Анализа: Компаниите со поголеми приходи во првата половина годинава
Објавено на од во АНАЛИЗА

US-Economy-960x540Како работеа котираните компании на Берзата во првата половина од 2018?

Финансиските извештаи на најголемите 20 котирани компании на Македонската берза, покажуваат позитивни резултати од работењето во првата половина од годината. Три од четири анализирани компании прикажаа зголемување на приходите од продажба, а кај останатите е евидентирано минимално намалување на приходите. По сектори, пад на приходите има кај компаниите од градежништвото и кај дел од металската индустрија. Овие два економски сектори всушност се соочуваат со криза и тоа се гледа и во статистичките податоци што ги објавува Државниот завод за статистика. Вкупно, сите 20 компании инкасирале 863,6 милиони евра. Ако се анализираат финансиските резултати, само три компании искажаа загуби, додека сите останати во првата половина од годината работеле профитабилно.

 

Подобри финансиски резултати имаат приватните компании што котираат на Македонската берза во првата половина од годината споредено со истиот период лани. Анализата на Капитал на најголемите 20 котирани фирми покажа дека три од четири компании имаат зголемување на приходите од продажбите, кај три е евидентирано благо намалување, додека пак две компании имаат исти приходи како и лани. Вкупно, сите 20 компании до јуни инкасирале 863,6 милиони евра.

По сектори, пад на приходите има кај компаниите од градежништвото и кај дел од металската индустрија. Овие два економски сектори всушност се соочуваат со криза и тоа се гледа и во статистичките податоци што ги објавува Државниот завод за статистика. Кај металската индустрија, од јануари до јуни има намалување на производството за 6,3% споредено со истиот период лани. Кај градежништвото пак, последните податоци се заклучно со првиот квартал кога беше евидентиран пад од 37,2% и тоа беше главната причина за слабиот раст на бруто домашниот производ (БДП) од само 0,1%. Попрецизно,оваа економска стагнација беше последица на слабата реализација на капиталните инвестиции од страна на државните институции.

Од сите 20 најголеми анализирани компании што доставуваат финансиски извештаи од Берзата, прва според приходите од продажба во првата половина од годината е компанијата ОКТА, со инкасирани 197 милиони евра. Во споредба со истиот период лани, ОКТА бележи зголемување на приходите од 13%.

24квВтора на листата најголеми компании според приходите остварени лани е повторно од нафтената индустрија, Макпетрол. Оваа компанија инкасирала вкупно 157,86 милиони евра од продажба на нафта и нафтени деривати, и тоа е 13% повеќе отколку во 2017 година.

Билансот на успех на Македонски Телеком ја рангираа оваа компанија трета на листата најголеми котирани компании на Берзата, со зголемување на приходите од продажба за 1%, на 81,6 милиони евра.

Алкалоид е четврта на листата со приходи од продажба од 77,5 милиони евра и оваа компанија прикажа пораст на приходите од 5%.

Првите пет најголеми компании според приходите ги заокружува компанијата Арцелор Миттал ЦРМ. Од јануари до јуни годинава оваа компанија инкасирала 53,8 милиони евра од продажба, но во споредба со истиот период лани, приходите се намалени за 7%.

Компанијата Макстил од металската индустрија за шест месеци годинава оствари приходи од продажба од 47,84 милиони евра, или 14% повеќе од 2017 година.

Финансискиот извештај на компанијата Пекабеско покажува дека од продажба се инкасирани вкупно 35,4 милиони евра што е 7% повеќе отколку првата половина од годината претходно. Меѓутоа, треба да се има предвид дека голем дел од приходите на оваа компанија доаѓаат од трговија на големо со тутунски производи, иако брендот доаѓа од месната индустрија.

Цементарница Усје во анализираниот период инкасирала 30,6 милиони евра од продажба но споредено со минатата година, приходите на компанијата се намалени за 9%.

Градежната компанија Гранит е следна на листата најголеми компании според приходите во првата половина од годината, со инкасирани 28,8 милиони евра, но на годишно ниво тие се намалени за 23%.

Компанијата Фершпед ги заокружува првите десет најголеми компании, со приходи од 26,9 милиони евра или 9% повеќе на годишно ниво.

Понатаму, со приходи од 19,1 милиони евра, следна на ранг листата најголеми 20 компании на Берзата е Мермерен Комбинат од Прилеп. Нивните приходи се зголемени за 55% во споредба со лани.

Најголемата котирана компанија од прехранбената индустрија Витаминка, за првите шест месеци од годината има приходи од 15,9 милиони евра и бележат зголемување од 16%.

ЗК Пелагонија е следна на ранг листата со инкасирани 14,7 милиони евра приходи од продажба и тоа е зголемување за 54%.

26квПотоа следува кумановската компанија ФЗЦ 11 Октомври која за шест месеци остварила приходи од 14,2 милиони евра односно 25% повеќе отколку лани.

