дека таму сè е зелено и убаво, сите се сакаат, сите имат пари колку сакаат, одат кај сакаат, културата цвета, сонцето поинаку сјае. Таму правата на ЛГБТ се почитуваат, се пуши марихуана, се одселуваат од дома на 18 години.

Во меѓувреме, во јавноста се обелоденија афери дека Русија имала свои демонстранти-платеници обучени да го равијат национализмот и дома и во Грција, дека влијаела врз грчките православни свештеници со религија и дека имала мрежа на објавување лажни информации и пропаганда.

Ако е така тогаш ова е позната тактика на Русија прв пат искористена во скандалот со изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, кога беа обвинети за ширење лажни вести, а чија мрежа беше толку глобална што стигна дури до Велес и Куманово. Тие нормално го демантираа ова, но понатаму се виде дека двајцата станаа многу блиски и разбирливи помеѓу себе. Се отвори и истрага за нелегитимниот избор на Трамп. Можеби овојпат западните служби беа поспремни па не се успеа во намерата.

Интересно на запад е тоа што долго време по неговиот избор за премиер на Грција, Ципрас се сметал за твртокорен левичар и антиамериканец- проблематичното дете во европската политика. Во една прилика во 2014 година тој на Меркел и рекол „да се врати во Германија“ поради несогласувања околу политиката за штедење на Грција. Сега тој ја пречекува топло, а таа е воодушевена од неговата храбра иницијатива да го реши проблемот со контроверзното име.

По потпишување на договорот од Преспа лани летото, амбасадорот на САД во Грција и поранешен амбасадор во Украина, Џофри Пајат, кој е запознаен со правилата на игра на Русите, го предупреди Вашингтон дека можно е нешто да планираат. Истиот месец, американски служби ги пресретнаа комуникациите на Иван Савидис, грчко-руски милијардер, сопственик на грчкиот фудбалски клуб ПAOK и поранешен член на руската Дума во партијата на Путин „Обединета Русија“, со што се откри дека тој работи со Кремљ за да го уништат договорот преку плаќање на демонстранти.

САД во таа прилика побараа од Владата на Ципрас да реагира на овие докази, особено по неговото одбивање да ја дисциплинира Русија по скандалот со хемиското труење на поранешен руски таен агент и неговата ќерка во Британија лани, и кој се спротиставуваше на санкциите кои западот им ги наметна на Русите.

По тој притисок, и со докази, владата на Ципрас избрка двајца руски дипломати и забрани влез на уште двајца.

Набрзо потоа грчката влада изјави дека на грчка територија е присутна и делува руската организација „Империјално Православно Палестинско Општество“, а која е основана со цел да ги „де-хеленизира“ патријаршите од Источната Православна црква- ривали на Московската патријаршија. Организацијата е создадена од тајните цареви служби во 19 век и денес е водена од Сергеј Степашин, поранешен главен руски таен агент и министер во владата на Путин.

Во интервју за Der Spiegel од Септември 2018, тој повика на отцепување на планината Атос од Грција како „независна монашка држава“, по примерот на Ватикан во Рим. Овој период нападите кон Русија зачестија, и тие ги прекинаа посетите во Грција и негираа било каква вмешаност.

Месецов Путин ја посети Србија и при тоа им соопшти на новинарите дека „политиката на САД и одредени западни држави насочена кон зголемување на нивната доминација на Балканот претставува голем фактор за дестабилизација на регионот.

„Клучниот аспект од нашата политика на Балканот е Скопје во НАТО. Тоа е нашата стратегија за справување со руското влијание, чин кој го дестабилизира регионот“, изјавил Пајат, амбасадорот на САД во Грција.

Но за многу Грци, особено во северниот дел познат како Македонија, прашањето за тоа како да се викаме допира до нивните идентитети, исто како кај нас.

За нив Македонија е северна провинција на Грција и старо кралство на Филип Втори и Александар Велики.

Во грчката национална војна во касните 1940-ти години помеѓу грчките фашисти и комунисти, Тито имал амбиција да ја прошири јужната провинција Македонија долу до Егејското море, заокружувајќи ја заедно и Грција и Македонија. Но на ова западните сили силно се спротиставиле- Грција не смеела да стане комунистичка.

Па така сега, противниците на договорот тврдат дека Тито ја измислил нацијата на Македонија од Југославјанскиот регион населен од Бугари, и дека со децении во училиште децата учеле како Македонците се потомци на античката македонска историја.

Кога Република Македонија со население од само 2 милиони,  стана независна во 1991 година додека Југославија се распаѓаше, Грците беа загрижени дека ние сè уште имаме иредентистички територијални аспирации кон нашето македонско малцинство кое останало да живее во северна Грција. Затоа, Грција 30 години го блокираше нашето членство во НАТО и ЕУ, и кога целиот свет нè прифати под нашето уставно име со резолуцијата на ОН дека секоја држава има право сама да си го одбере името, Грците не го прифатија и нè ослонуваа со FYROM.

30 години подоцна, во Договорот од Преспа стои дека се прави јасна географска разлика помеѓу северната провинција на Грција која тие ја нарекуваат Македонија и државата Северна Македонија, како и дека вторите не смеат да тврдат дека имаат потекло од античката грчка цивилизација на Македонија.

Во својот говор во петокот, Ципрас зборуваше за војната во 1940 и за брутлниот егзодус на македонското егејско население од северна Грција, на кое не му било дозволено да се врати назад во родниот крај. А ние знаеме за многуте сведоштва на нашите баби и дедовци- како биле мачени ако ги откријат дека го зборуваат македонскиот јазик.

Подржувачите на Ципрас сметаат дека овој потег е таков затоа што тој не сакал слаба и нестабилна држава на северната граница која многу лесно ќе може да се подели меѓу бугарска, албанска и македонска фракција. Тука се надоврзува и говорот на пратеникот Папахристопулос, кој рече дека и да не постоела нашата Република Македонија, ќе требало да ја измислат. А политичките експерти велат нешто друго- Договорот од Преспа е причина за партијата Нова Демократија сама да се тргне од патот на власта, со тоа што ќе заземе крајно националистички десничарски став.

 

Според прозападни медиуми 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×