Факом, компанија во дејноста на повисока додадена вредност во металургијата, односно проектирање, производство и монтажа на челични конструкции и производи, има инкасирано вкупно 13,9 милиони евра, што е дури 41% зголемување на годишно ниво а исто толкав обрт во првата половина од годината направила и Прилепска пиварница. Растот на приходите на оваа компанија пак, е 10% на годишно ниво.

Една од компаниите што работела исто како и лани, односно не прикажа никаква промена во приходите е скопски Бетон, која за шесте месеци инкасирала 12,1 милиони евра.

Компанијата од прехранбената индустрија Жито Лукс во првата половина од годината оствари приходи од продажба од 8,5 милиони евра и тие се исто така на нивото од лани.

Претпоследна на ранг листата е компанијата од фармацевтската индустрија, Реплек, со инкасирани 7,6 милиони евра, што е за 15% повеќе отколку лани, а последна односно 20 најголема котирана компанија според финансиските извештаи за првата половина од годината е Тутунски Комбинат од Прилеп, со инкасирани 6,6 милиони евра и зголемување на приходите од дури 175%. Ова е всушност и најголем раст на приходите меѓу анализираните фирми.

Што се однесува до финансиските резултати на котираните компании, само три од нив искажаа загуби, додека сите останати во првата половина од годината работеле профитабилно. Најголеми добивки искажаа Македонски Телеком со профит од 13,3 милиони евра, Мермерен Комбинат со добивка од 10,8 милиони евра, Цементарница Усје со 7 милиони евра, Алкалоид кој има добивка од 6,1 милиони евра и Макпетрол кој искажа профит од 5,3 милиони евра.

 

26Финансискиот сектор урива рекорди

Сите осум банки што котираат на Берзата, прв пат после подолго време, без исклучок искажаа профити од работењето. Вкупната добивка на котираните банки изнесува 81 милиони евра.

Рангирањето на банките според финансиските резултати што ги објавуваат на Берзата, покажува дека најголема добивка во првите шест месеци годинава остварила Стопанска банка Скопје и тоа 31,1 милиони евра. Профитот на оваа банка е за 46,2% поголем отколку истиот период лани.

Втора е Комерцијална банка со остварена добивка од 21,4 милиони евра и огромен раст на годишно ниво од 32 пати.

Следна е НЛБ со добивка од 19,1 милиони евра или 26,5% повеќе отколку првата половина од ланската година.

Потоа следува Охридска банка која искажа профит од 6,1 милиони евра односно раст од 139%.

УНИ банка е следна со добивка нешто поголема од 2 милиони евра, па потоа следуваат Стопанска банка Битола со профит од околу 730 илјади евра, ТТК банка со 520 илјади евра и Централна Кооперативна банка со скромна добивка од 66 илјади евра меѓутоа со тоа банката ја надмина загубата што беше карактеристична за работењето последните години.

Очекувањата на банкарите се позитивни и до крајот на годината.

„Во однос на проценките за работењето до крајот на 2018 година се очекува продолжување на стабилните макроекономски услови, ниска и предвидлива инфлација, како и реален раст на бруто домашниот производ во распон помеѓу 2,5% и 3%“, коментираат банкарите.

 

Оптимизам во бизнис секторот

Бизнисмените исто така велат дека се оптимисти за работењето на нивните компании до крајот на годината, па и следната година. Оптимизмот главно произлегува од стабилизирањето на политичката состојба, но и очекувањата за придвижување на земјата со евроатланските процеси.

Странската побарувачка за македонски производи годинава ќе се зголеми за 2,5%. Ова е последната проценка на Народната банка откако во април ги ревидираше кон попозитивни своите проекции поради очекувањата за повисок раст на Германија како најголем извозен партнер на Македонија но и подобри очекувања за растот на сите земји коишто го сочинуваат овој показател.

Следната година, странската ефективна побарувачка се очекува да порасне за 2,1%.

„Во просек, за двете години, се очекува дека движечки фактор ќе биде извозот, особено од новите производствени капацитети, очекуваниот прилив на нови странски инвестиции, но и од закрепнувањето на дел од традиционалните сектори и понатамошното подобрување на глобалниот амбиент. По одделни категории, извозот е со највисок позитивен придонес кон растот“, пишува во последниот извештај на Народната банка.

Според проценките на централната банка, извозот годинава се очекува да се зголеми за 10,1%, додека пак догодина растот е предвидено да достигне 7,3%.

Владата исто така, има позитивни очекувања за ефектите од зголемувањето на извозот врз движењето на целата економија.

„Континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и закрепнувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија и поголемо искористување на индустриските капацитети. Оттука, реалниот раст на БДП се очекува да се зголеми на 3,5% во 2019 година, а во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 4% во 2020 година и 5% во 2021 година“, пишува во најновата Фискална стратегија на Министерството за финансии.

Во истиот владин документ, се наведува дека нето – извозот се очекува да има позитивен придонес врз растот на економската активност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×